247/2009-0-0

247/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 22 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување постапка за оценување на уставноста на член 86 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр. 40/2006 и 136/2008 44/2011).

2. Љубомир Данаилов Фрчкоски, Љубе Бошкоски и Нано Ружин сите од Скопје, на Уставниот суд му поднесоа иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот наведен во точката 1 на ова решение.

Според наводите во иницијатива, со одредбата од членот 83 став 1 од Изборниот законик (според која изборната кампања не смее да се финансира од Буџетот на Република Македонија, освен средствата определени во член 86 став 2), е дадена можност изборната кампања да биде финансирана и од буџетски средства. Притоа, од клучно значење бил фактот што право на надоместок на трошоците има организаторот од чија листа е избран кандидатот за претстедател на Републиката. Вака дефинирана и озаконета одредба за надоместок не претставувала помош за финансирање на кампањата на кандидатите за претстедател и овозможување на фер и демократски избори, туку била едноставно „награда“ за победничкиот кандидат и неговиот организатор. Кандидатите за Претседател не добивале средства за помош во своите кампањи, туку тие средства ги добивал само кандидатот што бил избран за претседател на Републиката. Другите кандидати што учествувале во изборите биле лишени од можноста да добијат соодветни средства од Буџетот на Република Македонија за финансирање на нивните изборни кампањи. При тоа се укажува дека постои голема неправедност што кандидатите за Претседател на Републиката кои освојуваат во просек од 40 000 до 270 000 гласвои, не добиваат ниту денар за тој резултат, додека кандидатите за пратеници, со минимум 7000 гласа можат да бидат избрани за пратеници и да ги добијат средствата од Буџетот за таа намена.

Во иницијативата се наведува дека членот 86 од Изборниот законик бил спротивен со член 8 став 1 алинеја 3 и членот 9 од Уставот. Уставното начело за еднаквост е повредено кога граѓаните кои се во исти услови, како што е случај со кандидатите за избор на Претседател на Републиката, се третираат на различен начин. Ова начело би било почитувано кога секој од кандидатите би добил соодветен надомест за освоените гласови (15 денари по глас). Бидејќи со законската одредба тоа не се чини, туку кандидатот кој победил ги собира сите буџетски средства, начелото на еднаквост било прекршено.

Според подносителите на иницијативата, со ваквиот законски третман на финансирање на кампањите за претседателските избори се оневозможувал демократскиот и фер карактер на истите, бидејќи кандидатите биле ставени во радикално нееднаква положба со оглед на трошоците за финансирање на кампањата. Ова на подолг рок ќе оневозможело вистински плуралистички избори, бидејќи ќе ги дестимулирало организаторите на кампањите да влезат во изборна трка поради неможноста за добивање помош за кампањата од буџетски средства.

Основна намера на законодавецот требало да биде кандидатите да учествуваат во изборната кампања во релативно подеднакви услови, што е услов изборите да бидат слободни и помалку зависни од други носители на финансиска моќ во општеството. Постоењето на оспорениот член 86 од Изборниот законик ја поништувал целта поради која средствата од Буџетот се доделуваат за изборните кампањи на претседателските кандидати. Целта не треба да биде да се награди победничкиот кандидат, туку да се овозможат што е можно повеќе слободни, плуралистички и фер избори.

Поради наведените причини, со иницијативата се предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста на член 86 од Изборниот законик и истиот да го поништи.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 86 од Изборниот законик, право на надоместок на трошоци за избори имаат организаторите на изборната кампања од чии листи на кандидати се избрани кандидат за претседател на Републиката, кандидати за пратеници, членови на совет, односно кандидат за градоначалник во висина од 15 денари по добиен глас (став 1). Во ставот 2 на овој член е определено дека надоместокот на трошоците за избори ќе се исплати од Буџетот на Република Македонија, односно од буџетот на општината и на градот Скопје најдоцна во рок од три месеца по поднесувањето на финансискиот извештај за изборната кампања врз основа на извештајот на Државната изборна комисија за спроведените избори. Согласно ставот 3 на истиот член од Законикот, надоместокот на трошоците за избори се определува со одлука на Собранието, советот на општината и на градот Скопје.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Собранието на Република Македонија, на седницата одржана на 2 април 2011 година, го донесе Законот за изменување и дополнување на Изборниот законик, објавен на 5 април 2011 година во “Службен весник на Република Македонија”, број 44/2011.

Во членот 50 од овој закон е предвидено дека во членот 86 по ставот 1 се додава нов став 2 кој гласи:

„Право на надоместок на трошоци за избори имаат организаторите на изборна кампања од чии листи на кандидати не е избран кандидат за претседател на Републиката, кандидат за пратеник, кандидат за член на совет, односно кандидат за градоначалник во висина од 15 денари по добиен глас ако освоиле најмалку 1,5% од вкупниот број гласови од излезените граѓани на ниво на Републиката, изборната единица, односно општината“.

Од наведеното произлегува дека оспорениот член 86 од Изборниот законик, е дополнет, односно по цитираната измена на Законикот, добил нова содржина и тоа во онаа насока на која што упатуваат и наводите во иницијативата, поради што Судот утврди дека не постојат процесни претпоставки за одлучување по иницијативата, односно дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова–Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр. 247/2009
22 јуни 2011 година
Скопје
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply