52/2012-0-0

52/2012-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 мај 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на законитоста на Статутот на Здружението на пензионери – Неготино донесено од Собранието на Здружението на пензионери-Неготино на 17 декември 2010 година.

2. Томо Крпачев од Неготино, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на законитоста на Статутот означен во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата ,се оспорува законитоста на Статутот на Здружението на пензионерите на Неготино, поради тоа што тој бил донесен на 17.12.2010 година од нецелосно конституирано ново собрание на Здружението на пензионерите и без спроведена постапка утврдена со статут. Претходно бил донесен Статут на Здружението на 15.11.2010 година, меѓутоа, собранието свикало втора седница и го донело оспорениот Статут ,без претходно да биде формирана статутарна комисија. Исто така, Статутот содржел одредби што, спротивно на Законот за здруженија и фондации, предизвикувале судир на интереси.

3. Судот на седницата утврди дека Статутот е донесен од Здружението на пензионерите на Неготино, врз основа на одредби од Законот за здруженија и фондации,со коj се уредени прашања од значење на Здружението,кои се однесуваат на името и седиштето, правниот статус, целите на здружението,начинот на одлучување и зачленување, престанок на членството, видот на органите и нивниот состав, застапување на здружението, јавноста во работењето, стекнување и располагање со средствата, соработка со други субјекти и други прашања од значење на Здружението.

4. Според членот 110 став 1 алинеа 7 од Уставот Уставниот суд на Република Македонија одлучува за уставноста на програмите и статутите на политичките партии и на здруженијата на граѓаните.

Согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1991), Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Со иницијативата се оспорува законитоста на Статутот на Здружението на пензионерите на Неготино донесен од собранието на тоа здружение на 17 декември 2010 година.

Поаѓајќи од наводите во иницијативата, а имајќи ја предвид наведената одредба од Уставот, според која Уставниот суд нема надлежност да ја оценува законитоста на статутите на здруженијата на граѓаните, Судот оцени дека настапени се деловнички претпоставки за отфрлање на иницијативата согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.52/2012
2 мај 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply