196/2011-0-0

196/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување постапка за оценување на уставноста на член 5 точка 29, член 8, член 10 став 2 и член 10-в од Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр. 14/2008, 64/2009 и 24/2011).

2. Дритон Дикена од Скопје, м-р Стефан Огненовски од Скопје и Мица Огњановска од Скопје на Уставниот суд на Република Маккедонија му поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од законот означен во точката 1 од ова решение.

Со иницијативата поднесена од Дритон Дикена од Скопје, се оспорува член 5 точка 29 од Законот, наведувајќи дека определувањето на дополнителен услов од страна на државата на верските заедници претста-вувало мешање на државата во внатрешните работи на верските заедници со што се нарушувал принципот на одвоеност на верата од државата, односно секуларното општествено уредување утврдено со Уставот на Република Македонија.

Во иницијативите поднесени од Мица Огњановска од Скопје и м-р Стеван Огненовски од Скопје, кои се со идентична содржина, се оспоруваат член 8,член 10 став 2 и член 10-в од Законот. Според наводите во истите, со оспорениот член 8 од Законот се повредувале достоинството, моралниот и личниот интегритет на граѓанинот заштитени со член 11 и член 25 од Уставот.

Имено, законското решение во оспорената одредба, според подносителите на иницијативите имале карактер на санкција која може да има последици во секоја сфера на човековото живеење.

Со членот 10 став 2 од Законот, според иницијаторите се повредувал член 14 од Уставот, а со член 10-в од Законот, пак, се повредувал член 11 и член 25 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според член 5 точка 29 од законот лица опфатени со овој закон се вршителите на функции и овластувања во други организации и дејности и служби од јавен карактер регистирани согласно со закон.

Во член 8 од Законот се предвидува дека Комисијата по службена должносот, веднаш и без расправа, со решение го утврдува неподнесувањето на писмената изјава на лицето кандидат за носител на јавна функција и го објавува во „Службен весник на Република Македонија.

Според член 10 став 2 од истиот Закон, решението за неисполнување на условите за вршење на јавна функција поради неподнесување изјава, Комисијата е должна веднаш, а најдоцна во рок од три дена, да го достави до надлежниот орган или тело заради покренување на постапка за разрешување.

Согласно член 10-в од Законот, Комисијата води регистер на лицата за кое ќе утврди дека не го исполнуваат дополнителниот услов за вршење на јавна функција. По истекот на времетраењето на примената на овој закон, Комисијата е должна да го предаде регистерот од ставот (1) на овој член на Државниот архив на Република Македонија. Пристап до регистарот од ставот (1) на овој член имаат Собранието на Република Македонија, Владата на Република Македонија и други органи и тела што вршат избор или именување и лице кое пред Комисијата ќе го докажат својот интерес за пристап до регистарот. Содржината, формата и начинот на водењето и начинот на пристапот до регистарот од ставот (1) на овој член ги пропишува Комисијата.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Врз основа на член 75 ставови 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, претседателот на Република Македонија и претседателот на Собранието на Република Македонија, издадоа Указ бр.07-2913/1 од 20 јуни 2012 година за прогласување на Законот за определување на услов за ограничување за вршење на јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, кој Собранието на Република Македонија го донесе на седницата одржана на 20 јуни 2012 година.

Во Глава VIII на овој закон, кој е објавен во „Службен весник на Република Македонија“ бр.86 од 9 јули 2012 година, со наслов „Преодни и завршни одредби“, содржан е членот 41, во кој децидно се наведува дека со денот на влегувањето во сила на овој закон (16 јули 2012 година) престанува да важи Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција („Службен весник на Република Македонија“ бр.14/2008, 64/2009 и 24/2011).

Со оглед на тоа што оспорениот закон во целина престанал да важи осмиот ден од денот на објавувањето на Законот, односно на 16 јули 2012 година,што значи дека истиот е надвор од правниот поредок, Судот оцени дека во конкретниов случај постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативите.

5. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.196/2011
26 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply