24/2011-0-0

24/2011-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеи 1 и 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992) на седницата одржана на 2 март 2011 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 52 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр.157/2007).

2. Петар Колев од с.Костурино, Струмица на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 52 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата со оспорениот член 52 од Законот било предвидено да се брише членот 203 од основниот текст на Законот, во кој било определено дека: „По денот на почетокот на примената на овој закон на индивидуалните земјо-делци заради исполнување на условите за остварување право на старосна, инвалидска или семејна пензија во стаж на осигурување им се смета и времето поминато во осигурување според Законот за старосното осигурување на земјоделците, ако придонесот за тоа осигурување е платен во време на важењето на тој закон“.

Во натамошниот тек на иницијативата се цитираат член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 34 од Уставот и се наведува дека при уредувањето на одредени односи Уставот го обврзувал законо-давецот така уредените односи да важат за сите граѓани под еднакви услови, а државата била должна во уредувањето на правата на граѓаните да поаѓа од уставните гаранции за еднаквост на граѓаните во остварувањето на правата од социјално осигурување, односно во користењето на тие права да бидат еднакво третирани и да се однесуваат на сите граѓани што се наоѓаат во иста положба. Врз основа на наведеното произлегувала и забраната во законите да се внесуваат одредби со кои се прави разлика помеѓу луѓето.

Меѓутоа, оспорениот член 52 од Законот не доведувал до еднакви услови за остварување на правото на пензија, односно создавал нееднаква правна положба помеѓу осигурениците-земјоделци кои биле осигурани според Законот за старосното осигу-рување на земјоделците, како и меѓу овие и другите земјоделци, бидејќи сите вложувале средства за своето пензиско и инвалидско осигурување во Републичкиот Фонд за време на важењето на тој закон. Ова од причина што оспорената одредба која била во примена од 1 јануари 2008 година доведувала до состојба на осигурениците-земјоделци кои го оствариле правото до наведениот датум во стажот на осигурување да им се засметува осигурувањето според Законот за старосното осигурување на земјоделците, а на останатите да не им се смета тој стаж на осигурување, иако и двете категории вложувале средства во Републичкиот Фонд. Тоа доведувало до состојба еден дел од осигурениците да се издвои од системот на пензиското и инвалидското осигурување, односно се воспоставувал нов систем на остварување на правото на пензија за еден дел осигуреници-земјоделци.

Со оглед на тоа што со оспорената одредба се засегало во стекнатите права за остварување на пензиите, според подно-сителот на иницијативата истата имала и ретроактивна и понепо-волна примена за граѓаните, а како повеќе не било предвидено засме-тување на стаж на осигурување стекнат според Законот за старосното осигурување на земјоделците.

Врз основа на наведеното произлегувало дека оспорената одредба не е во согласност со член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 34 и член 52 став 4 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека, во оспорениот член 52 од Законот е предвидено бришење на членот 203 од Законот.

4. Согласно член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Според член 28 алинеи 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република, Судот ќе ја отфрли иницијативата ако не е надлежен да одлучува и ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Со оспорениот член 52 од Законот за изменување и дополнување на Законот за пензиското и инвалидското осигурување („Службен весник на Република Македонија“ бр. 153/2007) членот 203 е избришан.

Тргнувајќи од анализата на содржината на оспорената одредба произлегува дека истата не е норма која уредува односи, туку норма која констатира престанок на важење на одредба која во минатото уредувала одредено право на конкретен и со Закон утврден начин и како таква не е подобна за уставно-судска анализа.

Во конкретниот случај, со иницијативата всушност се бара Судот да го укине оспорениот член 52 од Законот и да ја врати во важност претходно важечката одредба (член 203) која била бришана. Имајќи предвид дека согласно член 110 од Уставот, Уставниот суд не е надлежен да врши законодавна функција и да нормира прописи, со враќање во сила на оние одредби кои повеќе не се во правниот поредок, ниту, пак, има процесни претпоставки да постапува по иницијативата, односно да ја цени и оправдува уставната основаност на бришаната одредба и од друга страна уставната неоснованост на одредбата со која таа била бришана од Законот, произлегува дека се исполнети условите од член 28 алинеите 1 и 3 од Деловникот на Уставниот суд за отфрлање на оваа иницијатива.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.24/2011
2 март 2011 година
С к о п ј е
м.л.

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply