243/2009-0-0

243/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија, член 28 алинеја 3 и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 30 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. СЕ ОТФРЛА иницијативата за поведување на постапка за оценување на уставноста на членот 49 став 2 во делот

2. Петре Илиевски, адвокат од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената одредба од Законот не била во согласност со членот 8 став 1 алинеја 3 и член 51 од Уставот на Република Македонија, бидејќи во членот 31 од Законот за здравствено осигурување било регулирано дека во постапката за остварување на правата и обврските утврдени со овој закон се применуваат одредбите од Законот за општата управна постапка, односно за правата утврдени со овој закон во прв степен решава Фондот и во втор степен министерот за здравство, а против конечното решение на министерот се води управен спор, поради што не можело со оспорената одредба да му се даде право на Фондот при вршењето контрола на пресметувањето и уплатувањето на придонесот, директно без да постои управен акт да води постапка по прописите за извршување односно парнична постапка.

3. Судот на седницата утврди дека членот 49 од Законот за здравствено осигурување определува дека Фондот врши контрола на пресметувањето и уплатувањето на придонесот за задолжително здравствено осигурување за сите обврзници на придонес и дека ако при контролата се утврди дека придонесот за здравствено осигурување не е правилно пресметан и уплатен согласно со овој закон, Фондот ќе покрене постапка за наплатата на основниот долг заедно со законската камата според прописите за извршната односно парничната постапка.

Со член 9 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” 36/2007) оспорениот став 2 од членот 49 од Законот е дополнет така што истиот гласи: “Ако при контролата од став 1 на овој член се утврди дека придонесот за здравствено осигурување не е правилно пресметан и уплатен согласно со овој закон или не е уплатен, Фондот ќе покрене постапка за наплатата на основниот долг заедно со законската камата според прописите за извршната односно парничната постапка”.

Судот, исто така, утврди дека со член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” 82/2008), членот 49 став 2 од Законот е изменет и дополнет така што оспорениот став 2 станува став 3, а зборовите “според прописите за извршната односно парничната постапка”, се избришани.

4. Според член 110 алинеја 1 од Уставот на Република Македонија, Уставниот суд на Република Македонија одлучува за согласноста на законите со Уставот.

Согласно членот 28 алинеја 3 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија, Уставниот суд ќе ја отфрли иницијативата ако постојат други процесни пречки за одлучување по иницијативата.

Судот, утврди дека пред поднесувањето на иницијативите, била извршена измена и дополнување на Законот за здравствена заштита, при што со член 11 од Законот за изменување и дополнување на Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” 82/2008), оспорениот член 49 став 2 од Законот е изменет и дополнет така што оспорениот став 2 станува став 3, а зборовите “според прописите за извршната односно парничната постапка”, се избришани.

Судот, исто така утврди дека од 1 јануари 2009 година, влезе во сила Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување (“Службен весник на Република Македонија” 142/2008, 64/2009 и 156/2009), така што според членот 23 од овој закон контролата, утврдувањето, наплатата, присилната наплата, застареноста и отпишувањето на придонесите ги врши Управата за јавни приходи, согласно со Законот за даночната постапка. Институциите за задолжително социјално осигурување вршат дополнителна контрола на утврдувањето на податоци за придонесите, согласно со сопствените потреби. За утврдените состојби институциите за задолжително социјално осигурување ја известуваат Управата за јавни приходи.

Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека со одредбите од Законот за здравствено осигурување и Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување, Фондот врши контрола на пресметувањето и уплатувањето на придонесот и за утврдените состојби ја известува Управата за јавни приходи, но нема законско овластување да води постапка според прописите за извршната, односно парничната постапка, како што е изнесено во наводите од подносителот на иницијативата, што и по овој основ Судот оцени дека не може да се проблематизира уставноста на оспорениот дел од одредбата од Законот.

Со оглед дека оспорениот дел од одредбата од Законот не е повеќе во правниот поредок, Судот утврди дека согласно наведената деловничка одредба се настапени условите за отфрлање на иницијативите, поради што одлучи како во точка 1 од ова решение.

5. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 243/2009
30 јуни 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply