134/2010-0-0

У.бр.134/2010

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 15 став 1 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на деловите од одредбите од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите од иницијативата, оспорениот законски дел “и правни” од членот 15 став 1 од Законот, бил спротивен на членовите 8 став 1 алинеја 3, 20 ставовите 1 и 2 и 51 од Уставот, бидејќи оспорениот законски дел немал уставна основа за негово законско предвидување, бидејќи членот 20 став 1 од Уставот само на граѓаните им гарантирал слобода на здружување, а не и на правните лица, како што се предвидувало во оспорениот законски дел.

Според подносителот на иницијативата и оспорениот законски дел “со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон” од членот 19 став 4 од Законот, немал уставен основ, затоа што според членот 42 став 2 од Уставот само лице помладо од 15 години живот не можело да биде вработено. Имено, според Законот за работни односи, договор за вработување можело да склучи лице кое наполнило 15 години возраст и имало општа здравствена способност, што значело дека при склучувањето на договор за вработување не се барало согласност од законски застапник, од каде логично било и на малолетно лице со наполнети 14 години за зачленување во организацијата да не се барало потпишана изјава за согласност од неговиот законски застапник. Нведеното, дотолку повеќе што со Законот за облигационите односи, било предвидено дека малолетник со наполнети 14 години, одговарал според општите правила за одговорност за штета. Од овие причини оспорениот законски дел не бил во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3, 5 и 11 и став 2, член 9, член 29 ставови 1 и 2, член 42 став 2, член 51 и член 54 став 1 и 3 од Уставот.

На крајот со иницијативата, се оспорува делот ”освен во случаи кога член на организацијата е корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата” содржан во членот 50 став 3 од овој закон. За иницијаторот овој оспорен законски дел бил контрадикторен, нејасен и непрецизен, бидејќи прашање било за иницијаторот, дали во случајов се работело за корисник или пак за давател на услугите поради што овој оспорен законски дел бил спротивен на член 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека според членот 15 став 1 од Законот, “здружение можат да основаат физички и правни лица”. Со иницијативата се оспорува законскиот дел: “и правни”.

Според членот 19 став 4 од Законот, малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон. Со иницијативата се оспорува законскиот дел: “со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон”.

Судот, исто така утврди дека според членот 50 ставот 3 од Законот, средствата на организацијата не можат да се исплаќаат на членовите, основачите, членовите на органите, застапниците, вработените или со нив поврзани лица освен во случаи кога член на организацијата е корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата. Со иницијативата се оспорува законскиот дел: “освен во случаи кога член на организацијата е корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата“.

4. Според член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11 од Уставот на Република Македонија основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и почитувањето на општо прифатените норми на меѓународното право, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Со членот 8 став 2 од Уставот, е уредено дека во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането.

Според членот 9 од Уставот граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред уставот и законите се еднакви.

Со членот 20 ставови 1 и 2 од Уставот е определено дека на граѓаните им се гарантира слободата на здружување заради остварување и заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања. Граѓаните можат слободно да основаат здруженија на граѓани и политички партии, да пристапуваат кон нив и од нив да истапуваат.

Според членот 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно со начелото на социјалната праведност. Републиката им гарантира право на помош на немоќните и на неспособните за работа граѓани. Републиката им обезбедува посебна заштита на инвалидните лица и услови за нивно вклучување во општествениот живот.

Според членот 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица. Лице помладо од 15 години не може да биде вработено. Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа. Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 54 став 1 од Уставот е определено дека слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Според членот 15 став 1 од Конвенцијата за правата на детето државите членки го признаваат правото на детето на слобода на здружување и слобода на мирно собирање, а со ставот 2 од истиот член од Конвенцијата е определено дека не можат да се наметнат никакви ограничувања на остварувањето на овие права освен оние што се во согласност со законот и што се неопходни во демократското општество во интерес на националната безбедност или јавната сигурност, јавниот ред, заштитата на јавното здравје или моралот или заштита на правата и слободите на другите.

Согласно Препораките на Советот на Европа, посебно Препораката ЦМ/РЕЦ (2007) 14 на Комитетот на министри до земјите членки, во врска со правниот статус на невладините организации во Европа, физички и правни лица, домашни и странски треба да имаат право да основаат граѓански организации, како и правото на малолетни лица да основаат или да бидат членови на организации.

Со Законот за здруженија и фондации (“Службен весник на Република Македонија” број 52/2010), се уредуваат начинот, условите и постапката за основање, регистрација и престанок на здруженијата, фондациите, сојузите, организационите облици на странските организации во Република Македонија, имотот со кој располагаат, надзорот, статусните промени и статусот на организациите од јавен интерес.

Според членот 4 од Законот, правото на слободно здружување се остварува преку здружување во здруженија, фондации, сојузи и организациони облици на странски организации за остварување на нивните цели, дејности и заштита на права, интереси и уверувања во согласност со Уставот и закон. Се забранува основање на организација ако програмата и нејзиното дејствување е насочено кон насилно уривање на уставниот поредок на Република Македонија, поттикнување и повикување на воена агресија и разгорување на национална, расна или верска омраза или нетрпеливост презема активности поврзани со тероризам, презема активности кои се спротивни на Уставот или закон и се повредуваат слободите и правата на други лица.

Со оспорениот дел “и правни” од членот 15 став 1 од Законот, законодавецот уредил дека покрај физички лица, здружение можат да основаат и правни лица.

Според оспорениот дел “со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон” од членот 19 став 4 од Законот, законодавецот уредил прашање за начинот на зачленување на малолетно лице со наполнети 14 години во здружение.

Со оспорениот дел “освен во случаи кога член на организацијата е корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата“ од членот 50 ставот 3 од Законот, законодавецот уредил исклучок од правилото дека средствата на организацијата не можат да се исплаќаат на членовите, основачите, членовите на органите, застапниците, вработените или со нив поврзани лица.

Согласно членот 48 од Законот за семејството („Службен весник на Република Македонија“ бр. 80/92, 9/96, … и 156/10), родителите имаат право и должност да ги застапуваат своите малолетни деца. Детето има право да биде застапувано од своите родители или старатели.

Според членот 18 став 1 од Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија” број 62/2005, 106/2008,…..и 47/2011), договор за вработување може да склучи младо лице под 18 години возраст и кое има општа здравствена способност.

Со членот 45-б од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија” број 18/2001, 78/2001,…и 81/2009) е определено дека: “деловно способното лице самостојно изјавува правно релевантна волја. Физичкото лице со деловна способност се стекнува со навршувањето на годините на полнолетство и во други случаи предвидени со закон. Физичкото лице до навршување на 14 години и полнолетното лице на кое му е одземена деловната способност е деловно неспособно. Лицето кое навршило 14 години до полнолетство и полнолетното лице на кое му е ограничена деловната способност е ограничено деловно способно, освен ако со закон поинаку не е определено. Правното лице со деловна способност се стекнува во моментот на стекнувањето на правната способност, освен ако со закон поинаку не е определено.“ Според член 48 став 1 од истиот закон “ограничено деловно способен малолетник може без одобрение од својот законски застапник да ги склучува само оние договори чие склучување му е дозволено со закон”. Исто така согласно членот 147 став 3 од Законот за облигационите односи, малолетник со наполнети 14 години одговара според општите правила за одговорност за штета.

Од анализата на оспорениот дел од членот 15 став 1 од Законот, произлегува дека законодавецот пропишал можност и правните лица да можат да се јават како основачи на здружение. Имено, со Законот за здруженија и фондации од 2010 година, надоградена е правната рамка која се однесува на граѓанските организации во Република Македонија со цел да се обезбедат пофлексибилни услови за нивно основање и функционирање и усогласување со европското законодавство од оваа област. На тој начин, со Законот се обезбедува полиберално слободно здружување согласно европските практики, така што, покрај граѓаните како државјани на Република Македонија, здруженија и фондации можат да основаат и странско лице и странски организации, правни лица и малолетни граѓани. Основата на оваа определба произлегува од Европската конвенција за заштита на човековите права и практиката на Европскиот суд за човекови права, Конвенцијата за правата на детето и Препораките на Советот на Европа, посебно Препораката ЦМ/РЕЦ (2007) 14 на Комитетот на министри до земјите членки, во врска со правниот статус на невладините организации во Европа, според која физички и правни лица, домашни и странски треба да имаат право да основаат граѓански организации, како и правото на малолетни лица да основаат или да бидат членови на организации.

Поаѓајќи од изнесеното, како и уставната определба од член 8 став 2 од Уставот, според кој во Република Македонија слободно е се што со Уставот и законот не е забрането, законодавецот овозможил како основачи на здруженија, да можат да се јават и правни лица што впрочем кореспондира и е основна препорака на наведените меѓународни документи. Од овие причини, оспорениот законски дел од членот 15 став 1 од Законот, според кој како основачи на здруженија, можат да се јават и правни лица, според Судот, не се загрозува правото на здружување на граѓаните, туку напротив, со оспореното законско решение се проширува правото на здружување на граѓаните и со правни лица кои се во функција на остварување на целите и задачите на здружувањето.

Од анализата на оспорениот дел од членот 19 став 4 од Законот, произлегува дека малолетно лице со наполнети 14 години се зачленува во здружението со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон.

Уставниот основ само со навршени 15 години возраст едно лице да може да заснова работен однос, според Судот, не може да се поистовети и да биде и во конкретниот случај основ за самостојно одлучување за влегување во секаков вид на односи во правото. Ова од причини што уставната одредба која определува под која возраст малолетни лица не можат да бидат вклучени во работниот процес, не може да се толкува дека сите малолетни лица над оваа возраст, да можат самостојно да одлучуваат и за нивно вклучување и делување и во други односи во правниот живот, кои не значат вработување.

Според Судот, исто така, неприфатливо е со иницијативата одредбите од членот 18 став 1 од Законот за работните односи, да се доведуваат во корелација со оспорениот законски дел од членот 19 став 3 од Законот, од причини што, оспорената одредба не уредува прашања од работен однос, туку прашања во врска со членување на малолетни лица во здружение што се сосема различни односи во правото уредени со посебни закони. Правото за склучување на договори за вработување на лице помладо од 18 години, не може да се поистовети и да биде и во овој случај основ за самостојно изразена волја за влегување и во други односи во правото. Имено, според член 48 став 1 од Законот за облигационите односи “ограничено деловно способен малолетник може без одобрение од својот законски застапник да ги склучува само оние договори чие склучување му е дозволено со закон”, што значи дека надвор од случаите во кои со закон е дозволено делување на малолетник без одобрение од законскиот застапник, потребна е изречна согласност од неговиот законски застапник.

Во контекст на наведеното, неприфатливо е исто така и одредбатa од членот 147 став 3 од Законот за облигациони односи која определува одговорност за причинета штета на малолетно лице со наполнети 14 години, да се доведува во корелација со оспорениот законски дел и да се извлекува заклучок и дотолку повеќе да се толкува дека тоа дава за право и малолетните лице со наполнети 14 години, без сознанија и одобрување од законскиот застапник, да можат да бидат членови во една организација. Ова од причини што, одговорноста за причинета штета на малолетните лица со наполнети 14 години, не претпоставува и автоматско признавање на целосна деловна способност на малолетните лица, слободно да располагаат со својата волја и да одлучуваат за своите постапки, надвор од сознанијата на нивните законски застапници. Членот 45-б во ставот 4 од Законот за облигационите односи јасно определува дека лицето кое навршило 14 години до полнолетство и полнолетното лице на кое му е ограничена деловната способност, е ограничено деловно способно, освен ако со закон поинаку не е определено, од која одредба произлегува дека малолетното лица до полнолетството е ограничено деловно способно лице и не може без изречна согласност на неговиот законски застапник, самостојно да учествува ниту во правниот промет, ниту во други односи во правото, со исклучок само во оние случаи кога е тоа дозволено со закон. Во конкретниот случај, токму со оспорениот законски дел е овозможено и малолетни лица со навршена 14 години, да можат да бидат членови во здружение, но преку изјава за согласност од нивниот законски застапник, за зачленување во организацијата во согласност со закон.

Тргнувајќи од наведеното, според Судот, законодавецот оспореното законско решение го пропишал во функција на заштита на интересите на малолетните лица кои влегуваат во овој вид на односи, со оглед дека станува збор за категорија на лица на возраст со навршени 14 години, која битно може да влијае на нивното правилно постапување и расудување за правата и обврските со кои треба да се носи со стапувањето во овој вид на односи, како што во конкретниот случај е членување во здружение. Имено, законодавецот тргнувајќи од возраста на оваа катагорија на лица, како и од правната положба на здружението, кое во правниот живот настапува самостојно и презема права и обврски од кои произлегуваат и одговорности, кои индиректно се реперкуираат и на законските застапници на малолетните лица, го пропишал оспореното законско решение на начин што не забранил, туку го условил членувањето во здружение со претходна изјава за согласност од законските застапници на малолетните лица, на кој начин на законските застапници им се овозможува да имаат увид и сознанија во делувањето на малолетните лица, со цел тие да се заштат од негативни последици и влијанија кои евентуално би можеле да настанат.

Имајќи ги предвид цитираните уставни и законски одредби, Судот оцени, дека оспореното законско решение не претставува ограничување на правото на малолентото лице со навршени 14 години возраст да биде член на здружение, ниту се негира тоа право, туку, го детерминирал ова право со наведениот услов, пропишан во оспорениот законски дел, во функција на заштита на интересите на малолетните лица, што е право и должност како на нивните законски застапници, така и на општеството кое има посебна должност да ги заштитува децата и малолетните лица.

Од анализата на целината на членот 50 од Законот, произлегува дека законодавецот уредил начелна норма со која се забранува средствата на организацијата да се исплаќаат на членовите, основачите, членовите на органите, застапниците, вработените или со нив поврзани лица, но уредил и исклучок од таа забрана која нема да се однесува на членови на организацијата кои се корисници на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата.

Со иницијативата се оспорува тој исклучок содржан во оспорениот “освен во случаи кога член на организацијата е корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата” од членот 50 став 3 од Законот, бидејќи за иницијаторот тој дел бил контрадикторен, нејасен и непрецизен и прашање било дали во случајот се работело за корисник или давател на услугите, а со тоа се доведувала во прашање целината на законската одредба.

Во конкретниот случај, со решението од оспорениот законски дел, според Судот, не се доведува во прашање владеењето на правото како темелна вредност на уставниот поредок, бидејќи на јасен и недвосмислен начин уредува односи во сферата на здружувањето во поглед на тоа кој може а кој не може да биде корисник на средства од организацијата и не се основани наводите во иницијативата дека нејасно било кој бил даватал а кој корисник на услугата, бидејќи оспорената законска одредба јасно определува дека само членовите кои се и корисници на услуги од организацијата можат да бидат корисници на средства, но не останатите членови кои не припаѓаат на таа категорија членови. Имено, имајќи предвид со членот 20 од Уставот е овозможено граѓаните да се здружуваат во најразлични форми на здруженија заради заштита на нивните политички, економски, социјални, културни и други права и уверувања, значи дека оваа уставна одредба дава широки можности за формирање на здруженија од најразличен вид, при што тоа здружување може да биде и да се остварува по припадност на одредена категорија на учесници во здружувањето. Во разните форми на здружување, често субјектите што се здружуваат се и корисници на услугите за чија цел е формирано здружението како што се на пример разни здруженија на инвалидизирани и хендикепирани лица или лица со посебни потреби и со оспореното законско решение се дава можност на овие категории на лица што се здружуваат да бидат и корисници на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата. Оттука, според Судот, оспорениот законски дел доволно јасно ја интерпретира целта што законодавецот ја имал при пропишувањето на оваа одредба од Законот која наоѓа свое целосно оправдување и во уставната определба од член 35 од Уставот дека заштитата на инвалидните лица и условите за нивно вклучување во општествениот живот претставува посебна грижа на Републиката.

5. Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот, утврди дека во конкретниот случај, не може да се постави прашањето за согласноста на членот 15 став 1 во делот: “и правни”, членот 19 став 4 во делот: “со давање потпишана изјава за согласност на неговиот законски застапник за зачленување во организацијата во согласност со закон” и членот 50 став 3 во делот: “освен во случаи кога член на организацијата e корисник на услугите на организацијата во согласност со целите определени со статутот и програмата на организацијата” од Законот за здруженија и фондации со одредбите од цитираните одредби од Уставот.

6. Ова решение Судот го донесе, со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 134/2010
18 мај 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply