Одлука У.бр.121/2011

У.бр.121/2011-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 ноември 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 235-б став 8 и член 235-в став 14 од Законот за супервизија на осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.27/2002, 79/2007, 88/2008, 67/2010 и 44/2011).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод иницијатива на Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.121/2011 од 12 октомври 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на членовите означени во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот на Република Македонија.

4. Судот на седницата утврди дека во членот 235-б став 8 од Законот за супервизија на осигурување е предвидено дека членовите на прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува Советот на експерти на Агенцијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

Според член 235-в став 14 од истиот закон, членовите на комисија за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

5. Согласно член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според Амандман XX на Уставот, со кој се дополнува член 13 од Уставот, за прекршоци определени со закон, санкција може да изрече орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања. Против конечна одлука за престанок се гарантира судска заштита под услови и постапка уредени со закон.

Во член 32 став 5 од Уставот е предвидено дека остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 235-а од Законот за супервизија на осигурувањето со наслов „прекршочен орган“ предвидува:

(1) За прекршоците утврдени во членот 237, 237-а, 237-б, 237-в и 237-г од овој закон прекршочна постапка води и прекршочна санкција изрекува Агенцијата за супервизија на осигурување (во натамошниот текст: Прекршочен орган).
(2) Прекршочната постапка од ставот (1) на овој член пред Прекршочниот орган ја води Комисија за одлучување по прекршок (во натамошниот текст: Прекршочна комисија) формирана од вработени лица во Агенцијата за супервизија на осигурување кои ги именува Советот на експерти на Агенцијата.
(3) Советот на експерти со подзаконски акт го определува бројот, потребниот степен на стручна подготовка и работно искуство на членовите на Прекршочната комисија.
(4) Членовите на Прекршочната комисија се избираат за времетраење од пет години со право на реизбор.
(5) За претседател на Прекршочната комисија може да биде изббран само дипломиран правник со положен правосуден испит.
(6) Прекршочната комисија донесува одлуки за прекршоците од овој закон и за изрекување прекршочни санкции.
(7) Прекршочната комисија донесува Деловник за својата работа кој претходно е одобрен од Советот на експерти на Агенцијата.
(8) Против решенијата на Прекршочната комисија, со кои се изрекува прекршочна санкција може да се поднесе тужба за поведување на управен спор пред надлежниот суд.

Оспорениот член 235-б од Законот во кој е дефинирана работата на Прекршочната комисија, предвидува:

(1) Член на Прекршочната комисија може да се разреши:

1) со истекот на времето за кое е именуван за член,
2) по негово барање,
3) со исполнување на условите за старосна пензија согласно со закон,
4) ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело,
5) ако му се утврди трајна неспособност,
6) ако се утврди прекршување на прописите за водење на прекршочната постапка со правосилна одлука,
7) ако не ги исполнува обврските кои произлегуваат од работењето во Прекршочната комисија и
8) ако не пријавил постоење на конфликт на интереси за случај за кој решава Прекршочната комисија.

(2) Предлог за разрешување на член на Прекршочната комисија за случаите од ставот (2) точки 3 до 8 на овој член поднесува претседателот на Прекршочната комисија до Советот на експерти на Агенцијата.
(3) Прекршочната комисија има право да изведува докази и собира податоци кои се неопходни за утврдување на прекршокот, како и да врши други работи и презема дејствија утврдени со овој закон, Законот за прекршоците и/или со друг закон.
(4) Членовите на Прекршочната комисија се самостојни и независни во работата на Прекршочната комисија и одлучуваат врз основа на своето стручно знаење и самостојно убедување.
(5) Прекршочната комисија одлучува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови.
(6) Прекршочната комисија води единствена евиденција на прекршоците, изречените прекршочни санкции и донесените одлуки на начин пропишан од Советот на експерти на Агенцијата во согласност со министерот кој раководи со органот надлежен за вршење на работите од областа на правдата.
(7) Со актот од ставот (6) на овој член се пропишува и начинот на пристап до информациите кои се содржани во евиденцијата.
(8) Членовите на Прекршочната комисија имаат право на награда за својата работа во Прекршочната комисија што ја определува Советот на експерти на Агенцијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.

Членот 235-в од Законот кој е содржан во поднасловот: „Посредување“, предвидува:

(1) За прекршоците утврдени во членот 237 од овој закон, овластените лица на Агенцијата за супервизија на осигурување, во рамките на своите овластувања, на сторителот на прекршокот му нудат посредување и постигнување согласност со која сторителот на прекршокот треба да ја плати глобата, другите давачки или да ги острани последиците од прекршокот.
(2) Постапката за посредување се покренува со доставување на понуда од страна на овластено лице на Агенцијата за супервизија на осигурување во рок од осум дена од денот кога е констатирано сторувањето на прекршокот.
(3) Сторителот на прекршокот е должен во рок од три дена од денот на приемот на понудата од ставот (2) на овој член да даде писмена согласност за покренување на постапка на посредување.
(4) Овластените лица на Агенцијата за супервизија на осигурување за случаите од ставот (3) на овој член составуваат записник во кој се констатира согласноста на двете страни за покренување на постапка за посредување на кој се потпишува и сторителот на прекршокот.
(5) Согласноста за посредувањето треба да се постигне во рок од осум дена од денот кога е започната постапката за посредување.
(6) Постапката за посредување се води пред комисија за посредување составена формирана од вработени лица во Агенцијата за супервизија на осигурување кои ги именува Советот на експерти на Агенцијата.
(7) Советот на експерти со подзаконски акт го определува бројот, потребниот степен на стручна подготовка и работно искуство на членовите на комисијата за посредување.
(8) Комисијата за посредување работи на седници на кои задолжително присуствуваат претставници на сторителот на прекршокот.
(9) Комисијата за посредување е должна да ја започне постапката на комисијата во рок од 24 часа од денот кога е пристигнато барањето од ставот (2) на овој член.
(10) За склучената согласност по посредувањето се составува спогодба во која се констатира согласноста на двете страни.
(11) Во спогодбата се утврдуваат обврските на сторителот на прекршокот, а особено:

1) висината и начинот на плаќање на глобата,
2) висината и начинот на плаќање на други давачки и трошоци и
3) мерките кои треба да ги преземе сторителот со цел да ги отстрани последиците од прекршокот.

(12) Спогодбата од ставот (10) на овој член има сила на извршна исправа.
(13) Советот на експерти на Агенцијата донесува деловник и трошковник за работа на комисијата за посредување. Висината и видот на трошоците утврдени во трошковникот се определуваат врз основа на реалните трошоци што ги има Агенцијата за супервизија на осигурување заради обезбедување на работа на комисијата за посредување.
(14) Членовите во комисијата за посредување имаат право на награда за својата работа во комисијата која треба да биде разумна и соодветна на значењето, обемот на работа на членовите и сложеноста на прекршоците.
(15) Комисијата за посредување е должна да води евиденција за поведените постапки за посредување и за нивниот исход.

Според Судот, законската определба на членовите 235-б став 8 и 235-в став 14, членовите на Прекршочната комисија, односно на Комисијата за посредување, покрај платата (со оглед на тоа што истите се вработени лица во Агенцијата за супервизија на осигурување – член 235-а став 2), да имаат право на награда не е во согласност со начелото на владеењето на правото гарантирано со Уставот. Имајќи ја во вид одредбата од Амандманот XX на Уставот, произлегува дека со оваа измена на Уставот, на органите на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања им е воведена нова надлежност, надлежност за изрекување на прекршочни санкции и водење на прекршочна постапка. Оттука, произлегува дека водењето на прекршочната постапка и изрекувањето на прекршочна санкција претставува управна функција на органот на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања, која спаѓа во неговиот делокруг на работа, односно претставува негова надлежност.

Предвид на наведеното, Судот оцени дека и вршењето на работата на Комисијата за посредување, исто така, не може да се смета за дополнителен ангажман, бидејќи членувањето на вработените во Комисијата за прекршоци, односно во Комисија за посредување претставува нивна работна обврска за чие што извршување тие треба да добиваат надомест во вид на плата за извршена работа, а не дополнителен надоместок во вид на награда.

Оттука, со оглед на фактот што работата на Комисијата за прекршоци, односно Комисијата за посредување е во рамките на редовната управна функција на Агенцијата за супервизија на осигурување, а чии членови се избрани од редот на вработните во Агенцијата, Судот оцени дека таквото членство не може да се смета за дополнителен ангажман за кој би следел дополнителен надоместок во вид на награда, како што предвидуваат оспорените членови од Законот.

Имајќи ја во вид наведената уставно-судска анализа според Судот оспорениот член 235-б став 8 и член 235-в став 14 од Законот, не се во согласност со член 8 став 1 алинеја 3,член 32 став 5 и Амандман XX од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.121/2011
29 ноември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply