Одлука У.бр.43/2010

У.бр.43/2010-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на членовите 110 и 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА Одлуката за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ Блок 1, Блок 4, Блок 5, Блок 6 и Блок 7, Општина Центар – Скопје број 07-200/2 од 29 јануари 2010 година, донесена од Советот на Општината и објавена во „Службен гласник на општина Центар“ бр. 1 од 1 февруари 2010 година.

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

3. Уставниот суд на Република Македонија по иницијатива на Мирослав Грчев од Скопје, со Решение У.бр.43/2010 од 19 мај 2010 година поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Одлуката означена во точката 1 од оваа одлука, бидејќи основано се постави прашањето за нејзината согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

4. Судот на седницата утврди дека со оспорената одлука, според член 1, се донесува Изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје “Мал Ринг” Блок 1, Блок 4, Блок 5, Блок 6 и Блок 7 Општина Центар – Скопје согласно Генералниот урбанистички план на Град Скопје (”Службен гласник на Град Скопје” бр. 08/2002), Законот за просторно и урбанистичко планирање (”Службен весник на РМ” бр.51/05, 137/07 и 91/09), Правилникот за стандарди и нормативи за урбанистичко планирање (”Службен весник на РМ” бр. 78/06 , 140/07 и 12/09) и Правилникот за поблиска содржина, размер и начин на графичка обработка на урбанистичките планови (”Службен весник на РМ” бр. 78/06).

Според членот 2 од Одлуката границата на планскиот опфат на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје “Мал Ринг” Блок 1, Блок 4, Блок 5, Блок 6 и Блок 7 Општина Центар-Скопје е прикажана во графичките прилози и дефинирана помеѓу:
· На север булеварот Гоце Делчев
· На исток булевар Војвода Васил Аџиларски
· На југ булеварот Даме Груев
· На исток булеварот Даме Груев и бул. ВМРО

Членот 3 од Одлуката содржи Документациона основа (Плански опфат и неговата околина), Графички дел и Планиран развој.

Во членот 4 од оваа одлука се дефинира што точно содржи, односно што е составен дел на Одлуката.

Според членот 5 од Одлуката изменување и дополнување на Детален урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје “Мал Ринг” Блок Блок 1, Блок 4, Блок 5, Блок 6 и Блок 7 Општина Центар – Скопје се заверува со печат на Општина Центар-Скопје и потпис на Претседателот на Советот на Општина Центар во седум примероци од кои:
– Еден се чува во архивата на Општина Центар;
– Еден се чува во Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар – Скопје;
– Еден се доставува до надлежниот државен архив;
– Еден се доставува до органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот во електронски формат;
– Еден се доставува до Државниот завод за геодетски работи;
– Еден се доставува до Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам;
– Седмиот примерок се изложува во Општина Центар-Скопје заради достапност на јавноста.

Согласно член 6 од Одлуката, Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар во рок од 30 дена од донесување на Изменување и дополнување на Планот е должен да обезбеди картирање на планот на хамер или астралон. Картираните подлоги се предаваат на Државниот завод за геодетски работи на чување и користење.

Според членот 7, Одлуката за донесување на Изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје “Мал Ринг” Блок 1, Блок 4, Блок 5, Блок 6 и Блок 7 Општина Центар -Скопје со сите нејзини делови се чува и за нејзина реализација се грижи Секторот за урбанизам, комунални работи и заштита на животната средина во Општина Центар – Скопје.

Членот 8 од Одлуката предвидува дека оваа одлука влегува во сила осмиот ден од денот на објавувањето во “Службен гласник на Општина Центар – Скопје”.

5. Според член 8 став 1 алинеја 10 од Уставот, покрај другите темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија е и уредувањето и хуманизацијата на просторот и заштита и уредување на животната средина и на природата.

Според член 1 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005, 137/2007 и 91/2009), со овој закон се уредуваат условите и начинот на системот на просторното и урбанистичкото планирање, видовите и содржината на плановите, изработувањето и постапката за донесување на плановите, спроведувањето на плановите и следењето на реализацијата на плановите, надзорот и други прашања од областа на просторното и урбанистичкото планирање.

Според член 7 од истиот закон, во зависност од просторот кој е предмет на планирањето се донесуваат следниве планови: 1) Просторен план на Република Македонија, и 2) Урбанистички планови: генерален урбанистички план, детален урбанистички план, урбанистички план за село и урбанистички план вон населено место.

Според член 16 став 2 од Законот, заради поттикнување и забрзување на процесот на уредување на просторот преку изработување на урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон, Владата на Република Македонија, донесува годишна програма за изработување на урбанистичките планови од членовите 7 точка 2 и 11-а на овој закон и државната урбанистичка планска документација, на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот, врз основа на доставени предлози од општината, општината на градот Скопје и градот Скопје.

Според член 16 став 3 од Законот, кој став е додаден со измените на Законот објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007, за изработување на урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон и за урбанистичките проекти за остварување на инвестиции од значење за Републиката, Владата на Република Македонија донесува Програма за приоритетна изработка на урбанистички планови на предлог на органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот и на предлог на единиците на локалната самоуправа и градот Скопје.

Според член 26 став 8 од Законот, кој став, исто така, е додаден со измените на Законот, објавени во „Службен весник на Република Македонија“ бр.137/2007, урбанистичките планови за кои Владата на Република Македонија донела одлука за приоритетна изработка на урбанистичките планови од членот 16 став 3 на овој закон, се донесуваат по скратена постапка во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на план. На предлогот на планот се врши стручна ревизија согласно со членот 21 став 3 од овој закон и се спроведува стручна расправа согласно со член 23 од овој закон и јавна презентација и јавна анкета согласно со член 24 од овој закон. Јавната анкета трае 10 работни дена и се организира во рок од седум работни дена од изготвувањето на планската документација. Стручната расправа се одржува во рок од пет дена по извршената стручна ревизија, а извештајот од стручната расправа се изработува во рок од три дена по одржаната стручна расправа. Извештајот од јавната анкета се изработува во рок од пет работни дена по завршувањето на јавната анкета, а по извештајот на комисијата изработувачот на планот постапува во рок од седум работни дена. На предлогот на планот се бара согласност од надлежниот орган од членот 25 став 2 на овој закон, која се издава во рок од пет работни дена од поднесувањето на барањето од страна на доносителот на планот. Предлогот на планот се донесува во рок од десет работни дена од приемот на согласноста.

Со Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009 од 23 јули 2009 година) со член 10 од истиот, член 16 став 3 се брише, а со член 20 од Законот се брише членот 26 став 8.

Во членот 37 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009) со денот на влегувањето во сила на овој закон (30 јули 2009 година) одредбите од членот 16 став 3 и одредбите од членот 26 ставови 7 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007) кои се однесуваат на постапката за приоритетна изработка на урбанистичките планови, ќе продолжат да се применуваат до 31 декември 2009 година.

Владата на Република Македонија на седницата одржана на 10 ноември 2009 година, врз основа на член 16 ставови 3, 4 и 6 од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр. 51/2005 и 137/2007) донела Програма за дополнување на Програмата за приоритетна изработка на урбанистичките планови за 2009 година, број 19-5748/1, со која во Програмата за приоритетна изработка на урбанистички планови за 2009 година („Службен весник на Република Македонија“ бр.19/2009, 33/2009, 54/2009, 80/2009 и 96/2009) во точката 1 во потточка 1.17, се додава нова потточка 1.18, која гласи: „Изработка на Деталниот урбанистички план „Мал Ринг“ – планот ќе го изработува општина Центар и изработката на планот ќе се финансира од Буџетот на општина Центар“.

Врз основа на наведената Програма на Владата, општина Центар започнува постапка за изменување и дополнување на Деталниот урбанистички план за централно градско подрачје на Град Скопје „Мал Ринг“ Блок 1, Блок 4, Блок 5, Блок 6 и Блок 7 која се води по скратена постапка, во која урбанистичкиот план се изработува и донесува како предлог на план.

Според член 28 став 5 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, измени и дополнувања на плановите и делови од плановите од членот 7 на овој закон се вршат по истата постапка пропишана за нивно донесување.

Во членот 80 од Законот е предвидено дека постапката за донесување на урбанистичките планови започната пред денот на примената на овој закон ќе продолжи според одредбите на законот кој бил во сила на денот на нивното отпочнување, доколку урбанистичкиот план ја поминал фазата на стручна расправа или фазата на јавна анкета и јавна презентација.

Во членот 35 од Законот за изменување и дополнување на Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009) е предвидено дека постапката за донесување на урбанистички планови од членот 7 точка 2 на овој закон и урбанистичките проекти од членот 50 ставови 3 и 4, започнати пред влегување во сила на овој закон, ќе продолжат согласно со одредбите од Законот за просторно и урбанистичко планирање („Службен весник на Република Македонија“ бр.51/2005 и 137/2007).

Од анализата на наведената законска регулатива, а во корелација со наводите во иницијативата, според Судот, оспорената одлука не е донесена во постапка која е предвидена во Законот за просторно и урбанистичко планирање. Ова од причина што, постапката за изменување и дополнување на оспорениот план, како дел од Програмата на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистичкиот план започнала во декември 2009 година, кога се уште биле во сила и се применувале одредбите на член 16 став 3 и член 26 ставови 7 и 8 од Законот за просторно и урбанистичко планирање, кои се однесувале на постапката за приоритетна изработка на урбанистичките планови. Меѓутоа, имајќи го во вид фактот дека согласно измените на Законот од месец јули 2009 година одредбите на член 16 став 3 и член 26 ставови 7 и 8 од Законот што се однесуваат на скратената постапка, по 31 декември 2009 година престанале да важат, како и фактот дека започнатата постапка за изменување на урбанистичкиот план не ја поминала фазата на јавна анкета и јавна презентација, како што предвидува членот 80 од Законот, Судот оцени дека постапката за донесување на планот, воедно и донесувањето на оспорената одлука не можела да продолжи според одредбите од Законот што престанале да важат.

Видно од решението донесено од Градоначалникот на Општина Центар, бр.68-3770/1 од 23 декември 2009 година, јавната презентација се одржала во просториите на Урбана заедница „Мирче Ацев“ на ден 24 декември 2009 година во 10.00 часот, а јавната анкета траела 10 работни дена од денот на објавувањето на соопштението, односно од 24 декември 2009 година до 10 јануари 2010 година. Оттука, со сигурност се утврди дека постапката за измените и дополнувањата на оспорениот Детален урбанистички план не ја поминала фазата на јавната анкета до 31 декември 2009 година, поради што истата требало да продолжи согласно одредбите предвидени во измените и дополнувањата на Законот за просторно и урбанистичко планирање објавена во „Службен весник на Република Македонија“ бр.91/2009 со кои повеќе не постојат законски услови за изработување и донесување на Деталниот урбанистички план по Програмата на Владата на Република Македонија за приоритетна изработка на урбанистички планови, од членот 16 став 3, односно негово донесување по скратена постапка како предлог на план. Оттука, јасно произлегува дека измените и дополнувањата на оспорениот план требало да се донесат во редовна постапка пропишана за негово донесување, како што пропишува членот 22 став 1 од Законот плановите од членот 7 на овој Закон да се изработуваат во две фази, односно како нацрт на план и предлог на план.

Од причина што при донесување на оспорената одлука доносителот на актот не ги испочитувал сите фази на изработување и донесување на планот, односно не е во целост запазена постапката за донесување на истиот, која постапка е предвидена во Законот за просторно и урбанистичко планирање, Судот оцени дека истата не е во согласност со Уставот на Република Македонија и Законот за просторно и урбанистичко планирање.

6. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7.Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.43/2010
30 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply