286/2009-0-0

286/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 27 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 17 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на висина на цена на м3 испорачана вода, број 02-8/3 од 06.07.2002 година донесена од Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” с.Мирковци, Општина Чучер- Сандево.

2. СЕ ЗАПИРА извршувањето на поединечните акти или дејствија донесени, односно преземени врз основа на одредбите од Одлуката означена во точката 1 од ова решение.

3. Симо Вучковски од с.Сандево, Скопско, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од ова решение. Подносителот на иницијативата смета дека оспорената одлука со која се регулира начинот на пресметувањето на надоместокот за вода за пиење не била во согласност со Законот за водите. Ова од причини што во одлуката било наведено дека се наплаќа линеарна такса покрај утврдената цена на м3 потрошена вода (без оглед на тоа колку вода била потрошена и како ќе се наплаќала истата). Со истата одлука потрошувачите биле ставени во нерамноправна положба и плаќале во просек сметки со различни цени без оглед на тоа дали домаќинството било составено од еден или повеќе членови и дали се согласиле за плаќање на таксата. Подносителот на иницијативата добил опомена за ненаплатени сметки и решение за прекин на испорака на вода поради непочитување на договорoт за наплата на сметките за потрошената вода и затоа смета дека оспорениот акт треба да биде поништен и сите граѓани да плаќаат иста цена на м3 потрошена вода.

4. Судот на седницата утврди дека врз основа на член 29 став 1 алинеја 1 од Законот за комунални дејности (“Службен весник на РМ” 45/97 и 23/99) и член 19 став 1 алинеја 9 од Статутот на Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” бр 01-15/3 од 30.06.2001, Управниот одбор на Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” с.Мирковци, Општина Чучер-Сандево на 4-та седница одржана на 07.06.2002 година донесе Одлука за утврдување на висина на цена на м3 испорачана вода за пиење во која во член 1 се утврдува висина на цена на м3 испорачана вода за пиење преку Регионалниот водовод Сандево во износ од 15,00 денари.

Оваа Одлука била иззменета и дополнета и била донесена Одлука за иззменување и дополнување на Одлуката за утврдување на висината на цена на м3 испорачана вода под број 02-26/2 од 07 март 2007 година.

Врз основа на член 36 став 1 точка 9 од Законот за локалната самоуправа (“Службен весник на РМ” 5/02), член 11 став 1 точка 7 од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на РМ” бр.38/96, 6/02, 40/03, 49/06 и 22/07) и член 23 став 1 точка 29 од Статутот на Општина Чучер-Сандево (“Службен гласник на Општина Чучер Сандево бр.2/03), Советот на Општина Чучер-Сандево на 16-та седница одржана на 15.03.2007 година донесе Решение број 07-582/9 од 15 март 2007 за давање на согласност за донесување на Одлуката за измена и дополнување на Одлуката за утврдување на висина на цена на м3 испорачана вода, кое стапило во сила со денот на објавувањето во службеното гласило.

Јавното комунално претпријатие “Скопска Црна Гора” с.Мирковци, Општина Чучер-Сандево, врз основа на член 12 став 1 од Договорот за испорака на вода и член 33 став 1 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр.68/2004, 28/2006 и 103/2008) донело решение за прекин на испорака на вода под број 03-158/67 од 16.09.2009 година со образложение дека биле исполнети условите за прекин на испорака на вода бидејќи подносителот на иницијативата како корисник поседувал две едноподруго неплатени сметки за потрошена вода за пиење и прехранбена вода.

5. Според член 110 алинеја 1 од Уставот, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.
Според членот 8 став 1 алинеја 3 од Уставот, владеењето на правото е темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и законите.

Според член 68 од Уставот, Собранието на Република Македонија, покрај другото ги утврдува и јавните давачки.

Судот на седницата утврди дека Управниот одбор на ЈКП “Скопска Црна Гора” с.Мирковци, Општина Чучер Сандево на IV-та редовна седница одржана на 07.03.2007 година, во согласност со член 19 став 1 алинеја 9 од Статутот на ЈКП “Скопска Црна Гора” с.Мирковци, Општина Чучер Сандево и член 29 став 1 алинеја 1 од Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002 и 16/2004) ја донел оспорената одлука.

Со одлуката се утврдува единечна цена на м3 вода. Притоа во делот I. од Одлуката е определено дека точката 1 од Одлуката за утврдување единечни цени на м3 вода донесена на 07.06.2002 година, се менува на начин што се определува износ од 70,00 денари како основна месечна претплата и 15,00 денари за м3 за испорачана вода.

Во делот II и III од Одлуката е определено дека цената определена со оспорената одлука ќе се применува по добивањето на согласност од Советот на Општина Чучер Сандево (согласно член 11 точка 5 од Законот за јавните претпријатија).

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, нациналното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Вршењето на комуналните дејности, нивното финансирање и други прашања од значење за комуналните дејности се уредени со Законот за комунални дејности („Службен весник на Република Македонија“ бр.45/1997, 23/1999, 45/2002, 16/2004 и 5/2009). Вршењето на комунални дејности е од јавен интерес, при што, под снабдувањето со вода за пиење, како комунална дејност, се подразбира зафаќање, преработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот; преработка и испорака на технолошка вода (зафаќање, преработка и дистрибуција на вода до мерниот инструмент на корисникот), одведување и пречистување на отпадни води и атмосферски води. Општината може да основа јавно претпријатие заради организирано и квалитетно вршење на комуналните дејности и стопанисување со објектите на комуналната инфраструктура од локален карактер. Притоа, висината на цената и начинот на плаќање на комуналните услуги, ја определува управниот одбор на јавното претпријатие, по претходна согласност на основачот (член 27), а плаќањето (цената) на услугите за снабдување со вода се определува според еден метар кубен преработена и испорачана вода, односно како ден/м3 (член 29 став 1).

Според одредбите од Законот за јавните претпријатија (“Службен весник на Република Македонија” број 38/1996, 6/2002, 40/2003, 49/2006 и 22/2007), јавните претпријатија се основаат заради вршење на дејности од јавен интерес на територијата на Република Македонија, а како такви дејности, меѓу другите, се утврдени и комуналните дејности. Притоа, јавно претпријатие во име на општината основа совет на општината. Управниот одбор на јавното претпријатие ги има сите овластувања да презема мерки кои се потребни и корисни заради постигање на целите на јавното претпријатие во согласност со закон, ги утврдува цените на производите и услугите, а основачот на јавното претпријатие дава согласност на актот со кој се утврдуваат цените на производите и услугите што јавното претпријатие ги врши и продава за корисниците.

Со одредбите од Законот за водите (“Службен весник на Република Македонија” број 87/2008, 6/2009, 161/2009 и 83/2010), меѓу другото се уредуваат прашања од значење за обезбедување единствен режим на водите во Република Македонија. Согласно со член 5 точките 7 и 12 од овој закон со начелото “надомест на трошоци” корисникот на водата ги надоместува сите трошоци кои настанале со давањето на водостопанската услуга во кои се вклучуваат и трошоците на водниот ресурс што го користи и трошоците за животната средина, во согласност со начелото “загадувачот плаќа”, а согласно начелото на универзалност на водостопанските услуги, универзалноста на овие услуги се обезбедува преку недискриминација, одржливост на услугата, квалитет и ефикасност, транспарентност, економски прифатлива цена и целосно покривање на областа на извршување на услугата.

Според одредбите од членот 205 и 206 на овој закон, согласно со начелото “корисникот плаќа” преку цената на водата се овозможува ефикасно користење на водата и се реализираат целите на животната средина на начин што различните корисници на води ќе платат соодветен надоместок, а изворите на финансиски средства за управување и развој на водите се обезбедуваат меѓу другото и од надоместокот за користење вода и испуштање на водата.

Согласно член 211 од овој закон цената на услугата за крајните корисници на водата ја сочинуваат трошоците на услугата за снабдување, трошоците за заштита на животната средина и трошоците за ресурсот, во согласност со начелото “корисникот плаќа”. Цената на услугата од ставовите 1 и 2 на овој член ги вклучува сите експлотациони трошоци, трошоците за одржување, трошоците за замена на амортизираните делови и други оштететувања, капиталните инвестиции, камата за отплата на капиталните инвестиции и заеми, гаранциите и други дополнителни трошоци.

Според член 5 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води („Службен весник на Република Македонија“ бр. 68/2004, 28/2006 и 103/2008) давателот на услугата, меѓу другото врши: снабдување со вода за пиење со зафаќање, преработка и дистрибуција на водата преку водо снабдителниот систем до главниот водомер на корисникот на услугата; одведување на урбани отпадни води во реципиентот со нивно собирање од корисниците на услугата преку канализационата мрежа; пречистување и испуштање во реципиентот; одведување на атмосферските води во реципиентот со нивно прифаќање од урбаните површини; со одведување преку атмосферската канализациона мрежа и испуштање во реципиентот и управување и одржување на водоснабдителниот и канализациониот систем.

Според член 6 ставовите 1 и 2 од овој закон, средствата за вршење на дејностите од членот 5 на овој закон се остваруваат од цената за користење на тие услуги и надоместокот за приклучување на водоснабдителниот и канализациониот систем. Цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води се изразуваат во ден/м3. Според став 3 од истиот член, цената од ставот 2 на овој член зависи од трошоците за снабдување со вода за пиење до корисниците на услугата и одведувањето на урбаните отпадни води; трошоци за заштита на животната средина околу извориштето и на самото извориште; експлоатационите трошоци, трошоците за одржување, замена на амортизираните делови и други оштетувања; капитални инвестиции; каматите за отплата на капиталните инвестиции и други трошоци. Определувањето на висината на цената се врши со методологија врз основа на следниве критериуми: потрошена количина на вода за пиење од страна на корисниците на услугата, како просечна и прекумерна потрошувачка и категории на корисници на услугата. Методологијата за утврдување на цената од ставот 4 на овој член, ја пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за работите од областа на комуналните работи.

Тргнувајќи од изнесените законски одредби, а во контекст на наводите од иницијативата произлегува дека законодавецот прашањето на утврдувањето на цената на услугата за крајните корисници на водата ја уредува во Законот за комунални такси, Законот за водите и Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води. Поради наведеното сметаме дека беше потребно да ја испитаме целината на Одлуката од аспект на нејзината согласност со одредбите на овие закони во кои законодавецот утврдил надоместоци за крајните корисници на водите, давајќи им на истите карактер на јавна давачка и поблиску ги определил субјектите кои се обврзници за плакање на надоместокот за вода, како и висината и начинот на плаќање на оваа јавна давачка.

Судот утврди дека според оспорената одлука во конкретниот случај се воведува обврска за плаќање на определен паричен износ надвор од цената на водата за пиење и одведувањето на урбаните отпадни води и атмосферски води изразена во ден/ м3. Тоа што е спорно во утврдувањето на цената на услугата за крајните корисници на водата е дали Јавното претпријатие и Советот на општината направиле анализа и согледување дека некој од елементите што ја сочинуваат цената не бил предвиден, за да дојде до утврдување на надоместок насловен како “основна месечна претплата”. Судот смета дека на тој начин се задолжуваат крајните корисници на водата со плаќање на надоместок кој нема законски основ (во сметките за водата е прикажан како линеарна такса) а крајните корисници на водата поради неплаќање на овој надоместок трпат штетни последици, односно се врши прекин на испораката на вода, иако истите редовно ги плаќаат сметките за вода, каде цената е изразена во ден/м3.

Тргнувајќи од содржината на оспорената одредба од одлуката Судот оцени дека станува збор за неправилност во постапката на утврдувањето на цената на крајните корисници на водата поради што основано може да се изрази сомневање во согласноста на истата со член 8 став 1 алинеја 3, член 9 и член 51 од Уставот, член 29 став 1 од Законот за комунални дејности, член 211 од Законот за водите и член 6 ставовите 1 и 2 од Законот за снабдување со вода за пиење и одведување на урбани отпадни води.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точките 1 и 2 од ова решение.

7.Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, Бранко Наумовски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, д-р Трендафил Ивановски, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.286/2009
17 ноември 2010 година
С к о п ј е
мдш

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply