Одлука У.бр.234/2009

У.бр.234/2009-1

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 и член 112 од Уставот на Република Македонија и член 70 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

О Д Л У К А

1. СЕ УКИНУВА членот 36 став 1, во делот: „акт на органот на државната управа од соодветната област“ … и член 57 став 1, во делот: „извршување на кривично дело или“ … од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија („Службен весник на Република Македонија“ бр.88/2009 и 60/2010).

2. Оваа одлука произведува правно дејство од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија„.

3. Уставниот суд на Република Македонија, по повод иницијатива поднесена од Стамен Филипов од Скопје, со Решение У.бр.234/2009 од 28 април 2010 година, поведе постапка за оценување на уставноста на одредбите од актот означен во точката 1 од оваа одлука, затоа што основано се постави прашањето за нивната согласност со Уставот.

4. Судот на седницата утврди дека во VII дел од Договорот, со наслов „Работно време“, во членот 36 е предвидено:

„Почетокот, распоредот и завршетокот на работното време, го утврдува работодавачот, односно работоводниот орган во согласност со закон, акт на органот од државната управа од соодветната област, колективен договор на ниво на дејност, односно на ниво на работодавач.

Со колективен договор на ниво на работодавач се утврдуваат исклучително тешките услови на работното место според кои работното време пократко од 40 часа неделно, ќе се смета за полно работно време, но не пократко од 36 часа неделно.

За работните места кај кои постои поголема опасност од повреди или здравствени оштетувања, со колективен договор на ниво на работодавач, полното работно време може да трае помалку од 36 часа неделно“.

Во XIII дел од Договорот, со наслов „Услови за работа на Синдикатот“, во членот 57 е предвидено:

„Синдикалниот претставник има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос, освен во случај на извршување на кривично дело или предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот.

Како синдикален претставник, се сметаат и функционерите во синдикатот, кои се вработени кај работодавачот, а својата функција ја извршуваат волонтерски.

Посебната заштита на синдикалниот претставник трае за време на неговиот мандат и две години потоа“.

5. Согласно членот 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот, темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија се основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото како и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска.

Според членот 32 став 1 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбеденост за време на привремена невработеност. Според ставот 5 од овој член од Уставот, остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 51 од Уставот, во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Во членот 96 од Уставот е утврдено дека органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Законот за работните односи („Службен весник на Република Македонија“ бр.62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009 и 16/2010 – пречистен текст), со членот 12 став 2 утврдил дека со договорот за вработување, односно со колективен договор не може да се определат помали права од правата утврдени со закон, а според ставот 4 од овој член од Законот, правата од работен однос утврдени со Уставот, закон и колективен договор не можат да се одземаат или ограничат со акти и дејствија на работодавачот.

Во Глава IX „Работно време“ од Законот за работните односи, се уредени прашањата за: полното работно време, прекувремената работа, дежурство во здравството, дополнителното работење во случаи на природна или друга несреќа, забрана на вршење работа подолго од полното работно време, дополнително работење, скратено работно време, распоредување на работното време, прераспределба на работното време, работа во смени, распоред и пресметување на работното време, ноќната работа и други прашања во врска со работното време.

Со одредбата од членот 36 став 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, е утврдено дека почетокот, распоредот и завршетокот на работното време, го утврдува работодавачот, односно работоводниот орган, не само во согласност со закон, колективен договор на ниво на гранка, односно оддел, односно на ниво на работодавач, туку и во согласност со акт на органот на државната управа од соодветната област. Имено, работодавачот во стопанството, работното време требало да го определува и усогласува и со актите на органите на државната управа.

Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби, Судот оцени дека прашањето за работното време е дел од прашањата кои се однесуваат на работните односи што се уредуваат со закон и колективни договори и не може да биде препуштено да биде предмет на уредување на подзаконски акти кои се донесуваат од органите на државната управа, ниту за тоа има уставен и законски основ, бидејќи се дел од корпусот на права од работен однос кои не се предмет на уредување со акти надвор од закон и колективни договори. Имено, поаѓајќи од определбата во членот 51 од Уставот дека прописите треба да се во согласност со Уставот и со закон, а во случајов оспорениот дел од членот 36 став 1 од Општиот колективен договор без законски основ го уредува предметното прашање се однесува како работодавачот во стопанството треба да го организира работното време во согласност со акт на орган на државната управа, покрај законот и колективниот договор, Судот утврди дека оспорениот дел од одредбата не е во согласност со членот 51 од Уставот.

Во Главата „Услови за работа на синдикатот“ од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, со членот 57 став 1 е уредено дека синдикалниот претставник има посебна заштита и не може да биде повикан на одговорност ниту доведен во неповолна положба, вклучувајќи го и престанокот на неговиот работен однос, освен во случај на извршување на кривично дело или предизвикување на поголема материјална штета кај работодавачот.

Судот оцени дека со оспорениот дел „извршување на кривично дело или“ од наведената одредба од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, се ограничува автоматски правото на работа со престанок на работниот однос на работникот кој е синдикален претставник, односно тој трпи одговорност, во случај кога станувало збор за евентуално извршување на кривично дело од страна на работникот, меѓутоа оваа формулација на оспорениот дел од одредбата, е непрецизна и нејасна и како таква не обезбедува правна сигурност на граѓаните што е елемент на уставниот принцип на владеењето на правото. Имено, во случајов се уредува одговорност или престанок на работниот однос на работникот кој е синдикален претставник и тоа автоматски по сила на одредбата од Договорот, меѓутоа овој начин на повикување на одговорност со престанок на работниот однос во услови на извршување на кривично дело на вработеното лице кое било синдикален претставник, без да биде определено дека мора да е утврдена одговорноста во спроведена судска постапка и правосилна пресуда за сторено кривично дело од страна на конкретното лице и судски изречена казна за тоа дело во врска со понатамошното вршење на работниот однос, ја прави одредбата од членот 51 став 1 во оспорениот дел од Договорот, уставно неоснована. Ова посебно поради тоа што Уставот, со одредбите од членот 13 став 1 и членот 14 став 1 ги утврдил двата принципа на казнено-правниот однос и тоа прво, дека лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука и второ, дека за извршено казниво дело на сторителот може да му се изрече казна што како таква е утврдена со закон или друг пропис. Имајќи ги предвид овие уставни одредби, како и содржината на оспорениот дел од членот 57 став 1 од Општиот колективен договор за стопанството на Република Македонија, во конкретниов случај станува збор за ограничување на правата на граѓаните од областа на работните односи, по сила на одредбата од Договорот а не врз основа на правосилна судска одлука, што не е допуштено и овој дел од одредбата не е во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3, членот 13 став 1, членот 14 став 1 и членот 51 од Уставот.

6. Врз основа на изнесеното Судот одлучи како во точката 1 од оваа одлука.

7. Оваа одлука Судот ја донесе со мнозинство гласови во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.234/2009
30 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply