44/2012-0-0

44/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 70/1992), на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 157 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010) и член 17 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од законите означени во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените одредби биле спротивни на Уставот на Република Македонија поради тоа што во случаите кога граѓаните ќе изгубеле спор што го завеле против Република Македонија или некој нејзин орган, а судот ќе досудел тој граѓанин да му ги надомести трошоците на постапката што државното правобранителство наводно ги имало, се создавала ситуација во која граѓаните биле условно речено двојно казнети, покрај тоа што ги плаќаат судските такси, тие биле должни да ги платат наводните „трошоци на постапката“ на државното правобранителство. Државното правобранителство двојно ги наплатувало своите услуги, од Буџетот и од граѓаните што го изгубиле спорот, со што овие граѓани биле ставени во нееднаква правна положба, како странки во спорот со државното правобранителство.

Оспорените законски одредби биле толкувани и применувани од страна на судовите како основа да досудуваат трошоци на постапката во полза на Државното правобранителство во сите случаи кога тоа ќе го добие спорот и тоа според Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите, иако Државното правобранителство не можело и не смеело да се поистоветува со адвокатурата. Тоа не било случај во спротивната насока – кога граѓанинот ќе го добие спорот, но при тоа не ангажирал адвокат, судовите не досудувале трошоци на постапката согласно адвокатската тарифа, во полза на односниот граѓанин.

Работата на Државното правобранителство во судовите, согласно Законот за државното правобранителство претставувала функција на Државното правобранителство која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност, поради што застапувањето на државата не можело да се смета за дополнителен ангажман, туку нивна работна обврска, за чие што извршување државното правобранителство добива надоместок во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда. Поради тоа Државното правобранителство не можело да се изедначува со адвокатурата, како што тоа било сторено со оспорените одредби.

Подносителот смета дека оспорените законски одредби биле спротивни на член 8 став 1 алинеи 1,3 и 11, член 9, член 24, член 15, член 50, член 51 и член 53 од Уставот на Република Македонија и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на наведените одредби и истите да ги поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 157 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010), одредбите за трошоците се применуваат и на странките кои ги застапува јавното правобранителство. Во тој случај трошоците на постапката го опфаќаат и износот што на странката би и се признал на име награда на адвокат.

Според членот 17 став 1 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007), трошоците за застапување од страна на државниот правобранител се определуваат според Тарифата за награда и надоместок на трошоците на адвокатите. Според ставот 2 на истиот член од Законот, средствата наплатени на име трошоци за застапување се приход на Буџетот на Република Македонија.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1 и 3 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и владеењето на правото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уведување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот се еднакви.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според членот 2 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007), државното правобранителство на Република Македонија е државен орган кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со овој и друг закон.

Согласно член 5 од Законот, државниот правобранител и државните правобранители ги штитат имотните права и интереси на Република Македонија и на државните органи основани со закон пред судовите и другите органи во земјата и странство.

Членот 8 од Законот предвидува дека државните правобранители во вршењето на својата функција се самостојни и за својата работа одговараат пред Владата на Република Македонија и пред државниот правобранител.

Според членот 10 од Законот, државните правобранители преземаат дејствија пред суд, друг орган или правни лица за кои со овој или друг закон е овластен државниот правобранител.

Согласно оспорениот член 17 од Законот, трошоците за застапување од страна на државниот правобранител се определуваат според Тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите. Средствата наплатени на име трошоци за застапување се приход на Буџетот на Република Македонија.

Во членот 32 од Законот е определено дека средствата за работа на Државното правобранителство се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија и други извори на финансирање.

Според членот 145 од Законот за парничната постапка, парничните трошоци ги сочинуваат издатоците направени во текот или по повод на постапката. Парничните трошоци ја опфаќаат и наградата на адвокатот и на другите лица на кои законот им признава право на награда.

Од наведените одредби од Законот за државното правобранителство произлегува дека државното правобранителство е државен орган чија основа функција е да ги штити имотните права и интереси на Република Македонија и за извршување на оваа функција државното правобранителство со закон е овластено да презема мерки и правни средства надлежните судови и други органи во земјата и во странство, вклучувајќи и застапување пред тие органи. Неспорно е дека кога државниот правобранител учествува во постапките пред судовите, и за него, како и за другите странки и учесници во постапката, настануваат определени трошоци. При тоа, кога државата учествува во парничната постапка и е застапувана од државниот правобранител, таа не се јавува во својство на власт – империум, туку во својство на странка која согласно законот има свои овластувања и должности. Оттука, кога Република Македонија како рамноправна странка во постапката ќе загуби спор, таа на спротивната странка и ги надоместува трошоците во постапката. Кога државата како странка во постапката го добива спорот, таа исто така има право на надоместување на трошоците во постапката од спротивната странка. За Судот се неприфатливи наводите во иницијативата дека државниот правобранител кога учествува во постапката не прави трошоци, односно дека тие трошоци биле „наводни“, бидејќи станува збор за реални трошоци што ги има државното правобранителство како секоја странка во постапката и дека токму уставниот принцип на еднаквост значи дека и државното правобранителство како застапник на Републиката во судските постапки има право на наплата на трошоци во постапката.

Фактот што според оспорената одредба од членот 17 од Законот, трошоците за застапување од страна на државниот правобранител се определуваат според тарифата за награда и надоместок на трошоците за работа на адвокатите, не значи дека државното правобранителство се поистоветува со адвокатурата, бидејќи и од Уставот (член 53) кој ја уредува положбата на адвокатурата и од законодавството (Законот за адвокатурата и Законот за државното правобранителство) јасно произлегува дека станува збор за различни органи односно служби, чија што единствена заедничка функција претставува застапувањето на други субјекти пред судовите.

Разликите исто така произлегуваат и од оспорениот став 2 на членот 17 од Законот за државното правобранителство, според кој средствата наплатени на име трошоци за застапување се приход на Буџетот на Република Македонија. Оттука несоодветно е повикувањето на ставовите на овој Суд изразени во предметите У.бр.20/2009, У.бр.254/2009 и У.бр.121/2011 наведени во иницијативата, во кои што Судот има изразено став дека дополнителното парично наградување на државните службеници за извршување на работи што спаѓаат во доменот на надлежноста на органот и се негови управни функции, не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот, од причина што во конкретниот случај не станува збор за дополнително парично наградување на државните правобранители за нивното застапување пред судовите. Ова поради тоа што средствата признати на име трошок за застапување одат во Буџетот на Република Македонија, а не се исплаќаат во полза на државниот правобранител кој застапувал во конкретниот предмет.

Поради наведеното, Судот оцени дека не постојат основи за доведување под сомнение на оспорените одредби од член 157 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 79/2005, 110/2008, 83/2009, 116/2010) и член 17 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр. 87/2007) со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.44/2012
26 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply