93/2011-0-0

93/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 8 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 18 став 1 алинеја 1 од Изборниот законик („Службен весник на Република Македонија“ бр.40/2006, 136/2008, 148/2008, 155/2008, 163/2008, 44/2011 и 51/2011).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за оценување на уставноста на член 18 став 1 алинеја 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 8 став 1 алинеите 3, 4 и 5, член 9, член 13 став 1, член 14 став 1, член 22, член 23, член 25, член 51, член 54 став 1 и Амандман 25 од Уставот на Република Македонија. Ова од причина што според оспорената одредба правните последици од осудата настапувале по сила на Законот, а не како конкретна казна, забрана што ја изрекува судот во рамките на видовите на казни и санкции.

Правните последици од осудата не можат да настапуваат автоматски по сила на закон, како што е во конкретниов случај, туку тоа може да се прави само и исклучиво со правосилна судска одлука што во конкретниов случај недостасува.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 18 став 1 алинеја 1 од Законот, член на изборен орган не може да биде лице осудено за казниво дело поврзано со изборите.

Судот исто така утврди дека оспорениот член бил предмет на оценка пред Уставниот суд при што Уставниот суд со Решение У.бр.74/2006 од 17 и 18 мај 2006 година не повел постапка за оценување на неговата уставност.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

Тргнувајќи од наведените уставни и деловнички одредби како и фактот дека оспорениот член бил предмет на оцена пред Уставниот суд кој со решение У.бр.74/2006 од 17 и 18 мај 2006 година. не повел постапка за оценување на уставноста на член 18 став 1 алинеја 1, а по предметната иницијатива не постојат основи за поинакво одлучување, Судот оцени дека во конкретниов случај настапени се условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.93/2011
8 јуни 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply