235/2011-0-0

235/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за усвојување на утврдена и изработена локална урбанистичка планска документација, бр.07-428/17 од 28 јули 2010 година, донесена од Советот на општина Центар Жупа („Службен гласник на општина Центар Жупа“ бр.16/2010 од 29 јули 2010 година).

2. ЗЗ „Нов Живот“ – Центар Жупа и Сузан Папранику, советник на општина Центар Жупа на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативите, оспорената одлука била спротивна на одредбите од член 55 и 56 од Уставот на Република Македонија, како и на законските одредби од член 14 и член 23 од Законот за просторно и урбанистичко планирање. Имено, при донесување на предметната локална урбанистичка планска документација не биле почитувани роковите за организирање на стручна расправа, како и начинот и постапката на донесување на тие планови. Предлагаат поништување на донесената одлука за изработка на урбанистичка и планска документација.

3. Судот на седницата утврди дека оспорената Одлука содржи 2 (два) члена, од кои во член 1 се наведува дека се усвојува утврдената и изработената локална урбанистичка планска документација, која е утврдена и изработена за конкретни градежни парцели на конкретни урбанистички планови, а членот 2 од истата одлука предвидува дека истата влегува во сила 8 дена од денот на објавувањето во „Службен гласник на општина Центар Жупа“.

4. Со член 55 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Во Амандман IX точка 1 од Уставот, со кој се заменува ставот 2 на член 56 од Уставот, се предвидува дека Републиката гарантира заштита, унапредување и збогатување на историското и уметничкото богатство на Македонија и на сите заедници во Македонија, како и на добрата кои го сочинуваат без оглед на нивниот правен режим.

Според член 56 став 3 од Уставот, со закон се уредуват начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009) кој бил во сила во време на донесувањето на оспорената одлука, со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 5 алинеја 6 од овој закон, локална урбанистичка планска документација е планска документација со којаможе да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела, во и вон плански опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија.

Во членот 14 од Законот се предвидува дека:

„(1) Сите постојни надземни и подземни градби во рамките на планскиот офат се евидентираат на ажурирана геодетска подлога во документационата основа на планот.
(2) Во документационата основа се обележуваат сите заштитени добра кои што имаат статус на културно наследство според заштитно конзерваторските основи.
(3) Во документационата основа на планот на ажурирана геодетска подлога се евидентираат сите градби кои до почетокот на изработката на урбанистичкиот план се изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и Законот за градење.
(4) Во планските решенија на урбанистичките планови со плански одредби се уредуват условите за градење само за градби кои ќе се градат по донесувањето на планот. За легално изградените градби на чие што место со планот не се предвидуваат услови за градење за нови градби или за доградба и надградба на старите, не се предвидуваат услови за градење, туку градбите само се потврдуваат како постојни.
(5) Во планските решенија на урбанистичките планови не може да се утврдуваат услови за градење со кои се врши вклопување во планот на градби кои до почетокот или за време на изработката на урбанистичкиот план биле изградени или почнале да се градат спротивно на важечкиот урбанистички план или спротивно на одредбите на овој закон и на Законот за градење“.

(1) За изработување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, општините и градот Скопје донесуваат годишна програма. Во годишната програма општините и градот Скопје можат да утврдат одредени планови заради економски развој на општината, да се донесат во постапка, пропишана во членот 24-а ставови 2, 3 и 4 на овој закон.
(2) Програмата од ставот 1 на овој член, општините и градот Скопје ја доставуваат до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и задолжително ја објавуваат во јавните гласила.
(3) Изработка на плановите од програмата од ставот 1 на овој член, се финансира од буџетот на општината и буџетот на градот Скопје.
(4) Градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје формираат Комисија составена најмалку од три члена од кои еден архитект со овластување за изработка на урбанистичките планови и две стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацрт плановите од членот 7 точка 2 на овој закон и дава предлог до градоначалникот за одобрување на локална урбанистичка планска документација. Градоначалникот на градот Скопје формира Комисија составена најмалку од пет члена од кои двајца архитекти со овластување за изработка на урбанистичките планови и три стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, која дава мислење на нацртот на Генералниот урбанистички план на градот Скопје. Во комисијата формирана од градоначалникот на општината, односно градоначалниците на општините во градот Скопје е потребно најмалку еден член да не е лице вработено во општинската администрација, а во комисијата формирана од градоначалникот на градот Скопје најмалку два члена да не се лица вработени во администрацијата на градот Скопје.
(5) Заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот, општините, општините во градот Скопје и градот Скопје се должни да обезбедат стручно следење на спроведувањето на плановите и да извршат согледување за степенот на реализација на плановите, заради подготвување на Програма за изработка на урбанистички планови.
(6) За обезбедување на стручност и јавност во процесот на просторното и урбанистичкото планирање советот на општината и Советот на градот Скопје формира партиципативно тело кое ги пренесува ставовите, мислењата и потребите на граѓаните и правните лица, ги следи состојбите во планирањето преку давање иницијативи, насоки и сугестии за изготвување на плански решенија за соодветната општина и градот Скопје. Партиципативното тело се состои од: претставници од советот, стручно лице од општинската администрација, истакнати стручни лица од областа на урбанистичкото планирање, претставници од здруженија на граѓани и граѓани од подрачјето на општината. Бројот на претставниците се утврдува со статутот на општината и Статутот на градот Скопје и не може да биде поголем од десет члена.
(7) Изработката на плановите од програмата од ставот 1 на овој член можат да ја финансираат и заинтересирани правни и физички лица чии што програмски барања и подрачја на интерес се прифатливи за општината и градот Скопје.

Според член 15 став 2 на овој закон, за изготвување на државна и локална урбанистичка планска документација со кои се уредува користење на просторот вон планските опфати, инвеститорот е должен да побара услови за планирање на просторот од органот на државната управа, надлежен за работите од областа на просторното планирање. Со барањето инвеститорот е должен да достави:
– графички прилог со граница на проектниот зафат, исцртан на топографска карта;
– графички прилог со план на намена на површини,
– текстуален прилог со проектна програма и
– известување од единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е проектниот зафат дека предложениот зафат не е во состав на плански опфат на важечки урбанистички план или на урбанистички план во постапка на донесување.

Според став 6 на истиот член, во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член донесувачот на планот е должен да побара согласност за трајна пренамена на земјоделското земјиште од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на земјоделството. Доколку во рок од осум дена по поднесувањето на барањето надлежниот орган не одговори по барањето за согласност, ќе се смета дека е дадена согласност.

Согласно член 15-а став 1 од Законот, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел. Според став 3 на овој член, планската програма за изработка на урбанистичките планови од членот 11-а на овој закон и за државната урбанистичка планска документација ја изработува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Според член 23 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, по нацртот на генералните урбанистички планови се организира стручна расправа со учество на субјектите од членот 29 ставови 1 и 2 на овој закон и други заинтересирани лица од подрачјето опфатено со планот. Заинтересираните лица и субјектите од членот 29 ставови 1 и 2 на овој закон можат да достават забелешки по нацртот на планот во рок од 10 дена од одржувањето на стручна расправа, а доколку истите не бидат доставени ќе се смета дека немаат забелешка на планското решение (став 1).

(2) Стручна расправа по утврдените нацрти на планови од ставот 1 на овој член, организира градоначалникот на општината и градоначалникот на градот Скопје. Времето и местото на одржување на стручната расправа на нацртот на планот се објавува во најмалку две јавни гласила, најмалку два работни дена пред одржувањето. За стручната расправа се изработува извештај.
(3) Извештајот од ставот 2 на овој член со записник од расправата и со посебни образложенија за прифатените и неприфатени забелешки од стручната расправа го изработува стручна комисија составена од три члена и тоа еден претставник од донесувачот на планот (стручно лице од областа на урбанистичкото планирање), еден претставник на изготвувачот на планската документација (носител на изработка на планот) и еден научен и стручен работник од областа на урбанистичкото планирање.
(4) Извештајот од ставот 3 на овој член е составен дел на предлогот на планот.

Според член 29 ставови 1 и 2 од Законот 1 По барање на изработувачот на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, државната и локалната урбанистичка планска документација и проектот за инфраструктура, органите на државната управа и другите субјекти кои ги вршат работите од областа на образованието, земјоделството, водостопанството, заштитата и спасувањето, противпожарната заштита, здравствената заштита, транспортот и врските и државните патишта се должни да му ги достават сите податоци и информации со кои располагаат, потребни за изработка на наведените планови, државната и локалната урбанистичка планска документација и проектот за инфраструктура, во рок од осум работни дена од денот на приемот на барањето. Поради сложеноста на работите, органот на државната управа и другите институции кои ги вршат работите од областа на културата, податоците и информациите се должни да ги достават во рок од 15 работни дена од денот на приемот на барањето. 2 Органите надлежни за донесување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, односно изработувачот на државната и локалната урбанистичка планска документација и на проектот за инфраструктура е должен да побара податоци и информации од органот надлежен за вршење на работите од областа на животната средина и просторното планирање вго постапката за: донесување на генерален урбанистички план и донесување на детален урбанистички план доколку не била спроведена постапка за оцена на влијание врз животната средина и врз животот и здравјето на луѓето при донесувањето на генералниот урбанистички план, а во планскиот опфат се уредува простор за изградба на градби за чија реализација е утврдено спроведување на постапка за оцена на влијание на проектот врз животната средина во рамките на планскиот опфат на урбанистичкиот план или постои заштитено подрачје, односно споменик на природата и донесување на урбанистичкиот план за село, урбанистичкиот план за вон населено место, одобрување на државната урбанистичка планска документација, на локалната урбанистичка планска документација и на проект за инфраструктура, доколку во планскиот опфат се уредува простор за изградба на градби за чија реализација е утврдено спроведување на постапка за оцена на влијание на проектот врз животната средина во рамките на планскиот опфат на урбанистичкиот план или постои заштитено подрачје, односно споменик на природата.3 Органот надлежен за вршење на работите од областа на животната средина и просторното планирање е должен да одговори на барањето од ставот 2 на овој член во рок од осум работни дена од денот на приемот на барањето. 4 По барање на органите надлежни за донесување на плановите од членот 7 точка 2 на овој закон, односно по барање на изработувачот на државната и локалната урбанистичка планска документација и проектот за инфраструктура, сите правни лица кои вршат комунални работи, односно стопанисуваат со комуналните инфраструктурни мрежи, како што се водоводот и канализацијата, електричното напојување, топловодот, гасоводот, фиксната телефонија и други, се должни да учествуваат во планирањето на примарните и секундарните инфраструктурни мрежи и да ги направат достапни нивните подземни катастри и развојни планови во рок од седум дена од денот на приемот на барањето. 5 Доколку субјектите од ставовите 1 и 2 на овој член не ги достават податоците и информациите во определениот рок од ставот 1 на овој член, односно правните лица од ставот 4 на овој член не ги направат достапни нивните податоци и информации, ќе се смета дека субјектите од ставовите 1, 2 и 4 на овој член не располагаат со потребните податоци и информации, при што евентуалните идни штети настанати поради недоставувањето на податоците и информациите ќе бидат на товар на субјектите кои не ги доставиле потребните податоци и информации, односно не одговориле на барањето. 6 Планските решенија на комуналните инфраструктури се изработуваат во урбанистичките планови од членот 7 точка 2 алинеја 2 на овој закон на таков начин што ги содржат сите параметри за приклучување кон градските мержи за секоја градежна парцела плоединечно. 7 Податоците и информациите од овој член се составен дел и прилог на документационата основа на планот, планската документација и проектот за инфраструктура.

Според член 34 од Законот заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот на Републиката се основа Агенција за планирање на просторот (во натамошниот текст: Агенција).

Во член 35 од истиот закон се предвидува дека Агенцијата ги извршува следните работи:

– изработува Просторен план на Републиката,
– изработува урбанистички планови, државна и локална урбанистичка планска документација и проект за инфрастрктура од програмите на Владата на Република Македонија од членот 16 на овој закон,
– го следи спроведувањето на Просторниот план на Републиката,
– го изработува Просторниот план на Републиката,
– изработува услови за планирање,
– го одржува и ажурира единствениот просторно-информативен систем на податоци,
– изработува стручни анализи и информации за состојбите во планирањето за потребите на државните органи и на органите на државната управа и
– извршува и други работи утврдени со овој закон и со Статутот на Агенцијата.

Според член 50-а од Законот:

(1) Со локална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за општината.
(2) Во плански опфат може да се уредува користење на просторот со локална урбанистичка планска документација во следниве случаи:
– доколку не е оформена градежна парцела ако до истата постои изградена сообраќајна секундарна инфраструктура,
– во рамките на формирана градежна парцела, заради усогласување на површината за градење и максималната висина на градбата со стандардите и нормативите за урбанистичко планирање и
– доколку не е оформена градежна парцела за изградба на инфраструктурни градби и водови.
(3) Со локална урбанистичка планска документација не може да се уредува просторот вон плански опфат за градби со намена домување.
(4) Локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот во границите на планските опфати се изработува врз основа на извод од урбанистички план, а локална урбанистичка планска документација со која се уредува користење на просторот вон границите на планските опфати, се изработува врз основа на извод од просторен план.
(5) По исклучок од ставот 1 на овој член со ликална урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела која опфаќа подрачје на повеќе општини. Потребата од изработување на локална урбанистичка планска документација ја утврдуваат советите на општините, а ја одобруваат градоначалниците на општините.
(6) Локалната урбанистичка планска документација ја изработува овластеното правно лице од членот 18 на овој закон.
(7) Содржината на локалната урбанистичка планска документација треба да биде во согласност со членот 11 ставови 2, 3, 4, 5, 6 и 7 на овој закон.
Графичкиот дел од локалната урбанистичка документација се изработува во размер 1:1.000, а по исклучок кога се работи за плански опфат на градежна парцела за линиски инфраструктурни градби, графичкиот дел се изработува во размер 1:2..500, 1:5.000, 1:10.000 и 1:25.000.
(8) По извршената стручна ревизија градоначалникот со решение ја одобрува локалната урбанистичка планска документација, на предлог на комисијата од членот 17 став 4 на овој закон.
(9) Локалната урбанистичка планска документација се изработува во пет примероци од кои еден примерок се чува во органот што го одобрил, еден примерок задржува барателот, еден примерок се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и еден примерок во Агенцијата за катастар за недвижности. Доколку планскиот опфат зафаќа подрачје на повеќе општини се изработуваат повеќе примероци на локалната урбанистичка планска документација, по еден за секоја општина.
(10) Локалната урбанистичка планска документација се применува по нејзиното одобрување и по извршеното картирање на хамер и претставува основа за изработување на идеен проект на градба (ситуација, основи, пресек и изгледи на градбата) кој е потребен во постапката за добивање на решение за локациски услови“

Од анализата на наведената законска регулатива јасно произлегува дека со локалната урбанистичка планска документација се врши уредување и користење на просторот со определување на градежните парцели во и вон планскиот опфат, а во постапката за донесување на истата е меѓу другото, вклучено и утврдувањето на потребата за изработување на локалната урбанистичка планска документација, кое се врши од страна на советите на општините, и истата се одобрува од градоначалникот на општината. Но, најнапред, во смисла на член 5 алинеи 6 и 7 од Законот, кој важел во време на донесување на оспорениот акт, локалната урбанистичка планска документација е планска документација со која може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела, во и вон плански опфат како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од трета, четврта и петта категорија (алинеја 5) и планска програма за изработка на урбанистички план е програма со која се утврдуваат границите и содржините на планскиот опфат (алинеја 6).

Од увидот на целокупната документација која од Советот на општина Центар Жупа беше доставена до Уставниот суд, се утврди дека Советот на општината на 2 јуни 2009 година ја разгледал Годишната програма за изработка на урбанистички планови на територијата на општина Центар Жупа за 2009/2010 година, која со Решение бр.08-240/5 од 3 јуни 2009 година донесена од градоначалникот на општината е објавена.

По однос на постапката за донесување на оспорената локална урбанистичка планска документација, а во контекст на наводите содржани во двете поднесени иницијативи, сметаме дека истата е спроведена во согласност со одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање кој бил во важност во време на донесување на истата. Имено, наводот на подносителите на иницијативите дека при донесувањето, односно усвојувањето на локалната урбанистичка планска документација за општина Центар Жупа, не била спроведена стручна расправа во смисла на член 24 од Законот, сметаме дека се неосновани. Ова од причина што, членот од Законот на кој се повикуваат иницијаторите, како и обврската за спроведување на стручна расправа се однесува на постапката за изработување и донесување на плановите (Генерален, детален, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место), а не и на постапката за донесување и изработување на локална урбанистичка планска документација.

Во содржината на член 50-а од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кој важел во време на донесување на оспорената одлука, се предвидува целата постапка на донесување на овој акт, како и тоа дека по извршената стручна ревизија градоначалникот со решение ја одобрува локалната урбанистичка планска документација, на предлог на комисијата од членот 17 став 4 од овој закон.

Од извршениот увид во целокупната документација доставена до Судот по повод поднесените иницијативи, неспорно утврдивме дека во текот на постапката за усвојување на предметната локална урбанистичка планска документација била изршена стручна ревизија, како што предвидува член 50-а од Законот, со што не може да се доведе под сомнение согласноста на оспорената одлука со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, постапката за донесување на државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација е сосема поинаква и истата е во скратена постапка за разлика од онаа за донесување на деталните урбанистички планови и за неа не се однесуваат одредбите на кои се укажува ви поднесените иницијативи,а се со цел за поекономично и поефикасно вршење на промени, односно измени во планот кој веќе е донесен и е во сила, односно во реализација.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.235/2011
18 април 2012 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply