79/2011-0-0

79/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 1 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992), на седницата одржана на 14 септември 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на Решението за одобрување на Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ Кичево опфат 1- КО Србјани – Општина Другово и опфат 2 – КО Кичево – Општина Кичево, бр.16-2244/7 од 23.08.2010 година, донесено од министерот за транспорт и врски.

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на Решението за услови за планирање на просторот, бр. 15-484/1 од 15.01.2010 година, донесено од министерот за животна средина и просторно планирање

3. Земјоделскиот комбинат „Кичево“ АД Кичево, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на Решенијата означени во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, одобрената државна урбанистичка планска документација, со која се вршела трајна пренамена на земјоделско земјиште од прва катастарска класа во градежно земјиште, заради изградба на технолошки индустриска развојна зона (ТИРЗ) Кичево, била спротивна на темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија, и тоа на член 8 од Уставот, кој предвидува уредување и хуманизација на просторот и заштита и унапредување на животната средина и на природата и на член 56 од Уставот, според кој сите природни богатства на Републиката уживаат посебна заштита.

Со наведената пренамена на земјоделското земјиште во градежно земјиште, се доведувало во прашање опстојувањето на Земјоделскиот комбинат „Кичево“ Кичево, кој имал договор за користење под закуп на наведеното земјоделско земјиште за период од 30 години, а со тоа се укинувале 120 работни места, во ситуација кога во општините Кичево и Другово имало земјиште во државна сопственост од пониска бонитетна класа кое можело да биде пренаменето во градежно земјиште без последици. Со оспорената пренамена на земјоделското земјиште се повредувале и членовите 48-50 од Законот за земјоделско земјиште, без да се води сметка за општиот интерес, доходовноста и приносите од земјиштето од прва катастарска класа и другите класи. Во оваа смисла, се укажува дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство со свој акт го известило Министерството за транспорт и врски дека земјоделското земјиште во м.в. Бучало и м.в. Централа било со висок бонитет и високи производствени потенцијали од прва катастарска класа и урбанистичкото планирање на ТИРЗ било спротивно на член 8 точка 2 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање и дека Министерството не се согласува да се даде согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште. И покрај ова известување, како што се наведува во иницијативата, Министерството за транспорт и врски продолжило со своите активности за изградба на ТИРЗ.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека Владата на Република Македонија имала донесено одлука за формирање на технолошки индустриска развојна зона (ТИРЗ) на територијата на Општина Кичево, а не и за Општина Другово, но и покрај тоа, со наведената државна урбанистичка планска документација со Опфат 1 планирана била индустриска зона во оваа општина.

Врз основа на наведеното, се предлага Уставниот суд да поведе иницијатива за оценување на уставноста на оспорените решенија и да ги поништи или укине.

4. Судот на седницата утврди дека министерот за транспорт и врски, решавјаќи по барањето на инвеститорот Дирекција за технолошки индустриски развојни зони – Скопје, согласно Годишна програма за финансирање на изработка на урбанистички планови во Република Македонија во 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр. 3/2009), а врз основа на член 50 став 7 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005, 137/2007 и 91/2009) и член 205 став 1 од Законот за општата управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005), донел Решение бр. 16-2244/7 од 23.08.2010 година, со кое, во точката 1 се одобрува Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ Кичево опфат 1- КО Србјани – Општина Другово и опфат 2 – КО Кичево – Општина Кичево. Според точка 2 на Решението, составен дел на ова решение е Државната урбанистичка планска документација со тех.бр. Н 7509 од април 2010 година, изработена од Агенцијата за планирање на просторот – Скопје.

Судот, исто така, утврди дека мнистерот за животна средина и просторно планирање, постапувајќи по барањето на инвеститорот Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, врз основа на член 205 став 1 од Законот за општа управна постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 38/2005), а во врска со член 4 став 3 од Законот за спроведување на Просторниот план на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр. 39/2004), донел Решение за услови за планирање на просторот, бр. 15-484/1 од 15.01.2010 година. Со точка 1 на ова решение, на Дирекција за технолошки индустриски развојни зони се издаваат Услови за планирање на просторот за изработка на Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ „Кичево“ опфат 1- КО Србјани – Општина Другово и опфат 2 – КО Кичево – Општина Кичево. Според точка 2 на ова решение, условите за планирање на просторот од точка 1 на Решението, изработени од Агенцијата за планирање на просторот со тех.бр. 17709 се составен дел на Решението. Според точка 3 од Решението, наведените услови за планирање на просторот содржат општи и посебни одредби, насоки и решенија и заклучни согледувања со обврзувачка активност од планската документација од повисоко ниво и графички прилози кои претставуваат извод од Просторниот план на Република Македонија.

5. Согласно член 8 став 1 алинеите 3 и 10 од Уставот, владеењето на правото и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и уредувањето на животната средина и на природата се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 56 став 1 од Уставот, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита.

Според член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009), кој бил во сила во време на донесувањето на оспорените решенија, со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 5 алинеја 5 од овој закон, државна урбанистичка планска документација е планска документација со која може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија. Според алинеја 18 на истиот член, услови за планирање на просторот се извод од просторниот план во кој се наведени поблиските услови за изработка на плановите од пониско ниво, според алинеја 19 на истиот член, извод од Просторниот план на Република Македонија е копија од графичкиот дел на Просторниот план на Република Македонија, кој се однесува на дел од територијата на Република Македонија и препис на поблиските услови за планирање на просторот заради изработка на урбанистички планови, државна и локална урбанистичка планска документација.

Според член 15 став 2 на овој закон, за изготвување на државна и локална урбанистичка планска документација со кои се уредува користење на просторот вон планските опфати, инвеститорот е должен да побара услови за планирање на просторот од органот на државната управа, надлежен за работите од областа на просторното планирање. Со барањето инвеститорот е должен да достави:
– графички прилог со граница на проектниот зафат, исцртан на топографска карта;
– графички прилог со план на намена на површини,
– текстуален прилог со проектна програма и
– известување од единицата на локалната самоуправа на чие подрачје е проектниот зафат дека предложениот зафат не е во состав на плански опфат на важечки урбанистички план или на урбанистички план во постапка на донесување.

Според став 6 на истиот член, во случаите од ставовите 1 и 2 на овој член донесувачот на планот е должен да побара согласност за трајна пренамена на земјоделското земјиште од органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на земјоделството. Доколку во рок од осум дена по поднесувањето на барањето надлежниот орган не одговори по барањето за согласност, ќе се смета дека е дадена согласност.

Согласно член 15-а став 1 од Законот, урбанистичките планови од членот 7 точка 2 на овој закон, државната урбанистичка планска документација и локалната урбанистичка планска документација се изработуваат врз основа на планска програма со која се утврдува границата и содржината на планскиот опфат. Планската програма се состои од текстуален и графички дел. Според став 3 на овој член, планската програма за изработка на урбанистичките планови од членот 11-а на овој закон и за државната урбанистичка планска документација ја изработува органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот.

Согласно член 16 став 2 од Законот, заради поттикнување и забрзување на процесот на уредување на просторот преку изработување на урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон, Владата на Република Македонија донесува годишна програма за изработување на урбанистичките планови од членовите 7 точка 2 и 11-а на овој закон и државната урбанистичка планска документација, на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, врз основа на доставени предлози од општините, општините на градот Скопје и градот Скопје.

Според член 31 став 1 од Законот, при изработување на плановите од членот 7 точка 2, архитектонско урбанистички проект и државна урбанистичка планска документација и локална урбанистичка планска документација задолжително се применуваат стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, со кои се уредуваат основите за рационално планирање, уредување и користење на просторот, заради создавање на услови за хумано живеење и работа на граѓаните.

Согласно став 2 на истиот член, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот формира комисија која се состои од најмалку пет члена од кои еден научен работник од областа на урбанистичкото планирање, еден архитект со овластување за изработка на урбанистички планови и тројца стручни работници од областа на урбанистичкото планирање. Комисијата ги изработува стандардите и нормативите од ставот 1 на овој член и дава предлог до министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот за одобрување на државната урбанистичка планска документација.

Според член 34 од Законот, заради ефикасно спроведување на политиката на планирање и уредување на просторот на Републиката се основа Агенција за планирање на просторот (во натамошниот текст : Агенција).

Според член 35 алинеја 2 на Законот, Агенцијата изработува урбанистички планови и државна урбанистичка планска документација од програмите на Владата на Република Македонија од членот 16 на овој закон;

Согласно член 50 став 1 од Законот, со државна урбанистичка планска документација може да се врши уредување и користење на просторот со определување на градежна парцела во и вон планскиот опфат, како и уредување и користење на просторот во рамките на формирана градежна парцела, за градби утврдени со закон како градби од прва и втора категорија, а заради реализација на инвестициски проекти од значење за Републиката.

Според став 4 на истиот член, по исклучок од ставот 1 на овој член за технолошките индустриски развојни зони, со државна урбанистичка планска документација може да се уредува користење на просторот, со определување на градежни парцели во рамките на зоната.

Согласно став 5 на овој член, Државната урбанистичка планска документација ја изработува овластеното правно лице од членот 18 на овој закон. Според став 7 на истиот член, по извршената стручна ревизија, министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот со решение ја одобрува државната урбанистичка планска документација на предлог на комисијата од членот 31 став 2 на овој закон.

6. Судот утврди дека Владата на Република Македонија на седницата одржана на 2 јануари 2009 година, врз основа на член 16 став 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005 и 137/2007), донела Годишна програма за финансирање на изработка на урбанистички планови во Република Македонија во 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.3/2009), каде како урбанистички планови и урбанистички проекти, како планови од значење на Републиката, чија изработка во 2009 година ќе се финансира од Буџетот на Република Македонија, во точката 1.2 ги определила урбанистички проекти за нови Технолошко развојни индустриски зони, за кои определила да се потрошат 7.8000.000,00 денари.

Владата на Република Македонија, на истата седница одржана на 2 јануари 2009 година, донела Одлука за давање согласност на Годишната програма со финансиски план на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за 2009 година, а на седницата одржана на 28 јули 2009 година, дала согласност на Програмата за изменување и дополнување на Годишната програма со финансиски план на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони за 2009 година, при што го задолжила директорот на Дирекцијата, за седницата на Владата што ќе се одржи на 18 август 2009 година, да достави акционен план, со инвестициона програма во врска со изградбата на технолошките развојни зони во Кичево, Струмица, Крива Паланка и Струга, со тоа што начелен рок за почеток на изградба на овие зони да биде јули 2011 година и со можност за негово скратување.

Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони, со акт бр. 07-1183/3 од 18.12.2009 година, побарала од Министерството за транспорт и врски да ја одобри планската програма за изработка на Државната урбанистичка планска документација за ТИРЗ „КИЧЕВО“ Општина Кичево (опфат 1 и опфат 2), на што Министерството за транспорт и врски, со акт 02-2297/1 од 02.03.2010 година доставило известување дека планската програма приложена кон барањето е согласна со член 5 алинеја 7 и член 15-а став 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, со укажување во натамошната постапка за изработка на урбанистички план границата на планскиот опфат да се усогласи со член 7 од Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Министерот за животна средина и просторно планирање, по барање на инвеститорот Дирекција за технолошки индустриски развојни зони, врз основа на член 4 став 3 од Законот за спроведување на Просторниот план на Република Mакедонија („Службен весник на Република Mакедонија“ бр.39/2004), донел Решение бр. 15-484/1 од 15.01.2010 година, со кое се издаваат Услови за планирање на просторот за изработка на Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ „КИЧЕВО“ – Опфат 1, КО Србјани, Општина Другово и Опфат 2, КО Кичево, Општина Кичево. Условите се изработени од Агенцијата за планирање на просторот, со Тех.бр.17709 и се составен дел на Решението.

Министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, по барање поднесено од Министерството за транспорт и врски, донел Решение бр. 22-5646/2 од 03.06.2010 година, за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за одобрување на Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ „КИЧЕВО“ – Опфат 1, КО Србјани, Општина Другово и Опфат 2, КО Кичево, Општина Кичево, во вкупна површина од 29ха 56 ари 01м2 врз основа на Список на индикации со нумерички податоци издаден од Државен завод за геодетски работи Скопје, бр. 09-13367/16 од 31.08.2009 година. Решението е примено во Министерството за транспорт и врски на 09.08.2010 година, заведено под број 16-2244/6.

Притоа, за одбележување е дека Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, до Министерството за транспорт и врски, доставило известување (со ист архивски број и датум како претходно наведеното Решение за давање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, потпишано од истиот министер, кое во Министерството за транспорт и врски е примено на 07.06.2010 година, заведено под број 16-2244/5), во кое во врска со барањето за одобрување на Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ „КИЧЕВО“ – (Опфат 1 и Опфат 2) за добивање согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште, укажува дека не се согласува да се даде согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште и дека предлагаат за продолжување на натамошната постапка, да се изнајдат можности за поместување на опфатите 1 и 2 за изградба на ТИРЗ, односно да се изнајде друго земјиште кое ќе биде усогласено со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање.

Комисија за стручна ревизија, формирана од Министерството за транспорт и врски, има извршено стручна ревизија на Државната урбанистичка планска документација за ТИРЗ „КИЧЕВО“ – (Опфат 1 и Опфат 2), бр. 16-3048/2 од 25.03.2010 година, а Агенцијата за планирање на просторот има изработено Извештај за постапување по забелешките од Извештајот од извршената стручна ревизија, од април 2010 година.

Министерот за транспорт и врски донел Решение бр. 16-2244/7 од 23.08.2010 година со кое се одобрува Државната урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ „КИЧЕВО“ – Опфат 1, КО Србјани, Општина Другово и Опфат 2, КО Кичево, Општина Кичево. Решението станало правосилно на 10.09.2010 година.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, со акт бр. 22-3034/2 од 05.04.2011 година, во врска со постапката за реализација на ТИРЗ Кичево, ја известило Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони дека земјоделското земјиште за кое има решение за трајна пренамена, е предмет на склучен Договор за долгорочен закуп од 17.11.1998 година, како и анекс кон основниот договор од 26.07.2005 година. Дирекцијата за технолошко индустриски развојни зони, со свој акт бр. 03-270/4 од 29.04.2011 година, го доставила ова известување до Министерството за транспорт и врски – Сектор за уредување на просторот.

Владата на Република Македонија, на седницата одржана на 10.05.2011 година, ја разгледала Информацијата по барање на ЗК Кичево за доделување на друга локација за изградба на ТИРЗ Кичево и усвоила заклучок да се извести ЗК Кичево дека, имајќи предвид дека активностите за формирање на ТИРЗ Кичево се веќе во поодмината фаза, не постои основ за доделување на друга локација за изградба на ТИРЗ Кичево (Извадок од Нацрт- записникот на Двестетриесетивтората седница на Владата на Република Македонија, одржана на 10.05.2011 година, бр. 51-2611/3 од 10.05.2011 година).

7. Од анализата на наведената законска регулатива и доставената документација за донесување на Решението бр. 16-2244/7 од 23.08.2010 година со кое се одобрува Државната урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ „КИЧЕВО“ – Опфат 1, КО Србјани, Општина Другово и Опфат 2, КО Кичево, Општина Кичево, а во корелација со наводите во иницијативата, Судот оцени дека наведеното решение е донесено во постапка која е предвидена со Законот за просторно и урбанистичко планирање.

Имено, во оваа постапка, согласно одредбите на Законот за просторно и урбанистичко планирање, се обезбедени услови за планирање на просторот, издадени од Министерството за животна средина и просторно планирање, како надлежен орган на државната управа за работите од областа на просторното планирање, како и обезбедена е согласност за трајна пренамена на земјоделско во градежно земјиште за потребите на конкретната Технолошка индустриска развојна зона, дадена од Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, како орган на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на земјоделството, како неопходни фази во постапката за донесување државна урбанистичка планска документација, а кои посебно се оспоруваат со иницијативата.

Фактот што Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство доставило до Министерството за транспорт и врски, известување дека не се согласува да се даде согласност за трајна пренамена на земјоделското во градежно земјиште и дека предлагаат за продолжување на натамошната постапка, да се изнајдат можности за поместување на опфатите 1 и 2 за изградба на ТИРЗ, односно да се изнајде друго земјиште кое ќе биде усогласено со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, кое прашање како клучно посебно се истакнува во иницијативата, според Судот, не влијае на законитоста на постапката за донесување на Државната урбанистичка планска документација. Ова од причина што и покрај ваквото укажување (во документацијата кон иницијативата е приложено и укажување на Секторот за регистрирање и управување со земјоделско земјиште до кабинетот на министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство за основаноста на потребата да се изнајде друго земјиште за пренамена), министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство сепак донел Решение со кое ја одобрил пренамената на земјиштето, па во ситуација кога решението претставува акт со поголема правна сила од известувањето, основано произлегува дека Решението, а не известувањето, е земено во предвид од Министерството за транспорт и врски како валиден правен документ по однос на прашањето за пренамена на земјиштето во постапката за донесување Државна урбанистичка планска документација.

Прашањето, пак, за тоа дали извршената пренамена на земјиштето е во согласност со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање, е во надлежност на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, а не на Уставниот суд, кој единствено е надлежен да ја цени законитоста на постапката за донесување на решението за одобрување на државна урбанистичка планска документација, како општ правен акт, а нема надлежност за оценување на согласноста на еден подзаконски акт ( решение) во однос на друг подзаконски акт ( правилник).

Постоењето на договор за долгорочен закуп на земјоделското земјиште кое се пренаменува во градежно земјиште, е конкретно облигационо прашање кое треба да се решава од надлежните органи во постапката за реализирање на донесената државна урбанистичка планска документација и не спаѓа во доменот на Уставниот суд.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека Решението за одобрување на Државна урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ Кичево опфат 1- КО Србјани – Општина Другово и опфат 2 – КО Кичево – Општина Кичево, бр. 16-2244/7 од 23.08.2010 година, донесено од министерот за транспорт и врски, е донесено во согласност со Законот за просторно и урбанистичко планирање, поради што не прифати дека истото не е во согласност со член 8 и член 56 од Уставот.

8. Согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија, помеѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува за барањето.

Имајќи предвид дека според член 5 алинеја 18 на Законот за просторно и урбанистичко планирање, услови за планирање на просторот се извод од просторниот план во кој се наведени поблиските услови за изработка на плановите од пониско ниво, а според член 15 став 2 на овој закон, за изготвување на државна и локална урбанистичка планска документација со кои се уредува користење на просторот вон планските опфати, инвеститорот е должен да побара услови за планирање на просторот од органот на државната управа надлежен за работите од областа на просторното планирање, произлегува дека Решението за услови за планирање на просторот, бр. 15-484/1 од 15.01.2010 година, донесено од министерот за животна средина и просторно планирање, е дел од документацијата која претходи на донесувањето на решение со кое се одобрува Државната урбанистичка планска документација за изградба на ТИРЗ Кичево опфат 1- КО Србјани – Општина Другово и опфат 2 – КО Кичево – Општина Кичево.

Со оглед дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд е надлежен да одлучува за уставноста на законите и за уставноста и законитоста на прописите и општите акти кога тие ќе бидат донесени од надлежните органи, а не и во фазата на нивното подготвување, а оспореното решение е извод од Просторниот план на Република Македонија во кој се наведени поблиските услови за изработка на Државната урбанистичка планска документација за ТИРЗ Кичево и претставува дел од документацијата потребна за донесување на наведената државна урбанистичка планска документација, Судот оцени дека истото не претставува акт кој подлежи на уставносудска оценка и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија за отфрлање на иницијативата во овој дел.

9. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.
10. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.79/2011
14 септември 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply