70/2011-0-0

70/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 210 од Законот за пензиското и инвалидско осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.80/1993, 3/1994-исправка, 15/1995, 71/1996, 32/1997, 24/2000, 96/2000, 50/2001, 85/2003, 50/2004, 4/2005, 84/2005, 101/2005, 70/2006, 153/2007, 152/2008м 161/2008, 81/2009, 154/2009, 83/2010, 156/2010, 24/2001 и 51/2011).

2. Богатин Илков од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Подносителот во иницијативата, како и во нејзиното дополнување укажува на прашања кои регулираат односи од пензиското осигурување и во истата се наведуваат предлози и начини како може да се регулираат начинот и условите на стекнување на правото на пензија. При тоа, цело време во иницијативата подносителот укажува на законските решенија во Законот за внатрешни работи, како и на Законот за работните односи, што врши компарација на овие закони и доаѓа до заклучок дека постоеле различни решенија за иста материја во постоечките посочени закони.

Од наведените причини смета дека Уставниот суд треба да го укине член 210 од Законот за пенсикото и инвалидското осигурување.

3. Судот на седницата утврди дека во член 210 од Законот е предвидено дека со денот на почетокот на примената на овој закон престанува да важи Законот за основните права од пензиското и инвалидското осигурување („Службен лист на СФРЈ“ бр.23/1982, 77/1982, 57/1985, 8/1987, 78/1989, 44/1990 и 89/1990) и („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/1992) од Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на СРМ“ бр.18/1983 4/1987, 4/1989, 19/1990 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.36/1991 и 12/1993), одредбите на членовите 127, 128, 129, 130, 132, 133, 134, 135, 137, 138, 139, 147 и 161 од Законот за внатрешните работи – пречистен текст („Службен весник на СРМ“ бр.37/1980, 24/1988 и „Службен весник на Република Македонија“ бр. 36/1991 и 19/1992, одредбите на членовите 70, 71, 72, 73, 73-а, 73-в, 74, 75, 76 и 81 од Законот за извршување на санкциите за кривични дела и стопански престапи („Службен весник на СРМ“ бр.19/1979, 50/1981, 42/1985, 35/1986, 47/1989 и „Службен весник на Република Македонија“ бр.19/1992), одредбите на членовите 7, 8, 9, 10 и 11 од Законот за основните права на носителите на „Партизанска споменица – 41“ („Службен лист на СФРЈ“ бр.67/1972, 40/1973, 36/1976, 39/1977, 32/1981, 25/1985, 44/1989, 87/1989 и 20/1990), одредбите на членовите 8, 9, 10, 11 и 12 од Законот за основните права на борците од Шпанската Националноослободителна и револиционерна војна („Службен лист на СФРЈ“ бр.67/1972, 40/1973, 33/1976, 39/1979, 32/1981, 68/1981, 25/1985, 44/1989 и 20/1990), одредбите на членовите 9, 10, 11 и 12 од Законот за основните права на лицата одликувани со „Орден народен херој“ („Службен лист на СФРЈ“ бр.67/1972, 21/1974, 33/1976, 39/1977, 32/1981, 68/1981, 25/1985, 75/1985, 44/1989, 87/1989 и 20/1990), Законот за пензиското и инвалидското осигурување на воените осигуреници, освен главите XI и XII („Службен лист на СФРЈ“ бр.7/1985, 74/1987 и 20/1989) и одредбите на членовите 17, 18, 19, 20, 21, 22, 23, 24, 25, 26, 27, 28 и 32 од Законот за самостојните уметници („Службен весник на СРМ“ бр.46/1982).

4. Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија е владеењето на правото.

Во член 110 од Уставот е утврдена надлежноста на Уставниот суд на Република Македонија а тоа, меѓу другото, е да одлучува за согласноста на законите со Уставот, како и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Од анализата на содржината на цитираните уставни норми, јасно произлегува дека Уставниот суд нема надлежност да креира законски решенија, односно да создава закони и законски решенија. Ваквата надлежност, според уставната поставеност, ја има законодавниот дом, односно законодавецот е тој што ги донесува законите, истите ги менува и истовремено, законодавецот е тој што ја води политиката на законите, а не Уставниот суд, кој, според член 110 од Уставот, цени дали тие се во согласност со Уставот.

Владеењето на правото, како темелна вредност на уставниот поредок, ги содржи „правната сигурност на граѓаните на Република Македонија и принципот со еднаквите еднакво со нееднаквите нееднакво“.

Во правниот поредок на Република Македонија законодавецот континуирано може да ја менува одредена законска материја, а со тоа, за односите кои се случуваат и настануваат, се однесува законот по неговото влегување во сила.

Пензиските односи, во суштина се „односи во тек“. Правото на пензија осигуреникот го остварува според законот кој важел во времето на утврдување на исполнување на условите на пензија и сите во истите услови предвидени во Законот кој во моментот е во правна сила, еднакво се третираат, односно се однесуваат за сите осигуреници. Но, со оглед на фактот што пензиските односи се „односи во тек“, тие постојано се менуват и движат во натамошниот период од моментот на утврдување на правото на пензија, следователно ги опфаќаат и на нив се однесуваат идните законски решенија, односно промени, па оваа динамика на законската регулатива спрема пензиските односи, нема никаква допирна точка со елаборацијата во иницијативата за „стекнати права“ според која односите во областа на пензиите требало да се опсервираат како материја која е врзана со единствен закон и со единствени законски решенија за сите без оглед на комплексноста на односите и времето на нивното настанување.

Меѓутоа, според Судот, неопходно е токму обратно да се гледа на работите, бидејќи како што и претходно беше кажано, проблемот на кој се укажува во иницијативата, регулира „односи во тек“ кои се проследени со законски промени, а кои промени, што е од суштинско и уставно значење, важат за сите еднакво кои се во исти услови.

Подносителот во иницијативата, глобално елаборира прашање од пензиските односи, при тоа вршејќи паралелна анализа помеѓу Законот за внатрешни работи и Законот за пензиското и инвалидското осигурување, давајќи критики, како и можни начини за регулирање на оваа материја. Меѓутоа, иницијативата и по нејзиното прецизирање побарано од Судот не беа дадени аргументи и причини за оспорување на одредбите во смисла на член 28 од Деловникот што претставуваше пречка за уставно судска анализа.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Предвид на напред наведената анализа, Судот оцени дека во конкретниов случај се исполнети условите од наведената деловничка одредба.

5. Врз основа на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.70/2011
29 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply