189/2011-0-0

189/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 април 2012 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за нас. Лисиче-бараки Урбан блок 2, број 07-8/2 од 31 јануари 2005 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода, објавена во “Службен гласник на Град Скопје” број 2 од 3 март 2005 година.

2. Вукашин Стојановски, Борис Стојановски, Горан Стојановски и Зора Трајковска, сите од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на актот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената Одлука со која се вршеле измени и дополнувања на Деталниот урбанистички план за нас. Лисиче-бараки Урбан блок 2, помеѓу другото била предвидена и изградба на сообраќајница, која зафаќала земјиште-дворно место на кое право на користење имале подносителите на иницијативата. Изградбата на планираната сообраќајница се уште не била реализирана, па оттука подносителите на иницијативата ја оспоруваат предметната одлука како неуставна и незаконита, бидејќи изминал планскиот период за реализација на тој дел од содржината од планот. Имено, предметниот урбанистички план кој бил донесен пред влегување во сила на новиот закон, според наводите од иницијативата, бидејќи не бил усогласен со новите законски одредби, останал со содржини кои не можеле повеќе да се применуваат, па со тоа требало да биде донесен нов детален урбанистички план, односно негова измена или дополнување и планираната изградба на сообраќајница требала да биде избришана во планот. Според подносителите на иницијативата, оспорената одлука, всушност била темпорален правен акт и не можел повеќе да биде во сила и да биде основа за одлучување на државните органи кога решавале за индивидуалните права и интереси на граѓаните, за што подносителите на иницијативата бараат Уставниот суд со своја одлука тоа да го констатира, бидејќи со таквата содржина на деталниот урбанистички план тие биле попречувани во остварувањето на нивното сопственичко право, односно да извршат трансформација на земјиштето. Причина повеќе за неприменливоста на оспорената одлука била околноста што таа била донесена од Советот на Општина Кисела Вода кога планираниот простор од тој дел од градот бил во нејзин состав, а со новата територијална поделба влегол во Општина Аеродором.

3. Судот, на седницата утврди дека Советот на Општина Кисела Вода, врз основа на член 22 од Законот за просторно и урбанистичко планирање “Службен весник на Република Македонија” број 4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002) и член 43 став 1 точка 5 од Статутот на Општината Карпош “Службен гласник на Град Скопје” број 8/97), член 26 од, на 45-тата седница одржана на 9 ноември 2004 година, донел Одлука за измена и дополнување на Одлуката за донесување на Деталниот урбанистички план за нас. Лисиче-бараки Урбан блок 2, број 07-8/2 од 31 јануари 2005 година, донесена од Советот на Општина Кисела Вода, објавена во “Службен гласник на Град Скопје” број 2 од 3 март 2005 година.

Судот, исто така утврди дека во членот 1 од Одлуката е предвидено дека со истата се донесува измена и дополнување на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за населба Лисиче – бараки Урбан блок 2, основните причини за донесување на измените и дополнувањата и прописите врз основа на кои Одлуката е донесена.

Во членот 2 од Одлуката се определени границите на урбаниот опфат.

Во членот 3 од Одлуката е наведена содржината на изменувањето и дополнувањето на Детален урбанистички план.

Во членот 4 од Одлуката се наведени административните работи во врска со заверка на предметниот план.

Во членот 5 од Одлуката е наведен рокот за обезбедување на комплетна документација за остварување на планскиот документ.

Во членот 6 од Одлуката е наведено дека измените и дополнувањето Детален урбанистички план со сите негови делови се чува, следи и за негова реализација се грижи Одделението за урбанизам на Општината.

Во членот 7 од Одлуката е предвидено дека истата влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во „Службен гласник на Град-Скопје.

4. Според член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија меѓу другото одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Во конкретниот случај, подносителите со иницијативата ја оспоруваат предметната одлука како неуставна и незаконита од аспект на прашања кои се однесуваат на содржината на планот и неговата фактичка реализација, односно нереализација, како и за прашања во врска со следење на урбанистичките планови и евентуалната потреби од нивно изменување и дополнување во целост или нивен дел, односно предметната одлука се оспорува од аспект на прашања кои излегуваат надвор од рамките на надлежноста на Уставниот суд, во чија надлежност е да ја цени законитоста на постапката во која се донесуваат плановите, односно фазите и другите дејствија преземени во рамките на таа постапка, а не и за прашања надвор од тие рамки, а кои се тековни надлежности на донесувачот на планот и други стручни лица од локалната самоуправа согласно одредбите од Законот.

Со оглед дека наводите од иницијативата, не се однесуваат и во ниеден момент не укажуваат на повреди на законитоста на постапката во која е донесена предметната одлука, а во отсуство на вакви наводи, според Судот, во конкретниот случај не се исполнети условите за впуштање во оцена на уставноста и законитоста на оспорената одлука, по однос на нејзината согласност со одредбите од Уставот и Законот.

Поради изнесеното и со оглед на тоа што овој суд не е надлежен да ја испитува и цени содржината на донесените урбанистички планови и нивната реализација, односно нереализација, туку уставноста и законитоста на постапката во која тие се донесуваат, Судот оцени дека во конкретниот случај настапени се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 189/2011
18 април 2012 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply