Решение У.бр.201/2010

У.бр.201/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за прифаќање на исплатениот надомест како справедлив надомест на име нематеријална штета, бр.19-5943/1 донесена од Владата на Република Македонија на 10 ноември 2009 година.

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на одлуката означена во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одлука не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 52 став 1 и 2 и член 91 од Уставот како и со членовите 13, 14, 15 и 16 од Законот за судовите. Ова од причина што за донесување на оспорената одлука нема уставен и законски основ. Оваа одлука е во спротивност со основните начела предвидени во Законот за судовите затоа што со неа на правосилните судски одлуки им е одземено неприкосновеното правно дејство и донесените судски одлуки може да ги менува или укинува само надлежен суд во постапка пропишана со закон, а не Владата. Со одлуката е попречено извршувањето на судските одлуки донесени од Врховниот суд на Република Македонија по поднесени ревизии.

Освен тоа оспорената одлука како општ пропис на Владата не била објавен во „Службен весник на Република Македонија“ со што се повредува и член 52 став 1 и 2 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 36 став 3 од Законот за Владата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.59/2000, 12/2003, 55/2005, 37/2006, 115/2007, 19/2008 и 82/2008), а во врска со член 16 став 3 од Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007), Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10 ноември 2009 година, донесен Одлука за прифаќање на исплатениот надомест како спроведлив надомест на име нематеријална штета.

Со оваа одлука се прифаќа исплатениот паричен надомест на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства како спроведлив надомест на име нематеријална штета и душевни болки (член 1).

Се задолжува Државното правобранителство на Република Македонија – Министерство за внатрешни работи да ги повлечат поднесените тужби и да се откажат од тужбените барања против припадниците на безбедносните сили и членовите на нивните семејства за повраќај на исплатениот надомест на име нематеријална штета – душевни болки (член 2).

Оваа одлука влегува во сила со денот на нејзиното донесување (член 3).

4. Според член 88 од Уставот на Република Македонија е носител на извршна власт. Своите права и должности Владата ги врши врз основа и во рамките на Уставот и законите.

Согласно членот 91 алинеја 1 од Уставот Владата на Република Македонија ја утврдува политиката на извршувањето на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивното извршување.

Во алинеите 5 и 6 од овој член од Уставот е определено дека Владата на Република Македонија донесува уредби и други прописи за извршување на законите и утврдува нечела за внатрешната организација и за работата на министерствата и другите органи на управата, ја насочува и врши надзор над нивната работа.

Со Законот за Владата на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.59/2000, 12/2003 и 55/2005) се уредуваат организацијата, начинот на работата и надлежноста на Владата на Република Македонија.

Според членот 27 став 1 од овој закон, Владата утврдува насоки и ставови за извршување на законите и другите прописи.

Согласно членот 35 од овој закон, за извршување на законите Владата донесува уредби со законска сила, уредби, одлуки, упатства, програми, решенија и заклучоци.

Во членот 36 став 3 е определено дека со одлука Владата одлучува за одделни прашања и мерки за извршување на законите; основа стручни и други служби за своите потреби и заеднички служби за потребите на Владата и на министерствата и другите органи на државната управа.

Со Законот за државното правобранителство („Службен весник на Република Македонија“ бр.87/2007) е предвидено дека Државното правобранителство е државен орган кој презема мерки и правни средства заради правна заштита на имотните права и интереси на Република Македонија и врши други работи утврдени со овој и друг закон.

Државниот правобранител по предлог на министерот за правда го именува Владата на Република Македонија, за време од шест години со право на повторен избор. Државните правобранители ги именува Владата на Република Македонија по претходно прибавено мислење од државниот правобранител, без ограничување на мандатот.

Владата на Република Македонија по предлогг на државниот правобранител со одлука го определува бројот на државните правобранители. Државните правобранители во времето на својата функција се самостојни и за својата работа одговараат пред Владата на Република Македонија и пред државниот правобранител.

Во член 16 од Законот поместен во делот „Надлежност и организација“ е предвидено дека ако државниот правобранител оцени дека не треба да се поведе постапка пред суд или друг орган или треба да се повлече тужба, да се откаже од тужбеното барање или од предлогот за извршување, да се признае барањето на спротивната странка или да се склучи порамнување, да се повлече или откаже од правото на жалба, како и да изјави вонредни правни лекови, ќе побара од органот на државната управа што го застапува да се изјасни за натамошното постапување. Ако во рок од пет работни дена од барањето на државниот правобранител, органот на државната управа не се произнесе по предлогот на државниот правобранител ќе се смета дека не се согласува со предлогот на државниот правобранител.

Ако меѓу државниот правобранител и органот на државната управа што го застапува не се постигне согласност за прашање од ставот 1 на овој член, државниот правобранител ќе ја извести Владата на Република Македонија и ќе побара Владата да се произнесе.

Поаѓајќи од уставната надлежност на Владата, според која таа ја утврдува постапката на извршување на законите и другите прописи на Собранието и е одговорна за нивно извршување произлегува дека за остварување на оваа надлежност Владата може да донесува акти утврдени со закон кои по својата природа можат да бидат прописи или конкретни акти во зависност од прашањата кои се третираат со тие акти.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одлука, Судот оцени дека таа по својот карактер не претставува пропис во смисла на член 110 алинеја 2 од Уставот, односно таа е конкретен акт. Ова од причина што со неа се прифаќа исплатениот паричен надомест на припадниците на безбедносните сили и на нивните семејства, се задолжува Државното правобранителство односно Министерството за внатрешни работи да ги повлече тужбите и да се откаже од тужбените барања против припадниците на безбедносните сили и члленови на нивните семејства за повраќај на исплатениот надомест на име нематеријална штета – душевни болки.

Според тоа, оспорената одлука произведува правно дејство само по однос на припадниците на безбедносните сили и нивните семејства и државата преставувана од Државниот правобранител или поточно речено, оспорената одлука претставува акт на меѓусебна комуникација на Владата и Државното правобранителство во врска со преземање на дејствие за кое секоја странка, па и Државното правобранителство има право да ги преземе согласно одредбите од Законот за парничната постапка.

Исто така, за да одреден акт има својство на нормативен акт не е доволно само да го носи називот вообичаен за нормативните акти како еден од елементите, туку треба да содржи и други елементи како што е содржина на актот од која произлегува регулирање на права и обврски за неопределен број на субјекти во правото, што не е случај со оспорената одлука.

Со оглед на фактот што одлуката создава права и обврски за определен број на лица за точно определен случај, истата нема карактер на пропис кој задолжително треба да се објави во службеното гласило на државата.

Имајќи ги предвид наведените уставни и деловнички одредби Судот смета дека исполнети се условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Со оглед на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.201/2010
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply