128/2012-0-0

128/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 26 септември 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на Одлуката за измени и дополнување на Статутот на Црвениот Крст на Република Македонија бр.02-13613 од 29 март 2012 година, донесена од Собранието на Црвениот Крст на Република Македонија.

2. Црвен Крст на Република Македонија – Општинска организација на Црвен Крст – Битола на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорената одлука во целост се менувала институцијата „Мандат“, како и траењето на мандатот на избраните делегати во Собранието на Црвен Крст на Република Македонија и носителите на функции во Црвениот Крст на Република Македонија – претседател и потпретседатели. Имено, со досегашните Статути на Црвениот Крст на Република Македонија мандатот на делегатите бил определен 2 пати по 4 години, со можност за повторен избор, по протекот на 4 години пауза, од истекот на вториот мандат. Меѓутоа, со новото решение, односно измени на статутот немало ограничување во мандатите на делегатите, односно носителите на функциите.

Исто така, при донесување на оспорената одлука не е испочитувана постапката за донесување на Одлуката, односно не е прибавена претходна согласност од Статутарната комисија на Меѓународната федерација на Црвениот Крст и Црвената Полумесечина и Меѓународниот комитет на Црвениот Крст.

Со оспорената Одлука, исто така, во член 26 од Статутот се додава нова точка кој се однесувала на давање согласност за именување на секретар на Општинската организација на Црвениот Крст и Градската организација на Црвениот Крст, по предлог на Генералниот секретар на Црвениот Крст на Република Македонија. На тој начин, се вршело узурпирање на самостојноста во работењето на општинските организации на Црвениот Крст и воведување на централизам во работењето на Црвениот Крст на Република Македонија.

Но, од целината на иницијаттивата не произлегуваат уставни аргументи односно не се наведени причини за оспорување.

3. Судот на седницата утврди дека оспорениот акт содржи 30 члена, со кои се вршат одредени измени и дополнувања на Статутот на Црвениот Крст на Република Македонија, кој е донесен од Собранието на Црвениот Крст на Република Македонија во смисла на член 20 и член 54 од Статутот на Црвениот Крст на Република Македонија.

4. Според член 110 став 1 алинеја 7 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Според Судот поднесената иницијатива не содржи аргументи, односно образложени причини за несогласноста на оспорениот акт со Уставот, односно во ниту еден сегмент од иницијативата не се наведува ниту еден член од Уставот наспрема кој оспорениот акт не е во согласност. Оттука според Судот во конкретниов случај, постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, поради што Судот оцени дека исполнети се деловничките претпоставки за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Елена Гошева, Исмаил Дарлишта, Никола Ивановски, Вера Маркова, Сали Мурати, д-р Гзиме Старова и Владимир Стојаноски.

У.бр.128/2012
26 септември 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply