Решение У.бр.162/2011

У.бр.162/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македoнија и член 71 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 21 декември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Фијат Цаноски од Струга, за заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

2. Фијат Цаноски од Струга на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе барање за заштита на слободите и правата што се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

Во барањето се наведува дека во незаконска и неуставна постапка од Општина Гази Баба-Сектор за инспекциски работи, Одделение за градежно урбанистичка инспекција, од страна на овластен градежен инспектор на 15.07.2011 година, донесени биле Решение за затворање на градилиште и Решение за отстранување на градба, двете под Уп. 1 бр. 34-155 со кои започнало рушење на градба на станбено-деловен комплекс КОСМОС, лоциран на ул. “Перо Наков” бр.94 во Скопје.

Барателот наведува дека со донесувањето на погоре наведените акти, се пристапило кон рушење на градбата, иако објектот се градел според уредна градежно-техничка документација, во согласност со Деталниот урбанистички план и одобрение за градба. Наведува и дека сето тоа било политички мотивирано, бидејќи додека бил во коалиција со владејачката партија, државните органи ги издале сите потребни законски документи за легално градење на објектот, а откако јавно ја искажал својата политичка припадност кон опозицијата и кога во учеството со неговата политичка партија на предвремените парламентарни избори, презентирал политичка програма спротивна на програмата на владејачката партија, како и заради тоа што јавно изјавил мислење со кое го осудувал неуставното делување на државните органи и власта, истите тие органи донеле решенија и пристапиле кон рушењето на градбата.

Наведува и дека пристапувањето кон рушење на градбата било со цел, тој политички да биде застрашен и економски уништен, односно со единствена цел да се запрело и попречело неговото слободно изразување на мислата, политичкото дејствување и здружување, па од овие причини бара заштита на неговите слободи и права кои се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност.

3. Судот од извршениот увид во доставените и прибавени докази, на седницата утврди дека дека правното лице Трговско друштво за угостителство трговија и услуги “ФИНЕ” ДОО Струга, со седиште на Бул. “Војводина” бб. во Скопје, како инвеститор, преку правното лице-изведувачот ТД “Космос инженеринг” Доо Скопје, врз основа на Одобрение за градење Бр. 27-6533/6 од 24.12.2010 година, донесено од градоначалникот на Општина Гази Баба во Скопје, градел станбено деловен комплекс “КОСМОС” на улица “Перо Наков” број 94 во Скопје. Во Централниот регистар на Република Македонија, како сопственици на ова трговско друштво се запишани Фијат Цаноски и Неџибе Цаноска, двајцата од Струга.

На ден 30 и 31.05.2011 година, овластен градежен инспектор на Општина Гази Баба, постапувајќи по службена должност, при вршење на инспекциски надзор, извршил увид на лице место на изградбата на објектот за што изготвил Записник за увид на лице место број 34-сл. од 31.05.2011 година, во кој била констатирана фаза на градба, а поради тоа што во моментот на увидот инвеститорот и изведувачот не ја приложиле потребната документација која биле обврзани да ја имаат на градилиштето, наведено било дека дополнително ќе се изготвел записник за констатација. Заради утврдување на апсолутната висина на изградената градба, од страна на овластениот градежен инспектор, ангажирано било трговско друштво за геодетски работи “Геопроект инженеринг” Доо-Скопје со цел утврдување на апсолутната нивелманска кота на приземјето на објектот.

Овластениот градежен инспектор при повторен увид на лице место на 15.07.2011 година, а имајќи го предвид Извештај за фактичката состојба, изготвен од страна на геодетското друштво, на Записник број Уп.1 Бр. 34-155 од 15.07.2011 година, констатирал отстапувања при изградбата на објектот, спротивно на заверениот Основен проект и спротивно на Одобрението за градење, односно дека целокупната изградена градба надземно и подземно до констатираната фаза на градба, била изградена повисоко од проектираната во основниот проект за висинска разлика од 1,43 метри, односно на лице место инвеститорот изведувал објект со нулта плоча на приземје на апсолутна висинска кота од +243,52 метри, а не според основниот проект на проектирана нулта плоча на приземје со апсолутна висинска кота од +242,09 метри. Од тие причини, овластениот градежен инспектор, издал писмено Решение за затворање на градилиште и Решение за отстранување на градба, двете со ист број и датум Уп1.бр. 34-155 од 15.07.2011 година.

Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање и Законот за градење, извршил надзор врз постапувањето на овластениот градежен инспектор и со Записник бр. 40 УП1-520/01 од 10.08.2011 година, констатирал дека не биле констатирани неправилности во постапувањето на овластениот градежен инспектор во текот на целата постапка и дека постапил согласно Законот за градење кога утврдил дека станбено-деловниот комплекс “Космос” се градел спротивно на заверениот основен проект. Со истиот записник, Државниот инспекторат констатирал бројни неправилности во текот на градбата од страна на инвеститорот, изведувачот и нивниот надзор.

Против решенијата инвеститорот вложил жалби, во кои помеѓу другото навел дека во конкретната работа првостепениот орган требало да го примени членот 133 од Законот за градење кој овозможувал усогласување на градбата со одобрението за градење, а не да го примени членот 134 од истиот закон кој предвидувал отстранување на градба, но, Комисијата за одлучување по жалби, со Решение УП1 бр. 34-155 од 24.08.2011 година и Решение УП1 бр. 34-155 од 23.08.2011 година, во целост ги одбил жалбите како неосновани, а конкретно по овие жалбени наводи, било дадено образложение дека членот 133 од Законот за градење на кој жалителот се повикувал, во случајот бил неприменлив бидејќи отстапувањата при изградбата на градбата биле во спротивност со решението за локациски услови и со истото се нарушувале параметрите на деталниот урбанистички план, поради што во во конкретниот случај не било можно предметната градба да се услогласи со градбата определена со одобрението за градење, без претходно градбата да биде отстранета. Иста така, во целост биле одбиени жалбените наводи дека првостепениот орган при донесувањето на првостепеното решение требало да ги има предвид причините поради кои инвеститорот при градењето отстапил од основниот проект, односно дека отстапувањето од 1,43 метри било направено поради наодот на геомеханичкиот елаборат со кој било утврдено појава на подземни води кое неминовно барало подигнување на најниската кота на објектот, а со тоа дошло и до пренамена на приземјето од деловен простор во паркиралиште и намалување на бројот на спратови на објектот и дека инвеститорот од овие причини согласно членот 69 од Законот за градење поднел барање за измена на проектна документација. Второстепениот орган ги одбил овие жалбени наводи како неосновани од причини што решението за отстранување на градба било донесено на 15.07.2011 година, а барањето за измена на проектот било поднесено по донесувањето на ова решение, односно на 21.07.2011 година, поради што истото било ирелевантно во случајот, но барањето за измена на проектот и да било поднесено пред донесувањето на решението за отстранување на градба, според второстепениот орган истото немало да доведе до поинаква фактичка состојба, поради тоа што согласно членот 69 став 1 од Законот за градење во текот на изградбата било можно да се направат измени на градбата, доколку со измените не се влијаело на исполнувањето на кое било основно барање за градбата и не се менувала усогласеноста на градбата со параметрите од урбанистчкиот план. За вршење на измени инвеститорот бил должен да поднесе барање кон кое приложува дополнување на основниот проект и само оние потврди и согласности пропишани со посебен закон чие прибавување произлегувало од бараната измена, а согласно ставот 2 од истиот член, измените се одобрувале со решение кое е составен дел на издаденото одобрение за градење. Согласно пак ставот 2 од истиот член по исклучок од ставот 1 на цитираниот член од Законот, инвеститорот на сопствена одговорност и ризик можел да започне со изградба и врз основа на конечно одобрение за градење. Следствено на тоа, второстепениот орган констатирал дека до донесување на правосилно решение согласно членот 69 став 2 од Законот за градење, жалителот не смеел да гради спротивно на заверениот основен проект и одобрение за градба. Во таа смисла жалителот во моментот кога утврдил дека имало подземни води кои неминовно барале подигнување на најниската кота на објектот, според второстепениот орган, тој требало уште тогаш да поднел барање за измена во текот на изградбата и доколку било донесено решение со кое се одобрувала бараната измена поради причините кои ги навел жалителот, да започнел со изградба, а не да градел спротивно на основниот проект и одобрението за градење.

Инвеститорот ТДУ “ФИНЕ” ДОО-Скопје, завел и управен спор против Општина Гази Баба, при што пред Управниот суд на Република Македонија, во тек била постапка по оформен предмет У-3.бр. 286/11 по основ отстранување на градба.

4. Согласно членот 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитување на општоприфатените норми на меѓународното право, се утвредени како едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 16 став 1 од Уставот на Република Македонија, се гарантира слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата.

Со членот 20 став 1 од Уставот е определено дека на граѓаните на Република Македонија им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, а според став от 2 на истиот член од уставот граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според член 50 став 1 од Уставот секој граѓанин може да се повика на заштита на слободите и правата утврдени со Уставот, пред судовите и пред Уставниот суд на Република Македонија, во постапка заснована на начелата на приоритет и итност. Со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според член 54 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот и тоа само во време на воена или вонредна состојба, според одредбите на Уставот, при што ограничувањето на слободите и правата не може да биде дискриминаторско по основ на пол, раса, боја на кожа, јазик, вера, национално или социјално потекло, имот или општествена положба. Ограничувањето на слободите и правата, според ставот 4 на овој член, не може да се однесува на правото на живот, забраната на мачење, на нечовечко и понижувачко постапување и казнување, на правната одреденост на казнивите дела и казните како и на слободата на уверувањето, совеста, мислата, јавното изразување на мислата и вероисповеста.

Со членот 110 алинеја 3 од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Уставносудската заштита не се однесува на сите слободи и права утврдени со Уставот, туку само за оние кои се во надлежност на Уставниот суд на Република Македонија определени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Но, граѓанинот, за слободите и правата кои не подлежат на уставносудска заштита, согласно цитираниот член 50 став 1 од Уставот, може таа заштита да ја остварат пред судовите во постапка заснована врз начелата на приоритет и итност, а со ставот 2 од овој член на Уставот се гарантира судска заштита на законитоста на поединечните акти на државната управа и на другите институции што вршат јавни овластувања.

Според членот 10 од Конвенција за заштита на човековите права и основните слободи секој човек има право на слобода на изразувањето, кое право ги опфаќа слободата на мислење и слободата на примање и пренесување информации или идеи, без мешање на јавната власт и без оглед на границите, а остварувањето на овие слободи, коешто вклучува обврски и одговорности, може да биде под определени формалности, услови, ограничувања и санкции предвидени со закон, кои во едно демократско општество претставуваат мерки неопходни за државната безбедност, територијалниот интегритет и јавната безбедност, заштитата на редот и спречувањето на нереди и злосторства, заштитата на здравјето или моралот, угледот или правата на другите, за спречување на ширењето на доверливи информации или за зачувување на авторитетот и непристрасноста на судењето.

Со членот 14 од Европската конвенција за човековите права е уредено дека уживањето на правата и слободите, признати со оваа Конвенција, треба да се обезбеди без никаква дискриминација заснована врз пол, раса, боја на кожата, јазик вера, политичко или кое и да е друго мислење, национално или социјално потекло, припадност на национално малцинство, материјална положба, потекло по раѓање или кој и да е друг статус.

Согласно членот 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеца од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Во членот 52 од Деловникот е предвидено дека во барањето од член 51, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита на слободите и правата, актите или дејствијата со кои тие се повредени, фактите и доказите врз кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучување на Уставниот суд.

Во конкретниот случај, лицето Фијат Цаноски, бара заштита на слободи и права кои се однесуваат на слободата на мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на политичка припадност, кои слободи и права смета дека му биле повредени со акти, односно преземени дејствија на надлежни општински органи за отстранување на објект граден од инвеститорот ТДУ “ФИНЕ” ДОО Струга, а како еден од основачите и сопственици на ова правно лице бил и барателот Фијат Цаноски.

Тргнувајќи од содржината на барањето, приложената и прибавена документација, Судот утврди дека пред надлежен општински орган била водена инспекциска постапка за утврдување на законитост во градење на градба-станбено деловен комплекс “КОСМОС” на улица “Перо Наков” број 94 во Скопје и врз основа на констатирани неправилности при изградбата биле донесени акти за затворање на градилиште и за отстранување на градба, кои се однесуваат на правните лица и тоа инвеститорот Трговско друштво за угостителство трговија и услуги “ФИНЕ” ДОО Струга и на изведувачот ТД “Космос инженеринг” Доо Скопје. Имено, од содржината на актите произлегува дека овластен градежен инспектор на Општина Гази Баба, по спроведен инспекциски надзор, донел наредба инвеститорот и изведувачот да го затворат градилиштето на ул. “Перо Наков” бр. 94 во Скопје на кое се градела градбата и ја отстранат градбата на наведената локација, со образложение дека објектот се градел спротивно на заверен основен проект и одобрение за градба.

Со оглед дека актите на кои се повикува барателот се акти кои се однесуваат на правни лица, а не на физичко лице, согласно уставните и деловнички одредби, според кои Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот повредени со поединечен акт или дејство, Судот оцени дека во конкретниот случај, нема процесни претпоставки за мериторно впуштање на Судот во одлучување по барањето за заштита на слободи и права. Притоа, наводите во барањето дека дејствијата отстранување на објект биле преземени само со цел барателот да биде политички застрашен и економски уништен, а не како законита правна мерка, според Судот и овие наводи како причини за барање на заштита на слободи и права, не можат да имплицираат впуштање на овој суд во испитување на евентаулна нивна повреда, од причини што дејствијата на кои се повикува барателот се дејствија на правна завршница на претходно спроведена постапка од надлежни органи за инспекциски надзор, кој исход произлегува од правната оцена на надлежните органи за законитост во градење. Па оттука, според Судот, прашањето дали исходот од инспекцискиот надзор, требало да доведе или не требало да доведе до остранување на објектот, односно прашањето за законитоста на поединечните акти врз основа на кои е преземено отстранувањето на градбата, е прашање на други постапки пред други надлежни органи, а по оцена на Судот, тоа не се наводи што може да се доведат во контекст со содржината на слободите и правата, чија заштита се бара. Од овие причини и не може да се согледа дека барањето за заштита на слободи и права на физичкото лице спрема актите кои се однесуваат на правни лица, има аргументи за процесно постапување по барањето, поради што Судот оцени дека во случајов барателот само формално се повикува на работењето на органите и актите кои ги донесуваат со цел да предизвика поинаков исход кој би бил во интерес на барателот, за што Уставниот суд не е надлежен арбитер по однос на односните решенија и нема надлежност за да се впушта во оцена на законитоста на водени постапки пред надлежни органи.

По однос барањето за заштита од дискриминација по основ на политичка припадност, барателот не приложи каков и да било доказ дека тој е дискриминиран на политичка основа, односно дека тој во однос на другите граѓани не е еднаков пред Уставот и законите, туку тоа само декларативно го искажува во барањето и политичката дискриминација ја темели на донесени одлуки на надлежни органи, а не на релевантни факти и докази дека тој во однос на други, при иста и еднаква правна состојба, бил спречен во уживањето на правата и слободите со негово дискриминирање по основ на политичка припадност. Од овие причини, Судот оцени дека и во овој случај не постојат процесни претпоставки за овој суд да се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.

5. Имајќи го предвид претходно наведеното, како и содржината на наводите изнесени во барањето и на доставените и прибавени списи, Судот, утврди дека приложените конкретни акти не се акти од кои би можела да се констатира повреда на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот, а нема ниту факти и докази на кои би се засновало тоа барање, а следствено на тоа не постојат процесни претпоставки за да овој суд се впушти во мериторно одлучување по барањето за заштита на слободи и права.

6. Врз основа на изнесеното, согласно наведените уставни и деловнички одредби, Судот одлучи како во точкaта 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.162/2011
21 декември 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply