99/2012-0-0

99/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 14 ноември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народи неговата државност и на членовите на нивните семејства („Службен весник на Република Македонија“ бр.61/2002 и 59/2005)

2. Агрон Концели адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива со барање за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 1 бил дискриминаторен и ги ставал граѓаните што не се Македонци во нееднаква положба во однос на граѓаните што се Македонци во смисла на тоа овој закон да се однесува на сите граѓани на Република Македонија кои биле прогонувани и затворани на политичка и идеолошка основа, а поради пројавените идеи и активности за создавање на независна, обединета и демократска држава Македонија за период од 1945 до 1991 година, а не да се однесува само за граѓаните Македонци.Понатаму, подносителот ги цитира одредбите од членовите 9 и 51 од Уставот и предлага член 1 од Законот да гласи: Закон за правата на протераните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и другите народи и заедници и неговата државност и на членовите на нивните семејства.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 1 од Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства („Службен весник на РМ“ бр.61/2002), „Со овој закон се утврдуваат правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства“.

4. Според преамбулата на Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија, Македонскиот народ, како и граѓаните кои живеат во нејзините граници кои се дел од албанскиот народ, турскиот народ, влашкиот народ, српскиот народ, ромскиот народ, бошњачкиот народ и другите, преземајќи ја одговорноста за сегашноста и иднината на нивната татковина, свесни и благодарни на своите претци за жртвите и посветеноста во нивните заложби и борба за создавање самостојна и суверена држава Македонија и одговорни пред идните генерации за зачувување и развој на се што е вредно од богатото културно наследство и соживот во Македонија, еднакви во своите права и обврски кон заедничкото добро – Република Македонија во согласност со традицијата на Крушевската Република и одлуките на АСНОМ и на Референдумот од 8 септември 1991 година, одлучија да ја конституираат Република Македонија како самостојна, суверена држава со намера да се воспостави и зацврсти владеењето на правото, да се гарантираат човековите права и граѓанските слободи, да се обезбеди мир и соживот, социјална правда, економска благосостојба и напредок на личниот и заедничкиот живот, преку своите претставници во Собранието на Република Македонија, избрани на слободни и демократски избори го донесуваат Уставот на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот, граѓаните во Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 36 став 1 од Уставот, Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите националноослободителни војни на Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност, како и на членовите на нивните семејства кои немаат можност за материјална и социјална егзистенција. Според ставот 2 на овој член од Уставот, посебните права се уредуваат со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со законите.

Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Од анализата на содржината на наведените одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 1 од Законот наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите се неосновани. Ова од причина што тргнувајќи од членот 36 став 1 од Уставот, недвосмислено произлегува дека Републиката им гарантира посебни социјални права на борците од Антифашистичката војна и од сите народноослободителни војни на Република Македонија, на воените инвалиди, на прогонуваните и затвораните за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност како и на членовите на нивните семејства кои немаат можност на материјална и социјална егзистенција, кои се уредуваат со закон.

Во насока на операционалиација на наведената уставна одредба, а заради отстранување на историски неправди спрема една категорија на граѓани, според мислењето на Судот без оглед дали тие биле Македонци или припадници на албанската, турската, влашката српската, ромската, бошњачката и други, а кои биле прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност го донел Законот за правата на прогонуваните и затвораните лица за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност и на членовите на нивните семејства.

Притоа, законодвецот ниту во оспорениот член ниту во други одредби од Законот не утврдил дека посебните социјални права им припаѓаат само на Македонците, како што наведува подносителот, туку напротив социјалните права како што наведуваме им припаѓаат на сите прогонувани и затворани за идеите на самобитноста на македонскиот народ и неговата државност.

Оттука, не може да се постави прашање за согласноста на оспорениот член од Законот со член 9 од Уставот, односно со оспорената одредба не се создава нееднаквост меѓу граѓаните без оглед на нивната национална припадност, а кои од политички и идеолошки основи биле прогонувани и затворани.

Во однос на наводите од иницијативата со која подносителот бара да се промени називот на Законот, Судот оцени дека е неосновано. Ова од причина што Уставниот суд не е надлежен да се впушта во тоа каков назив ќе носи одреден закон со кој се уредуваат определени односи, односно дека тое е прашање на законодавецот, од кои причини иницијативата во тој дел се отфрла.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.99/2012
14 ноември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply