49/2011-0-0

49/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 29 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 69 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означени во точката 1 од ова решение. Според наводите во иницијативата, оспорените делови од членот 69 став 1 од Законот не биле во согласност со Уставот, затоа што критериумите за склучување на договори со здравствените установи и условите под кои можело да се раскине договор, можеле да се утврдуваат само со закон, а не со општ акт на Фондот. Неуставно било овластувањето дадено на Фондот да пропишува и други критериуми надвор од веќе утврдените законски рамки, со што во иницијативата всушност не се негира дека Законот содржел критериуми. Во однос на оспорените делови од членот 70 од Законот, во иницијативата се наведува дека немало со закон предвидени услови под кои можела да се договара договорната казна. На овој начин Фондот за здравствено осигурување во пракса подготвувал обрасци на договори кои здравствените установи биле ставени во позиција да ги потпишат или непотпишат, а со тоа евентуално и да ја прифатат напишаната договорна казна. Иницијаторот бара законодавецот да пропишел услови за договорната казна кои сега ги немало во законот и со тоа да интервенира во начинот на договарањето во делот на договорните казни, со пропишување на рамки во кои договорите ќе се склучувале. Причините за неуставност се недоволната законска регулираност на прашањето.

Од овие причини, оспорените делови од одредбите од Законот не биле во согласност со повеќе одредби од Уставот, и тоа: членот 8 став 1 алинеи 3 и 4, членот 51, членот 68 став 1 алинеја 2, членот 95 став 3 и членот 96.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 69 став 1 од Законот е предвидено: „Фондот со општ акт, утврдува критериуми за склучување на договори со здравствените установи за купување на основните здравствени услуги од овој закон, начинот на склучување на договорите и за начинот на плаќањето на здравствените услуги според:
– бројот на осигурените лица во примарната здравствена заштита;
– цени на завршени здравствени услуги во специјалистичко-консултативна здравствена заштита;
– цени на здравствени услуги групирани во ДСГ во болничка здравствена заштита за акутна нега на хоспитализирани болни;
– договорни цени за здравствени услуги кои не се вршат во јавните здравствени установи од болничката здравствена заштита;
– утврдени цени на здравствените услуги во болничката здравствена заштита за дневна болница, хронично лежечки болни и медицинска рехабилитација и физикална терапија за лежечки болнни;
– програмите за одделни видови здравствена заштита, односно услуги;
– утврдените средства во Буџетот на Фондот по намени и
– други критериуми.

Според членот 70 став 4 од Законот: Во договорот од ставот 1 на овој член се уредува видот, обемот, квалитетот и роковите за остварување на здравствената заштита, односно здравствените услуги според медицина базирана на докази, начинот на пресметувањето и плаќањето на здравствените услуги, причините и условите под кои може да се раскине договорот и договорна казна.

4. Согласно членот 110 алинеи 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Тргнувајќи од содржината на иницијативата може да се констатира дека во однос на оспорените делови од членовите 69 и 70 од Законот за здравствено осигурување нема аргументи на чија основа Судот би се впуштил во уставносудска анализа и мериторно одлучување за уставноста на Законот и неговите одредби кои се меѓусебно комплексно поврзани во рамки на целината на законот како и во системот на законите пошироко во правниот поредок, а во случајов станува збор за Законот за здравствено осигурување кој регулира социјална материја која не дозволува исклучиво формалистичко и селективно опсервирање, на што упатува иницијативата.

Со оглед на тоа Судот оцени дека се настапени деловнички претпоставки согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.49/2011
29 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply