227/2010-0-0

227/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеja 2 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за оценување на уставноста на член 191 став 5 и член 376 став 5 во делот

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на одредбите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со недозволувањето на жалба против решението на советот со кое се одбива предлогот за определување или укинување на притворот и против решението на второстепениот суд од член 402 став 5 од Законот, се исклучувало правото на жалба како едно од основните слободи и права на човекот и граѓанинот, што не било во согласност со член 8 став 1 алинеите 1, 3 и 11, член 12 став 1 и 6, Амандманот III, Амандманот XXI, член 51 и член 54 од Уставот на Република Македонија. Ова особено затоа што согласно член 12 став 6 од Уставот, притвореното лице можело да биде пуштено да се брани од слобода, а согласно пак член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можеле да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

При одлучување по оваа иницијатива, подносителот предлага да се имаат предвид одлуките на Уставниот суд: У.бр. 34/2005, У.бр. 185/2006 и У.бр. 63/2008.

Подносителот на иницијативата предлага при одлучувањето да се имаат предвид и одредбата на член 5 точка 4 од Европската конвенција за човековите права, според која секој кој е лишен од слобода или притворен има право да изјави жалба, по која судот ќе одлучи во најкус можен рок и ќе нареди негово ослободување, доколку лицето било незаконски притворено, како и член 13 од истста конвенција, според кој, секој чии права и слободи определени со Конвенцијата биле повредени ќе има ефективен лек пред домашните органи, без оглед на тоа што повредата била сторена од лица кои вршеле службена должност.

Воедно, се предлага Уставниот суд да донесе решение за времена мерка за запирање од извршување на поединечните акти и дејствија донесени, односно преземени врз основа на оспорените законски одредби, бидејќи со нивното извршување би можеле да настанат тешко отстранливи последици за притворениот човек и граѓанин.

3. Судот на седницата утврди дека со иницијативата се оспорува член 207 став 5 и член 402 став 5 во делот: „против ова решение не е дозволена жалба“ од Пречистениот текст на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/2005), но всушност станува збор за оспорување на член 191 став 5 и член 376 став 5 од Законот за кривичната постапка во неговиот интегрален текст, кој е предмет на анализа пред Уставниот суд.

Судот утврди дека според член 191 став 5 од Законот, против решението на советот со кое се одбива предлогот за определување или укинување на притворот не е дозволена посебна жалба.

Според член 376 став 5 од Законот, ако обвинетиот се наоѓа во притвор, второстепениот суд ќе испита дали уште постојат причините за притвор и ќе донесе решение за продолжување или укинување на притворот. Против ова решение не е дозволена жалба.

4. Согласно член 110 алинеја 1 и 2 од Уставот, Уставниот суд одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со Уставот и со законите.

Според член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако за истата работа веќе одлучувал, а нема основи за поинакво одлучување.

При анализата на оспорените одредби, Судот утврди дека со Законот за изменување и дополнување на Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 74/2004), ставот 4 на членот 191 од Законот станал став 5, без промена на содржината (член 77), а ставот 4 на членот 376 од Законот станал став 5, без промена на содржината (член 136).

Тоа практично значи дека со наведените законски измени, законодавецот не ги променил решенијата од ставовите 4 на членот 191 и членот 376 од Законот, според кои против решението на советот со кое се одбива предлогот за определување или укинување на притворот не е дозволена посебна жалба, како и решението според кое против решението за продолжување или укинување на притворот донесено од второстепениот суд не е дозволена жалба, односно единствената измена се однесува само на нумерацијата на овие ставови, кои од став 4 станале став 5 во истиот член.

Прашањето за уставноста на законските решенија на членот 191 став 4 и членот 376 став 4 од Законот, веќе биле предмет на оцена од страна на Уставниот суд.

Така, со Решение У.бр.209/1998, оценувајќи ја уставноста на повеќе одредби од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/1997), меѓу кои и член 191 став 4, Уставниот суд оценил дека со решение против кое не е дозволена посебна жалба судот одлучува за управување со постапката, а не и за главната работа. Имено, Судот укажал дека треба да се има предвид дека постапката пред судот се уредува со закон и судот е должен да постапува согласно Законот кога е во прашање управувањето на постапката, а не и со барањето на странките во врска со управувањето и раководењето на постапката. Оттука Судот оценил дека законските решенија во случаите кога се исклучува правото на посебна жалба, а се однесува само на раководењето односно управувањето на постапката, не се во несогласност со Уставот. Со цел да се испита законитоста на тие решенија кои можат да бидат од влијание на одлуката за главната работа, а при тоа да се спречат злоупотребите на учесниците во постапката, економично и ефикасно завршување на постапката, Законот пропишал дека против решенија кои се однесуваат на управување и раководење на постапката не е дозволена жалба, а жалба може да се изјави по конечната одлука. Според тоа, Судот оценил дека со овој вид на решенија не се исклучува правото на жалба односно не се ограничуваат слободите и правата на човекот и граѓанинот, поради што не повел постапка за оценување на нивната уставност.

Дополнително, при анализа на оспорениот член 191 став 5 (претходно став 4) од Законот, Судот оцени дека треба да се има предвид дека недозволувањето на посебна жалба против решението на советот со кое се одбива предлогот за определување на притвор несомнено е во интерес на обвинетиот, затоа што значи негово останување на слобода во натамошниот текст на постапката, а правото на жалба против ова решение, согласно член 382 став 2 од Законот за кривичната постапка, овластениот тужител може да го искористи истовремено со поднесување жалба на пресудата, поради што не може да се прифати тврдењето дека со оваа одредба е повредено правото на жалба гарантирано со Амандманот XXI на Уставот. Во однос, пак, на недозволувањето на посебна жалба против решението на советот со кое се одбива предлогот за укинување на притворот, според Судот, треба да се има предвид дека во овој случај станува збор за притвор кој е претходно определен во фаза на истрага, па откако е подигнато обвинението се бара негово укинување или за притвор кој е определен од страна на советот (став 1 од истиот член), по подигнувањето на обвинението, па сега се бара негово укинување. И во двата случаи советот ја цени основаноста за продолжување на притворот кој е претходно определен и донесува решение со кое се одбива предлогот за укинување на притворот, што значи дека обвинетиот останува и понатаму во притвор, се додека постојат законски услови за тоа, но тука треба да се има предвид одредбата во ставот 3 на членот 191 од Законот, според која советот е должен по истекот на триесет дена од правосилноста на последното решение за притвор, и без предлог на странките, да испита дали се уште постојат причините за притвор и да донесе решение за продолжување или укинување на притворот. Поради тоа, според Судот, недозволувањето на посебна жалба на ваквото решение е во функција на економично и ефикасно завршување на постапката, односно е одбрана од неосновано оддолжување на постапката, при што неспорно е дека правото на жалба против ваквото решение може да се искористи истовремено со поднесување на жалба на пресудата, поради што и во овој случај не може да се прифати дека станува збор за повреда на уставно загарантираното право на жалба.

Со Решение У.бр.212/1998, Уставниот суд не повел постапка за оценување на уставноста на член 376 став 4 од Законот за кривичната постапка („Службен весник на Република Македонија“ бр. 15/1997). Притоа, Судот оценил дека прашањето на контрола на судот за оправданоста на обвинетото лице да биде притворено односно притворот да биде укинат или продолжен е утврдена и во постапката по жалба пред второстепениот суд. Имено, второстепениот суд, постапувајки по жалбата во случајот кога таа ќе ја уважи и првостепената пресуда ќе ја укине, е должен ако обвинетото лице е во притвор да испита дали уште постојат причини за притвор и ќе донесе решение за продолжување или укинување, против кое решение не е дозволена жалба. Имајки ги предвид наведените законски одредби по однос на правото на жалба против решението за притвор, може да се заклучи дека во конкретниов случај не станува збор за повреда на правото на жалба утврдено во член 15 од Уставот, од причини што правото на жалба е обезбедено при определување на притворот кога за притворот одлучува истражниот судија или советот. Како што е определено со одредбата од членот 376 став 4 од Законот за кривичната постапка, жалба не е дозволена затоа што кога второстепениот суд одлучува за главната работа при тоа едновремено ја испитува и основаноста на определениот притвор како второстепен суд, што значи дека тој во такво својство решава и за притворот, со исход притворот да се продолжи или укине. Со тоа е остварено правото од членот 15 од Уставот за гарантирање на правото на жалба против поднесени правни акти, донесени во постапка во прв степен пред суд…. Во кривичната постапка применет е принципот на двостепеност. Затоа против одлуката на второстепениот суд не е дозволена жалба, во овој случај, не трет степен. Натаму, во поткрепа на ваквото становиште оспорената одредба треба да се гледа и во контекст со член 380 од Законот во кој е предвидено како треба да постапи првостепениот суд кога второстепениот суд ке ја укине првостепената пресуда и предметот ке го врати на повторно судење. Во таков случај е предвидено дека, ако обвинетиот е во притвор, советот на првостепениот суд е должен да постапи според член 189 став 2, што значи дека обвинетиот може да се задржи во притвор само врз основа на решение за продолжување на притворот, против кое решение е дозволена жалба. Од изнесеното несомнено може да се заклучи дека секогаш кога се определува притвор од страна на првостепениот суд е дозволена жалба. Со тоа целосно се почитува уставното право утврдено во член 15. Наспроти тоа, ова право не се однесува на одлучувањето од страна на второстепениот суд, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со Уставот, посебно имајки предвид дека второстепениот суд не определува притвор туку дека одлучува за веке определен притвор. По однос на наводите во иницијативата, дека оспорената одредба не е во согласност со член 54 став 1 според кој слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот, Судот оценил дека не може да се постави прашањето за повреда на оваа одредба, имајки предвид дека решението за притворот е уредено во уставните рамки.

Со сега доставената иницијатива, поднесена од истиот подносител, повторно се бара оцена на уставноста на овие одредби (сега со нова нумерација на ставот), од истите причини, поради што Судот оцени дека нема основи за поинакво одлучување од она што е веќе одлучено од по ова прашање и дека се исполнети условите од член 28 алинеја 2 од Деловникот на Уставниот суд, за отфрлање на иницијативата.

5. Тргнувајќи од наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумоски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.227/2010
23 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply