188/2010-0-0

188/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеа 1 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 35 од Правилникот за внатрешните односи и работењето на Факултетот за физичка култура во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, донесен на 21 мај 2009 година, 17 јуни 2010 и 29 јуни 2010 година од Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура Скопје.

2. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 16 ставовите 3 и 4, член 30, член 32 став 2 точка 4, член 34, член 44 став 9 и член 73 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

3. СЕ ОТФРЛА иницијативата во делот на барањето за поведување на постапка за оценување на меѓусебната согласност на оспорените членови од Правилникот со Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, донесен од Универзитетскиот Сенат на 13 ноември 2008 година.

4. Чедомир Саздовски, Славица Новачевска, Сашо Тодоровски, Ристо Стаменов и Серјожа Гонторев сите од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесоа иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста, законитоста и статутарноста на член 16 ставовите 3 и 4, член 30, член 32 став 2 точка 4, член 34, член 35, член 44 став 9 и член 73 од Правилникот означен во точката 1 од ова решение.

5. Судот на седницата утврди дека, во делот V „Внатрешна организација на Факултетот“, односно во членот 16 став 1 од Правилникот е предвидено дека, за вршење на својата дејност Факултетот може да организира внатрешни организациони единици, согласно со Статутот на Универзитетот „Свети Кирил и Методиј“ во Скопје.
Според оспорениот член 16 став 3 на овој Правилник, внатрешните организациони единици што се утврдуваат со овој Правилник се: институти, катедри, лаборатории и библиотеки.

Според оспорениот член 16 став 4 од Правилникот, друга посебна организациона единица на Факултетот, формирана за изведување на настава по физичко образование на Факултетот во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје (со исклучок на Факултетот за физичка култура) е Центарот за физичко образование.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорените ставови на член 16 не биле во согласност со член 45 став 1 и 2 од Законот за високото образование и со член 94 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Ова од причина што Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ не познава термин „посебна“ организациона единица поради што тие сметаат дека Центарот за физичко образование мора да има ист статус како катедрата и институтот, односно да има рамноправен статус на внатрешна организациона единица, а не да биде именувана како посебна организациона единица.

Според член 1 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 89/2009, 99/2009 ,115/2010 и 17/2011) со овој закон се уредуваат автономијата на универзитетот и академската слобода, условите и постапката за основање и престанок на високообразовните установи, системот на обезбедување и оценување на квалитетот на високото образование, основите за организација, управување и развој и финансирање на високообразовната дејност.

Според член 9 поместен во Глава I поднасловот „Статут и други акти“ од Законот е предвидено дека основен акт на универзи-тетот, односно на самостојната високообразовна установа е статутот.

Со статутот поблиску се уредуваат внатрешната организација, начинот на вршење на високообразовна дејност, овластувањата и начинот на работа и одлучување и други прашања од значење за вршење на високообразовна дејност.

Единица на универзитет има правилник со кој во согласност со статутот на универзитетот се уредуваат внатрешните односи и работењето на единицата (правилник на единицата).

Според член 11, пак, од Законот, универзитетите и единиците во нивниот состав и самостојните високообразовни установи ја вршат својата дејност врз принципот на академската автономија.

Според член 45 од Законот, внатрешната организација на универзитетот се уредува со овој закон и со статутот на универзитетот.

Единицата на универзитетот за вршење на својата дејност може да организира, институт, центар, завод, катедра, оддел и други внатрешни организации единици под услови утврдени со статутот на универзитетот.

Согласно наведените законски одредби со правилникот кој е оспорен со иницијативата се уредуваат внатрешните односи и работењето, внатрешната организација, органите и нивната работа, печатот, знаците и другите обележја на Факултетот за физичка култура во Скопје како единица во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Факултетот за физичка култура во Скопје е државен факултет основан со Законот за основање на Факултет за физичка култура („Службен весник на СРМ“ бр.30/1977 година) и за вршење на својата дејност според член 16 од Правилникот, Факултетот може да организира внатрешни организациони единици како што се институти, катедри, лаборатории и библиотеки.

Во рамките на Факултетот за физичка култура како друга посебна организациона единица за изведување на настава физичко образование на факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ (со исклучок на Факултетот за физичка култура) е Центарот за физичко образование.

Центарот за физичко образование е основан со Одлука за основање на Центар за физичка култура на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, од страна на Универзитетскиот совет на 27 декември 1974 година, а врз основа на член 169 точка 5 од Законот за високото школство и член 38 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Според член 74 од Правилникот, Центарот за физичко образование работи како организациона единица на Факултетот за физичка култура до изнаоѓање на ново решение во рамките на Универзитетот.

Имајќи ги предвид изнесените законски одредби утврдената фактичка состојба, а притоа имајќи предвид дека се работи за времено решение за Центарот за физичко образование кој врши дејност физичко образование со студенти од нематичните факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј, што значи вршење дејност за потребите на Универзитетот, Судот оцени дека наводите во иницијативата се неосновани, односно оспорениот член 16 ставовите 3 и 4 не можат да бидат доведени под сомнение во однос на одредбите од Законот на кои се повикуваат подносителите на иницијативата.

6. Според оспорениот член 30 од Правилникот, Центарот за физичко образование е наставно организациона единица која ја организира и ја реализира наставата по физичко образование на сите факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје со исклучок на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Според наводите на подносителите на иницијативата употребата на терминот „наставно“ е во директна спротивност со член 94 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје, кој точно го дефинира статусот на центрите односно дека центрите се формираат заради изведување, организирање и поттикнување на научно- стражувачка и наставно-образовна работа и друго.

Понатаму, подносителите наведуваат дека организирање-
то и регулирањето на наставата по физичко образование на сите факултети во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ е само еден сегмент од правата и обврските што ги имаат центрите, а со ваквото дефинирање на Центарот за физичко образование, им се одземале правата за бавење со научно – истражувачка работа, пренесувањето на употребата на усовршените методи на работа, сознанијата и достигнувањата, правото на вршење на применувачка односно апликативна дејност со што во крајна линија им се ограничувало и правото на напредување во наставно-научни звања пропишани со закон, статутот и други прописи.

Судот тргнувајќи од неспорно утврдениот факт дека Центарот за физичко образование е посебна организациона единица формирана за потребите на Универзитетот, односно за потребите на другите факултети на кои се изведува предметот физичко образование (а не и за Факултетот за физичка култура) и неговото дефинирање како наставна организациона единица што е утврдено во оспорениот член 30 од Правилникот, не го прави истиот несогласен со Уставот и со Законот за високото образование од причина што на наставниците во Центарот не им е оневозможено да се бават со научно-истражувачка дејност од областа на физичката култура.

7. Судот на седницата понатаму утврди дека во членот 32 став 2 од Правилникот е предвидено дека Центарот за физичко образование ги врши следните работи:

– предлага предметна програма во рамките на студиските програми на факултетите на Универзитетот, по претходно мислење на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура во Скопје, а се усвојува на факултетот на кој се реализира настава по физичко образование.

– најдоцна до почетокот на академската година, Центарот му предлага на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура финансиска програма за изведување на настава на единиците на Универзитетот.

– други потребни работи за изведување на наставата по физичко образование на факултетите на Универзитетот, согласно со Законот за високото образование и Статутот на Универзитетот во координација со деканот на соодветниот факултет на кој се изведува наставата.

Во оспорениот став 2 точка 4 од наведениот член е предвидено дека, Центарот може да реализира и воннаставна активност со посебна одлука на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Според наводите на подносителите на иницијативата, имајќи предвид дека со првата точка од став 2 на наведениот член се предвидува постапката и начинот на донесувањето на предметната програма по предметот физичко образование во која се инкорпорирани и воннаставните активности, произлегувало дека оспорената точка 4 од членот 32 став 2 била непотребна и истата само можела да ја усложни работата и реализацијата на Наставната програма по предметот физичко образование на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Судот оцени дека вака изнесените наводи се неосновани, од причина што овој член треба да се гледа во корелација со членот 33 од Правилникот со кој е определено дека средствата за работа Центарот ги добива наменски од Министерството за образование и наука пред почетокот на секоја академска година како предуслов за започнување со настава, при што видот и обемот на наставата се утврдуваат согласно расположивите средства.

Оттука, предвидувањето, односно определувањето дека Центарот може да реализира и воннаставна активност со посебна одлука на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура, според Судот е сосема оправдано.

Имено, воннаставните активности секако дека повлекуваат финансиски средства кои треба да бидат обезбедени од буџетот на Факултетот за физичка култура од кои причини истите како активност треба и да се одобрат.

Според тоа, оспорениот член 32 став 2 точка 4 не може да биде доведен под сомнение во однос на Законот за високото образование. Дали, пак, оспорената одредба е неопходна ,или не, од причини што воннаставната активност е инкорпорирана во член 32 став 2 точките 1, 2 и 3 е прашање на целисходност, а не прашање кое треба да се гледа од уставен аспект.

8. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 34 од Правилникот е предвидено дека Центарот за физичко образование има раководител. Раководителот на Центарот за физичко образование по предлог на Центарот, се избира од страна на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура во Скопје.

Раководителот се избира за време од 1 (една) академска година со право на уште еден избор. Наставно-научниот совет може предвремено да го разреши раководителот на Центарот за физичко образование врз основа на лично барање од раководителот и на образложено барање од најмалку половина од членовите на Центарот.

Раководителот за својата работа одговара пред деканот на факултетот и пред наставно-научниот совет.

Во случај раководителот на Центарот за физичко образование да не ги извршува работите и должностите од својата надлежност деканот може да го разреши и пред истекот на времето за кое е избран и да постави в.д. раководител на Центарот.

Според наводите на подносителите на иницијативата оспорениот член 34 од Правилникот е во директна спротивност со членот 95 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“. Со оспорениот член тенденциозно се маргинализирала улогата на раководителот на Центарот за физичко образование и истиот се ставал во подредена улога во однос на член 25 став 1, 2 и 3 од Правилникот на Факултетот за физичка култура, иако обврските по обем и содржина во однос на раководителот на Катедра биле далеку поголеми бидејќи истиот требало да раководи со наставно-образовен процес за околу 9000 студенти од 20 факултети во состав на Универзитетот.

Ова оттаму што според член 95 од Статутот на Универзитетот „Св.Кирил и Методиј“ одредбите за раководител на катедра од овој Статут соодветно се применувале и за раководител на центар.

Според членот 25 ставовите 1, 2 и 3 од Правилникот, на Факултетот за физичка култура со катедрата раководи раководител, кој по предлог на катедрата се именува и разрешува од страна на деканот.

Раководителот се избира за време од 4 години со право на уште еден избор.

Предлог за раководител на катедрата дава катедрата, со мнозинство од вкупниот број на нејзините членови, а се именува и се разрешува од страна на деканот на факултетот.

Во однос на членот 34 од Правилникот кој е оспорен со иницијативата и од чија анализа произлегува дека во него е уредено прашањето за тоа кој раководи со Центарот за физичко образование, кој го избира, за кој период, пред кого одговара раководителот на Центарот и можноста да биде разрешен пред истекот на времето за кој е избран од причина што оваа одредба била во дирекна спротивност со член 95 од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, Судот оцени дека излегуваат надвор од доменот на надлежноста на Уставниот суд (Уставниот суд не цени меѓусебна согласност на подзаконски акти).

Според Судот одредбата од членот 34 од Правилникот се однесува на раководителот на Центарот за физичка култура формиран за потребите на Универзитетот, а не за раководител на Центар кој може да го формира единицата на Универзитетот, односно Факултетот и на кого се однесуваат одредбите за раководителот на катедрата. Имено, како што веќе е наведено, Центарот за физичка култура е посебна организациона единица формирана за потребите на Универзитетот, односно за потребите на нематичните факултети, а не за Факултетот за физичка култура, па оттука повикувањето на подносителите на иницијативата дека и за раководителот на Центарот треба да важат одредбите од Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ според кој одредбите за раководител на катедра соодветно се применуваат и за раководител на Центарот се неприфатливи, од причина што Центарот за физичко образование, е во рамките на Факултетот за физичка култура поради природата на дејноста физичко образование.

9. Судот, воедно утврди дека, според оспорениот член 35 од Правилникот изборот на вработените во Центарот за физичко образование во наставни звања се врши согласно со член 184 од Законот за високото образование („Службен весник на Републикка Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009, 83/2009 и 99/2009).

Според наводите на подносителите на иницијативата кои се повикуваат и ги цитираат членовите 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1, 2 и 5, член 51 и 54 ставовите 1 и 2 од Уставот како и членовите 2, 4, 6, 11, 12, 13, 39, 121 ставовите 1, 2 и 3, 125 до 138 и 184 од Законот за високото образование, со примената на оспорениот член 35 од Правилникот за внатрешните односи и работењето на Факултетот за физичка култура во состав на Универзитетот и за наставниците кои изведуваат настава по предметот физичко образование со завршен докторат на науки се доведува во прашање начелото на еднаквост и нивната правна сигурност. Во таа насока тие добиле позитивно толкување од страна на Државниот просветен инспекторат (бр.21-137/2) од 8 февруари 2010 година, во кое се наведува дека со членот 184 од Законот за високото образование на наставниците од Универзитетскиот спортски центар не им го ускратува правото да бидат избрани во доцент, туку напротив со овој член им се дава право на затекнатите предавачи и виши предавачи кои не ги исполнуваат условите за избор во повисоко звање да бидат преизбрани во претходните звања.

Според член 8 став 1 алинеја 3 од Уставот на Република Македонија, владеењето на правото е една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Согласно член 9 од Уставот на Република Македонија, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според член 32 ставови 1 и 2 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност и секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место.

Според член 51 од Уставот во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Што се однесува до наводите од иницијативата со која се оспорува членот 35 од Правилникот во кој е предвидено дека изборот на вработените во Центарот за физичко образование во наставни звања се врши согласно членот 184 од Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009 и 99/2009) и дека со него се повредувал член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 32 став 1 и член 51 од Уставот како и членовите 2, 4, 6, 9, 11, 12, 13 и член 39 од измените на Законот, а во врска со член 184 од Преодните и завршните одредби на Законот за високото образование Судот оцени дека се основани.

Имено, според член 184 од Законот за високо образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.35/2008, 103/2008, 26/2009 и 99/2009) кој е поместен во Преодните и завршните одредби од Законот, наставниците избрани во звањето лектор со завршено соодветно високо образование, како и наставник од Универзитетскиот спортски центар можат да бидат преизбрани според условите со Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007).

Во Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.64/2000, 49/2003, 113/2005 и 51/2007) се предвидени наставно- научни, наставни и соработнички звања при што во членот 129 став 3 е предвидено дека на високите стручни школи наставни звања се предавач, виш предавач и професор на високата стручна школа. Одредбите од став 3 на овој член соодветно се применуваат за наставниците од Универзитетски центар.

Од анализата на наведените одредби произлегува дека наведените законски одредби се од времен карактер односно го уредуваат преодниот режим, покрај другите и на наставниците од Универзитетскиот центар при што им е дадена можност на наставниците кои не ги исполнуваат условите од Законот за високото образование за избор во наставни звања доцент, вонреден професор и редовен професор да бидат реизбрани според услови од претходниот закон.

Оттука, ако наведената одредба од членот 184 од Законот е од преоден карактер, што за Судот не е спорно и како таква не претставува трајно решение (условно кажано), основано се поставува прашањето дали оспорениот член 35 од Правилникот овој преоден режим не го трансформира во траен режим и дали наставниците во Центарот за физичка култура можат да се изберат само врз на основа на таа одредба.

Според оцена на Судот со самото дефинирање во оспорениот член дека изборот на наставниците во Центарот се врши согласно членот 184 од Законот за високо образование (кој предвидува избор по претходниот закон) во суштина се оневозможува во Центарот да се врши избор во наставни звања онака како што е предвидено во член 121 став 1 од Законот за високото образование, според кој на Факултетот наставно-научни звања се: доцент, вонреден професор и редовен професор. Поточно речено наставниците во Центарот за физичко образование и покрај фактот што го исполнуваат условот за избор во наставни звања во суштина тоа никогаш нема да им биде овозможено со примената на оспорениот член да бидат избрани во соодветни звања, на кој начин се повредува начелото на еднаквост како и начелото на владеење на правото.

10. Судот понатаму утврди дека, во оспорениот член 44 став 9 од Правилникот е предвидено дека „Во работата на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура учествува и раководителот на Центарот за физичко образование само за прашања со предметот физичко образование на факултетите во состав на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ во Скопје.

Во иницијативата подносителите наведуваат дека наставата по физичко образование ја организираат и изведуваат 12 наставници од кои 1 е со титула доктор на науки по кинезиологија со одбрането специјализација од областа на спортот, 4 се доктори на науки по кинезиологија, 4 се пред одбрана на научната титула доктор на науки по кинезиологија и 3 со научна титула магистер по наука по кинезиологија. Фактот дека во работата на Наставно-научниот совет на Факултетот за физичка култура учествувал само раководителот на Центарот доволно укажувало на тоа дека 12 наставници биле целосно обесправени и маргинализирани, бидејќи во овој момент од 12 наставници, 5 се со завршен докторат и тие ги исполнувале условите за прв избор во наставно-научно звање доцент согласно член 121 став 1 од Законот за високото образование, Статутот и Правилникот за критериуми и постапката за избор во наставно научни, научни, наставно-стручни и соработнички звања на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

Според Судот, вака изнесените наводи се неосновани од причина што Центарот како посебна наставно организациона единица врши дејност, односно реализира настава по физичко образование на другите факултети во состав на Универзитетот и неговото учество во работата на наставно-научниот совет треба да се реализира на факултетите каде се изведува наставата, од кои причини истата не може да биде доведена под сомнение во однос на неговата согласност со членот 121 од Законот за високото образование на кој се повикуваат подносителите на иницијативата.

11. Судот, исто така, утврди дека според оспорениот член 73 од Правилникот, одредбите од овој Правилник за соработниците ќе се применуваат согласно со роковите утврдени со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008), односно Законот за изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачка дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2008).

Подносителите на иницијативата се на мислење и се убедени дека оваа одредба подеднакво се однесува и на предавачите и вишите предавачи на Факултетот за физичка култура-Центар за физичко образование, иако овој факт не е потенциран во Правилникот од каде се доведуваат во недоумица наставниците кои се магистри на наука по однос на тоа дали согласно оваа одредба имаат обврска до 15 септемвври 2013 да го дооформат своето образование и да се стекнат со право да бидат избрани во наставно научни звања како не би се довеле во ситуација да им престане работниот однос.

Оспорениот член 73 од Правилникот е поместен во преодните и завршните одредби. Во него е предвидено дека одредбите од наведениот Правилник за соработниците ќе се применуваат согласно со роковите утврдени со Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008) и Законот за изменување и дополнување на Законот за научно истражувачка дејност („Службен весник на Република Македонија“ бр.46/2008). За подносителите на иницијативата оваа одредба е спорна од причина што во неа не било јасно утврдено дали истата се однесува и на наставниците кои се магистри на науки и кои, како и другите соработници, треба до 15 септември 2013 година да го дооформат своето образование и да се стекнат со право да бидат избрани во наставно-научни звања.

Според Судот, вака изнесените наводи се неосновани од причина што со одредбата од Законот за изменување и дополнување на Законот за високото образование и Законот за изменување и дополнување на Законот за научно-истражувачка дејност соработнички звања не се предвидени, односно воспитно-образовна дејност можат да вршат лица избрани во наставни звања, со што е даден преоден режим (период) во кој соработниците кои имале засновано работен однос треба да го дооформат своето образование и да бидат избрани во наставни или наставно научни звања.

Според тоа, имајќи предвид дека оспорениот член 73 од Правилникот само се повикува на примена на одредбите од наведените закони, Судот смета дека оспорениот член е доволно јасен и прецизен и тој се однесува на соработниците во високообразовните установи, а не и за наставниците, поради што не може да се постави прашањето за неговата согласност со Уставот, со Законот за високото образование и Законот за научно-истражувачка дејност.

12. Во однос на наводите од иницијативата со кои оспорените членови се доведуваат во корелација, односно се бара нивна оцена во однос на Статутот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“, имајќи ја предвид надлежноста на Уставниот суд од членот 110 од Уставот, како и член 28 од Деловникот, Судот оцени дека се исполнети условите за отфрлање на иницијативата.

13. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1, 2 и 3 од ова решение.

14. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Трендафил Ивановски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.188/2010
2 март 2011 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply