101/2010-0-0

101/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 10 ноември 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 40 став 4 во делот „и акти на Министерството за одбрана“ и член 206 став 2 од Законот за Служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010).

2. Независен синдикат на професионални војници на Македонија КСОМ од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членовите од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорените членови биле неуставни бидејќи истите биле нејасни и непрецизни. Имено, не било утврдено што ќе претставува предмет на регулирање на актите на Министерот, односно Министерството за одбрана. Исто така, се наведува дека Министерството за одбрана воопшто не можело со закон да биде овластено да донесува подзаконски акти, туку такво законско овластување можел да има само министерот за одбрана.

Поради тоа со иницијативата се бара да се поведе постапка за оценување на уставноста на оспорените членови, како несогласни со повеќе одредби од Уставот, и тоа: член 8 став 1 алинеја 3, член 9, член 34, член 39 и член 51.

3. Судот на седницата утврди дека во членот 40 став 1 од Законот е предвидено воените старешини и цивилниот персонал да склучуваат договор за вработување на неопределено време.

Според ставот 2 од овој член од Законот, професионалните војници склучуваат договор за работа на определено времетраење од три години.

Според ставот 3 од овој член од Законот, во зависност од покажаните резултати и потребите на соодветниот род, односно служба, договорот за работа со професионалните војници може да се продолжи повеќе пати, но најмногу до навршување на 38 години возраст.

Според ставот 4 од овој член од Законот, со договорот за работа се утврдува денот на стапување на работа, односно стапување на должност, времетраењето и местото на вршење на службата, правата, обврските, должностите и одговорностите во службата (начинот на извршување на работата, односно должноста, работното време и редот и дисциплината, преместувањето на друго работно место, односно на друга должност, должината на годишниот одмор, отсуствата од работа, платата и надоместоците на платата, престанокот на работниот однос, односно престанокот на службата во Армијата, надоместок на штета во случај на самоволно раскинување на договорот) и други права утврдени со закон и акти на Министерството за одбрана.

Судот на седницата истотака утврди дека во членот 206 став 1 од Законот за остварување на правата по основ на инвалидност поради губење на работната способност, преостаната работна способност, телесно оштетување и неспособност за работа на воениот персонал, одлучува надлежната комисија за оцена на работната способност според прописите за пензиското и инвалидското осигурување.

Според став 2 од овој член од Законот, военолекарската комисија од членот 203 на овој закон, врз основа на свој наод, оцена и мислење го упатува воениот персонал до комисијата од ставот 1 на овој член.

4. Согласно член 8 став 1 али­неја 3 од Уставот на Репуб­лика Македонија, владеењето на правото е утврдено како темелна вредност на устав­ниот поредок на Република Македонија.

Во членот 9 став 1 од Уставот предвидено е дека граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Според ставот 2 на овој член, граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа и слободен избор на вработување. Според став 5 од овој член, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективен договор.

Согласно член 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита. Според став 2 од овој член, граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Согласно член 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други про­писи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почи­тува Уставот и законите.

Согласно член 122 став 1 од Уставот на Република Македонија, вооружените сили на Република Македонија го штитат територијалниот интегритет и независноста на Републиката, а одбраната на Републиката се уредува со закон.

Со Законот за Служба во Армијата на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.36/2010) се уредени статусот, правата, обврските, должностите и одговорностите на персоналот на служба во Армијата на Република Македонија, како и системот на плати и надоместоци на плати и други прашања во врска со службата во Армијата.

Во член 2 од овој Закон се утврдува што се смета за вршење на служба во Армијата. Во член 3 се утврдува кој врши служба во Армијата, односно се утврдува дека служба во Армијата врши воен и цивилен персонал (став 1) и се утврдува што во смисла на овој Закон е воен а што цивилен персонал. Меѓу другите, утврдено е дека воен персонал во смисла на овој Закон е и професионалниот војник (член 3, став 1, точка 1 под а), алинеја 2).

Во член 40 од овој Закон се утврдува дека воените старешини и цивилниот персонал склучуваат договор за вработување на неопределено време (став 1), а професионалните војници склучуваат договор за работа на определено време, со времетраење на договорот до три години. Во ставот 4 од овој член е утврден предметот и содржината на договорот за работа кој се склучува со професионалните војници, наброени се повеќе прашања кои треба да бидат предмет на договорот за работа и е утврдено дека се утврдуваат и други права утврдени со закон и актите на Министерството за одбрана.

Согласно член 203 став 1 од овој Закон, посебната здравствена способност за вршење на служба во Армијата на воениот персонал ја утврдува военолекарската комисија формирана од министерот за одбрана. Според став 2 од овој член, комисијата од ставот 1 на овој член дава наод, оцена и мислење за здравствената способност за служба во Армијата, и тоа за: прием на служба; промена на родот, службата и военоевиденциската специјалност; промена на формациското место; ослободување од извршување одредени должности во службата за период до шест месеца; остварување право на ослободување од учество со лични средства при користење на здравствени услуги по отпуштање од Армијата, под условите утврдени во членот 22 од овој закон; степенот на повредата и оштетеност на организмот за остварување на право на еднократен паричен надоместок под условите утврдени во членот 190 од овој закон и губење на здравствената и физичката способност за служба во Армијата. Според став 3 од овој член, начинот на работа на военолекарската комисија од ставот 1 на овој член го утврдува министерот за одбрана.

Согласно член 206 став 1, за остварување на правата по основ на инвалидност поради губење на работната способност, преостаната работна способност, телесно оштетување и неспособност за работа на воениот персонал, одлучува надлежната комисија за оцена на работната способност според прописите за пензиското и инвалидското осигурување. Според став 2 од овој член, военолекарската комисија од членот 203 на овој закон, врз основа на свој наод, оцена и мислење го упатува воениот персонал до комисијата од ставот 1 на овој член.

Со оглед на тоа што со Уставот најопшто се утврдува одбраната како систем од повеќе форми и начини на нејзино остварување и тоа како право и должност кое се уредува со закон, сметаме дека е право на законодавниот орган со закон да ги регулира односите и да даде овластување за уредување на формите и начинот на операционализација на одбраната на Републиката, па во тие рамки да ги определи како субјектите, така и нивните посебни права и должности во остварувањето на одбраната.

Овој систем опфаќа и операционализација на законските права и обврски уредени со акти на Министерството за одбрана. Значи, извршувањето на правата и обврските утврдени со Законот за служба во Армијата на Република Македонија е во непосредна врска со одредбите на општите акти на Министерството за одбрана. Имено, право е на законодавниот орган да утврди кој ќе биде одговорен за испитување на работната способност на воениот персонал. Во конкретниот случај, военолекарската комисија врз основа на свој наод, оцена и мислење го упатува воениот персонал до комисијата за оцена на работната способност, што не е во спротивност со Уставот.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека прописите што ги носи министерот и според кои се врши вработување, односно престанок на работниот однос, се во функција на операционализација на Законот за служба во Армијата на Република Македонија, поради што не може да се постави прашањето за согласноста на оваа законска одредба со Уставот на Република Македонија.

Со оглед на погореизнесеното, Судот оцени дека оспорените членови се во согласност со цитираните одредби од Уставот, со што наводите во иницијативата се неосновани.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот Бранко Наумоски и судиите д-р Трендафил Ивановски, д-р Наташа Габер–Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова Ристова, Вера Маркова, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.101/2010
10 ноември 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
Бранко Наумоски

Leave a Reply