5/2011-0-0

5/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 16 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Решението за именување членови на Државната пописна комисија бр.22-7150/1 од 14 декември 2010 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.167/2010) донесено од Владата на Република Македонија.

2. Сојуз на здруженија на граѓани-Мрежа за мултикултурно оштество од Скопје, застапувана од претседателот Мирољуб Орландиќ од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Во иницијативата најнапред се појаснува дека основачи на Сојузот се: Заедницата на Хрватите во Република Македонија, Заедницата на Црногорците во Република Македонија, Словенечкото здужение “Франц Прешерн“, Сојузот на Балкански Египќани, Заедни-цата на граѓани руски сонародници во Република Македонија “МР-Мост“, Здружението на Украинците во Република Македонија „Лисја Украинка“, Ерменската заедница во Република Македонија и Полското здружение во Република Македонија „Клуб Полонија“, односно припадниците на таканаречените „останати“ од Уставот на Република Македонија, кои на пописот од 2002 година изнесувале вкупно 20.003 од вкупниот број на граѓаните.

Со оспореното решение, кое според подносителот на иницијативата бил правен акт со општо дејство (erga omnes tangit) и како таков подлежел на оцена на уставноста и законитоста биле именувани 25 поименично наведени членови, меѓутоа, меѓу нив не биле застапени членови од припадниците на зедниците кои во Уставот биле означени како останати, што било спротивно на Амандманот VI на Уставот, членот 27 став 5 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2010), како и на Второто мислење за Република Македонија од 23 февруари 2007 година на Советот на Европа-Советодавен Комитет за Рамковната Конвенција за заштита на националните малцинства, усвоено на 9 јули 2008 година од страна на Комитетот на Министри на Советот на Европа.

Со оглед на тоа што Владата на Република Македонија била должна за член на Државната пописна комисија да именува и припадник на заедниците кои во Уставот биле означени како останати, но тоа не го сторила, подносителот на иницијативата предлага Судот да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на оспорениот акт, а потоа истиот и да го укине.

3. Судот на седницата утврди дека, врз основа на член 27 од Законот за попис на населението, домаќинствата и становите во Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија“ бр.156/2010), Владата на Република Македонија на седницата одржана на 14 декември 2010 година донела решение бр.22-7150/1 за именување членови на Државната пописна комисија.

Според членот 1 од решението, за членови на Државната пописна комисија се именуваат: Љупчо Атанасовски, Ванчо Ангеловски, м-р Селим Адеми, Васко Арсов, Мелаим Адеми, Кирил Барбареев, д-р Абдулменаф Беџети, м-р Слободанка Гиевска, Мира Радовановиќ-Димитриевска, д-р Весна Јаневска, Хавза Реџеп-Каќељ, д-р Снежана Костадиноска-Милошевска, Александар Михајловски, Сенад Мустафов, м-р Благица Новковска, Перо Нане, Насија Пепиќ, м-р Васко Петревски, д-р Славе Ристески, Џемаили Саити, Мурати Сали, д-р Фаузи Скендери, д-р Марија Ташева, Лазар Трајчев и м-р Јакуп Фетаи.

Според членот 2, ова решение влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во “Службен весник на Република Македонија“.

По поднесувањето на иницијативата (5 јануари 2011 година), Владата на Република Македонија, донела решение бр.22-818/1 од 4 февруари 2011 година за разрешување и именување член на Државната пописна комисија, според кое Лазар Трајчев е разрешен од должноста член на Државната пописна комисија, а Атиф Бајрамовски е именуван за нов член на Комисијата.

4. Согласно член 110 од Уставот на Република Македонија Уставниот суд на Република Македонија, меѓу другото е надлежен да одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на колективните договори и другите прописи со Уставот и законите

Согласно член 28 алинеја 1 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува по барањето.

Во конкретниот случај предмет на оспорување е донесеното решение на Владата на Република Македонија со кое е извршен поименичен избор на конкретни лица за членови на Државната пописна комисија. Вака донесеното решение, според својот карактер, не е пропис или друг вид општ акт со кој на општ нормативен начин се уредуваат правните односи или пак се утврдуваат правила на однесување, од каде истото нема карактер на пропис подобен за уставно-судска оцена.

Тргнувајќи од уставните овластувања на Уставниот суд да ги цени уставноста и законитоста на прописите од општ карактер (член 110 од Уставот), но не и на поединечните акти како што е оспореното решение произлегува дека Уставниот суд не е надлежен да ја оценува уставноста и законитоста на оспореното решение.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.5/2011
16 март 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply