Решение У.бр.25/2011

У.бр.25/2011

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 08 јуни 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Наталија Велковска од Скопје за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на политичка припадност.

2.Наталија Велковска од Скопје му поднесе на Уставниот суд барање заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на забраната на дискриминацијата на граѓаните по основ на политичка припадност во кое наведува дека уставното право на заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност и биле повредени во постапка за заштита на правата од работен однос пред судовите, со сторена повреда на материјалното и процесното право со донесувањето на гореспоменатите поединечните правни акти. Причината за дискриминаторскиот третман од страна на работодавецот била исклучиво нејзината политичка припадност како портпарол на Либерално Демократската партија во периодот од 2003 до 2007 година. Како политички активна барателката имала јавни настапи со кои биле запознати и работодавецот и судските органи.

Подносителката на барањето смета дека нејзините права биле повредени со следните акти:

– Решение за распоредување на работник број 03-1016 од 28.02.2007 година од АД ГТЦ Скопје и Понуда за склучување на нов променет договор број 03-3331/2 од 12.06.2007 година и Договор за вработување од 12.06. 2007 година,
– Пресуда на Основниот суд Скопје 2 Скопје, РО.бр. 3370/07 од 29 октомври 2008 година ,
– Пресуда на Апелациониот суд Скопје, РОЖ.бр.85/09 од 23 април 2009 година и
– Пресуда по ревизија од Врховен суд на Република Македонија Рев.бр.1008/2009 од 07 октомври 2010 година

Исто така подносителката на барањето наведува дека уставното право на заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност и биле повредени во постапка за заштита на правата од работен однос пред судовите, со сторена повреда на материјалното и процесното право со донесувањето на гореспоменатите поединечните правни акти. Причината за дискриминаторскиот третман од страна на работодавецот била исклучиво нејзината политичка припадност како портпарол на Либерално Демократската партија во периодот од 2003 до 2007 година. Како политички активна барателката имала јавни настапи со кои биле запознати и работодавецот и судските органи.

Во барањето понатаму подносителката укажува на тоа дека редовно ги извршувала обврските на работното место за целиот период во кој била вработена на работното место Советник на Извршниот директор во Градскиот трговски Центар АД за издавање на деловен простор под закуп Скопје. Со промената на Владата била извршена промена на раководната структура на Јавното претпријатие за станбен и деловен простор, кое како најголем акционер во АД ГТЦ Скопје т.е. сопственик на повеќе од 90% од акционерскиот капитал, извршил и промена на членовите на Одборот на директори на АД ГТЦ Скопје, иако мандатот на барателката и на други вработени се уште не и бил завршен, поставувајќи партиски активисти на нивните места.

Барањето за заштита на слободите и правата од членот 110 алинеја 3 од Уставот го поднелa од причина што смета дека со актите донесени од страна на судот биле повредени одредби од Уставот и бара да биде закажана јавна расправа и да се поништат правосилните гореспоменати акти.

3. Судот на седница утврди дека од извршениот увид во доставените и прибавени докази се утврди дека подносителката на барањето за заштита на слободи и права Наталија Велковска од Скопје со пресуда на Основниот суд Скопје 2 Ро.бр.3370/07 од 29 октомври 2008 година и било одбиено како неосновано прецизираното тужбено барање да се поништи Одлуката за откажување на Договорот за вработување од деловни причини со отказен рок бр.03-3871/1 од 28.06.2007 година, да се задолжи тужениот Градски трговски Центар АД за издавање на деловен простор под закуп Скопје, да ја распореди тужителката на работно место соодветно на образованието на работникот и на неговите искуства стекнати со работа, да му се забрани на тужениот да врши дискриминација над тужителката додека се наоѓа кај него на работа и да и ја надомест штетата со сторената дискриминација.

Незадоволна од првостепената пресуда Наталија Велковска на 05 декември 2008 година поднела жалба до Апелациониот суд Скопје со која ја побивала првостепената пресуда.

Апелациониот суд Скопје со Пресуда РОЖ.бр. 85/09 од 24 април 2009 година, жалбата на тужителката ја одбил како неоснована и пресудата на провостепниот суд ја потврдил.

Наталија Велковска поднела Ревизија во Врховниот суд на Република Македонија, која со Пресуда Рев.бр.1008/2009 од 07 октомври 2010 година била одбиена како неоснована.

На 04 февруари 2011 година Наталија Велковска до Уставниот суд на Република Македонија поднела барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

По приемот на барањето, во претходната постапка, а заради оценка на навременоста на барањето, писмено се обративме до Основниот суд Скопје 2 со барање да не известат за тоа на кој датум странката ја примила второстепената пресуда.

Од Основиот суд Скопје 2 ни беше доставен одговор под број 03.Су.бр. 877/2011 од 08 април 2011 година во кој се потврдува дека на Наталија Велковска на 8 мај 2009 година и била врачена пресудата на Апелациониот суд.

Оттука како датум кога била извршена уредна достава на конечен или правосилен поединечен акт, односно кога подносителката на барањето ја примила второстепената пресуда, го утврдивме 8 мај 2009 година.

4. Согласно членот 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забрана на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосилен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање. Во барањето, според член 52 од Деловникот, потребно е да се наведат причините поради кои се бара заштита, актите или дејствата со кои тие се повредени, фактите и доказите на кои се заснова барањето, како и други податоци потребни за одлучувањето на Уставниот суд.

Согласно член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Во претходна постапка Судот утврди дека барањето на Наталија Велковска за заштита на барање за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност до Уставниот суд е поднесено на 4 февруари 2011 година.

Видно од одговорот на Основниот суд Скопје 1 уредна достава на правосилната пресуда на Апелациониот суд Скопје РОЖ.бр.85/09 од 23 април 2009 година, на Наталија Велковска и била извршена на 08 мај 2009 година. Пресудата Рев.бр.1008/09 од 07.10.2010 година на Врховниот суд на Република Македонија била доставена до полномошникот на тужителката на 03.12.2010 година.

Од наведената фактичка состојба јасно призлегува дека барањето за заштита на слободите и правата на човекот и граѓаните што се однесуваат на забраната на дискриминација по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност е поднесено по истекот на рокот од 2 месеци од денот на доставувањето на правосилната пресуда, поради што цениме дека во конкретниот случај постојат процесни пречки овој Суд да се впушти во мериторно одлучување за суштината на барањето, односно дека се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, за отфрлање на барањето.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојановски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.25/2011
08.06.2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply