Решение У.бр.63/2011

У.бр.63/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Марина Дишковска од Куманово, за заштита на слободи и права, повредени со подигање на обвинителниот акт Ко.бр.143/09 од 23.03.2010 година.

2. Марина Дишковска од Куманово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на Обвинителниот акт означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во првото барање од 28.02.2011 година подносителката на барањето бара да и се заштити уставното право за искажано мислење при донесување на судските одлуки, со оглед на потполно незаконитата и неправедна пресуда која и била изречена.

Подоцна, со второто барање од 23.03.2011 година (кое е појаснување на првоподнесениот поднесок), по писменото известување од страна на Судот, каде што се бара да се појасни и прецизира барањето, е наведено дека подносителката на барањето како судија во Основен суд Куманово во период од 2003-2007 година била распоредена во стечајниот оддел како претседател на стечајниот совет каде што работела во бројни стечајни постапки, каде барателката смета дека сите одлуки во тие постапки биле донесени согласно Уставот и законите.

Понатаму се наведува дека со подигањето на обвинителниот акт бил повреден нејзиниот личен интегритет, слободата на изразување на мислата и почитување и заштита на приватноста на личниот и семеен живот на достоинството и угледот на граѓанинот, загарантирано со Амандман XVII на Уставот (со кој се заменува членот 100 од Уставот на Република Македонија) и член 65 од Законот за судовите, со кои се исклучува кривична одговорност на судија за искажано мислење и одлучување при донесување на судски одлуки.

Поради тоа со поднесокот се бара да се заштити уставното право кое било повредено со подигање на обвинителниот акт Ко.бр.143/09 од 23.03.2010 година.

3. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Имајќи предвид дека од обвинителниот акт Ко.бр.143/09 од 23.03.2010 година до денот на поднесувањето на барањето, 28.02.2011 година, е изминат рокот од 2 месеца во кој период подносителката можела да го употреби како акт со кој и е повреден уставното право и слобода од член 110 од Уставот, Судот оцени дека во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во мериторно одлучување за суштината на барањето, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.

4. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.63/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply