Одлука У.бр.173/2010

У.бр.173/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2011 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА член 53 став 1 алинеја 6 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност („Службен весник на Република Македонија“(„Службен весник на Република Македонија“ бр. 37/1997, 25/2000, 101/2000, 50/2001, 25/2003, 37/2004, 4/2005, 50/2006, 29/2007, 102/2008, 161/2008, 50/2010 и 88/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавување во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по повод поднесена иницијатива на Асоцијација „Магна карта“ од Велес, претставувана од Димитар Апасиев и Движење за социјална правда „Ленка“ од Скопје претставувана од Здравко Савевски, со Решение У.бр.173/2010 од 2 март 2011 година поведе постапка за оценување на уставноста на член 53 став 1 алинеја 6 од Законот означен во точката 1 од оваа одлука.

Постапката беше поведена затоа што пред Судот основано се постави прашањето за согласноста на оспорениот член со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека според член 53 став 1 алинеја 6 од Законот, невработено лице во смисла на овој закон е лице на кое работниот однос не му престанал по негова волја.

5. Според член 8 став 1 алинеи 1 и 11 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија, покрај другите, се и основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот и почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право.

Според член 4 од Уставот, граѓаните во Република Маккедонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба.

Според член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност, а според ставот 2 на овој член секому, под еднакви услови му е достапно секое работно место.

Според став 5 од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Од наведените уставни одредби произлегува дека Уставот, меѓу другите основни социјално економски права го утврдил и правото на работа при што определувањето на содржината на ова право е оставено да се уреди со закон и колективни договори.

Правото на работа како основно економско социјално право се манифестира преку правото на пристап до вработување и остварување на ова право по засновање на работен однос.

Оттука, правото на пристап до вработување и осигурување во случај на невработеност е уредено со Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, а остварувањето на правата на вработените како договорен однос меѓу работниците и работодавачите се уредува со Законот за работните односи.

Според член 1 од Законот за вработување и осигурување во случај на невработеност, со овој закон се уредуваат прашањата на размена на трудот, правото и обврските на работодавачите, невработените лица, другите лица кои бараат работа и друштвата во врска со вработувањето и осигурувањето во случај на невработеност и други прашања од значење за вработувањето.

Во членот 1-а од Законот е предвидено дека секој има право на пристап до вработување, без какви било ограничувања, согласно со принципот на еднаков третман утврден во Законот за работните односи и другите закони. Согласно со принципите на еднаков третман забранета е дискриминација при вработување по основ на брачен статус, семеен статус, боја на кожа, пол, јазик, политичко или друго убедување, активност во синдикати, национална припадност, социјален статус, инвалидност, возраст, сопственост, општествен или друг статус.

Согласно член 6 став 1 од Законот за работните односи работодвачот не смее барателот на вработување (кандидат за вработување) или работникот да го става во нееднаква положба заради расата, бојата на кожата, полот, возраста, здравствената состојба … имотната состојба или заради други лични околности.

Според член 7 став 4 алинеја 1 од Законот, дискриминација во смисла на член 6 од овој Закон, е забранета во однос и на условите за вработување.

6. Имајќи ги предвид наведените уставни одредби како и содржината на оспорениот член 53 став 1 алинеја 6 од Законот, наспрема наводите изнесени во иницијативата, Судот оцени дека истите се основани, од причина што со оспореното законско решение според кое статус на невработено лице има само лицето на кое работниот однос не му престанал по негова волја, а не и на лицето на кое работниот однос му престанал по негова волја се доведува во прашање правото на работа и слободен избор на вработување утврдено во член 32 од Уставот.

Правото на работа и слободен избор на вработувањето е операционализирано во Законот за работните односи според кој работниот однос е договорен доброволен однос помеѓу работодавачот и работникот, во кој работникот се вклучува во организациониот процес на работа кај работодавач за плата и други примања.

Договорот за вработување како двостран однос може да биде откажан спогодбено, согласно условите и начинот утврдени во Законот, да биде откажан од страна на работодавачот под услови и начин предвидени со Закон и работниот однос може да биде откажан од страна на работникот повторно под услови и начин утврдени со Закон (член 100). Според тоа , ако работниот однос може да се откаже спогодбено или по волја на работодавачот и во такви случаи работникот стекнува статус на невработено лице и се води во Агенцијата за вработување, но доколку работниот однос е откажан по волја на работникот, тој не може да го стекне статусот на невработено лице, односно не може да се пријави во Агенцијата за вработување, се поставува прашањето која била целта на законодавецот од една страна да му даде право на работникот да може да го откаже договорот за вработување по негова волја, а од друга страна остварувањето на ова право да претставува пречка тој да стекне статус на невработено лице, односно да се пријави во Агенцијата и во таков случај да ги остварува правата во случај на привремена невработеност, ако исполнува одредени услови.

Оттука, имајќи предвид дека Агенцијата за вработување, покрај другото, води евиденција на работодавачите и нивните потреби од работници и евиденција на невработени лица според нивната квалификација, знаење и искуства со цел преку посредување за вработување на работодавачите да им помогне во пополнување на слободните работни места, а на невработените да им помогне да најдат работа, Судот оцени дека со оспорената одредба на извесен начин трпат последици не само лицата кои не можат поради непријавување во Агенцијата да го понудат својот труд на пазарот, туку и работодавачите кои немаат увид односно не се во можност да знаат дека има лица за кои можеби би биле заинтересирани да најдат работа или поточно речено со оспорената одредба на индиректен начин се ограничува правото на движење – флуктуација на работната сила односно се ограничува пазарот на работна сила.

Со оглед на наведеното, Судот оцени дека одредбата од член 53 став 1 алинеја 6 од Законот, не е во согласност со одредбите од Уставот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

8. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Игор Спировски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.173/2010
22 јуни 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply