161/2012-0-0

У.бр.161/2012

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јануари 2013 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 12 точка 46 од Законот за територијалната организација на единиците на локалната самоу-права во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.55/2004, 12/2005, 98/2008 и 106/2008-исправка).

2. Емрах Михтароски од с.Лисичани-општина Пласница до Уставниот суд на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 12 точка 46 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата се наведува дека оспорената законска одредба не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 9, членот 114 став 1 и членот 115 став 1 од Уставот. Во иницијативата се изнесуваат поголем број на факти по однос на природно-географските и социо-економските услови карактеристични за селата Ижиште и Ореовец, кои според оспорената одредба припаѓаат на општината Македонски Брод, иако според така наведените факти истите села требало да припаѓаат кон општината Пласница. Меѓу другото се наведува дека селата Ижиште и Ореовец биле оддалечени од општината Пласница само 200 метри, но не припаѓале таму, туку кон општината Македонски Брод од која биле оддалечени 30 километри, од каде се губела и смислата на локалната самоуправа, како непосреден сервис на граѓаните за остварување на некои права од нејзина надлежност. Во иницијативата се образлагаат потешкотиите во остварувањето на правата во единицата на локалната самоуправа на која сега и припаѓаат селата Ижиште и Ореовец при што се потенцира дека со ваквиот вид на територијална поделба нивните жители се попречени да остварат непосредно учество во сите области на општествениот живот поврзан со работите од локално значење. Таквата ирационалнот, според подносителот на иницијативата, била основа на уставните повреди опишани во иницијативата.

Инаку, во иницијативата стои дека истата е составена и од Темелко Ристески, но тој не ја верификувал поднесената иницијатива со свој потпис поради кои причини Судот смета дека истата е поднесена само од едно лице.

Дополнително, со поднесок од 8 ноември 2012 година кон иницијативата се приклучи и Исмаил Јахоски, градоначалник на општината Пласница. Кон поднесокот се доставуваат финансиски и други показатели во прилог на тврдењето за неуставност на оспорената одредба.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 10 точка 46 од Законот е определено дека општината Македонски Брод ја сочинуваат следните населени места: градот Македонски Брод и селата: Белица, Бенче, Битово, Близанско, Брезница, Брест, Вир, Волче, Горни Манастирец, Горно Ботушје, Горно Крушје, Грешница, Девич, Долни Манастирец, Долно Ботушје, Долно Крушје, Драгов Дол, Дреново, Заград, Звечан, Здуње, Зркле, Ижиште, Инче, Калуѓерец, Ковач, Ковче, Косово, Крапа, Латово, Локвица, Лупште, Могилец, Модриште, Ореовец, Рамне, Растеш, Русјаци, Самоков, Сланско, Слатина, Старо Село, Суводол, Сушица, Тажево, Томино Село, Тополница, Требино, Требовље и Црешнево.

4. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според Судот, наводите изнесени во иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 12 точка 46 од Законот не се подобни да го предизвикаат активирањето на механизмот на уставно-судска оценка, бидејќи Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да ја утврдува територијалната поделба на локалната самоуправа врз основа на демографските, социо-економските и други показатели на што се сведуваат наводите во иницијативата. Оттаму, наводите изнесени во иницијативата имаат територијално-организационен карактер и како такви евентуално би можеле да предизвикаат интерес кај Собранието на Република Македонија во постапка за изменување и дополнување на Законот, бидејќи законодавната власт има исклучителна надлежност да ја креира политиката на територијалната организација на единиците на локалната самоуправа.

Тргнувајќи од наведеното Судот оцени дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот за отфрлање на иницијативите.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Јован Јосифовски, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.161/2012
23 јануари 2013 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply