Решение У.бр.219/2010

У.бр.219/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 28 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на поднасловот: “2 Привремен заклучок за обезбедување” и на членовите 292 и 293 од Законот за општата управна постапка (“Службен весник на Република Македонија” број 38/2005, 110/2008 и 51/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на поднасловот и одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорените законски одредби не можеле да опстојат во правниот поредок бидејќи не можело со привремен заклучок за обезбедување на извршување на обврска да се решава материјата од оспорениот член 292 од Законот, затоа што тоа не биле прашања што се однесувале на постапката туку станувало збор за ограничување на располагање со имот и за акт со кој се одлучувало за извршување на обврската, а пред донесување на решението за таа обврска, поради што според подносителот на иницијативата во случајот можело да се одлучува само со решение или евентуално со привремено решение, а не со привремен заклучок. Исто така со членот 292 од Законот во делот: “со располагање со имотот, со договор со трети лица или на друг начин“, се ограничувало уставно загарантираното право на сопственост, затоа што поради ова законско решение, односно без конечно и правосилно решение од надлежен орган или суд, евентуалниот должник, не можел својата ствар да ја држи, целосно да ја користи и располага со неа по својата волја согласно членот 8 од Законот за сопственост и други стварни права. Подносителот на иницијативата смета дека, оспорените одредби биле нејасни и до крај неизведени правни норми бидејќи не прецизирале кога можело да биде осуетено или значително отежнато извршувањето, па оттука ќе се случело привремен заклучок да биде издејствуван и неоправдано, односно кога правно не постоела обврска на страната или тој да е издејствуван од злонамера, со што се создавала правна несигурност за граѓаните.

Од наведените причини, оспорените законски одредби не биле во согласност со членот 8 став 1 алинеите 1, 3, 4, 6 и 11, членот 30 став 1 и 3, членот 51, членот 54 став 1 и Амандманот XXV од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека во оспорениот поднаслов “2. Привремен заклучок за обезбедување” од Главата XVIII од Законот, содржани се оспорените членови 292 и 293 кои уредуваат можност органот надлежен за донесување на решение за обврската на странката, пред донесувањето на решението за таа обврска да донесе привремен заклучок со цел за обезбедување на извршување на обврската.

Судот, имено, утврди дека според оспорениот член 292 од Законот ако постои или е сторена веројатна обврската на странката, а постои опасност дека обврзаната странка со располагање со имотот, со договор со трети лица или на друг начин ќе го осуети или значително ќе го отежне извршувањето на односната обврска, органот надлежен за донесување на решение за обврската на странката, може пред донесувањето на решението за таа обврска да донесе привремен заклучок со цел за обезбедување на извршување на обврската. При донесувањето на привремен заклучок, надлежниот орган е должен да води сметка за одредбата на членот 273 од овој закон и да го образложи заклучокот.

Донесувањето привремен заклучок може да се услови со давање на обезбедувањето предвидено во членот 220 став 2 од овој закон.
Во однос на привремениот заклучок донесен врз основа на ставот 1 на овој член, ќе се применуваат одредбите на членот 289 став 3 и членот 290 од овој закон.

Судот утврди и дека според оспорениот член 293 од Законот ако со правосилно решение е утврдено дека правно не постои обврска на странката за чие обезбедување бил донесен привремениот заклучок, или на друг начин е утврдено дека барањето за донесување на привремен заклучок било неоправдано, предлагачот во чија корист е донесен привремениот заклучок ќе и ја надомести на спротивната странка штетата што и е причинета со донесениот заклучок.

За надоместокот на штетата од ставот 1 на овој член решава органот што го донел привремениот заклучок.

Ако во случајот од ставот 1 на овој член е очигледно дека привремениот заклучок бил издејствуван од злонамера против предлагачот, може да се поднесе барање за поведување на прекршочна постапка.
4. Спoред членот 8 став 1 алинеите 3 и 6 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Според ставот 2 од истиот член од Уставот сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и заедницата, а според ставот 3 од истиот член никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 54 став 1 од Уставот е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Со Законот за општата управна постапка, се уредува начинот на постапувањето на министерствата, другите органи на државната управа и организации кои во управните работи непосредно применувајќи ги прописите решаваат за права и обврски или правни интереси на физички, правни или на други лица.

Според членот 205 став 1 од Законот врз основа на фактите утврдени во постапката, органот надлежен за решавање донесува решение за работата што е предмет на постапката. Од содржината на оваа одредба од Законот, произлегува дека управната постапка се поведува и се води со цел да се донесе конкретен управен акт, односно решение. Наведеното значи дека по окончување на управната постапка се пристапува кон донесување на решение со кое мериторно се одлучува за правата, обврските и правните интереси на странките.

Со член 218 од Законот е определено дека кога за една работа се решава во повеќе точки, а само некои од нив се дозреани за решавање и кога ќе се покаже како целесообразно за тие точки да се реши со посебно решение, надлежниот орган може да донесе решение само за тие точки (делумно решение). Делумното решение во однос на правните средства и извршувањето се смета како самостојно решение.

Бидејќи со решение во управната постапка се решава во целост за управната работа и се донесува решение за главната работа, со одредбите од членот 218 од Законот, уредени се исклучоци од ова правило кога се донесува делумно решение. Тоа е случај кога странката во управната работа поднела повеќе барања, но само некои од нив дозреале за решавање, односно само за некои од нив има докази и не се спорни.

Според членот 219 од Законот, ако надлежниот орган со решението не одлучил за сите прашања што биле предмет на постапката, тој може, по предлог од странката или по службена должност, да донесе посебно решение за прашањата кои со веќе донесеното решение не се опфатени (дополнително решение). Ако предлогот на странката за донесување на дополнително решение е одбиен, против заклучокот за тоа е допуштена посебна жалба.

Ако предметот е доволно расправен, дополнително решение може да се донесе без повторно спроведување на испитна постапка.

Дополнителното решение во однос на правните средства и извршувањето се смета како самостојно решение.

Од содржината на одредбите од членот 219 произлегува дека во управната постапка е предвидена можност за донесување на дополнително решение, ако надлежниот орган со решение не одлучил по сите прашања кои биле предмет на постапката.

Со членот членот 220 од Законот е определено дека ако според околностите на случајот е неопходно пред завршувањето на постапката да се донесе решение со кое привремено се уредуваат спорни прашања или односи, такво решение се донесува врз основа на податоците што постојат во моментот на неговото донесување. Во таквото решение мора да биде изрично назначено дека е привремено.

Донесувањето на привремено решение по предлог од странката, надлежниот орган може да го услови со давање на обезбедување за штетата што би можела поради извршувањето на тоа решение да настапи за спротивната странка, во случај основното барање на предлагачот да не е уважено.

Со решението за главната работа што се донесува по окончувањето на постапката, се укинува привременото решение донесено во текот на постапката.

Привремено решение во однос на правните средства и извршувањето, се смета како самостојно решение.

Со оглед на тоа дека решението се донесува по спроведена постапка во која се утврдени сите факти и околности од значење за решавање на управниот предмет, со одредбите од членот 220 од Законот се предвидени исклучоци, ако според околностите на случајот е неопходно пред окончување на постапаката, а врз основа на податоци кои постојат во моментот на неговото донесување да се донесе привремено решение со кое привремено ќе се уредат спорните прашања или односи. (типичен пример за решение од привремен карактер е решението за аконтација на пензија.)

Според членот 223 од Законот со заклучок се одлучува за прашања што се однесуваат на постапката.

Со заклучок се одлучува и за оние прашања што како споредни ќе се појават во врска со спроведувањето на постапката, а кои не се решаваат со решение.

Според членот 225 од Законот против заклучокот може да се изјави посебна жалба, само кога е тоа изрично предвидено со закон. Таквиот заклучок мора да биде образложен и да содржи упатство за жалба.

Жалбата се изјавува во истиот рок, на ист начин и на ист орган, како и жалбата против решението.

Заклучоците против кои не е допуштена посебна жалба, заинтересираните лица можат да ги побиваат со жалба против решението, освен ако жалбата против заклучокот со овој закон е исклучена.

Жалбата не го одлага извршувањето на заклучокот, освен ако со закон или со самиот заклучок поинаку е определено.

Од содржината на одредбите од членовите 223 и 225 од Законот, произлегува дека во управната постапка покрај решенија се донесуваат и заклучоци, но, за разлика од решенијата со кои се одлучува за главната управна работа, со заклучоците се решаваат поедини прашања кои се однесуваат на самата постапка, но и за оние прашања кои се јавуваат како споредни во врска со спроведувањето и окончувањето на постапката, односно за прашања за кои не се одлучува со решение. Против заклучоците може да се изјави жалба, кога тоа е изречно предвидено со закон, а за заклучоците против кои не е допуштена посебна жалба, заклучоците начелно можат да се оспоруваат со жалба на решението за главната работа. Ова се однесува доколку со ЗОУП не е предвидено апсолутно исклучување на жалбата против одреден заклучок, како на пример против заклучокот со кој се определува изземање на службеното лице.

Во Глава XVIII Извршување заради обезбедување и привремен заклучок од Законот, содржани се точките 1. Извршување заради обезбедување со членовите 289-291 од Законот и 2. Привремен заклучок за обезбедување со членовите 292 и 293 од Законот (оспорен поднаслов и членови).

Со одредбите од точката 1 од Главата XVIII од Законот се уредува можност со заклучок да се дозволи извршување на решение и пред тоа да стане извршно, со цел да се обезбеди извршувањето.

Имено, според членот 289 од Законот заради обезбедување на извршувањето може со заклучок да се дозволи извршување на решението и пред тоа да стане извршно, ако без тоа би можело да биде осуетено или значително отежнато извршувањето по извршноста на решението.

Ако се работи за обврски што се извршуваат принудно само по предлог од странката, предлагачот мора опасноста од осуетување или отежнување на исполнувањето да ја стори веројатна, а органот може извршувањето од ставот 1 на овој член да го услови со давање на обезбедување согласно со членот 220 став 2 на овој закон.

Против заклучокот донесен по предлог од странката за извршување заради обезбедување, како и против заклучокот донесен по службена должност, е допуштена посебна жалба. Жалбата против заклучокот со кој е определено извршување заради обезбедување не го одлага спроведувањето на извршувањето.

Со членот 290 од Законот е определено дека извршување заради обезбедување може да се спроведува по административен или судски пат.

Кога извршувањето заради обезбедување се спроведува по судски пат, судот постапува според прописите што важат за судското извршување.

По правило кон извршување на решението може да се пристапи само откако решението ќе стане извршно. Со одредбите од членовите 289 и 290 од Законот, се уредени исклучоци од тоа правило па решението може да се изврши и пред тоа да стане извршно. Ова особено се однесува за случаите кога постои оправдана опасност дека извршувањето на решението може да биде осуетено или значително отежнато, па се пристапува кон обезбедување на извршувањето на начин што решението може да се изврши и пред тоа да стане извршно. Првостепеното управно решение имено станува извршно со истекот на рокот на жалба, доколку жалбата не е изјавена; со доставување на решението на странката, ако жалбата не е допуштена; со доставување на решението на странката, ако жалбата не не го одлага извршувањето и со доставување на странката на решението со кое жалбата се отфрла или се одбива. Во наведениот случај со заклучок се дозволува извршувањето на решението заради обезбедување во случај кога со решението мериторно е одлучено за главната работа, кое се уште не станало извршно. Во овие случаи се извршува обврската, како обезбедување од евентуална неможност за извршување на обврската кога решението ќе стане извршно.

Според членот 291 од Законот извршување на привременото решение (член 220) може да се спроведе само во оној обем и во оние случаи доколку е допуштено извршување заради обезбедување (членови 289 и 290). Така, од анализата на оваа одредба произлегува дека извршување заради обезбедување, може да се спроведе и во случаите кога се донесува привремено решение, но само под оние услови под кои се дозволува и спроведува извршување заради обезбедување, односно принудно извршување на привремено решение може да се дозволи ако е сторена веројатна опасност од попречување односно од отежнување на извршувањето кога постапката ќе биде завршена.

Во оспорениот поднаслов 2. Привремен заклучок за обезбедување од Главата XVIII од Законот, содржани се оспорените членови 292-293 кои уредуваат можност со привремен заклучок, а пред донесување на мериторно решение по главната работа, да се обезбеди извршувањето на обврската.

Од анализата на оспорениот член 292 став 1 од Законот, произлегува дека со привремен заклучок за обезбедување се врши обезбедување на евентуалната обврска за која постои веројатност дека ќе настане со донесувањето на решението и тоа само доколку постои веројатност да се осуети или оневозможи нејзиното подоцнежно извршување. Имено, со привремениот заклучок за обезбедување на извршувањето законодавецот уредил уште поголемо отстапување од правилото за извршување во редовната управна постапка. Наведеното отстапување претставува исклучок во постапувањето во управните работи и неговата примена може да биде случај само ако постои опасност дека обврзаната страна со начинот на располагањето на имотот, со договор со трети лица или на друг начин ќе го попречи или значително ќе го отежне извршувањето на обврската. Поради тоа, законодавецот со оспореното законско решение од членот 292 од Законот, овозможил управниот орган пред да го донесе решението за главната работа, со привремен заклучок да го обезбеди извршувањето на обврската. Притоа користењето на овој процесен институт законодавецот уредил дека се користи во строги со закон предвидени услови (ако постои или е сторена веројатна обврската на странката, а постои опасност дека обврзаната странка со располагање со имотот, со договор со трети лица или на друг начин ќе го осуети или значително ќе го отежне извршувањето на односната обврска). Имено, законодавецот со ова оспорено законско решение уредил начин на заштита на странката во обезбедување на остварувањето на своето право.

Од анализата на оспорениот член 292 став 2 од Законот, произлегува овластување за органот кој е надлежен да донесе привремен заклучок за обезбедување, да побара и од странката што предлага донесување на таков заклучок да положи исто така обезбедување (по правило одредена сума на пари), од која ќе се надомести евентуалната штета што може да настане за извршеникот. Оттука произлегува дека законодавецот со Законот, не уредил начин на заштита само на странката која бара исполнување на сторена веројатна обврска, туку со ова оспорено законско решение уредил начин на заштита и на странката која треба да ја исполни таа обврска.

Од анализата на оспорениот став 3 од членот 292 од Законот, произлегува дека во однос на привремениот заклучок за обезбедување, се упатува на примена на одредбите од членот 289 став 3 и членот 290 од Законот.

Конкретно, од анализата на оспорениот став 3 од членот 292 од Законот, произлегува дека во однос на привремениот заклучок за обезбедување, се упатува на примена на одредбата од членот 289 став 3 со која е уредено правото на жалба, односно дека против привремениот заклучок за обезбедување може да се изјави жалба која не го одлага извршувањето на привремениот заклучок, како и на одредбите од членот 290 од Законот кои се однесуваат на начинот на спроведувањето на извршувањето заради обезбедување, односно дека во зависност од видот на обврската, извршувањето на привремениот заклучок за обезбедување се извршува по административен пат или по судски пат.

Од анализата на оспорениот член 293 од Законот произлегува дека законодавецот уредил норма со која се пропишува надоместок за причинета штета на странката за која пред донесувањето на мериторното решение по главната работа, се сметало дека е во обврска према другата странка, а која треба да ја надомести странката која предложила донесување на привремен заклучок за обезбедување, а тоа било неоправдано. Имено, ако со правосилно решение било утврдено дека правно не постои обврска на странката за чие обезбедување бил донесен привремен заклучок или на друг начин било утврдено дека барањето било неоправдано, според оваа оспорена одредба, предлагачот во чија корист бил донесен заклучокот должен е на спротивната страна да и ја надомести штетата што е предизвикана со заклучокот, што е оправдан и справедлив начин на постапување во вакви случаи затоа што за странката била прејудицирана обврска за која подоцна со решавањето на управниот предмет, односно со донесувањето на правосилното решение е утврдено дека обврската не постои, па оној кој го предизвикал донесувањето на заклучокот за обезбедување е должен и да ја надомести штетата која му ја причинил на странката.

Од анализата на оспорениот став 2 од членот 293 од Законот, произлегува дека органот што го донел привремениот заклучок за обезбедување, односно органот кој што е надлежен за решавање на главната управна работа, со решение одлучува за надоместокот на штетата. Тоа значи дека за надоместокот на штетата се решава во управната постапка, а не во граѓанска парница, а од анализата на ставот 3 од истиот член од Законот, произлегува дека законодавецот за странката која го предложила донесениот привремен заклучок за обезбедување, покрај обврската за надометок на штета (став 1 од членот 293 од Законот) пропишал и можност за прекршочна одговорност, ако се утврди дека привремениот заклучок за обезбедување, странката го издејствувала и обезбедила од дрскост и злонамера.

Од извршената анализа на цитираните одредби од Законот, вклучително и на оспорените одредби, се утврди дека органите во постапувањето во управните работи донесуваат два вида на акти и тоа решенија и заклучоци, како и тоа во кои случаи органот донесува решение, а во кои заклучоци.

Со иницијативата се оспорува поднасловот “Привремен заклучок за обезбедување” од точката 2 од Законот и членовите 292 и 293 содржани во оваа точка. Според наводите од иницијативата не можело со заклучок да се одлучува за материјата која е регулирана со оспорените законски одредби, односно не можело со привремен заклучок да се одлучува за суштината на правната работа, туку само со решение или евентуално со привремено решение. Имено, во конкретниот случај, подносителот на иницијативата смета дека со привремениот заклучок за обезбедување на извршувањето на обврската, всушност се одлучува за главната работа што е предмет на постапката, па оттука извлекува заклучок дека не може со привремен заклучок да се одлучува за суштината на правната работа, односно, за иницијаторот спорна е формата во која се донесува актот за одлучување по однос на прашања од предметната материја, а пред да биде донесено решението за обврската на странката.

Тргнувајќи од содржината и анализата на оспорените законски решенија во корелација со останатите одредби од Законот, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се доведат под уставно сомнение одредбите од Законот кои се оспоруваат со иницијативата. Наведеното од причини што во конкретниот случај не станува збор за мериторно одлучување по предметното барање во управната постапка, туку за одлучување кое претходи на донесувањето на тоа решение. Имено, во случајов со привремениот заклучок само се врши обезбедување дека обврската ќе биде извршена откако таа официјално ќе биде утврдена со решението кое следи. Според тоа во случајов не станува збор за мериторно одлучување по главната работа, туку за обезбедување на извршувањето на евентуална обврска, во случај кога обврската на странката постои или е сторена веројатна, а постои опасност обврзникот да го осуети или значително да го отежне извршувањето на односната обврска. Во тој случај, органот, пред да се впушти во мериторно одлучување по главната управна работа, односно пред да донесе решение за конкретна обврска на странката, согласно оспореното законско решение од членот 292 од Законот, може да донесе привремен заклучок со цел да се обезбеди идното извршување на евентуалната обврска за која потоа ќе се произнесе органот со решението по главната работа. Во оваа насока, според Судот, не постои законска основа за носење на привремено решение согласно со членот 220 став 1 од Законот, на што се однесуваат наводите од иницијативата, затоа што ова решение се донесува ако според околностите на случајот е неопходно пред окончување на постапаката, а врз основа на податоци кои постојат во моментот на неговото донесување да се донесе привремено решение со кое привремено ќе се уредат спорните прашања или односи (типичен пример за решение од привремен карактер е решението за аконтација на пензија).

Со оглед дека со заклучоците се решаваат поедини прашања кои се однесуваат на самата постапка, но и за оние прашања кои се јавуваат како споредни во врска со спроведувањето и окончувањето на постапката, односно за прашања за кои не се одлучува со решение, Судот оцени дека правилно законодавецот ја уредил формата на актот за прашањата опфатени во оспорениот поднаслов од Законот, од кои причини од аспект на овие наводи, според Судот, не постои уставна пречка за опстојување на оспорените законски одредби во правниот поредок.

По однос наводите од иницијативата дека со оспорениот дел од членот 292 став 1 од Законот “со располагање со имотот, со договор со трети лица или на друг начин“, се ограничувало уставно загарантираното право на сопственост, според Судот, тие наводи се неосновани. Имено, оспорениот дел од членот 292 став 1 во случајов не може да се разгледува изолирано од целината на самата законска одредба која е пропишана во функција на заштита на странката во обезбедување на остварувањето на своето право во исклучителни случаеви, односно кога претстои ризик обврзникот да не ја изврши евентуалната обврска. Притоа неспорно е дека правото на сопственост во принцип е неприкосновено, меѓутоа, утврдувајќи ја сопственоста како категорија која создава права, но и обврски, Уставот определува дека таа треба да служи за доброто на поединецот и на заедницата. Оттука, уставните гаранции за правото на сопственост и правото на наследување, како и уставната определба дека никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон, а на што се повикува подносителот на иницијативата, има друга функција. Тој може да дојде до израз кога се работи за заштита на правото на сопственост кое не произлегува од ваков однос како што е во оспорената одредба. Ако при тоа се има предвид и уставната одредба дека сопственоста треба да служи за добро на поединецот и заедницата, што подразбира дека сопственоста не може да се свати како апсолутно право на поединецот, туку како интерес на заедницата за остварување на правата и на другите граѓани, тогаш и оспорената одредба овозможува гаранција за остварување на некое право на граѓанин, во случајов на странката која претендира на определено право во управната постапка. Во таа смисла пропишаната можност од обезбедување во случај на опасност дека обврзаната странка со располагање со имотот, со договор со трети лица или на друг начин, ќе го осуети или значително ќе го отежне извршувањето на својата обврска према странката која претендира на свое право, во случај кога обврската постои или е сторена веројатна, според Судот не значи ограничување на сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, туку на тој начин се обезбедува правна заштита на сопственоста, како една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Ова дотолку повеќе ако се има предвид ставот 2 од оспорениот член 292 од Законот од каде произлегува овластување за органот кој е надлежен да донесе привремен заклучок за обезбедување, да побара и од странката што предлага донесување на таков заклучок да положи исто така обезбедување (по правило одредена сума на пари), од која ќе се надомести евентуалната штета што може да настане за извршеникот.

Понатаму, ценети беа наводите од иницијативата дека оспорената одредба од членот 292 став 1 од Законот, била нејасна и докрај неизведена правна норма бидејќи одредбата не прецизирала кога можело извршувањето да биде осуетено или значително отежнато, па тоа ќе предизвикало привремениот заклучок да биде издејствуван и кога правно не постоела обврска на странката, односно кога барањето за донесување на привремен заклучок било неоправдано или издејствувано од злонамера, меѓутоа, тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба, во која се прецизирани случаи на осуетување на извршување на обврска (…со располагање со имотот, со договор со трети лица или на друг начин…), според Судот, овие наводи како аргументација за уставно проблематизирање на одредба од закон, се неприфатливи и произволни, а воедно овој суд нема надлежност да дава толкување на одредби од закон, за кои подносителот тврди дека му биле нејасни и непрецизни.

Што се однесува до оспорениот член 293 од Законот, со иницијативата тој само начелно се оспорува како несогласен со Уставот, без наведување на аргументи за неговата противуставност. Меѓутоа, со оглед дека овој оспорен член од Законот е во тесна корелација со оспорените одредби од членот 292 од Законот, Судот се впушти во уставно-правна анализа на овој оспорен член, при што оцени дека не постојат уставни пречки за негово опстојување во правниот поредок. Од содржината на оспорениот член 293 од Законот произлегува дека тој е уреден во функција на заштита на правата на странката во управната постапка за која се сметало дека е во одредена обврска спрема другата странка. Имено, ако со правосилно решение било утврдено дека правно не постои обврска на странката за чие обезбедување бил донесен привремен заклучок или на друг начин било утврдено дека барањето било неоправдано, според овој оспорен член, предлагачот во чија корист бил донесен заклучокот должен е на спротивната страна да и ја надомести штетата што е предизвикана со заклучокот. Оттука, Судот оцени дека законското решение од оспорениот член претставува оправдан и справедлив начин на постапување во вакви случаи затоа што за странката била прејудицирана обврска за која подоцна со решавањето на управниот предмет, односно со донесувањето на правосилното решение е утврдено дека обврската не постои, па оној кој го предизвикал донесувањето на заклучокот за обезбедување е должен и да ја надомести штетата која му ја причинил на странката. Надоместокот на штетата се решава во управната постапка, а покрај обврската за надометок на штета законодавецот пропишал и можност за прекршочна одговорност, ако се утврди дека привремениот заклучок за обезбедување, странката го издејствувала и обезбедила од дрскост и злонамера, што налага уште поголема внимателност и сериозност во користењето на овој процесен институт од страна на странката која тоа го бара, а и гаранција за странката за која се смета или постои веројатност дека е во обврска спрема другата странка, за нејзино обештетување и дека нема така лесно да се исцрпува овој процесен институт. Од овие причини, Судот оцени дека нема уставни пречки за опстојување на оспорениот член 293 од Законот, во правниот поредок.

При анализата на оспорените одредби, а по укажување во иницијативата, се имаше во предвид Одлуката на овој суд по предметот У.бр. 112/1997 од 1 октомври 1997 година, на кој се повикува подносителот на иницијативата во смисла на поткрепа на неговата аргументација за противуставност на оспорените одредби, односно во смисла на заземен став на овој суд по слични прашања. Имено, во наведената одлука Судот изразил став дека не може за аконтацијата за пензиското примање да се одлучува со заклучок, затоа што тоа не е прашање што се однесува на постапката за остварување на правото, за што според Законот за општа управна постапка може да се одлучува со заклучок, туку станува збор за акт со кој привремено се одлучува за висината на пензијата, за што согласно Законот за општата управна постапка може да се одлучува со привремено решение. Оттука, со оваа одлука дотолку повеќе се потврдува ставот изразен во овој предмет по однос на привремениот заклучок за обезбедување со кој не се решава за суштината на главната работа, туку за оние прашања кои се јавуваат како споредни во врска со спроведувањето и окончувањето на постапката, односно за прашања за кои не се одлучува со решение.

5. Тргнувајќи од изнесеното, Судот оцени дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот поднаслов: “2 Привремен заклучок за обезбедување” и на членовите 292 и 293 од Законот со одредбите од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.219/2010
28 декември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply