Решение У.бр.8/2013

У.бр.8/2013

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 20 март 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 3, во делот: „31-е“ во третиот ред од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011) и член 31-љ од Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2004, 77/2007, 103/2008 и 24/2011).

2. Игорчо Точев од Кочани и Љубица Стојковска Перковска од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите наведени во точката 1 на ова решение.

Со првата иницијатива подносителот Игрочо Точев го оспорува членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 24/2011 година. Во иницијативата се наведува дека во Делот III-б од Законот не посетоела одредба 31-е, односно овој дел ги содржел одредбите од членовите 31-ж, 31-з, 31-ѕ, 31-и, 31-ј, 31-к, 31-л, 31-љ, 31-м, 31-н и 31-њ. Начелото на владеењето на правото подразбирало дека во правниот поредок треба да постојат јасни, прецизни и недвосмислени норми и дека во состојба кога една одредба пропишувала дека друга одредба се наоѓа во одреден дел од Законот, било неминовно таа одредба таму да се наоѓа, што не било случај со оспорената одредба, поради што се предлага Судот да поведе постапка за оценување на оспорената одредба од член 3, во делот „31-е“ од Законот за измени и дополнувања на Законот за заштита на потрошувачите и истата да ја укине.

2. Со втората иницијатива подносителите Игорчо Точев и Љубица Стојковска Перковска ја оспоруваат уставноста на членот 31-љ од Законот за заштита на потрошувачите, кој предвидува дека по жалба изјавена против решението на инспекторот одлучува посебна комисија формирана согласно Законот за државниот пазарен инспекторат. Законот за државниот пазарен инспекторат пак во членот 13-а пропишувал дека министерот може да формира прекршочни комисии. Подносителите на иницијативата сметаат дека за да може одредба од еден пропис која пропишува надлженост на одреден орган да постапува по одреден вид на поднесоци (жалба) да упати на примена на одредби од друг пропис, неопходно е во тој друг пропис да се содржани одредби кои предвидуваат можност таков орган да биде формиран и да одлучува по тој одреден вид на поднесоци. Во тој контекст, подносителите сметаат дека Законот за државниот пазарен инспекторат не предвидувал формирање на друг вид комисии (освен прекршочните) кои би одлучувале по жалба изјавена во смисла на оспорениот член 31-љ од Законот за заштита на потрошувачите.

Одредбата од членот 31-љ била во судир и со одредбата од членот 31-к од истиот закон, бидејќи во членот 31-к бил предвиден институт „инспекторат“, додека пак во членот 31-љ се зборувало за „инспектор“. Во тој случај постоела контрадиктороност меѓу одредбата од членот 31-љ со одредбата од членот 31-к од Законот за заштита на потрошувачите, како и контрадикторност на оспорената одредба со Законот за Државниот пазарен инспекторат, што било спротивно на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот. Поради тоа со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба и истата да ја укине.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 3 од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Македонија“ бр.24/2011) е определено дека:
„По членот 31 се додава нов ДЕЛ III-a и седум нови члена 31-а, 31-б, 31-в, 31-г, 31-д, 31-ѓ и 31-е и нов ДЕЛ III-б и 11 нови члена 31-е, 31-ж, 31-з, 31-ѕ, 31-и, 31-ј, 31-к, 31-л, 31-љ, 31-м, 31-н и 31-њ, кои гласат:“.

Во членот 31-љ од Законот за заштита на потрошувачите („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2004, 77/2007, 103/2008 и 24/2011) е определено дека против решението од членот 31-к на овој закон трговецот, односно давателот на услуги против кој се води постапката може во рок од осум дена од денот на доставувањето на решението да поднесе жалба до надлежниот инспекторат. Жалбата против решението од членот 31-к на овој закон не го одлага неговото извршување. По жалбата изјавена против решението на инспекторот одлучува посебна комисија формирана согласно со Законот за Државниот пазарен инспекторат.

4. Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во однос на првата иницијатива со која се оспорува членот 3 во делот „31-е“ од Законот за изменување и дополнување на Законот за заштита на потрошувачите, произлегува дека со овој член, во основниот текст на Законот се воведува нов Дел III-a и седум нови члена: 31-1, 31-б, 31-в, 31-г, 31-д, 31-ѓ и 31-е и нов ДЕЛ III-б и 11 нови члена 31-е, 31-ж, 31-з, 31-ѕ, 31-и, 31-ј, 31-к, 31-л, 31-љ, 31-м, 31-н и 31-њ.

Станува збор за воведен дел од членот, по што следи текстот на сите новододадени членови. Од увидот во содржината на материјалните одредби, односно на текстот на новододадените членови, произлегува дека во самиот текст на одредбите не постојат два члена со ист број 31-е, односно дека Делот III-а завршува со член 31-е (Кодекс на однесување), а понатаму Делот III-б започнува со член 31-ж (Колективна заштита на потрошувачите). Оттука, Судот оцени дека во случајов, станува збор за очигледен технички пропуст на законодавецот кој во воведниот дел на членот 3 два пати го означил член 31-е, но дека во содржината на текстот на одредбите, членовите се правилно означени со броеви. Од досегашната уставно-судска практика на овој Суд произлегува дека: „исправањето на евентуално сторени технички грешки при изготвување на оспорените акти не е надлеженост на Уставниот суд.“ (Решение У.бр.232/2011 од 7 март 2012 година).

Во однос на втората иницијатива за член 31-љ од Законот за заштита на потрошувачите, тргнувајќи од надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија утврдена во членот 110 од Уставот, како и посочувањето во иницијативата на содржината на член 13-а од Законот за Државниот пазарен инспекторат со цел да се докаже несогласноста на оспорениот член 31-љ од Законот за заштита на потрошувачите, како и наводите за несогласност на оспорениот член 31-љ со член 31-к од истиот закон, Судот оцени дека така изнесените наводи всушност преставуваат барање за оцена на меѓусебната согласност на одредби од два закона, односно на меѓусебна согласност на одредби од еден ист закон, што не е во надлежност на Судот.

При состојба кога со првата иницијатва се бара исправање на пропуст што претставува очигледна техничка грешка, а не содржи доволно квалитетни аргументи за покренување на механизмот на уставно-судска оцена, а со втората иницијатива се бара оценка на меѓусебната согласност на одредби од различни закони и на одредбите од истиот закон, Судот утврди дека се исполнети условите од членот 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативите поради ненадлежност.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.8/2013
20 март 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply