45/2011-0-0

45/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 27 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на законитоста на член 9 и член 61 од Колективниот договор на ЕВН Електростопанство на Македонија АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија, склучен помеѓу Синдикалната организација на ЕВН Македонија и Управниот одбор на ЕВН Електростопанство на Македонија АД за дистрибуција и снабдување на електрична енергија на 10 декември 2008 година, 1 јули 2009 и 10 декември 2009 година и меѓусебната несогласност на оспорените членови со Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.

2. Гордана Аџи-Спиркоска од Прилеп, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на законитоста на член 9 и член 61 од Колективниот договор означен во точката 1 од ова решение и нивната несогласност со Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија.

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорениот член 9 не бил во согласност со член 7 став 2 и член 8 од Општиот колективен договор во стопанството во Република Македонија од причини што во содржината на договорот за вработување не било предвидено одредба за степенот на стручната спрема и видот на образованието на работникот за работното место на кое е распореден, поради што не било јасно кои биле обврските на работникот утврдени во член 8 од Општиот колективен договор на стопанството на Република Македонија.

Член 61 од Колективниот договор не бил во согласност со општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, колективниот договор од дејноста снабдувач со електрична енергија, гас, пареа и топла вода или група 40 (Евидентирна од Министерството за труд и социјална политика ) и Законот за исплата на плати во Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 9 од Колективниот договор на ЕВН Електростопанство на Македонија АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија Договорот за вработување особено содржи:
1) податоци за договорните страни, нивното живеалиште односно седиште,
2) датум на стапување на работа,
3) назив на работното место, односно податоци за видот на работата за која што работникот склучува договор за вработување, со краток опис на работата што ќе ја врши според договорот за вработување,
4) Место на вршење на работата. Ако не е наведено точното место се смета дека работникот ја врши работата во седиштето на работодавачот,
5) време на траење на работниот однос, кога е склучен договорот за определено време,
6) одредба за тоа дали се работи за работен однос со полно или пократко работно време,
7) одредба за дневно или неделно редовно работно време и распоредување на работното време,
8) одредба за висината на основната плата,
9) одредба за надоместоците на плата и други надоместоци што му припаѓаат на работникот,
10) одредба за годишен одмор и начинот за неговото определување,
11) покрај законот, колективниот договор, правата и обврските и условите за работа на работникот се определени во Правилникот за внатрешна организација и систематизација на работното место, Правилникот за заштита при работа и други интерни акти,
12) дури права и обврски.

Според оспорениот член 61 од Колективниот договор „Најниската плата во Друштвото е цената на трудот за најнискиот степен на сложеност на работата и изнесува 150 евра во денарска противвредност, според средниот курс на Народната банка на Република Македонија.
Судот исто така утврди дека врз основа на Законот за работни односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.10/2010) и Усогласувањето на Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија,(“Службен весник на Република Македонија бр.60/2010”) Синдикалната организација на ЕВН Електростопанство Македонија и Управниот одбор на АД за дистрибуција и снабдување со електрична енергија на 11 мај 2010 година склучиле Колективен договор на ЕВН Електростопанство на Македонија АД за дистрбуција и снабдување со електрична енергија – Скопје.

Во член 183 од наведениот колективен договор е предвидено дека Колективниот договор влегува во сила на 1 јули 2010 година. Со влегување во сила на овој Договор престанува да важи Колективниот договор на Друштвото од 10.12.2008, со измените и дополнувањата од 1.07.2009 и 10.12.2009 година.

4. Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оглед на неспорно утврдениот факт дека Колективниот договор на Електростопанство на Македонија во кој биле содржани оспорените членови престанал да важи, односно е донесен нов Колективен договор, Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата, односно се исполнети условите од член 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на иницијативата.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.45/2011
27 април 2011 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply