55/2010-0-0

55/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и членовите 28 алинеја 3 и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.70/1992), на седницатa одржана на 29 декември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на законитостa на Одлуката за донесување на Детален урбанистички план за Дел У.Е. 26, Урбан модул 1, 2 и 3, Општина Пробиштип, бр.07-197/6 донесена од Советот на општина Пробиштип на 23 ноември 2004 годинa („Службен гласник на општина Пробиштип“ бр.5/2004 од 26. 11. 2004).

2. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на законитостa на Одлуката во однос на наводите во иницијативата за несогласност на планот со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/99, 102/2000 и 2/2002).

3. Добре Карпузов од Пробиштип на Уставниот суд на Република Македонија му поднесe иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и закoнитоста на Одлуката означена во точкaта 1 на ова решение.

4. Според наводите во иницијативата од увидот што го направил во документацијата поднесителот на истата констатирал дека постапката за донесување на оспорената одлука не била во согласност со членовите 17 и 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање кој во тоа време бил во сила (во 2005 година бил донесен нов закон во чии преодни и завршни одредби било предвидено донесените урбанистички планови и по влегувањето во сила на новиот закон да останат во сила со што и оспорената одлука и понатаму произведувала правно дејство). Исто така, сметал дека немало докази од кој датум бил весникот Дневник (каде било објавено соопштението) или се работело за друг весник, не бил означен датумот и точното време и на кои јавни места ќе бил изложен планот. Меѓу другото наведува дека немало доказ дека навистина планот бил изложен на јавно место во општината во траење од 15 дена, со што на граѓаните им била ускратена можноста да извршат увид во планот бидејќи соопштението преку јавните гласила не било објавено согласно законот. Комисијата за спроведување на јавната анкета и стручна консултација изготвила Извештај во кој не постоеле податоци за бројот на граѓаните со нивните генералии, за приговорите кои ги поднеле во анкетните листови, и на тој начин не можело да се согледа колкав бил повикот на граѓаните. Потоа наведува дека немало образложение зошто биле одбиени некои приговори со што можело да се заклучи дека соопштението за јавната анкета не било правилно и законито спроведено.

Од тие причини предлага Уставниот суд да ја укине оспорената одлука и да донесе решение со кое привремено ќе ги запре од извршување поединечните акти и дејствија до донесување на одлуката на Уставниот суд за отстранување на тешко отстранливите последици врз неговиот имот, бидејки било планирано до неговата куќа да биде залепен ресторан, што било спротивно со Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичкото планирање.

5. Судот на седница утврди дека Советот на општина Пробиштип на седницата одржана на 23.11.2004 година ја донел оспорената одлука во која со членот 1 било определено дека се донесува предметниот план за дел од УЕ број 26, урбан модул 1,2 и 3 во Општина Пробиштип. Во членот 2 е определено дека овој план ги опфаќа графичките прилози на Деталниот урбанистички план на опфатот со урбан модул 1,2 и 3 во Пробиштип. Во членот 3 е наведено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Пробиштип“.

– Одлуката за пристапување на изработка на Нацрт-Деталниот урбанистички план од страна на Советот на општина Пробиштип, број 07-546/3, донесена е на седницата одржана на ден 05.11.2001 година. Во членот 1 е наведено дека се пристапува кон изработка на предметниот план за УЕ број 26 и просторот помеѓу улица “Цветко Тонев” и “Ленинов плоштад” . Во членовите 2,3 и 4 е наведено дека се пристапува кон изработка на планови за други урбани единици како УЕ 27, дел од УЕ 30, УЕ 27 намена мало стопанство. Во членот 5 е наведено дека кон истата Одлука се доставуваат графички прилози. Во членот 6 е наведено дека Одлуката влегува во сила со денот на донесувањето, а ќе се објави во „Службен гласник на општина Пробиштип“.

– Склучен е договор за изработка на Нацрт-планот со Друштвото за просторни и урбанистички планови инженеринг “УРБАН”-ДОО Штип со тех.бр70/03 од мај 2004, и била изработена Стручна ревизија од Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови од јануари 2004, во која има забелешки кои треба да се отстранат, усогласат и вградат во планот;
– Изготвувачот на планот во одговорот на ревизијата од јануари 2004 година воглавно ги прифаќа забелешките;
– Министерството за транспорт и врски даде Стручно мислење број 13-552 од 9 февруари 2004 година на Нацрт-планот со забелешки дека истиот е изработен согласно Законот за просторно и урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.4/96, 28/97,18/99, 53/01 и 45/02), Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на донесување на просторните и урбанистичките планови (“Службен весник на Република Македонија” бр.2/02) и Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (“Службен весник на Република Македонија” бр.69/99, 102/2000 и 2/2002).

– Со Заклучок бил утврден Нацрт-планот бр.08-64/3 од 10 март 2004 година Службата за урбанизам и градскиот архитект на општина Пробиштип го утврдил Нацрт-планот;
– За организирање на јавната презентација и јавната анкета во траење од 15 дена, градоначалникот на општината донесе одлука број 08-64/4 од 12 март 2004 година, по која е подготвено Соопштение број 08-64/5 од 15 март 2004 година дека ќе се организира јавна анкета во периодот од 22 март до 5 април 2004 година, со излагање на текстуалните прилози во просториите на општинската зграда, а по јавната презентација која се одржуваше бил составен записник за сите присутни и заинтерсирани граѓани;

– Соопштениото било објавено во пeчатениот медиум “Дневник” на 22 март 2004 година и објавено на огласната табла во локалната самоуправа и локалните медиуми на општина Пробиштип под број 08-64/6 од 22 март 2004 година каде е наведено дека јавната анкета ќе трае од 22 март до 5 април 2004 година.

– Градоначалникот на општина Пробиштип донесе Решение број 08-64/7 од 5 април 2004 година за формирање на Комисија за изготвување на Извештај од јавната анкета и стручната консултација за Нацрт-планот. Записникот од одржаната стручна консултација и спроведената јавна анкета е заведен под број 08-64/8 од 13 мај 2004 година.

– Од извештајот од јавната анкета бр.08-64/9 од 13 мај 2004 година произлегува дека се поднесени 16 забелешки, од кои 6 се целосно прифатени и 10 не се прифатени;

– Известувањето за постапување по извештајот од спроведената јавна анкета и стручна консултација со образложение дека прифатените забелешки се вградени во планот било изготвено под бр.08-64/11 од 1 јуни 2004 година;

– Барањето за давање согласност на Предлог-Планот е упатено до Министерството за транспорт и врски 08-64/10 на 31 мај 2004 година. Предлог-планот бил заведен со технички број 70/03 од мај 2004 година.

– Оспорената одлука е донесена на 23 ноември 2004 година;

Согласноста на Предлог-Планот бр.13-7199 од 21 јуни 2004 година на Министерството за транспорт и врски до општината Пробиштип била доставена на 2 јули 2004 година заведено под број 08-64/12 видно од дадениот одговор на иницијативата .

6.Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот на Република Македонија, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Републиката е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата.

Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005) влезе во сила со денот на неговото објавување во „Службен весник на Република Македонија“, а се применува од 1 јули 2005 година.

Во членот 84 од овој закон е утврдено дека со денот на влегувањето и примената во сила на истиот престанува да важи Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/ 2002).

Со оглед на тоа што постапката за донесување на оспорената одлука започнала и се водела во време на важењето на претходниот закон за просторно и урбанистичко планирање, во конкретниов случај се применуваат одредбите на тој закон.

Според член 2 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.4/1996, 28/1997, 18/1999, 53/2001 и 45/2002), просторното и урбанистичкото планирање е континуиран процес кој се обезбедува со изработување, донесување и спроведување на просторни и урбанистички планови кои меѓусебно се усогласуваат, со цел да се обезбеди уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и природата.

Според член 7 од Законот, во зависност од просторот што е предмет на планирање се донесува, покрај другите и детален урбанистички план.

Деталниот урбанистички план, според член 11 став 1 од Законот, се донесува за одделни делови од населените места и други подрачја за кои е донесен генерален урбанистички план. Според содржината на став 3 од оваа одредба, деталниот урбанистички план содржи синтезен графички приказ на планските решенија во границата на урбаното подрачје со билансни показатели за урбаните модули и инфраструктурата. Деталниот урбанистички план, како план од пониско ниво мора да биде усогласен со генералниот урбанистички план. Во ставот 4, е определено дека документацијата на деталниот урбанистички план за постојната состојба и проекциите претставуваат документациона основа на планот, која заедно со нацрт-планот се доставува на стручна ревизија според член 19 на овој Закон.

Од содржината на член 17 став 1 од Законот произлегува дека плановите од член 7 од овој закон се изработуваат како нацрт и предлог на план, а по нацртот на деталниот урбанистички план се спроведува јавна анкета.

Одлука за јавна анкета по нацрт деталниот урбанистички план во општината донесува градоначалникот на општината, по утврдување на нацртот на планот од страна на општинската администрација (член 17 став 7).

Според член 18 од Законот, јавната анкета по деталниот урбанистички план ја организира општината и се спроведува со излагање на планот на јавно место најмалку 10 дена, во кој рок заинтересираните граѓани и правни лица од конкретното подрачје опфатено со планот, доставуваат писмени забелешки на анкетни листови до организаторот на анкетата. За времето и местото каде ќе биде изложен планот задолжително се објавува соопштение во јавните гласила. Извештај за јавната анкета за деталните урбанистички планови со образложение за неприфатените забелешки изработува општината (став 4).

Во смисла на член 19 од Законот, на нацртот на плановите од член 7 од овој закон, пред организирањето на стручната расправа, односно јавата анкета, се врши стручна ревизија. Стручната ревизија на урбанистичките планови според програмата од членот 13 на овој закон ја врши стручна научна институција или комисија што ја определува, односно формира министерот надлежен за работите за уредување на просторот.

Согласно член 20 од овој закон, измените и дополнувањата на плановите се вршат по иста постапка пропишана за нивното донесување, доколку со овој закон не е поинаку уредено.

Според член 22 ставовите 6 и 7 и член 23 од овој закон, урбанистичките планови се донесуваат по издавањето согласност од Министерството надлежно за работите на урбанизмот.

Од изнесените законски одредби произлегува дека законодавецот, во функција на обезбедување на уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштитата и унапредувањето на животната средина и на природата, утврдил прецизна регулатива во врска со планирањето на просторот, точно определувајќи ги плановите за просторно и урбанистичко планирање, нивната содржина и постапката за нивно донесување.

Од списите по предметот произлегува дека постапката за планирање започнала врз основа на Одлуката за пристапување на изработка на Нацрт-Деталниот урбанистички план од страна на Советот на општина Пробиштип, број 07-546/3, донесена на седницата одржана на ден 05.11.2001 година. Според тоа неосновани се наводите од иницијативата за повреда на членот 17 став 2 од Законот за просторното и урбанистичко планирање.

Соопштението за организирање и спроведување на јавната анкета било објавено во „Дневник“ на 22 март 2004 година, каде е наведено дека Нацртот на Деталниот урбанистички план ќе биде изложен на огласна табла во општината Пробиштип во рок од 15 дена од објавувањето во јавен медиум и дека анкетните листови се подигаат во локалната самоуправа – Градски архитект. На тоа претходело Соопштение број 08-64/5 од 15 март 2004 година и Соопштение број 08-64/6 од 22 март 2004 година дека ќе се организира јавна анкета во периодот од 22 март до 5 април 2004 година, со изложување на текстуалните прилози во просториите на општинската зграда. Јавната презентација се одржала и бил составен записник за сите присутни заинтерсирани граѓани под број 08-64/8 од 13.05.2004 година и бил изготвен Извештај број 08-64/9 од 13 март 2004 година, поради што неосновани се наводите во иницијативата дека имало повреда на член 18 од Законот.

Градоначалникот на Општина Пробиштип донел Решение број 08-64/7 од 5 април 2004 година за формирање на Комисија за изготвување на Извештај од јавната анкета и стручната консултација за Нацрт-планот и истата го изготвила Записникот од одржаната стручна консултација и спроведената јавна анкета кој бил заведен под број 08-64/8 од 13 мај 2004 година во кој е дадено образложение за забелешките, поради што се неосновани наводите во иницијативата дека имало повреда на член 18 став 3 од Законот.

Исто така, неосновани се наводите за повреда на членот 24 став 4 од Законот, во кој е предвидено јавната анкета да се спроведе со излагање на планот на јавно место кое се наоѓа во кругот на месната самоуправа. Со оглед на тоа што јавна анкета, на која учествувале подносителите на иницијативата, била организирана и спроведена и тоа со траење од десет работни дена како што е определено во членот 24 став 4 од Законот неосновани се и наводите од иницијативата за повреда на наведената одредба заради неспроведување на јавна анкета.

Имајќи предвид дека по повод спроведената анкета заинтересираните лица ставиле на забелешки по однос на Планот и на истите им било одговорено, сметаме дека општината Пробиштип во постапката за планирање го испочитувала и членот 24 став 6 од Законот, од каде се неосновани наводите од иницијативата за негова повреда.Ова дотолку повеќе што од увидот во Извештајот за спроведената јавна анкета се констатира дека подносителот на иницијативата воопшто не учествувал на јавната анкета и не дал свои сугестии, забелешки и приговори.

. Што се однесува до наводите во иницијативата за несогласноста на планот со Правилникот за стандарди и нормативи за уредување на просторот, сметаме дека Судот не е надлежен да се произнесува по истите.

Согласно член 110 алинеја 2 од Уставот на Република Македонија, Судот одлучува за согласноста на законите со Уставот и за согласноста на другите прописи и на колективните договори со уставот и со законите.

Имајќи ја предвид оваа одредба од Уставот, цениме дека Судот не е надлежен да одлучува за меѓусебната согласност на прописите од ист правен ранг, во конкретниот случај оспорената одлука со споменатиот правилник.

Сметаме дека е потребно да им се укаже на подносителот на иницијативата дека Судот нема надлежност да ја оценува содржината на Деталниот урбанистички план ниту пак евентуалните промени во намената на објектите во него. Во таа смисла секој подносител на иницијатива кој смета дека врз основа на Деталниот урбанистички план била извршена измена може на јавната анкета која била спроведена согласно Законот да даде свои забелешки.

Од изнесената правна и фактичка состојба произлегува дека оспорената одлука е донесена во целост во постапка како што е предвидено со одредбите од Законот за просторното и урбанистичкото планирање, односно дека истата не може да се доведе под сомнение по однос на нејзината согласност на членовите 17 и 18 од Законот за просторно и урбанистичко планирање.

7. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

8. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.55/2010
29 декември 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply