Решение У.бр.230/2010

У.бр.230/2010

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 ставови 1 и 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 30 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

1. СЕ ОТФРЛА барањето на Богдан и Живко Веселиновски од с.Вратница, општина Јегуновце, за заштита на слободите и правата на човекот и граѓанинот од член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, кои се однесуваат на социјалната припадност.

2. Богдан и Живко Веселиновски, од с.Вратница, општина Јегуновце, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа барање за заштита на слободите и правата. Со барањето подносителот бара заштита на слободите и правата од член 110 алинеја 3 од Уставот кои се однесуваат на заштита од дискриминација по однос на социјалната припадност, повредени со: Пресуда на Апелациониот суд Гостивар, ГЖ.бр.512/10 од 17 септември 2010 година.

3.Подносителите на барањето сметаат дека им биле повредени слободите и правата што се однесувале на дискриминација поаѓајки од социјалната положба што ја имаат во општеството согласно член 110 алинеја 3 од Уставот, со пресудата на Апелациониот суд Гостивар Гж.512/10 од 17.09.2010 година. Со оваа пресуда била преиначена првостепената пресуда П.бр.829/07 од 22.12.2009 година на Основниот суд Тетово, со што тужбеното барање на тужителот Ѓорѓи Иљов Веселиновски од с.Вратница со постојано живеалиште во САД, за утврдување на право на сопственост, било усвоено и било утврдено дека тој станал сопственик по основ на одржувачка на 5 м2 од КП.бр.2011 по ПЛ.бр.1137 на КО-Вратница (која недвижност на лице место претставувала изградено градежно земјиште, тротоар кој се наоѓал под стреата на објектот на подносителот на барањето).

Исто така, наводите во барањето се однесуваат и на тоа дека оваа пресуда е донесена на незаконит начин бидејќи биле несоодветно применети членовите 124 и 125 од Законот за сопственост и други стварни права, со невладеење на правото, и поради што како граѓани се чувствувале дискриминирани во текот на постапката пред судот поради нивната социјална положба, бидејќи се формирало јавно мислење во средината каде живееле дека се лоши граѓани и дека спорот го загубиле поради нивната лоша социјално економска положба. За разлика од тоа спротивната странка тужителот кој живеел и работел во САД поради својата добра социјално економска положба во Република Македонија пред домашните судови можел да го оствари секое право што ќе посака, без оглед дали таквото право му припаѓа по законот или не.

Подносителите на барањето наведуваат дека после две одбивателни пресуди од страна на Основниот суд Тетово заведени под број П.бр.829/07 од 30.06.2008 година и П.бр.829/07 од 22.12.2009 година, последната пресуда со која било уважено тужбеното барање на тужителот била донесена во “спротивност со доказите“ во однос на тоа како тужителот го стекнал правото на сопственост на дел од спорното земјиште. Во списите на предметот не постоел доказ дека тужителот имал владеение на спорниот дел од земјиштето. Исто така, наведуваат дека судот донел пресуда во која за трошоците на спорот било одлучно спротивно на тарифата за надоместок и награда за работата на адвокатите без да се има предвид вредноста на спорот, односно не бил применет членот 8 од Законот за процесната постапка и му биле досудени на тужителот на име на судски трошоци 53.650,00 денари.

Исто така, во барањето подносителите наведуваат дека советот на Апелациониот суд во Гостивар со своите незаконски дејствија и злоупотреба на дискреционите овластувања донел пресуда која се должела на нивната социјална припадност со која биле повредени слободите и правата утврдени со член 110 алинеја 3 со што било изршена дискриминација по основ на социјалната припадност, и истата во иднина ќе произведувала раздор и нетрпеливост помеѓу страните во спорот и недоверба кај граѓаните во судскиот ситем.

Подносителите понатаму во барањето предлагаат да биде поништенa пресудата како незаконска односно да биде прогласена за ништовенa и да бидат отстранети последиците од примената на пресудата.

4. Судот на седница утврди дека Основниот суд Тетово, решавајќи по тужбеното барање на тужителот Ѓорѓи Веселиновски од с.Вратница застапуван од Зоран Илиевски, адвокат од Тетово против тужените Богдан и Живко Веселиновски, двајцата од с.Вратница, застапувани од полномошникот Крсте Ристовски, адвокат од Тетово, за сопственост, вредност на спорот 10.000,00 денари, донесе пресуда П.бр.829/07 од 22.12.2009 година со која тужбеното барање на тужителот било одбиено како неосновано.

Против оваа пресуда тужителот Ѓорѓи Веселиновски од с.Вратница застапуван од Зоран Илиевски, поднел жалба која била примена во Апелациониот суд Гостивар на 14.04.2010 година.

Апелациониот суд Гостивар одлучувајќи по жалбата на тужителот изјавена против пресудата П.бр.829/07 од 22.12.2009 година донел пресуда Гж.бр. 512/10 од 17.09.2010 година со која жалбата на тужителот се уважува и пресудата на Основниот суд Тетово П.бр. 829/07 од 22.12.2009 година, се преиначува и се пресудува дека се усвојува тужбеното барање на тужителот Ѓорѓи Веселиновски од с.Вратница и се утврдува дека по основ на долгогодишно совесно и законито владеење тужителот се стекнал со право на сопственост на дел од КП. бр.2011 во површина од 5 м2 по ПЛ.бр.1137 на КО Вратница, кој дел се наоѓа на северо источната страна на КП.бр.2011……и се задолжуваат тужените Богдан и Живко Веселиновски, двајцата од с.Вратница, да му го признаат на тужителот таквото право како и да изршат пренос во јавните книги на недвижностите при одделението за премер и катастар Тетово од свое име врз името на тужителот во рок од 15 дена по приемот на оваа пресуда, како и во истиот рок да му ги надоместат на тужителот трошоците по постапката во вкупен износ од 53.650,00 денари.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, претставуваат една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија. Во алинејата 11 од Уставот е наведено дека почитувањето на општоприфатените норми на меѓународното право е исто така темелна вредност.

Согласно член 110 алинеите 1 и 2 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и законите.

Согласно алинеја 3 од истиот член од Уставот, Уставниот суд ги штити слободите и правата на човекот и граѓанинот, што се однесуваат на слободата на уверувањето, совеста, мислата и јавното изразување на мислата, политичкото здружување и дејствување и забраната на дискриминација на граѓаните по основ на пол, раса, верска, национална, социјална и политичка припадност.

Едни од основните слободи и права на човекот и граѓанинот се и граѓанските и политичките слободи и права и економските, социјалните и културните права.

Согласно членот 9 од Уставот, кој се однесува на граѓанските и политичките слободи и права, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно членот 30 ставови 1, 2, и 3 од Уставот, кој се однесува на економските, социјалните и културни права, се гарантира правото на сопственост и правото на наследување. Сопственоста создава права и обврски и треба да служи за добро на поединецот и на заедницата. Никому не можат да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се рабити за јавен интерес утврден со закон.

Согласно членот 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Според членот 35 од Уставот, Републиката се грижи за социјалната заштита и социјалната сигурност на граѓаните согласно начелото на социјална праведност.

Според член 51 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, секој граѓанин што смета дека со поединечен акт или дејство му е повредено право или слобода утврдени со член 110 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, може да бара заштита од Уставниот суд во рок од 2 месеци од денот на доставувањето на конечен или правосислен поединечен акт, односно од денот на дознавањето за преземање на дејство со кое е сторена повредата, но не подоцна од 5 години од денот на неговото преземање.

Судот на седница констатира дека подносителите на барањето го поднеле на 7.12.2010 година. Според приложената повратница, како доказ, видно се гледа дека подносителите на барањето, решението го добиле на 13.10.2010 година.

Од означените уставни одредби произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за примената на законите и другите прописи од страна на судовите и другите органи, а во таа смисла ниту има надлежност на инстанционо повисок суд да ја оценува законитоста на постапката и одлуките донесени од овие судови и органи по конкретни предмети на граѓаните.

Од цитираните уставни одредби, исто така произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да одлучува за заштита на сите права на човекот и граѓанинот, туку само на оние кои се децидно утврдени во членот 110 алинеја 3 од Уставот. Имено, Судот не е надлежен да одлучува по барањето за заштита на правото на законито, непристрасно и чесно судење на кое, меѓу другото, се повикуваат подносителите во барањето.

Што се однесува до наводите за дискриминација дадени во барањето, Судот оцени дека истите содржат само начелно повикување на забраната на дискриминација од Универзалната декларација за правата на човекот, но не и конкретни наводи ниту пак факти.

Исто така, имајќи ги предвид наводите во барањето, како и фактот што подносителите во барањето наведуваат пресуда и дејствија на надлежните органи со кои наводно му биле повредени слободите и правата поради нивната социјална положба, од целината на барањето несомнено произлегува дека подносителите на барањето се незадоволни од пресудата на надлежните судови, всушност бараат Уставниот суд да постапува како инстанционо повисок суд и да утврди дека конкретните пресуди на судовите биле неправилни и незаконити, а со тоа Уставниот суд да се впушти во оценка на нивната законитост, при што барателите заради остварување на права од сопственост само начелно се повикуваат на заштита на слободи и права пред Уставниот суд. Правата од сопственост сакаат да ги остварат барајќи Уставниот суд да утврди дискриминација врз основа на социјална припадност преку поништување на конкретните пресуди како незаконити, што не е надлежност на Судот да решава за права од сопственоста кои биле предмет на одлучување пред надлежните органи и судови, ниту е повисок надреден суд кој ја цени нивната законитост.

Поради сето изнесено, Судот смета дека во конкретниов случај подносителите бараат од Уставниот суд уставносудска заштита на права и интереси по конкретен предмет во надлежност на судовите, за што Уставниот суд не е надлежен да одлучува поради што сметаме дека барањето треба да се отфрли согласно членот 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

7. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Иван Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.230/2010
30 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply