96/2011-0-1

96/2011-0-1

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ЗАПИРА постапката за оценување на уставноста на член 101 став 1, член 125-а, член 126-а и член 137 став 2 од Законот за парничната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2005, 110/2008, 83/2009 и 116/2010).

2. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива од Јорданка Мицкова и други адвокати од Скопје, со Решение У.бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение, затоа што пред Судот основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

3. Собранието на Република Македонија, како доносител на оспорениот акт во предвидениот рок не достави одговор на наводите од Решението за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 101 став 1 од Законот, поднесоците кои се поднесени од полномошник, а кои се неразбирливи или не ги содржат податоците на членот 98 ставови 3, 4, 5 и 8 на овој закон или не се поднесени во доволен број примероци кога тие се поднесени во писмена форма, судот ќе ги отфрли. Според став 6 на истиот член од законот, ако поднесоците или прилозите во писмена форма не ги поднесе во доволен број примероци, судот ќе го повика подносителот од став 2 на овој член да ги поднесе во рок од три дена, а во спротивно поднесокот ќе го отфрли.

Според член 125-а од Законот, доставувањата на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државната управа, единици на локална самоуправа, правни лица и на лицата на кои им се пренесени јавни овластувања, се врши по електронски пат во електронско сандаче.

Во член 126-а од овој закон се предвидува дека доставувањето по електронски пат се врши преку информатичкиот систем на судот на адресата на електронското сандаче на примателот на доставата. Доставата по електронски пат се смета за извршена на денот на приемот на писменото по електронски пат. Информатичкиот систем на судот истовремено со испраќање на писменото до примателот на доставата на неговата електронска адреса испраќа и известување дека од информатичкиот систем на судот е испратен писмен документ кој имателот на адресата мора да го преземе. Електронската пошта од електронското сандаче мора да биде преземена најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање. Во известувањето од ставот (3) на овој член примателот на доставата се предупредува дека доколку електронската пошта не биде преземена од електронското сандаче во рокот предвиден со ставот (4) на овој член, доставувањето ќе се смета за извршено. Примателот на електронската пошта со својот електронски потпис го докажува својот идентитет, врши увид во своето електронско сандаче и електронски го потпишува писменото кое го упатува до судот, односно го потврдува приемот на електронската пошта. Доколку писменото кое се доставува по електронски пат содржи прилози за кои нема техничка можност да се достават електронски, судот во писменото кое го доставува ќе го извести примателот чие седиште, живеалиште или престојувалиште се наоѓа во седиштето на судот дека прилозите треба да ги подигне непосредно од судот во рок од три дена од денот на известувањето, а доколку во тој рок не ги подигне, се смета дека прилозите се доставени.

Според член 137 став 2 од Законот писменото за кое со овој закон е определено дека треба лично да се достави, му се предава непосредно на лицето на кое му е испратено. Ако лицето на кое писменото мора лично да му се достави не се затече таму каде што треба да се изврши доставувањето, писменото ќе му се испрати препорачано по пошта. Ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на известувањето дека писменото треба да го подигне, ќе се смета дека доставата е уредно извршена.

5. Судот со Решение У.бр.96/2011 од 16 ноември 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на наведените членови од Законот, бидејќи Судот изрази сомнение по однос на принципот на еднаквост на граѓаните на Република Македонија предвиден во член 9 од Уставот.

Имено, Според Судот, недопуштено е странките, од една и полномошниците, од друга страна, да имаат различен третман во постапката пред судовите. Судот смета дека рок за доуредување на поднесоците треба да се остави на сите странки, односно да се даде можност на сите во постапката (странки и полномошници) да ги исправат поднесоците. На тој начин, според Судот, се врши повреда на положбата на странките во зависност од тоа дали има полномошник или не.

Од наведените причини, Судот оцени дека основано може да се доведе под сомнение член 101 став 1 од Законот по однос на член 9 од Уставот.

По однос на оспорените членови 125-а и 126-а, Судот, исто така, оцени дека истите може да се проблематизираат од следниве причини:

Од увидот во Предлогот на Законот за изменување и дополнување на Законот за парничната постапка (јуни 2010) произлегува дека целите што треба да се постигнат со новите измени и дополнувања на Законот за парничната постапка се создавање на законски претпоставки за побрза и поефикасна парнична постапка, како и на натамошно имплементирање на современите решенија во областа. На тој начин би се обезбедило натамошно нормативно-правно осовременување на домашното граѓанско процесно законодавство, што е во функција на континуираното спроведување на судските реформи во оваа област.

Имено, од образложението на Предлогот на Законот произлегува дека донесувањето на овие измени во Законот за парничната постапка се во функција на воспоставување на посоодветни законски механизми со кои ќе се обезбеди побрзо и поефикасно постапување на судовите во споровите за основните права и обврски на човекот и граѓанинот, за личните, семејните, работните, имотните и другите граѓанско-правни односи, а со цел да се постигне правосилно разрешување на спорните односи помеѓу правните субјекти во што е можно пократок временски период, со што би се обезбедиле правни претпоставки за почитување на начелото на судење во разумен рок и поголема правна сигурност.

Целта на оспорениот член 125-а од Законот, е конкретниот начин на доставување да го заземе примарното место меѓу начините на доставување на писмената, како и тоа дека со додадениот (сега оспорен) член 126-а се врши прецизирање на начинот на електронското доставување на писмената од страна на судот.

Во Глава XX од Законот, со наслов: „Доставување на писмена и разгледување на списи“ и поднаслов: „Начин на доставување“ содржан е членот 125, во чиј став 1 е предвидено дека писмената се доставуваат по пошта, по електронски пат, преку службено лице на судот, непосредно во судот, преку нотар, извршител или друго лице определено со закон.

Меѓутоа, од анализата на оспорениот член 125-а од Законот, јасно произлегува дека доставувањето на писмената на адвокати, државни органи, односно органи на државна управа ……, се врши исклучиво по електронски пат во електронско сандаче. Оттука, според Судот, основано се укажува во иницијативата дека овој член од Законот е во спротивност со член 9 од Уставот на Република Македонија, како и член 8 став 1 алинеја 3 од причина што предвидените начини на достава во членот 125 не се однесуваат и на лицата во член 125-а, и истовремено со овој член се повредува начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија. Имено, најнапред со овластувањата дадени во член 125-а од Законот, се создава обврска да секој адвокат, државен орган задолжително да имаат компјутер и истовремено e-mail адреса, што во општествени услови во Република Македонија е апсурдно, а доколку повеќе што и најголемиот граѓански суд во Република Македонија – Основниот суд Скопје II Скопје се уште нема компјутерска можност за ваков начин на достава. Имено, по барање на Судот, Основниот суд Скопје II Скопје писмено го извести Судот дека е во тек изработка на сценарио за креирање на веб портал преку кој ќе се врши електронска достава, што значи во моментов не постојат ниту технички услови и претпоставки за ваков вид на достава, кој според оспорениот член 125-а од Законот (кој веќе е во примена) е единствен за наведените лица во овој член од Законот.

При градењето на правното мислење по однос на ова покренато правно прашање, во текот на претходната постапка преку Форумот на Венецијанската комисија беше побарано офицерите за врска да достават информации за домашното право и уставно судската практика по ова прашање.

Од увидот во добиените одговори добиени преку Форумот, произлегува дека во повеќе држави електронскиот начин на достава е алтернативен (Полска, Јужна Африка, Швајцарија), или пак истата може да се врши само доколку постои согласност на странката (Велика Британија, Грузија, Швајцарија, Финска, Канада), како и можност да се врши достава по електронски пат само во итни случаеви (Хрватска, Јужна Африка). Во Република Србија важечкиот закон за парничната постапка не содржи одредби за електронска достава. Новиот закон кој ќе започне да се применува од 1 февруари 2012 година содржи одредби за поднесување на документи преку e-mail, меѓутоа според овој закон судот може да доставува покани до странките по пат на телеграма, електронска пошта или друг носач на електронски податоци, под услов доколку судот може да добие повратен одговор дека лицето ја добило поканата односно известувањето.

Врз основа на наведената уставно судска практика во другите европски земји, Судот оцени дека начинот на доставување на поднесоците на адвокати ….. исклучиво и единствено по електронски пат во електронско сандаче не е во согласност ниту со Уставот на Република Македонија ниту со европското законодавство. Ова од причина што во нашата законска регулатива дадена во членовите 125-а и 126-а од Законот за парничната постапка, не предвидува и друг начин на достава на писмената, односно тој начин да биде алтернативен, ниту пак предвидува добивање на согласност од странката за вршење на достава на овој начин.

Понатаму, според Судот, од суштинско значење е што членот 126-а од Законот, каде е регулиран начинот на кој се врши доставувањето по електронски пат, не дава одговор на прашањето како Судот ќе биде известен за денот на приемот на писменото, што е од значење за пресметување на роковите кои се засметуваат за вложување на правни лекови. Имено, ставот 4 од членот 126-а од Законот, предвидува електронската пошта од електронското сандаче мора да биде преземена најдоцна осум дена од денот на нејзиното испраќање. Во известувањето од ставот (3) на овој член примателот на доставата се предупредува дека доколку електронската пошта не биде преземена од електронското сандаче во рокот предвиден со ставот (4) на овој член, доставувањето ќе се смета за извршено (став 5).

Меѓутоа, Судот оцени дека оспорениот член 126-а од Законот, основано може да се доведе под сомнение во однос на една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, предвидена во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, а владеењето на правото и правната сигурност на граѓаните, од причина што не може да се смета ваквиот начин на достава, како ден на прием од кога тече рокот, од повеќе објективни и субјективни причини. Имено, тргнувајќи од начинот на секојдневното функционирање на секој човек и во секој сегмент од животот, законодавецот при креирањето на оспорената законска одредба, и покрај добрата намера за брзо, економично и ефикасно завршување на започнатите постапки и нивно судење во разумен рок, не ги имал во вид претпоставките да наведените лица во членот 125-а од Законот, за кој е задолжителен електронскиот начин на достава, се објективно спречени да извршат увид во нивната електронска пошта, од повеќе причини (годишен одмор, боледување, хоспитализација, престој на места каде нема интернет ….), поради што и ваквиот начин на достава, може само да биде еден од повеќето начини на достава, но не и единствен како што се предвидува во оспорените законски одредби.

Од наведената уставно-судска анализа на членовите 125-а и 126-а од Законот, а во корелација со наводите во иницијативата, а при тоа имајќи ја во вид и уставно-судската практика на другите европски земји, Судот оцени дека наведените членови од Законот основано можат да се доведат под сомнение по однос на член 8 став 1 алинеја 3 и член 9 од Уставот.

Анализирајќи ја содржината на членот 137 став 2 од Законот во целина, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека оспорената законска одредба основано може да се доведе под сомнение по однос на темелната вредност на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото и правната сигурност на граѓанинот на Република Македонија. Ова од причина што од содржината на оспорениот став 2 на членот 137 од Законот, произлегува дека ако писменото не биде подигнато во рок од осум дена од денот на известувањето дека писменото треба да го подигне, ќе се смета дека доставата е уредно извршена.

Според Судот, ваквата законска регулатива е во спротивност со начелото на владеење на правото и правната сигурност на граѓаните на Република Македонија, предвидени во член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, од причина што не е наведено дали и кога странката го примила известувањето, за да може да започне засметувањето на рокот за плодигање на препорачаната пратка, односно од содржината на одредбата не може да се утврди постоење на личен контакт со што со сигурност би се утврдило дека странката го примила известувањето. Од овие причини Судот оцени дека основано може да се постави прашањето за согласноста на член 137 став 2 од Законот со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот.

6. На одржаната седница на 26 септември 2012 година, Судот не го изгласа предлогот за укинување на оспорените одредби од Законот, поради што одлучи да ја запре постапката по овој предмет.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.96/2011
26 септември 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply