Решение У.бр.193/2012

У.бр.193/2012

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 19 декември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОФРЛА барањето на Стрезо Стрезовски од Скопје за заштита на слободите и правата.

2. Стрезо Стрезовски од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесе барање за заштита на слободите и правата поради повреда на слободата на уверувањето направени со фактура за испорачана топлинска енергија бр.260326 10 12 5 од 9 ноември 2012 година.

Со означената фактура на подносителот на барањето му биле повредени основните човекови права гарантирани во членовите 9 и 16 од Уставот. Ова од причина што со наведената фактура на подносителот на барањето му било наметнато плаќање, според начин за „мерење со калориметри“ кој бил спротивен на неговото уверување и мислење за тоа како треба да се мери и пресметува наплатата на испорачаната топлинска енергија во зависност од временските услови, површината што се затоплува и други околности. Воедно, подносителот на барањето појаснува дека тој уште во 2008 година се исклучил од системот за затоплување на АД Топлификација, но врз основа на најновата регулатива сепак му била испорачана сметка за топлинска енергија во месец ноември оваа година. Притоа, тој смета дека причината за масовното исклучување на граѓаните од системот за затоплување биле наметнатиот и неточен начин на мерење кој довел до 300% повисоки цени споредени со минатото.

Во барањето за заштита на слободите и правата е содржан обемен историјат на преземени дејствија од страна на подносителот на барањето до конкретни органи, институции и претпријатија, а насочени кон докажувањето дека начинот на пресметка на испорачана топлинска енергија од страна на АД Топлификација е погрешен, а неговото убедување за тоа како треба да се пресметува испорачаната топлинска енергија е правилно. Во врска со наведената проблематика се посочува на бројни написи во пишаните медиуми како и на телевизиски емисии на различни медиумски куќи.

3. Судот на седницата врз основа на увидот во фактурата бр.260326 10 12 5 од 8 ноември 2012 година утврди дека Стрезо Стрезовски од Скопје треба да и плати на АД Топлификација Скопје-Снабдувње Центар, ДООЕЛ Скопје износ од 685,50 денари најдоцна до 19 ноември 2012 година.

4. Согласно член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискри-минација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од два месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Тргнувајќи од цитираната уставна одредба, како и од цитираната деловничка одредба произлегува дека Судот е надлежен да одлучува за заштитата на оние слободи и права утврдени во член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се повредени со конечен или правосилен поединечен акт или дејство, но не и за заштита на слободите и правата кои би биле повредени со акти кои немаат карактер на конечен или правосилен акт, како што е во случајот фактурата за испорачана топлинска енергија.

Имајќи предвид што Судот нема надлежност да утврдува повреда на слободите и правата сторена со акти кои немаат каратер на конечен или правосилен актсе исполнија условите од членот 28 алинеја 1 за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.193/2012
19 декември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply