68/2011-0-0

68/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 18 мај 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 64 став 1 од Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2009 и 57/2010).

2. Марија Аргировска од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на член 64 став 1 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 64 од Законот за домување не бил во согласност со член 8 став 1 алинеи 3 и 6, член 9, член 30 и член 51 од Уставот, од причина што со него се ограничувало правото на слободно одлучување на сопственици на посебни делови и не им се давала можност за слободно изјаснување и остварување на своите права бидејќи бил нарушен принципот на еднаквост при спроведување на постапка за основање и престанок на заедница на сопственици. Воедно, подносителот смета дека оспорениот член 64 став 1 од Законот за домување е во колизија со член 54 став 1 од истиот закон.

3. Судот на седница утврди дека Според член 64 став 1 од Законот за домување, заедницата на сопственици престанува врз основа на одлука за престанок усвоена со заедничка согласност од страна на сите членови – сопственици на посебните делови и со бришење во Централниот регистар на Република Македонија.

По престанокот на заедницата, сопствениците на посебните делови за обврските кон трети лица одговараат согласно со големината на нивните посебни делови.

Според членот 54 став 1 од Законот, кој подносителот на иницијативата го става во корелација со оспорениот член е предвидено сопствениците на посебните делови можат да донесат одлука за формирање заедница на сопственици како правно лице за управување со станбената зграда. Одлуката може да се донесе само во согласност на мнозинството сопственици на посебните делови.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Оспорената одредба од член 64 став 1 од Законот за домување била содржана во Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр.99/2009 и 57/2010).

Со донесување на Законот за изменување и дополнување на Законот за домување („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2011) членот 64 став 1 од Законот се менува и гласи:

Заедницата на сопственици престанува врз основа на одлука за престанок. Одлуката за престанок на заедницата на сопственици е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за домување изменет е и член 54 став 1 кој гласи:

„Ако во станбена зграда има повеќе од двајца сопственици на посебни делови и повеќе од осум посебни делови, сопствениците на посебните делови можат да донесат одлука за формирање заедница на сопственици како правно лице за управување со станбената зграда.

Одлуката е донесена кога за неа гласале повеќе од половина од сопствениците на посебните делови“.

Тргнувајќќи од утврдената фактичка состојба неспорно е дека содржината на оспорениот член 64 став 1 од Законот за домување е променета и таа не е во правниот поредок од кои причини постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно исполнети се условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.68/2011
18 мај 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply