11/2010-0-0

11/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницата одржана на 29 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1.НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на насловот „VII.Ограничување по напуштање на должноста“ и на член 17 на Законот за спречување судир на интереси („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/2007 и 114/2009).

2.СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на насловот „IX-a. Изјава за интереси“, членовите 20-а, 20-б, 20-в, 20-г и 20-д, насловот „XIII-a. Прекршочни одредби“ и членовите 31-а и 31-б од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3.Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на насловите и членовите од Законот означени во точките 1 и 2 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, насловот „VII. Ограничување по напуштање на должноста“ и одредбите од членот 17 на Законот, не биле во согласност со член 8 став 1 алинеите 3 и 6, член 9, член 30, член 32 ставовите 1 и 2, член 51 и член 54 став 1 од Уставот, затоа што предвидувале службеното лице во рок од три години по престанокот на вршењето на јавните овластувања или должности, односно по престанокот на вработувањето, да не може да се вработи и да не може да стекне по кој било основ акции односно удели, а во рок од две години да не може да врши застапување, со што се повредувале наведените уставни одредби. Слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, па оспорените законски одредби немале уставна основа за таквото ограничување по престанокот на вработувањето, а со тоа се создавала и разлика меѓу граѓаните на кои се однесувале оспорените одредби и другите граѓани во Република Македонија, што било недопуштено.
Подносителот на иницијативата, понатаму, наведува дека насловот „IX-a. Изјава за интереси“ и членовите 20-а, 20-б, 20-в, 20-г и 20-д, како и насловот „XIII-a. Прекршочни одредби“ и членовите 31-а и 31-б од Законот, исто така немале уставна основа за нивно опстојување во уставниот и правниот поредок на Република Македонија. Ако не можело да се бара изјава од лицето повикано, приведено или лишено од слобода, согласно член 12 став 3 од Уставот, дотолку повеќе таква изјава не можело да се бара од службените лица наведени во членовите 20-а и 20-б од Законот, и да биде уште полоша состојбата, ако наведените лица не постапеле по овие одредби тие и прекршочно ќе одговарале, што било несфатливо. Изјава не смеела да се изнудува, особено не со закон, како што било направено во конкретниот случај, затоа што изјавата била едностран и доброволен акт, па не го обврзувала давателот на изјавата и тој не бил одговорен за дадената изјава како, на пример, што го обврзувал договорот. Покрај тоа, не смеела однапред да се прави формата и содржината на образецот за изјавата за интереси (член 20-г) и тоа со закон да се наложува. Поради тоа, наведените законски одредби не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 12 став 3 и член 51 од Уставот.

4.а) Судот на седницата утврди дека насловот:„VII. Ограничување по напуштање на должноста“ е наслов на посебна глава од Законот која го опфаќа само членот 17 од Законот.
Во оспорениот член 17 став 1 од Законот се определува дека: „Службеното лице во рок од три години по престанокот на вршењето на јавните овластувања или должности, односно по престанокот на вработувањето, не може да се вработи во трговското друштво во кое вршел надзор или имал воспоставено каков било договорен однос при вршењето на јавните овластувања или должности.“
Во оспорениот став 2 од истиот член на Законот се определува дека: „Службено лице во рок од три години по престанокот на вршењето на јавните овластувања или должности, односно по престанокот на вработувањето, не може да стекне по кој било основ акции односно удели во правното лице во кое работел, односно вршел надзор.“
Според оспорениот став 3 од истиот член на Законот, „Ако службеното лице во рокот утврден во ставот (2) на овој член се стекне со акции односно удели по пат на наследување, е должно тоа да го пријави до Државната комисија.“
Во оспорениот став 4 од истиот член на Законот се предвидува дека: „Службеното лице во рок од две години по престанување на вршењето на јавните овластувања или должности, односно по престанокот на вработувањето, не може да врши застапување на физичко или правно лице од органот во кој претходно работел, ако учествува во донесување на одлука по конкретен предмет.“

б) Според член 8 став 1 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се, покрај другото, владеењето на правото (алинеја 3) и правната заштита на сопственоста (алинеја 6).
Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба (став 1). Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви (став 2).
Според член 30 став 1 од Уставот, се гарантира правото на сопственост.
Според член 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување (став 1). Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место (став 2). Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори (став 5).
Според член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека владеењето на правото и правната заштита на сопственоста се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија и дека тие темелни вредности се остваруваат, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите, како и дека се гарантира правото на сопственост. Уставот, исто така, определува дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба, како и дека граѓаните пред Уставот и законите се еднакви , при што секој има право на работа, слободен избор на вработување, достапност на секое работно место на секого под еднакви услови, со тоа што остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Со оглед на тоа што оспорениот наслов и оспорените одредби од член 17 на Законот определуваат дека службено лице кое вршело јавни овластувања или должности не може да се вработи во трговско друштво во рок од три години од престанокот на функцијата односно на работниот однос ако вршел надзор во тоа друштво, потоа дека не може да стекне акции или удели во период од три години од престанокот на функцијата односно на работниот однос во правното лице во кое работел, а ако ги стекнал акциите или уделите по пат на наследување во периодот од трите години да мора да ги пријави до Државната комисија, како и да не може да врши застапување на физичко или правно лице од органот во кој претходно работел во рок од две години од престанокот на функцијата односно на работниот однос ако учествувал во донесување на одлука по конкретен предмет, Судот оцени дека таквите одредби имаат уставна основа во член 32 став 5 од Уставот со оглед на тоа дека со закон, покрај со колективен договор, се уредуваат правата на вработените и нивната положба.

Во однос, пак, на уставното начело на еднаквоста, Судот оцени дека оспорениот наслов и оспорениот член 17 од Законот не создаваат нееднаквост со оглед дека службените лица кои вршеле надзор во определени трговски друштва или стекнале акции односно удели во правни лица во кои работеле или учествувале во донесување на одлука по конкретен предмет, се наоѓаат во поинаква положба отколку другите лица, поради што предвидувањето на поинакви правила за нив во однос на другите лица е токму остварување на уставното начело на еднаквост.

Поради тоа, Судот утврди дека нема основи за поведување на постапка за оценување на уставноста на насловот „VII.Ограничување по напуштање на должноста“ и на одредбите од членот 17 на Законот, па одлучи како во точката 1 од ова решение.

5.а) Судот, исто така, на седницата утврди дека оспорениот наслов: „IX-a. Изјава за интереси“ е наслов на посебна глава од Законот, која ги опфаќа само членовите 20-а, 20-б, 20-в, 20-г и 20-д.
Во оспорениот член 20-а од Законот се определува дека: „Претседателот на Република Македонија, пратениците, градоначалниците, амбасадорите и други именувани лица на Република Македонија во странство, избраните и именуваните лица од и во Собранието на Република Македонија и Владата на Република Македонија, органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други органи на централната и локалната власт утврдени со закон, при преземање на вршењето на јавните овластувања и должности, во рок од 30 дена се должни да поднесат изјава за постоење или непостоење на судир на интереси до државната комисија.“
Според оспорениот член 20-б од Законот, „Државните службеници и вработените во органите на државната управа и други државни органи, органите на судската власт, јавните претпријатија, установи, други правни лица на централната и локалната власт утврдени со закон, како и лица вработени преку агенции за привремено вработување со овластување, во рок од 30 дена се должни да поднесат изјава за постоење или непостоење на судир на интереси во органите во кои ги извршуваат нивните должности, односно во кои се вработени.“
Во оспорениот член 20-в од Законот се предвидува дека: „Ако за време на вршењето на јавните овластувања и должности, службеното лице се најде во состојба на судир на интереси, е должно во рок од 30 дена од настанатата промена да ја извести Државната комисија“ (став 1); „Службеното лице ако во рок од три години се вработи во трговско друштво или друго правно лице во приватниот сектор, е должно во рок од 30 дена да ја извести Државната комисија“ (став 2).
Во оспорениот член 20-г од Законот се определува дека: „Формата и содржината на образецот за изјавата за интереси од членовите 20-а и 20-б на овој закон ги пропишува Државната комисија.“
Според оспорениот член 20-д од Законот, „Во случаите кога постои основано сомневање или за тоа има докази кои упатуваат на постоење на судир на интереси Државната комисија во смисла на овој закон, ги проверува изјавите за постоење/непостоење на судир на интереси дадени согласно со Законот за јавните набавки.“

Судот, понатаму, утврди дека оспорениот наслов: „XIII-a. Прекршочни одредби“ е исто така наслов на посебна глава од Законот, која ги опфаќа само членовите 31-а и 31-б.
Во оспорениот член 31-а од Законот се определува дека: „Глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на физичкото лице доколку постапи спротивно на одредбите од членот 17 на овој закон“ (став 1); „Глоба во износ од 3.000 до 5.000 евра во денарска противвредност ќе му се изрече на одговорното лице во правното лице доколку постапи спротивно на одредбите од членот 17 на овој закон“ (став 2); „Глоба во износ од 1.000 до 3.000 евра во денарска противвредност за прекршок ќе му се изрече на службено лице доколку постапи спротивно на одредбите од членовите 20-а, 20-б и 20-в на овој закон“ (став 3).
Според оспорениот член 31-б од Законот, „Прекршочната постапка од членот 31 на овој закон ја води и прекршочните санкции ги изрекува надлежен суд.“

б) Членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот определува дека владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.
Според член 12 став 3 од Уставот, лицето повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава.
Член 51 од Уставот определува дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон (став 1). Секој е должен да ги почитува Уставот и законите (став 2).

Од изнесените уставни одредби произлегува дека темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото и дека таа вредност се остварува, покрај другото, така што законите мораат да бидат во согласност со Уставот а сите други прописи со Уставот и законите, како и така што секој мора да ги почитува Уставот и законите. Уставот, исто така, определува дека лицето кое ќе биде повикано, приведено или лишено од слобода мора веднаш да биде биде запознато со причините за неговото повикување, приведување или лишување од слобода и со неговите права утврдени со закон и од него не може да се бара изјава.

Оспорениот наслов „IX-a. Изјава за интереси“ и членовите 20-а, 20-б, 20-в, 20-г и 20-д, како и оспорениот наслов „XIII-a. Прекршочни одредби“ и членовите 31-а и 31-б од Законот, се однесуваат на носителите на јавни функции на централно и локално ниво, како и на вработените во органите на централната и локалната власт, при што за нив се определува обврска да поднесат изјава за постоење или непостоење на судир на интереси во рок од 30 дена од преземањето на функцијата односно од вработувањето, како и од настанувањето на секоја промена, потоа се определува тие лица да поднесуваат изјава за интереси во форма и содржина пропишана од Државната комисија, а се определува и тоа дека ако Комисијата основано се сомнева или има поинакви докази ќе ги провери дадените изјави за постоење или непостоење на судир на интереси. Покрај тоа, оспорените одредби определуваат дека глоба во определен износ и во прекршочна постапка спроведена од надлежен суд се изрекува: а) на физичко лице ако се вработи во трговско друштво во кое вршело надзор пред истекот на трите години или ако стекнало акции или удели во правното лице во кое работело исто така пред истекот на трите години, како и ако застапува физичко или правно лице а учествувал во донесување на одлука по конкретен предмет пред истекот на две години; б) на одговорно лице во правно лице ако дозволи вработување, стекнување на акции или удели или застапување во наведениот рок и во наведените ситуации; в) на службено лице ако не поднесе изјава за постоење или непостоење на судир на интереси во рок од 30 дена од преземањето на јавната функција или од вработувањето, како и од настанувањето на промената, и тоа на образец со форма и содржина пропишани од Државната комисија. Според тоа, Судот оцени дека оспорените законски одредби не се однесуваат на лица кои се опфатени со член 12 став 3 од Уставот и на кои уставни определби се повикува подносителот на иницијативата оспорувајќи ги законските одредби.

Имајќи ја предвид изнесената фактичка состојба, односно спротивставувањето на законските одредби на уставни одредби чија содржина не соодветствува на содржината на посочените уставни одредби, Судот утврди дека нема процесни претпоставки за постапување по тој дел од иницијативата, поради што согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Судот одлучи како во точката 2 од ова решение.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У бр.11/2010
29 јуни 2011 г.
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply