210/2010-0-0

210/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 4 ставови 2, 4 и 5 и член 9 алинеја 8 од Законот за Судскиот буџет („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003, 37/2006, 103/2008 и 145/2010).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на членовите од Законот означен во точката 1 на ова решение.

Подносителот на иницијативата укажува дека одредбата од член 4 став 2 од Законот била спротивна на Уставот од причина што не било можно и логично на законодавната и извршната власт да може да се намалуваат средствата наменети за финансирање, а нa судската да не може и смета дека треба да се има во предвид Законот за буџети. Во однос на одредбата од член 4 став 4 подносителот укажува дека при постоење на еден Буџет – Буџетот на Република Македонија, не било можно да има постојна и тековна резерва само во Судскиот буџет и прашува дали тоа значи дека и законодавната и извршната власт имаат постојна и тековна резерва.

Во врска со одредбата од член 9 став 1 алинеја 8 во иницијативата се укажува дека Судскиот буџетски совет не можел да спроведува било какви јавни набавки (ниту за себе, а уште помалку за други) бидејќи тој немал статус на правно лице, односно државен орган. Како таков, тој не можел да има во сопственост никакви ствари, односно истиот не можел да набавува стоки, услуги и работи за себе и за други преку постапки за јавни набавки. Поради тоа подносителот смета дека и оваа законска алинеја не била во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 68 став 1 алинеја 4 од Уставот, и предлага во однос на сите оспорени одредби Судот да поведе постапка за оценување на уставноста.

3. Судот на седницата утврди дека според член 4 став 2 од Законот за Судскиот буџет, во случај на ребаланс на буџетот на Република Македонија не може да се намалуваат средствата наменети за финансирање на судската власт. Според членот 4 став 3 од Законот, во рамките на судскиот буџет се утврдуваат средства за непредвидени случаи како постојна и тековна резерва кои не можат да надминат 2% од тековните расходи на судскиот буџет. Согласно ставот 5 на истиот член од Законот, утврдените средства за непланираните случаи и активности се наменети за покривање на расходи во случаи на виша сила, елементарни непогоди и други активности кои во текот на подготовката на буџетот за судска власт не можеле да бидат предвидени.

Судот на седницата, исто така, утврди дека во членот 9 од Законот, во кој се определени надлежностите на Судскиот буџетски совет е предвидена надлежност на Советот за централизирано спроведување на постапки за јавни набавки за единките корисници.

4. Според членот 8 став 1 алинеи 3 и 4 од Уста вот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 68 став 1 алинеја 4, Собранието на Република Македонија го донесува републичкиот буџет и завршната сметка на буџетот.

Со Амандман XXV на Уставот, меѓу другото, пропишано е дека судската власт ја вршат судовите. Судовите се самостојни и независни.

Според Амандман XXVIII на Уставот, Судскиот совет на Република Македонија е самостоен и независен орган на судството. Советот ја обезбедува и ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт.

Законот за судскиот буџет („Службен весник на Република Македонија“ бр.60/2003, 37/2006, 103/2008 и 145/2010) е донесен во 2003 година заради операционализација на уставниот постулат за поделба на власта и заради зајакнување на независноста на судството во однос на финансирањето и одлучувањето за потребите од финансиски средства неопходни за функционирање на судската власт.

Согласно член 1 од Законот, со овој закон се уредува постапката за изготвување, утврдување и извршување на судскиот буџет и основањето и работењето на Судскиот буџетски совет. Со Судскиот буџет се обезбедува стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт, а со цел да се обезбеди нејзината уставна и законска независност и самостојност. Со судскиот буџет се финансираат судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители (во натамошниот текст: единки корисници).”

Во членот 2 од Законот, е дадена дефиниција на Судскиот буџет – тој претставува годишна процена на приходите и трошоците на единките корисници што ги утврдува Собранието на Република Македонија и е наменет за нивно финансирање. Судскиот буџет е дел од Буџетот на Република Македонија издвоен како посебен дел означен со “Судска власт”.

Согласно членот 3 од Законот, приходи на судскиот буџет се средствата определени од Буџетот на Република Македонија, донации и сопствени приходи (депозити, закупнини, судски паушали и слично) на единките корисници.

Согласно членот 4 од Законот, (делумно оспорен со иницијативата) делот на средствата „Судска власт” во Буџетот на Република Македонија, потребни за функционирање на единките корисници, се утврдува во износ од најмалку 0,8% од бруто домашниот производ, а во согласност со критериумите утврдени од Судскиот буџетски совет, врз основа на фискалната политика и главните параметри за процена на приходите и трошоците. Во случај на ребаланс на буџетот на Република Македонија не може да се намалуваат средствата наменети за финансирање на судската власт (оспорен став). Средствата од делот “Судска власт”, Судскиот буџетски совет ги распределува на единките корисници. Во рамките на судскиот буџет се утврдуваат средства за непредвидени случаи како постојна и тековна резерва кои не можат да надминат 2% од тековните расходи на судскиот буџет. Утврдените средства за непланираните случаи и активности се наменети за покривање на расходи во случаи на виша сила, елементарни непогоди и други активности кои во текот на подготовката на буџетот за судска власт не можеле да бидат предвидени (оспорени ставови). При распределувањето на средствата од ставот 1 на овој член, најмалку 2,5 % задолжително се издвојуваат за стручно усовршување на судиите, судските службеници, државните службеници, судската полиција и другите вработени во судовите.

Според членот 5 од Законот, трошоците на судскиот буџет ги сочинуваат:
1) тековните трошоци за:
– платите и надоместоците на членовите на Судскиот совет на Република Македонија, судиите и директорот на Академијата за судии и јавни обвинители,
– платите и надоместоците на судските службеници, судската полиција, другите вработени во судовите, како и државните службеници во Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители,
– стоки и услуги за работа на единките корисници,
– трошоци во постапките, освен за трошоците за надоместок на штета за лица неосновано осудени и неосновано лишени од слобода и
– субвенции и трансфери и

2) капиталните расходи:
– набавка на капитални средства за единките корисници и
– инвестиционо одржување на објектите и опремата на единките корисници.

Согласно членот 6 од Законот, за вршење на работите во врска со судскиот буџет се основа Судски буџетски совет. Судскиот буџетски совет ги врши работите определени со овој закон, Деловникот за работа на Судскиот буџетски совет и други акти.

Во членот 7 од Законот е определен составот на Судскиот буџетски совет, според кој Советот го сочинуваат претседател и десет члена. Претседател на Судскиот буџетски совет е претседателот на Судскиот совет на Република Македонија. Заменик во негово отсуство е претседателот на Врховниот суд на Република Македонија. Членови на Судскиот буџетски совет се:
-министерот за правда;
– претседателот на Врховниот суд на Република Македонија;
– Претседателот на Управниот суд Скопје
-претседателите на Апелациониот суд во Скопје, Апелациониот суд Штип, Апелациониот суд во Битола и Апелациониот суд во Гостивар;
– двајца претседатели на основни судови по редоследот предвиден во Законот за судовите, од кои еден претседател од судовите со
зголемена надлежност, по систем на ротација, со мандат од две години.
– директорот на Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Во работата на Судскиот буџетски совет учествуваат и претставници од Министерството за финансии без право на одлучување.

Согласно членот 8, Судскиот буџетски совет работи на седници. Седниците на Судскиот буџетски совет ги свикува и со нив раководи претседателот на Судскиот буџетски совет. Судскиот буџетски совет одлуките ги донесува со мнозинство гласови од вкупниот број на членови. На седницата на Судскиот буџетски совет присуствува и раководителот на стручната служба на Судскиот буџетски совет без право на одлучување. Претседателот на Судскиот совет на Република Македонија го застапува и презентира делот на средства “Судска власт” од Буџетот на Република Македонија, на седницата на Владата кога се усвојува предлогот на Буџетот на Република Македонија и пред работните тела и на седницата на Собранието кога се донесува. Буџетот на Република Македонија.

Надлежностите на Судскиот буџетски совет се утврдени во членот 9 од Законот, според кој Судскиот буџетски -совет ги има следниве надлежности:
-ги утврдува критериумите и методологијата за изготвување на судскиот буџет;
-врши распределба на средствата од судскиот буџет на единките корисници и презема мерки за навремено извршување на судскиот буџет;
-одобрува средства за нови вработувања во единките корисници во рамките на утврдениот судски буџет за маса на исплата на плати;
-го назначува внатрешниот ревизор;
-го донесува Деловникот за работа на Судскиот буџетски совет и другите внатрешни акти и формира помошни тела;
-го изготвува годишниот извештај за извршувањето на судскиот буџет;
-врши пренамена на намената на средствата определени во делот “Судска власт” и може да го овласти претседателот на Судскиот буџетски совет да врши пренамена на средствата определени во делот „Судска власт“ до определен износ;
– централизирано спроведување на постапки за јавни набавки за единките корисници (оспорена алинеја).
-врши други работи предвидени со закон.

Согласно член 10 од Законот, стручните и административните работи на Судскиот буџетски совет ги врши стручната служба на Судскиот буџетски совет. Стручната служба се формира како внатрешна организациона единица на Судскиот совет на Република Македонија.

Во членот 11 се утврдени работите што ги врши стручната служба на Судскиот буџетски совет: ги извршува одлуките на Судскиот буџетски совет; ги разработува финансиските показатели поврзани со барањата на Единките корисници и ги следи нивните материјални потреби; ги изготвува Деловникот за работа на Судскиот буџетски совет и другите внатрешни акти, како и критериумите и методологијата за подготвување на Судскиот буџет и ги поднесува на Судскиот буџетски совет на усвојување и врши други работи доверени од Судскиот буџетски совет.

Во одредбите од член 12 до член 19 e пропишан начинот и постапката за изготвување, утврдување, доставување и извршување на Судскиот буџет. Согласно членот 18 од Законот, контрола на извршувањето на судскиот буџет се врши согласно со одредбите од Законот за буџетите. Судскиот буџетски совет е должен најмалку еднаш годишно да доставува извештај за извршувањето на судскиот буџет до Министерството за финансии, Владата на Република Македонија и Собранието на Република Македонија, а согласно членот 19 од Законот, на судскиот буџет се применуваат одредбите од Законот за буџети, доколку со овој закон поинаку не е определено.

Со предметната иницијатива се оспоруваат три одредби од Законот за Судскиот буџет, и тоа одредбата која се однесува на неможноста да се намалуваат средствата наменети за судската власт во случај на ребаланс на државниот буџет (член 4 став 2), одредбата која предвидува постоење на постојана и тековна резерва во Судскиот буџет (член 4 став 4) како и одредбата од член 9 алинеја 8 според која Судскиот буџетски совет меѓу другите надлежности, е надлежен и за централизирано спроведување на постапки за јавни набавки за единките корисници.

Во однос на одредбите од членот 4 ставотите 2, 4 и 5, Судот оцени дека тие се во функција на остварување на уставно загарантираната самостојност и независност на судската власт, посебно на финансиската независност на судството за чие што остварување е потребно обезбедување на трајни и стабилни извори на финансирање и самостојно располагање со финансиските средства од страна на судството, што е впрочем и основната интенција на одредбите. Во овие оспорени одредби, според оценката на Судот, не е содржано ништо што би било спротивно на Уставот, туку напротив се во функција на остварување на уставната опредлеба за самостојност и независност на судството, поради што утврди дека тие не би можеле да се доведат под сомнение во однос на уставните одредби на кои се повикува подносителот на иницијативата.

Од анализата на одредбите од Законот за судскиот буџет, произлегува дека Судскиот буџет е дел од Буџетот на Република Македонија кој е наменет за финансирање на судовите, Судскиот совет на Република Македонија и Академијата за судии и јавни обвинители, како единки корисници на Судскиот буџет. Судскиот буџет е воведен за да се обезбеди финансиската независност на судството и да се обезбеди стабилно, долгорочно, рамномерно и соодветно финансирање на судската власт. За вршење на работите во врска со судскиот буџет, со Законот е основан Судски буџетски совет, како колективно тело составено од претседател и 10 членови – највисоки претставници на судската власт и ова тело е одговорно и одлучува за политиката за финансирањето на судството и го извршува Судскиот буџет (врши распределба на средства од Судскиот буџет, одобрува средства за нови вработувања во судството, врши пренамена на средствата, централизирано спроведува постапки за јавни набавки и други надлежности). Стручните и административните работи на Судскиот буџетски совет ги врши стручната служба на Судскиот буџетски совет, која согласно Законот се формира како внатрешна организациона единица на Судскиот совет на Република Македонија.

За подносителот на иницијативата спорна е надлежноста на Судскиот буџетски совет (воведена со последните измени и дополнувања на Законот за судскиот буџет од ноември 2010 година) според која Судскиот буџетски совет врши и централизирано спроведување на постапки за јавни набавки за единките корисници. Подносителот на иницијативата смета дека ова тело не можело да спроведува јавни набавки (ниту за себе, а уште помалку за други) со оглед дека тоа нема статус на правно лице, односно државен орган.

Од законските одредби произлегува дека ова тело – Судскиот буџетски совет нема правен субјективитет односно не претставува правно лице ниту пак државен орган, и како такво тоа не би можело да врши јавни набавки.

Согласно член 4 став 1 точка а) од Законот за јавните набавки („Службен весник на Република Македонија“ бр. 137/2007 и 130/2008) договорни органи, меѓу другите, се државните органи, органите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје, како и други органи прецизно дефинирани во другите точки на овој член од Законот, кои во суштина сите претставуваат правни лица. Во ставот 2 на овој член од овој закон е утврдено дека Владата на Република Македонија утврдува индикативен список на договорни органи од ставот 1 на овој член. Ваков индикативен список Владата има донесено, во форма на Одлука за утврдување на индикативен список на договорни органи („Службен весник на Република Македонија“ бр. 159/2007 и 74/2009) во кој се утврдени договорните органи кои можат да вршат јавни набавки согласно Законот за јавните набавки. Во членот 2 од оваа одлука, меѓу другите државни органи, се наведени Судскиот совет на Република Македонија, Врховниот суд на Република Македонија, Управниот суд, апелационите судови, основните судови, како и Академијата за обука на судии и јавни обвинители.

Од друга страна пак, според мислењето на Судот, оспорената одредба треба да се анализира во контекст на целината на одредбите од Законот за судскиот буџет, од кои произлегува дека Судскиот буџет (во организациона и кадровска смисла) е ставен под капата на Судскиот совет на Република Македонија (со него претседава претседателот на Судскиот совет на Република Македонија, кој го застапува делот на средства „Судска власт“ од републичкиот буџет, на седницата на Владата кога се усвојува предлогот на Буџетот на Република Македонија и пред работните тела и на седницата на Собранието кога се донесува Буџетот на Република Македонија, а стручните работи ги врши стручна служба која е организациона единица на Судскиот совет на Република Македонија). Ваквото решение има и своја уставна оправданост и основа бидејќи Уставот е тој кој што одговорноста за обезбедување и гарантирање на самостојноста и независноста на судската власт ја лоцира во Судскиот совет на Република Македонија, така што Судскиот совет е органот кој треба да ја обезбеди и финансиската независност на судската власт. При тоа политичкото ниво на одлучување за финансирањето на судската власт воопшто и за користењето на средствата на Судскиот буџет кое е во рацете на Судскиот буџетски совет како колегијален орган кој ги обединува највисоките функционери на судската власт, е јасно разграничено од стручно-административното извршување на одлуките на Советот и него го врши стручна служба како дел од внатрешната организација на Судскиот совет кој единствено има својство на правно лице односно државен орган кој може да биде и договорен орган кој ќе врши јавни набавки според Законот за јавните набавки.

Според Судот, оспорената одредба не треба да се чита изолирано и буквално, како што тоа го чини подносителот на иницијативата. Ова од причина што надлежноста на Судскиот буџетски совет за „централизирано спроведување на постапки за јавни набавки за единките корисници“, всушност се состои во одлучување за тоа во кој случај и за кои намени и цели ќе се спроведуваат јавните набавки за единките корисници и тоа централизирано (за што постои несомнена оправданост која Владата ја образложува во даденото мислење), но дека сепак формално и конкретно јавните набавки и целата процедура околу јавните набавки ќе ја спроведува Судскиот совет на Република Македонија, како договорен орган согласно Законот за јавните набавки и индикативната листа на Владата.

Тргнувајќи врз основа на напред наведеното Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на одредбите на член 4 ставовите 2, 4 и 5 и член 9 алинеја 8 од Законот за Судскиот буџет со одредбите од член 8 став 1 алинеја 3, член 51 и член 68 став 1 алинеја 4 од Уставот на Република Македонија.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.210/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е
тјт

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply