Решение У.бр.85/2011

У.бр.85/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 23 став 2 во делот: „и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата„ од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 194 став 1 и член 195 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Стамен Филипов од Скопје и група на 67 граѓани од Скопје до Уставниот суд на Република Македонија поднесоа иницијативи за поведување на постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точката 1 од ова решение.

4. Според наводите во иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, оспорениот дел од став 2 на член 23 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 35 став 1, член 51 и Амандманот 21 од Уставот, затоа што военолекарската комисија како потчинет орган на Министерството за одбрана и била дадена можност за субјективизам и “одбранашко и неправедно” постапување. Поради тоа, смета дека било потребно заболувањето (наодот и мислењето) да биде потврдено и од друг орган, а не исклучиво од военолекарската комисија од причина што засегнатото лице било можно повеќе да не вработено во Армијата. Освен тоа, не било предвидено правото на жалба или приговор против наодот и мислењето на военолекарската комисија, доколку засегнатото лице не било задоволно со таквиот стручен наод.

При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата предлага да се има во предвид Одлуката У.бр. 60/2010 од 22.09.2010 година на Уставниот суд, со која бил укинат членот 23 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија.

Понатаму во иницијативата е наведено дека изменетиот став 1 од член 194 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот, односно со истиот се загрозувала правната сигурност на вработените во Армијата и биле изиграни нивните реални очекувања, кога го засновале работниот однос на неопределено време.

При одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата, предлага да се има предвид Одлуката У.бр. 149/1994 од 29 декември 1994 година со која Уставниот суд го укинал член 23 став 1 точка 1 од Правилникот за условите и начинот на решавање на станбените прашања на вработените во Министерството за одбрана, воените старешини и граѓанските лица на служба во Армијата на Република Македонија, донесен од министерот за одбрана на 22 февруари 1993 година, во делот кој гласел: „Ако нема стан во лична сопственост, во сопственост на брачниот другар или на малолетен член од семејството на територијата на Републиката“.

Во иницијативата, понатаму се наведува дека според член 195 став 2 од Законот, надоместокот за закупнина на стан и правото на исплата на стварни трошоци за превоз меѓусебно се исклучувале. Надоместокот за закупнина на стан се исплаќал за една намена затоа што вработениот немал стан во лична сопственост, додека правото на надоместок за исплата на стварни трошоци за превоз и користењето на организиран превоз се исплаќало за превоз од местото на живеење до местото на служување и обратно. Поради тоа, смета дека членот 195 став 2 од Законот бил неодржлив од уставно правен аспект и дека не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

Во втората иницијатива поднесена од страна на група на 67 граѓани од Скопје, е наведено дека бараат да се поведе постапка за оценување на уставноста на член 194 став 1 и член 195 став 2 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011 и 47/2011).

Според наводите во иницијативата изменетиот став 1 од член 194 од Законот, не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, како и со член 51 од Уставот, затоа што со истиот се загрозувала правната сигурност на вработените во Армијата и биле изиграни нивните реални очекувања, кога го засновале работниот однос на неопределено време. Подносителите на оваа иницијатива сметаат дека оваа одредба била спротивна и на член 9 став 2 од Уставот бидејќи граѓаните кои имале стан во лична сопственост или во с опственост на член на нивното потесно семејство со кои живееле во заедничко домаќинство, без оглед во кое место ја вршеле службата, биле ставени во нееднаква положба со граѓаните кои немале стан во лична сопственост и се правела дискриминација врз основа на имотната положба на граѓаните.

Во однос на член 195 став 2 од Законот, во иницијативата наведуваат дека надоместокот за закупнина на стан и правото на исплата на стварните трошоци меѓусебно се исклучувале, а тоа било спротивно на владеењето на правото од член 8 став 1 алинеја 3, на начелото на еднаквост од член 9 став 2 како и со член 51 од Уставот. Подносителите на иницијативата наведуваат дека било небулозно и нелогично доколку вработениот на служба во Армијата кој имал стан во лична сопственост да го изгуби правото на стварни трошоци за превоз односно организиран превоз и правото на надомест за закупнина на стан, од причина што и законодавецот овие права ги уредувал и регулирал во различни поглавја на оспорениот закон. Понатаму во иницијативата наведуваат дека со оспорената одредба нееднакво биле третирани вработените на служба во Армијата на кои работното место им било во касарната “Илинден” и касарната “Гоце Делчев“ кои биле лоцирани во Скопје додека касарната “Страшо Пинџур“ била лоцирана надвор од градот Скопје каде не постоеле станбени објекти за домување ниту пак редовни линии за превоз и не можеле да стигнат на своите работни места.

Поради наведените причини и во двете иницијативи се предлага Уставниот суд да донесе решение за запира ње од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можело да настанат тешко отстранливи последици.

5. Судот на седница утврди дека според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според членот 8 став 1 алинеи 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 1 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/2010, 23/2011, 47/2011, 148/2011, 55/2012 и 77/2012) се уредени статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска с о службата во Армијата.

Според членот 2 став 1 под служба во Армијата се смета вршење на воени должности во Армијата. Според ставот 2 како служба во Армијата се смета вршење на должности во Министерството за одбрана, Воената академија, другите органи на државната власт, трговските друштва, јавните претпријатија, установите и службите, воените претставништва на Република Македонија во странство, учество во вежбовни активности и обука и во хуманитарни или мировни операции надвор од територијата на Република Македонија, како и должности во мултинационални воени сили формирани согласно ратификувани меѓународни договори кои Република Македонија ги склучила или им пристапила.

Согласно членот 3 став 1 од наведениот закон, служба во Армијата врши воен и цивилен персонал.

Во членот 3 точка 1 од Законот е дефинирано што според овој закон се смета за воен персонал, при што, покрај другото, воен персонал е воен старешина офицер и подофицер. Во точката 2 од наведениот член, цивилен персонал во смисла на овој закон, се смета цивилно лице поставено на должност согласно со актот за формација на Армијата.

Согласно членот 4 од Законот воениот и цивилниот персонал вршат служба во Армијата со засновање на работен однос со Министерството за одбрана, а согласно член 74 од Главата IX. насловена “Поставување на воениот и цивилниот персонал и други односи во вршење на службата во Армијата” од Законот, воениот и цивилниот персонал се поставува на соодветна должност, односно формациско место според неговата воена е виденциска специјалност и според потребите на службата во Армијата.

Според член 23 став 1 од овој закон, на воениот и цивилниот персонал по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствените услуги за лекување на повреда и заболување здобиено за време на службата во Армијата. На лице кај кое ќе се појави заболување по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствените услуги во врска со лекувањето на тоа заболување, ако во рок од две години од денот на отпуштањето од Армијата го пријави заболувањето во Министерството за одбрана и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата.(оспорен став 2) Воениот и цивилниот персонал на кого службата му престанала поради дисциплинска постапка, престанок на службата, односно работниот однос по негово барање, еднострано раскинување на договорот и поради истекување на договорот за работа на професионалниот војник, правата од ставовите 1 и 2 на овој член ги остварува во согласност со закон.(став 3) На воениот и цивилниот персонал кој поради влошување на заболување кое го имал пред стапување на служба во Армијата му престане службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствените услуги во врска со лекувањето на тоа заболување до излекување, односно до стабилизација на заболувањето, а најдол го две години од денот на престанокот на службата во Армијата. (став 4) Надоместокот на трошоците од ставовите 1, 2 и 4 на овој член на воениот и цивилниот персонал се врши по претходно приложена уредна документација за направените трошоци, издадена од јавната здравствена установа.“

Според членот 80 став 1 од овој Закон, aктивниот воен и цивилен персонал поради потреба на службата може да биде упатен на должност во друга единица или установа во Републиката или во друг орган на државната власт на одредено време, а најдолго една година. По исклучок од ставот 1 на овој член, активниот воен и цивилен персонал може да биде упатен на должност и подолго од една година, но најмногу две години во текот на пет години, сметано од првото упатување. Според ставот 3, во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член, лицето ги задржува правата од својот чин и должност на која бил поставен, доколку тоа е поповолно за него. Според ставот 4, по исклучок од ставот 1 на овој член, активниот воен и цивилен персонал без негова согласност не може да се упатува во друго место на вршење на службата, ако во наредните пет години ги исполнува условите за пензионирање, освен ако поради преместување или укинување на единицата, нема слободно формациско место во местото на вршење на службата на кое би можел да биде поставен.

Во Главата XIII. “Други примања” во член 188 став 1 од Законот, воениот и цивилниот персонал има право на надоместоци за: патни, дневни и други трошоци за службени патувања во земјата и странство; трошоци за користење возило во лична сопственост за службени цели; трошоци за одвоен живот од семејството; парична помош во случај на смрт на член на потесно семејство (родител, брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца идеца земени на издржување), ако живееле во заедница; штета при елементарни непогоди; селидбени трошоци; трошоци за превоз; вршење на служба за дежурство, стражарска служба и служба на посебни воени објекти и за време поминато на трупно патување и служба под посебни услови. Висината на надоместоците од ставот 1 точки од 1 до 5 на овој член и начинот на распределувањето, се исти како и за државните службеници.(став 2) Начинот за исплата и висината на надоместоците од ставот 1 точки од 6 до 9 на овој член ги утврдува министерот за одбрана. (став 3)

Во Главата XIV насловена “Станбенo обезбедување” во членовите од 192-198 од Законот, содржани се одредби со кои за прв пат се дава реална можност за станбено обезбедување на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата на Република Македонија за време на вршење на службата и се уредуваат прашања кои се однесуваат за правата и обврските на воениот и цивилниот персонал за време на вршењето на службата во Армијата, како што се право на користење на службен стан, право на надоместок на трошоците за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци.

Според оспорениот член 194 став 1 од Законот, вработените во Армијата кои засновале работен однос на неопределен о време, а кои на територијата на Република Македонија немаат стан во лична сопственост или во сопственост на член од нивното потесно семејство (брачен другар, деца родени во брак или вон брак, посиноци, посвоени деца и деца земени на издржување и родители), со кои живеат во заедничко домаќинство, а не им е обезбедено користење на службен стан, имаат право на надоместок на трошоци за закупнина на стан. Вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време, правото од ставот 1 на овој член можат да го остварат по три години служба во Армијата.(став 2) Висината на надоместокот од ставовите 1 и 2 на овој член ја утврдува министерот за одбрана во зависност од местото на вршењето на службата.(став 3)

Според оспорениот член 195 став 1 надоместокот на трошоците за одвоен живот и надоместокот за закупнина на стан меѓусебно се исклучуваат. Надоместокот за закупнина на стан, правото на исплата на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз меѓусебно се исклучуваат.(став 2)

Според член 196 став 1 од Законот, на вработените во Армијата кои по сопствен избор трајно ќе го решат станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост, Министерството за одбрана ќе им овозможи субвенционирање на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост. Согласно ставот 2 од овој член, субвенционирањето на трошоците на ставот 1 на овој член се врши согласно со Програмата за изградба на станови за припадниците на Армијата, донесена од Владата на Републик а Македонија и тоа претставува јавен интерес. При субвенционирањето на дел од трошоците за купување на стан во лична сопственост особено се земаат предвид местото на службување, годините на работен стаж, семејната состојба, користење на стан под закуп и слично.(став 3) Начинот на субвенционирање на трошоците за купување на стан во лична сопственост го пропишува министерот за одбрана.(став 4)

Согласно член 197 став 1 од овој закон, активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост со субвенционирање на дел од трошоците од страна на Министерството за одбрана, е должен да остане на служба во Армијата десет години по остварувањето на ова право. Според ставот 2, ако на активниот воен и цивилен персонал од ставот 1 на овој член му престане службата во Армијата по негово барање или поради изречена дисциплинска мерка престанок на работен однос, односно губење на чин, пред истекот на рокот од ставот 1 на овој член, е должен да ги надомести реалните трошоци од членот 196 став 1 на овој закон исплатени од страна на Министерството за одбрана. По исклучок од ставовите 1 и 2 на овој член, професионалниот војник на кој службата во Армијата му престанува со навршување на 38 години возраст, се ослободува од обврските утврдени во ставовите 1 и 2 на овој член.

Според член 198 став 1 од Законот, на активниот воен и цивилен персонал кој по сопствен избор трајно ќе го реши станбеното прашање со купување на стан во лична сопственост под условите и на начин утврдени во членот 196 од овој закон, трајно му престанува правото на користење на службен стан, правото на надоместок на трошоци за закупнина на стан и правото на надоместок на стварни трошоци за превоз. Според ставот 2, правото од членот 196 на овој закон, активниот воен и цивилен персонал може да го оствари само еднаш во текот на службата во Армијата. Според ставот 3, правото од членот 196 на овој закон има право да го користи само еден од брачните другари, доколку двајцата се на служба во Армијата.

6. Тргнувајќи од наводите во иницијативата со член 1 од Законот за изменување и дополнување на Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.47/2011), членот 23 став 2 се менува и гласи: „На лице кај кое ќе се појави заболување по престанокот на службата во Армијата, Министерството за одбрана му ги надоместува трошоците направени при користење на здравствените услуги во врска со лекувањето на тоа заболување, ако во рок од две години од денот на отпуштањето од Армијата го пријави заболувањето во Министерството за одбрана и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата“ Стамен Филипов во иницијативата наведува дека со вака изменетата законска одредба се повредувал член 8 став 1 алинеите 1 и 3, член 9 став 2, член 35 став 1, член 51 и Амандманот 21 од Уставот на Република Македонија.

Ова од причина што военолекарската комисија била потчинет орган на Министерството за одбрана и секогаш ќе се појавел субјективизам и истата секогаш ќе се однесувала одбранашки и неправедно и смета дека оваа околност требало да се утврдува и од друг орган, а не само и исклучиво од военолекарската комисија, особено затоа што засегнатото лице веќе не било вработено во Армијата и дека не било предвидено право на жалба или приговор против наодот и мислењето на военолекарската комисија, доколку засегнатото лице не било задоволно со таквиот стручен наод

Новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија е донесен на 12 март 2010 година, објавен во „Службен весник на РМ“ бр.36/2010, а влезе во сила осмиот ден од денот на неговото донесување. Со донесувањето на овој закон, престана да важи Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005, 134/2007 и 6/2009).

Поради специфичноста на воената служба со новиот Закон со конкретни одредби како lex specialis се уредени повеќе прашања кои претставуваат обид за т.н. позитивна дискриминација за вработените и граѓаните односно за воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата.

Во оваа насока, во Главата II. насловена како „Права и обврски на воениот и цивилниот персонал“, со членовите 22, 23 и 24 на овој Закон е уредено правото на здравствената заштита на воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата односно правото на надоместок на трошоците направени при користење на здравствените услуги во јавните здравствени уста нови и ослободување од плаќање на лекови кои се наоѓаат на листата на лекови што со општ акт ја утврдува Фондот за здравствено осигурување на Република Македонија, на кој министерот за здравство дава согласност и тоа во примарната, специјалистичко-консултативната и болничката здравствена заштита, по претходно приложена уредна документација за направените трошоци, издадена од јавната здравствена установа (член 22).

Оттука, може да се заклучи дека ова право е исклучително поволно за воениот и цивилниот персонал на служба во Армијата бидејќи оваа категорија на осигуреници е целосно ослободена од трошоци односно партиципација при користење на здравствени услуги, што не е случај со другите вработени односно осигуреници во Република Македонија.

Тргнувајки од анализата на наводите во иницијативата на Стамен Филипов од Скопје, ваква одредба била содржана, односно било утврдено во член 19 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на РМ“ бр.62/2002, 98/2002, 25/2003, 71/2003, 112/2005, 134/2007 и 6/2009), кој престана да важи со донесувањето на новиот Закон за служба во Армијата на Република Македонија.

Во ставот 2 на членот 19 од тогаш важечкиот Закон било утврдено остварување на ова право, но само доколку во рок од два месеци од денот на отпуштањето од Армијата се пријави заболувањето во Министерството за одбрана. Условот военолекарската комисија да утврди дека заболувањето настанало за време на вршењето на службата исто така било утврдено во тогаш важечкиот Закон .

Со новото решение од член 23 став 2 од сега важечкиот Закон, законодавецот уредил ова право да може да се оствари во рок од две години од денот на отпуштањето од Армијата, што е многу поповолно од претходното решение, под услов кој е непроменет, военолекарската комисија да утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата.

Предлогот на законодавецот за продолжување на рокот од два месеци на две години за поднесување на барање за остварување на ова право произлегува токму од военолекарската комисија како стручен орган, која во текот на примената на Законот односно во текот на решавањето на барањата на воениот персонал за остварување на ова право, констатирала дека заболувањето како последица на вршењето на воената служба може да настане и по истекот од два месеци по отпуштањето од Армијата, што било чест случај, а овие лица поради законската пречка, не можеле да го остварат правото на бесплатна здравствена заштита.

Со оглед на тоа дека сегашното решение кое се оспорува во првата иницијатива, дава реална можност сите подносители на барањата да го остварат ова право доколку военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата и поради тоа се неосновани наводите во иницијативата. Военолекарската комисија ја формира министерот за одбрана и е составена од лекари, специјалисти во својата област кои високо стручно, професионално и објективно ги обавуваат доверените задачи.

Судот утврди дека неосновани се наводите во иницијативата дека доколку лиц ето не е задоволно од стручниот наод и мислење, не постоела можност за натамошно постапување. Имено, во самиот наод за здравствената способност на лицето кој го потпишува военолекарската комисија, постои графа во која се наведува натамошната постапка на лицето кое искажало незадоволство со утврдениот наод, оцена и мислење на оваа комисија.

Наводите во иницијативата при одлучувањето за основаноста на овој дел од иницијативата да се има предвид и Одлуката на Уставниот суд на Република Македонија У.бр.60/2010 од 22.09.2010 година со која се укина членот 23 став 3 од Законот за служба во Армијата на Република Македонија се беспредметни, бидејќи Одлуката на Уставниот суд на која се повикува подносителот на иницијативата не кореспондира со оспорената одредба.

Врз основа на изнесеното, Судот оцени дека, не може да се постави прашањето за согласноста на член 23 став 2 во делот:„и ако военолекарската комисија утврди дека заболувањето настанало за време на службата во Армијата” со член 8 став 1 алинеите 1 и 3; член 9 став 2; член 35 став 1; член 51 и Амандманот 21 од Уставот.

7. Согласно член 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Имајќи предвид дека и во двете иницијативи во однос на оспорувањето на член 194 став 1 и член 195 став 2 од Законот, наводите се идентични и не се изнесуваат поинакви аргументи од оние што Судот веќе ги оценувал и изразил свој став, Судот оцени дека наводите во сега поднесените иницијативи не може да претставуваат основ за поинакво одлучување во однос на предметите У.бр.178/2010 и У.бр.236/2011, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот за отфрлање на иницијативата поради res judicata.

Во однос на оспорениот член 194 став 1, Уставниот суд веќе одлучувал и со Решение У.бр. 236/2011 година од 24 октомври 2012 година не повел постапка за оценување на нивната уставност. Неповедувајќи постапка, Судот изразил став дека правото на надоместок на трошоци за закупнина на стан во случај да не им е обезбедено користење на службен стан е легитимно право на законодавецот, при што од уставно-правен аспект од суштинско значење е дека сите правни субјекти во иста правна положба, во конкретниот случај вработените во Армијата на Република Македонија на неопределано време или определено време еднакво се однесува законската норма што ги прави еднакви пред Уставот и пред законите и не значи нарушување на принципот на еднаквата правна положба на субјектите на пазарот. Имено, вработените во Армијата кои засновале работен однос на определено време и оние кои во Армијата засновале работен однос на неопределено време се разликуваат во правата и обврските, бидејќи се разликуваат во видот на заснованиот работен о днос и не може да се прифати како основан наводот во иницијативата дека со оспорената одредба се вршело дискриминирање, односно различно правно третирање на вработените и ограничување на остварување на правото на еднаквост бидејќи овие припадници на Армијата всушност имаат зановано различен вид на работен однос.

Во таа смисла, Судот утврди дека право на законодавецот е да ја утврди конкретната правна материја како што предвидуваат оспорените одредби, притоа водејќи сметка законските решенија еднакво да се однесуваат на субјектите кои се наоѓаат во еднаква правна положба.

Во конкретниов случај, Судот оцени дека во еден дел од иницијативите станува збор за одредби со кои се оспоруваат исти членови од Законот и се покренуваат исти прашања кои веќе биле предмет на оценка пред Уставниот суд. Имено, Судот со Решение У.бр.178/2010 од 10 октомври 2012 година, не повел постапка за оценување на уставноста на член 195 став 2 од Законот и утврдил отсуство на елементи на неуставност на оспорената одредба. Уставниот суд заземал став дека кога на воениот и цивилниот персонал ќе му биде овозможено користење на службен стан за кој се плаќа закупнина од средствата на Министерството за одбрана, закупениот стан е во местото на службување. Во таков случај на корисниците на службен стан не им припаѓа правото на надоместок на стварни трошоци за превоз и користење на организиран превоз бидејќи живеат во местото на службување.

Правото на исплата на надоместок на стварни трош оци за превоз и колективен превоз припаѓа на воениот и цивилен персонал на служба во Армијата само во случај кога не живее во местото на службување и истиот се исплатува во стварен–реален износ, заради патување од местото на живеење до местото на службување, односно заради посета на семејството, со приложување на сметка–билет за направените трошоци. Ова од причина што истовремено не би можело да се користат две права.(no bis in idem)

Со Решение У.бр.236/2012 од 24 октомври 2012 година Судот ги отфрли иницијативите, поднесени од други подносители, за оценување на уставноста на оспорениот член 195 став 2 од Законот, поради res judicata.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека во однос на член 194 став 1 и член 195 став 2 се исполнети условите за отфрлање на иницијативите врз основа на res judicatа.

8. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

9. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурaти, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски .

У.бр.85/2011
28 ноември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply