76/2010-0-0

76/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 06 јули и на 21 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 3 став 1 во делот “и 9) други приходи” и став 2 во делот “или во некој друг вид и член 55-а ставови 1 и 2 и став 3 во делот ” и учество во капиталот без надоместок“ на Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2005).

2. Стамен Филипов од Скопје, Љиљана Марковска од Скопје, Марика Караманова од Скопје и Мики и Снежана Наумови од Штип поднесоа иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста на Законот означен во точкaта 1 на ова решение.

3. Според подносителот на иницијативата Стамен Филипов од Скопје со оспорените одредби се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3, членот 33 и членот 51 од Уставот на Република Македонија. Исто така, подносителот на иницијативата смета дека овие одредби биле произволни, паушални, нејасни и непрецизни бидејќи од нив не можело да се разбере што се подразбира под поимот “други приходи” “или во некој друг вид” и “ учество во капиталот без надоместок” поради што овие одредби односно делови од нив биле неприменливи во практиката или се применувале, но со злоупотреба и на штета на субјектите поради законската нејасност и непрецизност. Поради наведеното смета дека се создавала правна несигурност кај засегнатите граѓани и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

Љиљана Марковска од Скопје, во иницијативата изнесува наводи дека оспорената одредба на членот 55-а став 3 во делот “и учество во капиталот без надоместок” била во спротивност со членот 8 став 1 алинеја 3,членот 33 и членот 51 од Уставот бидејќи била нејасна, непрецизна и неопределена и не можело да се разбере што се подразбирало под тој поим. Имено, поради наведените причини смета дека оспорената одредба не била применлива во практиката, создавала правна несигурност кај засегнатите граѓани поради што истите биле спречени навреме да ги плаќаат даноците и предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

Марика Караманова од Скопје, според наводите во иницијативата смета дека со оспорените одредби на членот 3 став 1 во делот “и 9) други приходи”, ставот 2 во делот “или во некој друг вид”, членот 55-а ставови 1 и 2 и ставот 3 во делот ”и учество во капиталот без надоместок“ се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3, членот 33 и членот 51 од Уставот на Република Македонија. Подносителката на иницијативата исто така смета дека оспорените делови од одредбите биле нејасни и недоволно прецизни, недоволно дефинирани, неопределиви од причина што не можело да се разбере што значеле поимите “други приходи”, “или во некој друг вид” и “и учество во капиталот без надоместок” и не било јасно на што се однесуваат овие одредби, односно смета дека овие делови биле непримен-ливи во практиката, а кога се применувале тоа било на штета на граѓаните.

Мики и Снежана Наумови од Штип, како подносители на иницијативата сметаат дека оспорените законски одредби на членот 3 став 1 во делот “и 9) други приходи”, ставот 2 во делот “или во некој друг вид”, членот 55-а ставови 1 и 2 и ставот 3 во делот ”и учество во капиталот без надоместок“ се повредувале членот 8 став 1 алинеја 3, членот 33 и членот 51 од Уставот на Република Македонија. Исто така сметаат дека со нивната примена граѓаните кои биле засегнати се доведувале во состојба на правна несигурност и предизвикувале огромна штета бидејки истите биле нејасни, непрецизни, односно биле дефектни и како такви во практичната примена биле злоупотребувани.

Имено, подносителите на оваа иницијатива сметаат дека злоупотребата на оспорените законски одредби се однесувала на две дијаметрално спротивни категории на даночни обврзници а тоа биле физичките и правните лица. Правните лица се оданочувале со данок на добивка, а физичките лица пак се оданочувале според Законот за персонален данок на доход и Законот за даноци на имот. Понатаму во иницијативата на неколку страници поопширно ги објаснуваат суштината на поимот “персонален доход” и тоа како се дефинира поимот “удел” и дека отстапувањето на уделот значело само идна латентна неизвесна можност за стекнување со некоја претпоставена добивка, но тоа не значело дека истата ќе била реализирана и колкава ќе била добивката или загубата. Затоа сметаат дека плаќањето на персонален данок на доход по овој основ било крајно нелогичко, а еден закон за да биде применлив требал пред се да биде логичен.

Подносителите на иницијативата понатаму наведуваат дека постоела колизија на два закона кои полноважно ја регулирале материјата на оданочувањето при отстапувањето на уделот без надоместок и поставуваат прашање каков бил тоа наводно подарок кога за него требало да се плати давачка. Колизијата се јавувала според наводите во иницијативата со измената на Законот за персоналниот данок на доход од 2006 година која била донесена без професионализам и стручно знаење и точката 9 “и под други приходи“ која била вметната во членот 3 став 1 од овој закон и Законот за даноците на имот. Споменатата измена на Законот за персонален данок на доход имала ретроак-тивната примена во 2010 година, додека во 2007 година овој закон бил видоизменет, дообјаснет и допрецизиран. Според подносителите на иницијативата дилемата постоела помеѓу оданочувањето со 5% данок на подарокот согласно Законот за даноците на имот и оданочувањето со персонален данок на доход по пропишаната важечка стапка во тоа време согласно Законот за персонален данок на доход.

Спротивно на мислењето на подносителите на иницијативата било мислењето на Министерството за финансии кое дилемата ја поставило во правец дали било потребно да се глобат даночните обврзници со персонален данок на доход по предвидената стапка која била во сила во годината кога настанал преносот на уделот заедно со каматата до денот на исплатата. Ако при тоа вкупниот износ го надминувал износот од 40% од номиналниот износ на уделот, кој пак бил отстапен или оданочен со данок во висина од 70% поради наводното непријавување на остварениот приход. Според наводите во иницијативата конкретниот удел не бил пријавен со аконтативна пријава во Управата за јавни приходи поради тоа што сметале дека даночниот обврзник не знаел дали има приход, дали во иднина ќе го има од тој конкретен удел кој пак ја следел судбината на трговското друштво кое можеби немало доход или ќе одело во стечај или ќе било ликвидирано.

Според наводите во иницијативата Министерството за финансии донесувало закони и требало да се грижи за нивната примена и наведуваат дека четири години овој закон не се применувал, но сега се применувал и понатаму во иницијативата даваат примери кога не се применувал законот или се прикривал данокот и примери каде Управата за јавни приходи се однесувала како инквизиција.

Според наводите во иницијативата подносителите сметаат дека уделот е приватна сопственост и дека Управата за јавни приходи немала право да задолжува за една иста работа да се плаќал данок за подарок, персонален данок и камата во случај кога Законодавно-правната комисија на Собранието на Република Македонија кои го донеле законот, го третирале “уделот без надоместок” како подарок. И тука, според подносителите на иницијативата имало парадокс, бидејки согласно Законот за даноци на имотот “отстапувањето на уделот без надоместок” од татко на син во прв наследен ред не подложело на оданочување со персонален данок на доход бидејки било ослободено од плаќање на данок за подарок и главна карактеристика на подарокот била дека бил без надоместок, во смисла на Законот за облигации. Преносот на удел без надоместок отсекогаш се третирал како подарок согласно Законот за даноци на имот, единствено со конфузниот член 3 и точката 9 “и други приходи” и член 55-а став 3 му бил даден третман на приход кој никаде го немало. Конфузна и нејасна била и одредбата за утврдувањето на пазарната вредност на уделот. Единствено правилен третмен на уделот имало во Законот за трговските друштва каде бил дефиниран како севкупност на права и обврски и каде стекнувањето со удел без надомест претставувало само можност за стекнување на приход.

Исто така, подносителите на иницијативата сметаат дека Управата за јавни приходи конфликтно го применувала членот 15 од Законот за даноците на имот во кој било пропуштено да се предвиди рокот до кога требало да биде платен данокот за подарок и поради наведените причини предлагаат Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби.

4. Судот на седница утврди дека согласно член 3 од Законот за персоналниот данок на доход („Службен весник на Република Македонија“ бр. 120/2005) доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следниве видови приходи остварени во земјата и во странство: лични примања; приходи од земјоделска дејност; приходи од самостојна дејност; приходи од имот и имотни права; приходи од авторски права и права од индустриска сопственост; приходи од капитал; капитални добивки; добивки од игри на среќа и други наградни игри; и 9) други приходи.

На оданочување подлежат сите приходи од ставот 1 на овој член што се остварени во пари, хартии од вредност, во натура или во некој друг вид.

Судот на седница утврди дека во членот 55-а во насловот “Управување, пресметување и наплата на персоналниот данок на доход” и поднасловот “Утврдување на данокот” под други приходи во смисла на овој закон се сите приходи кои не се сметаат за приходи на физичките лица од членот 3 точки 1 до 8 на овој закон, не се изземени од оданочување со одредбите од членот 6 на овој закон и не се оданочени по друг основ.

Согласно став 2 од овој член, основа за пресметување на данокот на приходите од ставот 1 на овој член е нето приходот кој се утврдува со одбивање на нормираните трошоци од бруто приходот во висина од 35%.

Според ставот 3 од овој член, како други приходи, во смисла на овој закон, се сметаат и приходите остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок, доколку истите не се оданочени со Законот за даноци на имот, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.

Согласно ставот 4 од овој член, под пазарна вредност од ставот 3 на овој член се подразбира вредноста на хартиите од вредност и учеството во капиталот утврдена според податоците од Македонската берза за хартии од вредност, доколку котираат на берзата, односно номиналната вредност на хартиите од вредност и учеството во капиталот, за оние кои не котираат на берзата.

Според ставот 5 од овој член, обврзник на данокот на доход за другите приходи од ставот 3 на овој член е физичкото лице кое се стекнува со хартии од вредност и учество во капиталот.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 52 став 1 од Уставот, законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила. Според став 4 на овој член, законите и другите прописи не можат да имаат повратно дејство, освен по исклучок, во случаи кога е тоа поповолно за граѓаните.

Согласно член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

5. Од анализата на наведените уставни одредби произлегува дека уставно право е на законодавецот, со закон да ги утврдува даноците и другите јавни давачки, при што треба да ги утврди нивните битни елементи (обврзник, основица, стапка, олеснување и ослободување), со што ќе овозможи даночната обврска да биде утврдена јасно и разбирливо за даночниот обврзник.

Во оваа смисла, законодавецот го донел Законот за пресоналниот данок од доход („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/93, 3/94, 70/94, 71/96, 28/97, 8/2001, 50/2001, 2/2002, 44/2002, 96/2004, 120/2005, 52/2006, 139/2006, 160/2007, 159/2008, 20/2009 и 139/2009) со кој во членот 1 е наведено дека се воведува персонален данок од доход и со овој закон се уредува начинот на оданочување на доходот на граѓаните.

Според член 2 од Законот, персонален данок од доход се плаќа годишно на збирот на нето приходите од сите извори, освен на приходите што се изземени од оданочување со овој закон.

Според член 3 од овој закон кој е оспорен со овие иницијативи доходот што подлежи на оданочување го сочинуваат следниве видови приходи остварени во земјата и во странство: лични примања; приходи од земјоделска дејност; приходи од самостојна дејност; приходи од имот и имотни права; приходи од авторски права и права од индустриска сопственост; приходи од капитал; капитални добивки; добивки од игри на среќа и други наградни игри и други приходи. На оданочување подлежат сите приходи од став 1 на овој член што се остварени во пари, хартии од вредност, во натура, или во некој друг вид.

Согласно член 5 од овој закон, годишниот износ на данокот на доход и износите на аконтациите и олеснувањата кои се одбиваат од годишниот данок се утврдуваат според прописите кои важат на 1 јануари во годината за која се утврдува данокот на доход, ако со овој закон не е поинаку определено.

Според член 6 од Законот уредени се видовите на приходи за кои не постои обврска за плаќање на персонален данок на доход.

Според член 7 став 1 од истиот закон, обврзник на данокот од доход е секое физичко лице резидент во Република Македонија за доходот што го остварува во земјата и во странство.

Согласно член 55-а став 1 од законот други приходи во смисла на овој закон се сите приходи кои не се сметаат за приходи на физичките лица од членот 3 точки 1 до 8 на овој закон, не се изземени од оданочување со одредбите од членот 6 на овој закон и не се оданочени по друг основ. Според ставот 2 од овој член основа за пресметување на данокот на приходите од ставот 1 на овој член е нето приходот кој се утврдува со одбивање на нормираните трошоци од бруто приходот во висина од 35%.

Според ставот 3 од овој член, како други приходи, во смисла на овој закон, се сметаат и приходите остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок, доколку истите не се оданочени со Законот за даноци на имот, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.

Согласно ставот 4 од овој член, под пазарна вредност од ставот 3 на овој член се подразбира вредноста на хартиите од вредност и учеството во капиталот утврдена според податоците од Македонската берза за хартии од вредност, доколку котираат на берзата, односно номиналната вредност на хартиите од вредност и учеството во капиталот, за оние кои не котираат на берзата.

Според ставот 5 од овој член, обврзник на данокот на доход за другите приходи од ставот 3 на овој член е физичкото лице кое се стекнува со хартии од вредност и учество во капиталот.

Според член 57 од овој закон, утврдувањето и наплатата на данокот на доход го врши органот за јавни приходи, доколку со овој закон не е определено поинаку. Органот за јавни приходи го утврдува данокот врз основа на податоците во даночната пријава на обврзникот, деловните книги што ги води обврзникот, службените податоци што ги прибавил органот преку контрола, врз основа на други податоци и докази до кои ќе дојде во постапката за утврдување на данокот.

Според членот 69 став 1 од Законот, обврзникот на данокот од доход е должен да поднесе годишна даночна пријава за остварениот доход по истекот на годината за која се утврдува данокот најдоцна до 15 март наредната година.

Согласно член 87 од Законот, годишниот данок на доход го утврдува со решение органот за јавни приходи врз основа на податоците од даночната пријава, деловните книги и другите податоци кои се од значење за утврдување на даночната обврска.

Според членот 10 од Законот за даноците на имот („Службен весник на Република Македонија“ бр. 61/2004, 92/2007 и 53/2011) кој припаѓа на Делот 2 од истиот закон насловен како “Данок на наследство и подарок” со поднаслов “Предмет на оданочување”, данокот на наследство и подарок се плаќа на недвижен имот и право на плодоуживање и користење на недвижен имот кои наследниците, односно примателите на подароци ги наследуваат, односно примаат врз основа на Законот за наследување, односно договорот за подарок. Данок на наследство и подарок се плаќа и на готови пари, парични побарувања, хартии од вредност и друг подвижен имот, ако пазарната вредност на наследството, односно договорот за подарок е повисока од износот на едногодишната просечна плата во Република Македонија во претходната година, според податоците на Државниот завод за статистика. Вредноста на сите подароци од ставот 2 на овој член од ист вид, примени во текот на една календарска година, претставува една даночна основа. Според ставот 3 од овој член За вредноста на подароците општинската администрација, администрацијата на општините во градот Скопје и администрацијата на градот Скопје води евиденција, врз основа на која, на крајот на годината примателот на подароците може да се задолжи со данок, доколку во текот на годината прими повеќе подароци од ист вид и во висина над износот пропишан во ставот 2 на овој член. Формата, содржината и начинот на водење на евиденцијата од ставот 4 на овој член ја пропишува министерот за финансии.

Според член 15 став 1 од овој закон, настанување на даночната обврска во однос на наследството настанува во моментот на правосилноста на решението за наследување. Според ставот 2 од овој член, даночната обврска во однос на подарокот настанува со денот на склучувањето на договорот за подарок. Согласно ставот 3 од овој член, ако недвижниот имот кој е предмет на наследување, односно подарок е оптоварен со право на плодоуживање, обврската на наследството и подарок настанува по престанокот на правото на плодоуживање. Според ставот 4 од овој член, ако со закон е забранета продажбата на наследениот, односно на подарок примениот подвижен имот од членот 10 став 2 на овој закон, даночната обврска настанува на денот на правосилноста на решението за дозвола за продажба, односно на денот на продажбата. Според ставот 5 од овој член, ако правосилното решение за наследување или договорот за подарок не се пријавени или не се пријавени навремено, даночната обврска настанува на денот на откривањето на наследениот имот, односно на подарок примениот имот.

Согласно член 3 став 1 од Законот за трговските друштва (“Службен весник на РМ” број.28/04….47/10) имотот на друштвото претставувало севкупност на права, сопственички и други стварни права, кое истото ги стекнувало над добрата на содружниците односно акционерите и кои ги вложувале во друштвото или друштвото ги стекнало со своето работење.

Според наводите во иницијативите кои се идентични, и покрај тоа што се поднесени од различни подносители, оспорените делови од одредбите ги повредувале член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот бидејќи во Законот не било дефинирано што се подразбира под “други приходи”, “или во некој друг вид” ”и учество во капиталот без надоместок“ и истите создавале нејаснотија, збрка, непрецизност и правна несигурност за органите кои ги применувале.

Согласно член 3 од оспорениот закон се пропишуваат различните видови на приходи таксативно набројани и другите приходи кои се остварени во пари, хартии од вредност, во натура или во некој дуг вид и кои подлежат на оданочување според истиот закон. Додека во членот 55-а од истиот Закон, под други приходи во смисла на овој закон се подразбираат сите приходи кои не се сметаат за приходи од физички лица од членот 3 став 1 точките 1 до 8 кои не се изземени од оданочувањето со одредбите од член 6 од Законот и не се оданочени по друг основ. Основата за пресметување на данокот на приходите остварени по овој основ е нето приходот кој се утврдува со одбивањето на нормативните трошоци од бруто приходите од висина од 35%. Понатаму како други приходи во смисла на овој закон се сметаат и приходите остварени со стекнување на хартии од вредност и учество во капиталот без надоместок, доколку истите не се оданочени со Законот за даноците на имот, а основа за пресметување на данокот претставува пазарната вредност на денот на стекнувањето.

Тргнувајќи од анализата на наводите во иницијативите Судот констатира дека истите не содржат формално-правни причини за оспорување на уставноста на наведените делови од оспорените одредби од Законот, бидејќи истите не е доволно да содржат било какви причини за оспорување, туку е потребно да содржат и аргументи кои би оделе во прилог на несогласноста со Уставот. Разгледувани во целина, иницијативите се засноваат на фактички прашања по однос на примената на оспорените делови од одредбите во практиката.

Оттука, Судот оцени дека е неприфатливо тврдењето и во овие иницијативи дека оспорените делови од одредбите се нејасни, непрецизни и паушални и дека во законот се доведува во прашање правната сигурност на граѓаните бидејќи тие согласно со законот се должни да ги пријават приходите за оданочување, а органот за јавни приходи има обврска да утврди и наплати данок од годината во која требало да ги утврди даночните обврски. Управата за јавни приходи е даночен орган на државата, кој постапува согласно Законот за даночната постапка и Законот за упрвата за јавни приходи.

Во тие рамки законодавецот го определил делокругот и надлежностите на Управата, меѓу кои и наплатата на данок и другите јавни давачки и споредни даночни давачки кои ги управува Управата за јавни приходи. Правната сигурност на граѓаните изразена преку уставното уредување во кое правото и правните норми се појдовни рамки за дејствувањето и активноста, не само на државните органи и институции туку и на самите граѓани во државата, и тоа претставува елементарен услов и претпоставка за остварување на правото и правната држава. Право е на законодавецот да ги определи начинот и висината на стапката на данокот на пријавените или непријавените приходи со цел зајакнување на даночната дисциплина на даночните обврзници редовно и целосно да го пријавуваат својот имот и да ја исполнуваат својата уставна обврска регулирана во членот 33 од Уставот.
Според Судот, Уставот зацртувајќи го принципот на владеење на правото како една од темелните вредности на Уставниот поредок не дал определба дали во секој закон неминовно треба да биде содржано дефинирање на употребените поими, туку оставил право на законодавецот нормите што ги создава, во целокупниот правен систем да дадат јасна нормираност, бидејќи во него постојат и норми што се надоврзуваат на други норми од еден или повеќе закони, односно мораат да се разгледуваат како комплекс од повеќе закони, како што е овде случајот. Со Решение У.бр.221/2005 од 05.04.2006 година Уставниот суд на Република Македонија ја ценел уставноста на членовите 3 и членот 55-а во целина во врска со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 33 и членот 51 од Уставот на Република Македонија,
од аспект на собирањето на шумски печурки и можноста таа дејност да се подведе под “други приходи” од аспект на оданочување на доходот. Судот во ова решение утврди дека подносителот на иницијативата всушност ја оспорува практичната примена на оспорените одредби, односно нивното толкување од страна на Министерството за финансии – Управа за јавни приходи при определувањето на видот на приходот, за што согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија не е надлежен да одлучува. Причините за оспорување наведени во споменатата иницијативата не можело да се доведат во корелација со предметот на уредување на самите одредби од чија содржина не произлегуваат основите на оспорување на кои се повикувал подносителот на истата и Судот оценил дека не постојат процесни претпоставки да се впушти во мериторна оцена на оспорените одредби и ја отфрлил иницијативата.

Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани во однос на тоа дека со оспорените одредби се повредувал членот 51 од Уставот, според кој во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон и секој е должен да ги почитува Уставот и законите. Начелото на законитост е едно од основните начела на даночната постапка според кое Управата за јавни приходи е должна да ги утврдува сите факти кои се битни за донесување на законити одлуки, при што мора подеднакво да ги земе во предвид фактите кои одат во прилог и на штета на даночниот обврзник

Од изнесените уставни и законски норми произлегува дека Уставниот суд на Република Македонија во рамки на своите уставно определени надлежности одлучува за уставноста и законитоста на прописите што се во правниот поредок, а во тие рамки може да ја оценува уставноста на одредбите од Законот за персоналниот данок на доход кои се предвидени и содржани во Законот, но овој суд нема надлежност да одлучува за тоа што овој закон не содржел, а требало да содржи, дали и како требало да се применат во даночната постапка и други закони и прописи, на што впрочем и се однесува во дел барањето во предметните иницијативи.

Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето, ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на поднесените иницијативи Судот оцени дека во однос на оспорените делови од членот 3 став 1 во делот “и 9) други приходи”, ставот 2 во делот “или во некој друг вид”, членот 55-а ставови 1 и 2 и ставот 3 во делот ”и учество во капиталот без надоместок“ од Законот за персоналниот данок на доход нема аргументи на чија основа Судот би се впуштил во уставносудска анализа и мериторно одлучување за уставноста на Законот и неговите одредби кои се меѓусебно комплексно поврзани во рамките на целината на законот како и во системот на законите пошироко во правниот систем.

Со оглед на тоа настапени се деловничките претпоставки согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе со мнозинство на гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.76/2010
06 јули 2011година
21 септември 2011 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply