Одлука У.бр.209/2011

У.бр.209/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 4 април 2012 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 27 став 1 точка 3 од Законот за ревизија (“Службен весник на Република Македонија” бр.158/2010 и 135/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија”.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со решение У.бр.209/2011 од 8 февруари 2012 година поведе постапка за оценување на уставноста на членот 27 став 1 точка 3 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за неговата согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 14 став 1 од Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 27 став 1 точка 3 од Законот за ревизија, за полагање на испитот за стекнување на звањето ревизор лицето, меѓу другото, треба да не е осудувано со правосилна судска пресуда во врска со работењето, и тоа:

а) во периодот на правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три години и

б) во периодот на правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор над три години.
5. Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владе-ењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 став 1 од Уставот, „граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, поли-тичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).

Според член 13 став 1 од Уставот на Република Македонија, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука.

Според член 14 став 1 од Уставот, никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2).

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да бидат ограничени за време на воена или вонредна состојба според одредбите на Уставот. Ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имотна или општествена положба.

Според членот 4 точка 6 од Законот за ревизија, „Ревизор” е физичко лице кое поседува уверение за ревизор, а според точката 7 од истиот член од Законот, „Друштво за ревизија” е трговско друштво кое е регистрирано и врши ревизија согласно со овој закон и Законот за трговските друштва.

Во точката 8 е определено дека, „Овластен ревизор-трговец поединец” е физичко лице регистрирано согласно со овој закон и Законот за трговските друштва и кое поседува лиценца за овластен ревизор, а во точката 9 дека „Уверение за ревизор” е уверение кое го издава Институтот за овластени ревизори на Република Македонија на лица кои го положиле испитот за ревизори.

Според точката 10 „Лиценца за овластен ревизор” е лиценца која ја издава Советот за унапредување и надзор на ревизијата, а според точката 11 „Овластен ревизор” е ревизор кој поседува лиценца за вршење на работи на ревизија.

Во членот 26 од Законот за ревизија е уредена постапката за стекнување на уверението за ревизор. Така, лицето кое сака да стане ревизор поднесува писмено барање до Институтот за полагање на испит за стекнување на звање ревизор. Барањето мора да содржи докази дека лицето ги исполнува условите од членот 27 на овој закон, а полагањето на испитот за стекнување на звањето ревизор се спроведува според Програма која ја донесува Институтот, а за која Советот дава согласност.

Во членот 27 од Законот се уредени условите за полагање на испит за стекнување на звањето ревизор, меѓу кои и спорниот услов лицето да не е осудувано со правосилна судска пресуда во врска со работењето, и тоа во периодот од правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три, но и над три години.

Според оцена на Судот формулацијата лицето да не е осудено со правосилна судска одлука во врска со работењето е премногу општа и недоволно прецизна пред се имајќи предвид дека во членот 27 став 1 точка 1 од Законот, меѓу другото, ваков испит за ревизор може да полага лице кое има завршено високо образование од областа на економските, правните науки или друго соодветно образование, што значи дека може да се однесува на лица од најра-злични стручни профили, со работно искуство во различни области и во врска со вршење на различни работи. Со оглед на тоа што во членот 27 од Законот за ревизија како услов не е предвидено и потребно работно искуство, оваа одредба ќе биде неприменлива за лицата кои ќе се пријават за полагање на испит за ревизор и кои воопшто немаат работно искуство, што значи не би можеле да сторат кривично дело во врска со работењето (без работно искуство), но можеле да сторат кривично дело кое ги прави неподобни за идно вршење на ревизорската дејност. Меѓутоа, според наведената формулација, ваквата околност за нив нема да биде елиминаторна.

Оттаму, Судот смета дека во оспорената одредба не е содржана јасна формулација за тоа кое, односно кои сторени кривични дела предвидени во позитивната кривична регулатива и во врска со вршењето на кои работи можат да преставуваат пречка за исполнување на услов за полагање на испитот за ревизор.

Судот, исто така, оцени дека законодавецот направил превид кога предвидел да не може да се полага ревизорскиот испит во периодот на правосилноста на пресудата до денот на издржу-вањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор до три, но и над три години, бидејќи определбата за ист временски период (пет години) да не може да се полага испитот кога лицето е осудено до три години казна затвор, но и кога е осудено на казна затвор поголема од три години, што не е е логично од правен аспект. Ова посебно ако се има предвид дека законодавецот уредувањето го направил во две посебни алинеи а) и б), очигледно со намера да определи различно времетраење на забраната за полагање на ревизорскиот испит кога осудата е до три години затвор и кога осудата е над три години затвор, но тоа не го сторил и очигледно определил исто времетраење. Во ваков случај без значење е за колкава казна затвор станува збор, до три или над три години, бидејќи за било која висина на изречена казна затвор лицето нема да може да полага испит во периодот на правосилноста на пресудата до денот на издржувањето на казната и пет години од денот кога ја издржал казната во случај на осуденост со правосилна судска пресуда со казна затвор, од каде и немало потреба одредбата номотехнички да се уреди во две посебни алинеи.

Во наведената смисла осуденоста на кандидатите за полагање на испитот за ревизор мора да биде во согласност со општите правила и рамки за пропишување на правните последици од осудата утврдени во Кривичниот законик (“Службен весник на Република Македонија” бр. 37/1996, 80/1999, 4/2002, 43/2003, 19/2004, 81/2005, 60/2006, 73/2006, 7/2008, 114/2009, 51/2011, 135/2011 и 185/2011). Така, според член 101 од Кривичниот законик, правните последици од осудата што се надоврзуваат на осудите за определени кривични дела, може да настапат само кога за кривичното дело на сторителот му е изречена казна затвор. Правни последици можат да се предвидат само со закон. Според член 102 од истиот законик, правните последици од осудата настапуваат со денот на право-силноста на пресудата. Правните последици од осудата што се состојат во забрана на стекнување на определени права траат најдолго десет години од денот на издржаната, простената или застарената казна. Со бришење на осудата престануваат правните последици од осудата.

Од наведените одредби на Кривичниот законик јасно произлегува дека правните последици од осудата сe состојат во забрана на стекнување на определени права, се надоврзуваат на правосилна судски изречена пресуда, како и дека еден од основите за нивно престанување е бришењето на осудата од казнената евиденција. Тие не можат да настапат автоматски по сила на закон, туку настапувааат само со правосилна судска одлука. Казнено-правниот однос се исцрпува на релација на казниво дело и судски изречена казна за неговиот сторител и натамошни последици од неговото извршување, односно од осудата за тоа дело кои се состојат во ограничување на правата не се допуштени, освен ако тоа не е изрично утврдено со Уставот.

Тргнувајќи од наведеното, со оспорената одредба од Законот, се пропишува правна последица од осуда за недефинирано, неопределено кривично дело што преставува пречка за стекнување на звање ревизор, која трае ист временски период без оглед на висината на казната затвор изречена со правосиланата пресуда од каде Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 14 став 1 од Уставот.

При изразувањето на погоре наведеното гледиште Судот го имаше предвид значењето на работите кои се извршуваат од страна на ревизорите, како и значењето и одговорноста на нивната функцијата, што несомнено подразбира висока стручност, одгово-рност, совесност и непристрасност од страна на лицата кои ја извршуваат оваа одговорна функција, но тоа воедно ја наметнува потреба со закон да се утврдат прецизни, јасни и недвосмислени услови кои треба да ги исполнува лицето на кое ќе му биде доверено извршувањето на вака одговорна функција, како и условите за извршувањето на функцијата.

Во таа смисла, неможноста да се полага ревизорски испит поради осуденост за кривично дело во врска со работата, законо-давецот може да ја предвиди како законска околност само за осуденост за конкретно дефинирани кривични дела за кои на сторителот со правосилна судска пресуда му е изречена казна затвор, за точно дефиниран временски период, пришто право е на законодавецот да определи колкав временски период ќе биде потребен лицето да биде рехабилитирано и дали тој временски период ќе биде со различно времетраење во зависност од висината на изречената казна затвор или не.

Начинот на кој сега е формулирана оспорената законска одредба, според Судот недоволно е прецизен и јасен и како таков не е во согласност со владеењето на правото гарантирано со член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, но и со членот 14 став 1 од Уставот, заради повреда на принципот на легалитет, бидејќи со одредбата се овозможува лицето да биде „казнето“, односно да трпи последица за сторување на недефинирано кривично дело и тоа автоматски по сила на закон, а не со правосилна судска одлука.

Од направената анализа Судот оцени дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3 и член 14 став 1 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.209/2011
4 април 2012 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply