165/2011-0-0

165/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 55 став 3 од Законот за здравственото осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.25/2000, 34/2000, 96/2000, 50/2001, 11/2002, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009, 50/2010, 156/2010 и 53/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 55 став 3 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член не бил во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 23, член 34, член 39, член 51 и член 58 од Уставот. Ова од причина што со него противуставно се игнорирале и омаловажувале останатите претставници на Управниот одбор и на нив не им е дадена уставна и законска можност да бидат претседател и заменик на претседател на управниот одбор и ако тој се состои од седум члена кои ги именува Владата за време на четири години и сите членови се со високо образование и работно искуство од финансиското работење или од систематизација и организацијата на здравствената заштита и здравственото осигурување .

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 55 став 3 од Законот, “Управниот одбор има претседател и заменик на претседател од именуваните претставници од Министерството за здравство и Министерството за финансии кои наименично се менуваат во текот на мандатот”.

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верско уверување, имотната и опште-ствената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 23 од Уставот секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Според член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Во членот 39 став 1 од Уставот е утврдено дека на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита.

Согласно членот 58 став 1 од Уставот, сопственоста и трудот се основа за управување и учество во одлучувањето.

Согласно наведените уставни одредби, здравственото осигурување, како дел од социјалното осигурување, кое во Уставот е утврдено како едно од основните права на човекот и граѓанинот, е уредено со Законот за здравственото осигурување.

Според членот 2 став 1 од овој закон, здравственото осигурување се установува како задолжително и доброволно.

Според членот 3 став 1 од Законот, задолжителното здравствено осигурување го спроведува Фондот за здравствено осигурување на Македонија.

Со членот 53 од Законот е утврден статусот на Фондот за здравствено осигурување. Согласно овој член Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон, Фондот има својство на правно лице, Фондот е самостоен во својата работа, седиштето на фондот е во Скопје, Фондот има статут и единствена жиро-сметка.

Тргнувајќи од овластувањето што произлегува токму од членот 58 од Уставот, прашањето во врска со управувањето и одлучувањето во здравственото осигурување, законодавецот на општ начин го уредил со Законот за здравственото осигурување, кои одредби понатаму се разработуваат со Статутот на Фондот кој го донесува Управниот одбор на Фондот.

Според членот 55 став 1 од Законот, со Фондот управува Управен одбор. Според ставот 2 на овој член од Законот, Управниот одбор се состои од седум члена кои ги именува и разрешува Владата на Република Македонија за време од четири години и тоа:
– еден претставник предложен од Министерството за здравство,
– еден претставник предложен од Министерството за финансии,
– еден претставник предложен од Сојузот на синдикатите на Македонија по принцип на годишно ротирање на овластените претставници на Сојузот.
– еден претставник предложен од коморите на стопанствениците во Републиката по принцип на годишно ротирање на овластените претставници од коморите,
– еден претставник предложен од Лекарската комора на Македонија и Стоматолошката комора на Македонија и Фармацевтската комора на Македонија по принцип на годишно ротирање на овластените претставници од коморите,
– еден претставник предложен од Здружението на пензионерите и
– еден претставник на осигурениците предложен од Здружението на потрошувачите.

Управниот одбор има претседател и заменик на претседателот од именуваните претставници од Министерството за здравство и Министерството за финансии кои наизменично по една година се менуваат во текот на мандатот (оспорен став).

За членови на Управниот одбор се предлагаат лица кои имаат високо образование и работно искуство од финансиското работење или од системот и организацијата на здравствената заштита и здравственото осигурување, при што да се води сметка за соодветната и правичната застапеност на граѓаните на сите заедници.

Делокругот на работата на Управниот одбор е утврден во членот 56 од Законот, според кој Управниот одбор на Фондот, ги врши следниве работи:

1) учествува во утврдување на развојот на задолжителното здравствено осигурување;
2) донесува статут на Фондот;
3) ги донесува општите акти предвидени со овој закон кои се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“,
4) донесува програма и план за работа;
5) донесува акти за организација и систематизација на Фондот;
6) утврдува Буџет и завршна сметка на Фондот;
7) донесува програма за инвестициони вложувања во здравството врз основа на утврдени здравствени приоритети;
8) усвојува годишен извештај за работењето на Фондот;
9) се грижи за остварување на задолжителното здравствено осигурување;
10) го следи остварувањето на меѓународните договори и меѓудржавните спогодби од областа на здравственото осигурување;
11) разгледува прашања, извештаи, информации и други материјали во врска со состојбата и проблемите од задолжителното здравствено осигурување и други работи од надлежност на Фондот;
12) распишува конкурс за именување на директор на Фондот;
13) основа комисии и други работни тела и
14) одлучува и за други работи утврдени со закон и статут на Фондот.

Според став 2 на овој член од Законот, Управниот одбор ги донесува одлуките со мнозинство на гласови од вкупниот број на гласови, а според став 3 на овој член пред донесувањето на општите акти предвидени со овој закон, Управниот одбор може да побара мислење и од коморите од областа на здравството.

На актот од став 1 точка 5 на овој член министерот за здравство дава согласност.

Тргнувајќи од наведените уставни одредби, анализата на наведените одредби од Законот за здравствено осигурување како и оспорениот член наспрема наводите во иницијативата сметаме дека истите се неосновани.

Имено од анализата на наведената законска регулатива произлегува дека со Законот за здравствено осигурување се основа Фонд за здравственото осигурување кој е надлежен да го спроведува задолжителното здравствено осигурување на граѓаните.

Фондот врши дејност од јавен интерес и врши јавни овластувања утврдени со овој закон.

Фондот се финансира во најголем дел од средствата на граѓаните прибрани по основ на придонеси или од Буџетот на Републиката, поради што подлежи на јавна одговорност за управување со средствата. Во функција на заштита на јавниот интерес на граѓаните законодавецот го утврдил бројот и составот на членовите на Управниот одбор кои ги избира и разрешува Владата.

Понатаму, од анализата на целината на членот 55 од Законот, а не само на оспорениот став 3 кој го оспорува подносителот, недвосмислено произлегува дека составот на членовите на Управниот одбор е конципиран на начин што во него влегуваат претставници предложени од Сојузот на синдикатите, од коморите на стопанственици во Републиката, претставници на Лекарската, Стоматолошката и Фармацевтската комора по принцип на годишно ротирање, претставник на Здружението на пензионери, претставник на потрошувачите како и претставници предложени од Министерството за здравство и Министерството за финансии.

Поаѓајќи од делокругот на работата на Управниот одбор утврден во член 56 од Законот како и фактот што одлуките на Управниот одбор се донесуваат со мнозинство гласови од вкупниот број на избраните претставници, Судот оцени дека уреду-вањето на прашањето дека со Управниот одбор раководи претсе-дател и заменик претседател од именуваните претставници на Министерството за здравство и Министерството за финансии кои се менуваат наизменично по една година во текот на траењето на мандатот не ја прави оспорената одредба несогласна со Уставот.

Имено, според Судот,целта на законодавецот не била како што наведува подносителот да ги игнорира и омаловажи другите претставници на Управниот одбор, туку управувањето односно раководењето да го вршат претставници предложени од Министерството за здравство и Министерството за финансии, а со цел ефикасно, ефективно и економично користење на средствата на Фондот за спроведување и остварување на потребите од задолжителното здравствено осигурување.

Со оглед на наведеното ,Судот оцени дека оспорениот член од Законот не е во несогласност со одредбите од Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Вера Маркова, Лилјана Ингилизова-Ристова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.165 /2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply