129/2010-0-0

129/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 27 април 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на членот 32 од Законот за земјоделство и рурален развој (“Службен весник на Република Македонија” број 49/2010).

2. СЕ ОТФРЛААТ иницијативите за поведување на постапка за оценување на уставноста на членовите 31, 33, 34 и 35 од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

3. Според иницијативата поднесена од Стамен Филипов, членовите 31, 32, 33, 34 и 35 од Законот, биле спротивни на членовите 8 став 1 алинеите 3 и 7, членовите 51 и 55 од Уставот на Република Македонија. Меѓутоа, со иницијативата не се дадени аргументи за неуставноста на одредбите кои се оспоруваат.

Според иницијативата поднесена од Миле Бундовски, се оспоруваат членот 31 ставовите 5, 6, 7, 8 и 9 и членот 32 од Законот, а посебно ставот 10 од членот 32, како спротивни со членовите 8 став 1 алинеја 7 и 55 ставовите 1, 2 и 4 од Уставот, бидејќи со оспорените одредби се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото. Според наводите од оваа иницијатива, поблиските услови од ставот 6 од членот 31 од Законот, биле дадени општо, па оттука се оспорува ставот 7 од истиот член со кој е дадено овластување на министерот поблиску да ги пропише посебните услови од ставовите 3 и 6 од членот 31 од Законот, бидејќи од тоа ќе произлегло министерот да пропишел нешто што требало со Законот да биде пропишано. По однос на неуставноста на останатите одредби од членот 31 од Законот, аргументи во иницијативата, не се дадени. Според иницијаторот, со членот 32 од Законот со која се определувала форма и содржина на облигационен договор на два независни и недржавни субјекти производител и откупувач на земјоделски производи и се утврдувала долна и горна граница на откупната цена на земјоделските производи, се ограничувала слободата на пазарот и претпримеништвото, бидејќи и при најекстензивно толкување на оспорениот член, не можело да се заклучи дека ограничувањата биле поради некоја од причините од членот 55 став 4 од Уставот, односно заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето. Според наводите од оваа иницијатива, предвидените ограничувања можеле да бидат предвидени само спрема државни органи или друштва во сопственост на државата и само во однос на нив, а не и спрема други субјекти. Со иницијативата се предлага и донесување на решение за запирање на извршувањето на поединелни акти или дејствија што се преземени врз основа на оспорените одредби.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорениот член 31 од Законот, се уредува видот и начинот откупот на земјоделските производи, кои субјекти можат да врши откуп на земјоделски производи и на кои откупни места, како и условите кои треба да бидат исполнети од страна на правното лице за реализација на откупот.

Судот, исто така утврди дека со оспорениот член 32 од Законот е определено дека:

“Договорот за откуп на земјоделски производи (во натамошниот текст: договорот) се склучува во писмена форма.

Договорот од ставот 1 на овој член особено содржи:
– вид на производ и квалитет,
– цена и количина на производот,
– времетраење на договорот,
– локација и време на предавање на предметот од договорот,
– начин и рок на исплата и
– одредби за престанување и раскинување на договорот.

Договорот се однесува за една или повеќе производни години.

Исплатата на откупените земјоделски производи откупувачот е должен да го изврши во рок од 30 дена од денот на откупот, односно предавање на земјоделскиот производ во откупни центри.

По исклучок на ставот 4 на овој член, договорот може да предвидува авансна исплата со исплата на остаток од вредноста на производот најдоцна до 180 дена од денот на откупот или исплата на средства во висина до 20% од вредноста на производот во рок од 20 дена од денот на откупот и рокот на исплата на остаток од вредноста не подолг од 180 дена од денот на откупот.

Договорот се изготвува во пет примероци од кој еден примерок задолжително се приложува до Министерството преку подрачните единици на Министерството во рок од осум дена од денот на склучувањето на договорот.

Откупувачот е должен да го извести Министерството за секоја измена на одредбите од договорот во рок не подолг од осум дена од настанатата измена.

Измена на договорот од ставот 1 на овој член договорните страни можат да извршат најдоцна десет дена пред предавање на производот од договорот.

Производителот не смее да склучува договор за количини на даден земјоделски производ за кои има склучено договор со друг откупувач.

Доколку цената од ставот 2 на овој член се одредува како опсег на минимална и максимална цена, износот на опсегот на договорната цена се пресметува како:
– 40% од минималната цена за минимални цени до 10 денари по единица производ,
– 30% од минималната цена за минимални цени од 10 до 20 денари по единица производ и
– 20% од минималната цена за минимални цени над 20 денари по единица производ.

Точниот износ на цената од ставот 10 на овој член се утврдува најдоцна на денот на откупот на земјоделските производи во рамките на договорениот обсег имајќи ја предвид пазарната цена на производот.

Во случај кога пазарната цена е повисока од максималната цена во рамките на договорениот обсег, откупната цена е максималната во договорениот опсег.

Во случај кога пазарната цена е пониска од минималната цената во рамките на договорениот опсег, откупната цена е минималната во договорениот опсег.

Пазарната цена е цена на земјоделските производи на пазарите во Република Македонија за која се води евиденција во Министерството согласно со Земјоделскиот пазарен информативен систем.”

Судот, утврди и дека со оспорените членови 33, 34 и 35 од Законот, е уредена постапката за упис во Регистарот на откупувачи, начинот на водењето на Регистарот на откупувачи на земјоделски производи и бришењето од Регистарот.

5. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 7 од Уставот на Република Македонија владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите и секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Со членот 55 од Уставот се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото. Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот. Републиката презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот. Слободата на пазарот и претприемништвото можат да се ограничат со закон единствено заради одбраната на Републиката, зачувувањето на природата, животната средина или здравјето на луѓето.

Според членот 57 од Уставот, Републиката го поттикнува економскиот напредок и се грижи за порамномерен просторен и регионален развој како и за побрз развој на стопански недоволно развиени подрачја.

Заради хармонизација на македонското законодавство со правниот поредок на Европската унија од областа земјоделско-прехранбениот сектор, Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство подготвило, а Владата на Република Македонија, усвоила Стратегијата за земјоделство и рурален развој за периодот 2007-2013 година. Врз основа на таа Стратегија бил донесен Законот за земјоделство и рурален развој од 2007 година (“Службен весник на Република Македонија” број 134/2007). Во насока на подобрување на законските решенија од овој закон, со тековните реформски процеси во оваа област на ниво на Европската Унија, донесен е новиот Закон за земјоделство и рурален развој (“Службен весник на Република Македонија” број 49/2010), во кој се содржани одредбите кои се оспоруваат со иницијативата.

Со Законот за земјоделство и рурален развој се уредуваат планирањето на развојот на земјоделството и руралниот развој, целите на националната земјоделска политика, планирање, следење и процена на националната земјоделска политика, партнерство со социјални и економски партнери од областа на земјоделството, мерките за уредување и поддршка на земјоделски пазари, директни плаќања и рурален развој, државната помош во земјоделството и руралниот развој, формите на организирање и здружување во земјоделството и контролата на спроведување на мерките и надзорот над спроведувањето.

Тргнувајќи од целите кои треба да се остварат со Законот за земјоделство и рурален развој во насока на зголемување на конкурентната способност на земјоделството, обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство, стабилно производство на квалитетна и поевтина храна и обезбедување на населението со доволни количини храна, како и во насока на усогласување на македонското законодавство со законодавството на Европската унија во земјоделско-прехранбениот сектор, дотолку повеќе што овој сектор ги користи инструментите за претпристапна финансиска помош за развој на земјоделството и руралниот развој од Европската унија, законодавецот ја уредил законската материја од оваа област која претставува појдовна основа на реформите и фундамент на развојот не само во овој сектор, туку и на македонската економија во целина. Законските решенија понудени со Законот, се базирани на насоките и препораките за реформи во правниот поредок на Европската унија во делот на земјоделството, односно реформите на Заедничката Земјоделска Политика на ЕУ.

Со донесувањето на новиот закон предвидено било зајакнување на правната рамка и подобрување на политиката и институциите во земјоделско прехранбениот сектор и руралните средини, во согласност со тековните реформи во рамките на Европската Унија, а особено преземање на сите новитети и измени во рамките на правото на ЕУ поврзани со земјоделско-прехранбениот сектор и нивно вградување во новиот закон, помеѓу кои и дефинирањето на секторското партнерство во областа и утврдувањето и начините и модалитетите за соработка со не-владиниот сектор, примарните производители и бизнис заедницата во земјоделството, како и начините за подобрување на здружувањето и вертикалната и хоризонтална интеграција на сите чинители во областа.

Конкретно, пропишувањето на оспорените одредби од Законот, било во функција на допринесување во остварување на целите на Законот утврдени во членот 3 став 1, особено заради обезбедување на:

-стабилно производство на квалитетна и поевтина храна и обезбедување на населението со доволни количини храна,
-зголемување на конкурентната способност на земјоделството,
-обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство и
-одржлив развој на руралните подрачја и
-оптимално искористување на природните ресурси со почитување на начелата за заштита на природата и животната средина.

Според ставот 2 од членот 3 на Законот, целите од ставот 1 на овој член се остваруваат преку мерки и инструменти на политиките за уредување и подршка на земјоделски пазари, директни плаќања и рурален развој.

Со членот 4 од Законот е определено дека надлежен орган за планирање, следење на спроведувањето и проценка на влијанието на мерките и инструментите на политиките од членот 3 став 2 на овој закон е Министерството. надлежен орган за спроведување на мерките и инструментите на политиките од членот 3 став 2 на овој закон, вклучително и контролата е Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој во согласност со овој закон и Законот за основање на Агенцијата за финансиска подршка во земјоделството и руралниот развој.

Според членот 5 од Законот, финансирањето на националната земјоделска политика се врши од Буџетот на Република Македонија, Буџетот на Европската Унија, донации и од други извори согласно со закон.

За спроведување на целите од член 3 на овој закон, Владата на Република Македонија донесува национална стратегија за земјоделство и рурален развој (член 6 од Законот). Исто така, Владата донесува и тригодишна Национална програма за развој на земјоделството и рурален развој. Владата, на предлог на министерот, донесува годишна програма за финансиска подршка во земјоделството и годишна програма за финансиска подршка на руралниот развој за спроведување на националната програма, во кои програми е опфатено и доделувањето на државна помош доколку поинаку не е уредено со одредбите од членовите 93-110 од Законот (член 7 од Законот), со кои одредби е регулирана државната помош во земјоделството.

Владата, исто така, на предлог на министерот донесува повеќегодишна програма за користење на финансиските средства од инструментот за претпристапна помош за развој на земјоделството и руралниот развој од Европската унија во согласност со склучените договори и спогодби со Европската унија за користење на инструментите за претпристапна финансиска помош и планските документи на Европската унија (член 8 од Законот).

Во Делот IV од Законот, законодавецот пропишал одредби (27-46) со кои е регулирана политиката за уредување и подршка на пазарите со земјоделски производи.

Политиката за уредување и подршка на пазарите со земјоделско производство се спроведува преку мерки со кои се уредуваат условите и начинот за вршење на трговија со земјоделски производи со цел за зачувување на конкурентските услови и договорните односи во процесот на додадена вредност и пазарна поддршка со цел за надминување на пазарните нарушувања и обезбедување на стабилност на доходот на земјоделските производители. Конкретно, пазарната подршка се спроведува преку интервенциски мерки, мерки за поттикнување на потрошувачката и мерки за заштита на пазарот (член 27 од Законот).

Со одредбите од член 29-36 од овој закон, законодавецот ги уредил условите и начинот за вршење на трговијата со земјоделски производи.

Според членот 30 став 1 од Законот, продажбата на земјоделските производи може да се врши директно од земјоделското стопанство, на пазарите на мало и големо за земјоделски производи, продажба од мобилни тезги, продажба на саеми, продажба преку интернет, продажба на места за откуп, продажба на собирни места и продажба на добиточни пазари, што значи дека, продажбата на земјоделските производи може да се врши на најразлични начини и места, што е оставено на волјата на производителот да го определи начинот на таа продажба.

Со оспорениот член 31 од Законот, се уредува видот и начинот откупот на земјоделските производи, кој може да врши откуп и на земјоделски производи и на кои откупни места, како и условите кои треба да бидат исполнети од страна на правното лице за реализација на откупот.

Со оспорениот членови 33, 34 и 35 од Законот, е уредена постапката за упис во Регистарот на откупувачи, начинот на водењето на Регистарот на откупувачи на земјоделски производи и бришењето од Регистарот.

Со оспорениот член 32 од Законот, законодавецот ја уредил формата и содржината на договорот за откуп на земјодлеските производи, кој особено треба да ги содржи видот на производот и квалитетот, цената и количината на производот, времетраењето на договорот, локацијата и времето на предавањето на предметот од договорот, начинот и рокот на исплатата, одредби за престанување и раскинување на договорот, рокот во кој откупувачот е должен да го извести Министерството за секоја измена на одредбите од договорот, односно рокот до кога договорните страни можат да вршат измена на договорот, забрана за производителот да може да склучува договор за количини на даден земјоделски производ за кои има склучено договор со друг откупувач, начинот на пресметката на износот на опсегот на договорната цена, во случај кога со договорот цената се одредеува како опсег на минимална и максимална цена, рокот за утврдување на точниот износ на цената во случај кога е договорено цената да се одредува како опсег на минимална и максимална цена, како и начинот на одредување на откупната цена во зависност од движењето на цените на пазарот.

Според член 3 од Законот за облигационите односи (“Службен весник на Република Македонија“ број 18/2001, 4/2002, 5/2003, 84/2008, 81/2009 и 161/2009) “учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи”.

Со членот 12 од истиот закон, е определено дека “Во засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи, субјектите се должни (кога со вршењето на својата дејност непосредно задоволуваат потреби на граѓаните), своите права и обврски да ги уредуваат и вршат на начин со кој се обезбедува почитување на основните права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон и меѓународните договори ратификувани од Република Македонија”.

Според членот 14 од Законот “Учесниците можат својот облигационен однос да го уредат поинаку отколку што е определено со овој закон, ако од одделна одредба на овој закон или друг закон или од нејзината смисла не произлегува нешто друго”, а според членот 16 од Законот, “Врз облигационите односи што се уредуваат со други закони се применуваат одредбите од овој закон во прашањата што не се уредени со тој закон”.

Исто така, според членот 19 од Законот за облигационите односи со кој се уредуваат прашањата на задолжителното склучување и задолжителната содржина на договорите, е определено дека “ако некој според законот е обврзан да склучи договор, заинтересираното лице може да бара таквиот договор да се склучи без одлагање. Одредбите на прописите со кои, делумно или во целост се определува содржината на договорот се составни делови на тие договори и ги надополнуваат или влегуваат на местото на договорните одредби кои не се во согласност со нив”.

Понатаму, според членот 59 ставови 1 и 2 од наведениот закон “договорот може да биде склучен во било која форма, освен ако со закон поинаку не е определено. Барањето на законот договорот да биде склучен во определена форма важи за сите подоцнежни измени или дополнувања на договорот”.

Од содржината на цитираните одредби од Законот за облигационите односи, произлегува дека доколку облигационите односи на учесниците во прометот, е уреден со посебен закон, во тој случај се применуваат одредбите од тој закон, а за прашањата кои не се уредени со посебниот закон, се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи како lex generalis. Исто така, од содржината на погоре цитираните одредби, произлегува дека не е исклучена можноста со посебен закон да биде уредена формата и содржината на определени договори и тие (формата и содржината) се задолжителни во договорите за учесниците во прометот кои влегуваат во такви облигациони односи, чии договорни елементи се пропишани со закон. Исто така, субјектите кои вршат дејност поврзана со непосредно задоволување на потреби на граѓаните, при засновувањето на облигационите односи и остварувањето на правата и обврските од тие односи, се должни, своите права и обврски да ги уредуваат и вршат на начин со кој ќе се обезбеди почитување на основните права на потрошувачите и корисниците на услуги утврдени со овој закон, друг закон и меѓународните договори ратификувани од Република Македонија”.

Согласно Законот за облигационите односи, при уредувањето на купопродажните договорни односи, учесниците во прометот слободно ги уредуваат овие односи и во поглед на цената. Законодавецот, меѓутоа, во тој закон, пропишал и одредба за уредување на договорните односи во случај кога цената е пропишана од надлежен орган (член 451 од Законот за облигационите односи) во кој случај купувачот го должи само износот на пропишаната цена. Исто така според членот 452 од Законот, кога е договорена тековна цена, купувачот ја должи цената утврдена со официјалната евиденција на пазарот.

Од содржината на овие одредби од наведениот закон, произлегува дека во определени случаи, утврдени со закон, договорните страни се обврзани да се придржуваат на цените диктирани со прописи од надлежни органи и официјалната евиденција на пазарот. Тоа значи дека, цената може да биде пропишана од надлежен орган, а тоа значи да биде определена со пропис, во кој случај се работи за пропишана цена. Надлежниот орган цената може да ја пропише во фиксен износ, во кој случај таа се појавува како фиксна цена, но цената може да биде пропишана и како максимална или минимална цена. Пропишаната цена е максимална кога е пропишана нејзината горна граница, па во тој случај продавачот и купувачот ја определуваат цената нјамногу до пропишаната горна граница. Пропишаната цена е минимална кога е пропишана нејзината долна граница, во кој случај продавачот и купувачот ја определуваат цената со тоа што не можат да ја определат под пропишаната долна граница. Притоа, максималната цена вообичаено се пропишува тогаш кога треба да бидат заштитени интересите на купувачот во услови на брзо покачување на цените, а минимална цена се пропишува тогаш кога треба да бидат заштитени интересите на производителите на определени производи и на тој начин да се обезбеди нивното производство (на пример жито, ориз, зеленчук, овошје и други земјоделски производи).

Во конкретниот случај, со иницијативата поднесена од Миле Бундовски, се оспорува членот 32 од Законот, со кој е уредена формата и содржината на договорот за откуп на земјоделските производи, а посебно ставот 10 од овој член со кој се уредува начинот на пресметката на износот на опсегот на договорната цена, доколку производителот и откупувачот, договориле цена како опсег на минимална и максимална цена. Според иницијаторот, со вака пропишаното законско решение, се ограничувала слободата на пазарот и претприемништвото, бидејќи основните суштествени елементи на договорот за купопродажба на земјоделски производи, веќе ги пропишал Законот, со што била утврдена долната и горната граница на откупната цена, па произлегувало дека единствено што останувало договорните страни во едно пазарно стопанство, да договараат, била големината-количината на предметот на купопродажбата. Во случајов иницијаторот приговара на законски определената форма и содржина на договорот за откуп, бидејќи според него тоа можело да биде случај само спрема државните органи или друштвата во сопственост на државата, а не и спрема другите субјекти.

Од анализата на оспорениот член 32 од Законот, произлегува дека овој оспорен член, уредува содржина и форма на договор за откуп на земјоделски производи, во случај кога продажбата на земјоделските производи се врши во откупни центри. Овој начин на продажба на земјоделските производи е еден од можните начини на продажба на земјоделските производи (член 30 од Законот), при што е оставено на слободната волја на производителите, дали продажбата на своите земјодлески производи ќе ја вршат на овој или друг начин. Во случајов производителите слободно влегуваат во овој вид на облигациони односи, односно, слободно го избираат начинот на продажбата на своите земјоделски производи.

Од анализата на ставот 10 од оспорениот член 32 од Законот, произлегува дека со оваа одредба е уреден начинот на пресметка на износот на опсегот на договорната цена во случај кога цената во договорот за откуп, производителот и откупувачот, договориле да биде одредена како опсег на минимална и максимална цена. Со оваа одредба од оспорениот член од Законот, законодавецот го уредил начинот на пресметката на минималните цени кои договорните страни ги одредиле во опсегот.

Конкретно, износот на опсегот на договорната цена се пресметува како:

– 40% од минималната цена за минимални цени до 10 денари по единица производ,
– 30% од минималната цена за минимални цени од 10-20 денари по единица производ и
– 20% од минималната цена за минимални цени над 20 денари за единица производ.

Тргнувајќи од претходната анализа, Судот, утврди дека покрај другите елемнети, договорот за откуп на земјоделски производи треба да ги содржи цената и количината на производот. Никаде притоа со одредбата не се утврдува долна и горна граница на откупна цена, како што впрочем се наведува во иницијативата. Оспорениот член, ниту определува каква цена треба да договорат производителот и откупувачот, односно дали тоа ќе биде фиксна цена или цената ќе биде одредена како опсег на минимална и максимална цена. Тоа е оставено на волјата на договорните страни. Во случајов, законодавецот со ставот 10 од оспорениот член од Законот, го уредил само начинот на пресметување на износот на опсегот на договорната цена, доколку субјектите во договорот постигнале согласност цената да биде одредена како опсег на минимална и максимална цена, а не како фиксна цена, со тоа што таа пресметка се однесува само за минималните цени по единица производ до 10 денари, од 10-20 денари и над 20 денари. Понатаму, законодавецот препуштил на договорните страни да постигнат согласност за тоа која цена од опсегот ќе биде крајно договорена. Тоа е определено со ставот 11 од оспорениот член од Законот, според кој точниот износ на цената од опсегот производителот и откупувачот треба да ја утврдат најдоцна на денот на откупот на земјоделските производи, во рамките на договорениот опсег, имајќи ја предвид пазарната цена на производот. Исто така, законодавецот уредил дека, доколку пазарната цена е повисока од максималната цена во рамките на договорениот опсег, откупната цена е максималната цена во договорениот опсег (став 12 од оспорениот член 32 од Законот) и обратно, доколку пазарната цена е пониска од минималната цена во рамките на договорениот опсег, откупната цена е минималната цена во договорениот опсег (став13 од оспорениот член 32 од Законот).

Имајќи го предвид претходно изнесеното, Судот утврди дека во случајов, законодавецот, со оспорениот член 32 од Законот, обезбедил гаранции како за производителите, така и за откупувачите, во поглед на цените, а исто така и инструменти за воспоставување на рамнотежа во услови на варирање на пазарните цени на земјоделските производи. Со определувањето на начинот на пресметката на договорениот опсег, имајќи ја предвид и пазарната цена на земјоделските производи, законодавецот имал за цел на овој начин, да се заштитат производителите од рапидно паѓање на цените, во услови на зголемена понудувачка на земјоделските производи на пазарот, како и да се заштитат откупувачите на земјоделските производи од рапидно зголемување на цените, во услови на намалена понудувачка на пазарот. Односот на релација понуда-побарувачка и економското правило на растење на цените кога има помала понуда и опаѓање на истите во услови кога има поголема понуда на пазарот е многу важен однос во пазарното стопанство, поради што, според Судот, со одредбите од ставовите 11-14 од оспорениот член 32 од Законот, се воспоставени инструменти за регулирање на цените во рамките на она што производителот и откупувачот го одредиле како опсег на минимална и максимална цена и пазарната цена на земјоделските производи на пазарот во Република Македонија, при крајното утврдување на тие цени на денот на откупот.

Тргнувајќи од претходно изнесеното, според Судот, законското пропишување на формата и содржината на договорите, во случајов не претставува ограничување на субјектите во поглед на слободата на договарањето по однос суштествените елементи од договорот, бидејќи ова законско решение начелно и општо ги пропишува елементите кај договорите за откуп, при што е препуштено на договорните страни, понатаму слободно да ги определат и дефинираат тие елементи кои се однесуваат на видот на производот и квалитетот, цената и количината на производот, времетраењето на договорот, локацијата и времето на предавањето на предметот од договорот, начинот и рокот на исплатата, како и одредби за престанување и раскиниување на договорот. Во оваа насока, според Судот, неспорно е дека учесниците во прометот слободно ги уредуваат облигационите односи, но и неспорено е дека тие односи потребно е да ги уредуваат во согласност со Уставот, законите и добрите обичаи. Исто така, учесниците во прометот, можат својот облигационен однос да го уредат поинаку отколку што е определено со Законот за облигационите односи, ако од одделна одредба на овој закон или друг закон или од нејзината смисла не произлегува нешто друго. Во случај кога со закон е определено задолжително склучување и задолжителна содржина на еден договор, во тој случај учесниците во прометот се обврзани за склучување на таков договор, чија форма и содржина е определена со закон, а воедно се обврзани и на одредбите на прописите со кои, делумно или во целост се определува содржината на договорот. Во конкретниот случај, со закон е уредена формата и содржината на договорот за откуп и според Судот, не стојат наводите во иницијативата дека тоа претставувало ограничување на слободата на пазарот и претприемништвото. Со закон определената форма и содржина на договорите, според Судот, не значи ограничување, ниту пак забрана на субјектите да учествуваат на пазарот преку овој вид на облигациони односи, конкретно продажба и откуп на земјоделски производи. Тоа е оставено на лична проценка и слободна волја на договорните страни, дали на пазарот ќе учествуваат со овој вид на продажба или на друг начин, а со тоа и слобода во прифаќањето на законското решение од оспорениот член 32 од Законот, со кој е уредена формата и содржината на договорот за откуп.

Од наведените уставни одредби произлегува дека слободата на пазарот и претприемништвото е една од темелните вредности на уставниот поредок, која отвара широки можности за заживување на стопанството и приватната иницијатива во сите области на стопанскиот систем. Меѓутоа, слободата на пазарот и претприемништвото не може да се сфати во апсолутна смисла и таа не е само работа на субјектите на пазарот, туку и на државата која како гарант на оваа слобода има значајна улога како регулатор на економските текови во стопанството. Имено, државата како регулатор на економската политика е должна да води сметка и за почитување на другите темелни вредности на економскиот и политичкиот систем на државата како што се независноста, територијалниот интегритет, зачувување на природата, животната средина и здравјето на луѓето. Имајќи ги предвид тековните процеси и услови во пазарното стопанство, законодавецот го пропишал оспореното законско решение, токму во насока на остварување на овие начела, како и заради остварувањето на целите на овој закон, особено заради обезбедување на зголемување на конкурентната способност на земјодлеството, обезбедување на стабилно ниво на доход на земјоделското стопанство и стабилно производство на квалитетна и поевтина храна и обезбедување на населението со доволни количини на храна.

Од овие причини, според Судот, целта на законодавецот со одредбите од оспорениот член 32 од Законот, не била да се ограничи вршењето на дејноста како едно од основните економски права на субјектите на пазарот, туку напротив во услови на нестабилност на цените на пазарот на земјодлеските производи, државата како гарант на економската и политичката стабилност, во суштина врши балансирање на тие услови преку инструменти и мерки, кои Републиката задолжително ги преземе со цел да се отстранат или ублажат несаканите последици од евентуално дисбалансирани пазарни околности, во функција на оневозможување на монополска положба и монополско однесување на субјектите на пазарот.

Имајќи го предвид погоре изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај оспорениот член 32 од Законот е во согласност со цитираните уставни одредби и не може да се постави прашањето за неговата согласност со членот 8 став 1 алинеја 7 и членот 55 од Уставот.

Според членот 110 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото, одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеја 3 од Деловникот, Уставниот судот ќе ја отфрли иницијативата ако постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата поднесена од Стамен Филипов, се приговара на неуставност на одредбите од членовите 31, 32, 33, 34 и 35 од Законот, односно дека со законските одредби се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија-владеењето на правото и слободата на пазарот и претприемништвото од член 8 став 1 алинеите 3 и 7, членовите 51 и 55 од Уставот. Притоа, иницијаторот ги цитира ставовите 2 и 3 од оспорениот член 31 од Законот, кои уредуваат кој може да врши откуп на земјоделски производи и на кои откупни места се врши тој откуп, со интерпретација на овие одредби “а не и други субјекти на пазарот” и “а не и други откупни места”, без аргументи за уставно проблематизирање на овие законски одредби, а и на останатите кои со иницијативата ги оспорува.

Во конкретниот случај, подносителот на иницијативата Стамен Филипов, тргнувајќи од формулацијата на дел од одредбите на оспорениот член 31 од Законот, за кои само констатира што овие оспорени одредби значеле, оспорува во целина пет членови од Законот. Елаборација во иницијативата за неуставноста на оспорените законски одредби, во овој случај недостасува, поради што Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со иницијативата поднесена од Миле Бундовски, покрај целината на членот 32 од Законот, се оспоруваат ставовите 5-9 од членот 31 од Законот. Наводи за одредбите од членот 31 од Законот кои се оспоруваат со иницијативата, не се дадени, само се приговара по однос на законското овластување од членот 31 став 7 од Законот, според кое министерот може да ги пропишува поблиските услови за откуп на земјоделските производи, бидејќи според иницијаторот, од тоа овластување можело да произлезе министерот да се произнел за нешто што требало да биде со закон предвидено.

Во конкретниот случај, иницијаторот оспорува законско овластување на министерот, заради негова претпоставка дека поради тоа овластување пропишано со ставот 7 од оспорениот член 31 од Законот, можело да произлезе неуставен и незаконски акт. Меѓутоа тоа не се аргументи за уставно проблематизирање на законска одредба и не може од тој аспект да се цени нејзината согласност со Уставот. Со оглед дека иницијативата не содржи наводи за оспорување на членот 31 ставовите 5-9 од Законот и во овој случај Судот оцени дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативата.

6.
Поради гореизнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 32 од Законот со одредбите од Уставот, а со оглед на фактот што во иницијативите, не се изнесени наводи со причини за конкретно оспорување на одредбите од членовите 31, 33, 34 и 35 од Законот, Судот утврди дека постојат процесни пречки за одлучување по иницијативите со што се исполнети предвидените услови од членот 28 алинеја 3 од Деловникот за отфрлање на иницијативите.

7. Врз основа на изнесеното, Судот, одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе, во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова, Владимир Стојаноски и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 129/2010
27 април 2011 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply