193/2009-0-0

193/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” број 70/1992), на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 200-н став 2 од Законот за здравствена заштита (“Службен весник на Република Македонија” број 38/1991, 46/1993, 55/1995, 10/2004, 84/2005, 111/2005, 65/2006, 5/2007, 77/2008 и 67/2009).

2. Душан Крчаноски од Крушево, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 200-н став 2 од Законот, бил противуставен бидејќи откако се изменил членот 200-к од Законот, со кој се приватизирала примарната здравствена заштита, не било интервенирано и во членот 200-н, па со тоа континуираната здравствена заштита покрај лицата од фармацевската и стоматолошката дејност, требало да ја вршат и избраните лекари од примарната здравствена заштита. Според иницијаторот со оспорената одредба избраните лекари биле должни да работат 24 часа, ноќе во сабота, недела и државни празници, со што не можело со императивна одредба, на одредена група луѓе да им се наложело самостојно или преку други здравствени установи да обезбедуваат континуирана здравствена заштита, односно да работат 24 часа што било спротивно и на членот 32, став 4 од Уставот според кој секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор, од кои права вработените не можеле да се откажат. Потоа во иницијативата наведува дека здравствената заштита надвор од полното работно време на избраниот лекар се остварувала и требало да се остварува преку Јавните здравствени установи односно Здравствениот дом, Центарот за итна медицинска помош и други а не да се задолжувал избраниот лекар, лично или преку друг да обезбедува континуирана здравствена заштита. Во иницијативата се повикува и на членот 28 став 4 од Законот за здравствено осигурување според кој секој избран лекар е должен во случај на негово отсуство или привремена спреченост за работа, на своите пациенти да им обезбеди замена со соодветен лекар од примарната здравствена заштита, односно дека според оваа одредба, избраниот лекар своите работни ангажирања ги вршел во рамките на полното работно време, а во случај на исклучително зголемување на обемот на работа, вршел и работа преку полното работно време, односно прекувремена работа согласно членовите 116 и 117 од Законот за работните односи, па со тоа вршењето на континуираната здравствена заштита не била ниту можела да биде обврска на избраниот лекар.

3. Судот на седницата утврди дека членот 200-н став 1 од Законот за здравствена заштита, определува дека закупецот не може да ја промени дејноста која се вршела во организационата единица што се зема под закуп, ниту да ја издава во подзакуп, а со оспорениот член 200-н став 2 од Законот, дека закупецот е должен да обезбеди континуирана здравствена заштита самостојно или во договор склучен со други здравствени установи.

4. Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 32 став 4 од Уставот, е определено дека секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор и од овие права вработените не можат да се откажат.

Согласно членот 39 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира правото на здравствена заштита, а граѓанинот има право и должност да го чува и унапредува сопственото здравје и здравјето на другите.

Со Законот за здравствена заштита, се уредуваат правата од здравствена заштита на граѓаните, односите и правата од здравственото осигурување, постапката на користењето на здравствената заштита и системот на организацијата на здравствената заштита.

Со членот 7 од Законот, е утврдено дека здравствената заштита се засновува врз единството на превентивните, дијагностичко-терапевтските и рехабилитационите мерки и врз начелата на достапност, рационалност и континуираност, како и врз современите и потврдените достигнувања на медицинските и другите науки и на етиката на здравствените работници.

Според членот 46 од Законот, здравствената организација, во рамките на својата дејност, е должна да укажува здравствена заштита на лице кое ќе побара таква заштита. 3дравствената организација е должна да обезбеди услови за укажување на континуирана медицинска помош во текот на 24 часа, да има лекови и санитетски материјални средства за укажување на итна медицинска помош. Здравствената организација која укажала итна медицинска помош е должна на осигуреникот кој има потреба да се упати во друга здравствена организација да му организира соодветен превоз и медицинско згрижување до приемот во здравствената организација во која се упатува. За итна медицинска помош однапред не се бара здравствена легитимација и упат.

Во членот 200-к став 1 од Законот е определено дека деловите од објектите и опремата на постојните јавни здравствени установи во кои се врши примарна здравствена заштита, стоматолошка здравствена заштита и фармацевтска дејност се трансформираат, односно се приватизираат по пат на издавање под закуп на простор и опрема, под услов закупецот да основа приватна здравствена установа за вршење на соодветна дејност, во согласност со овој закон.

Со членот 200-к став 2 од Законот е определено дека вршење на дејноста од ставот 1 на овој член во јавните здравствени установи под закуп се издаваат просторот и опремата на деловите кои претставуваат организациона просторна, техничка и функционална целина, (во натамошниот текст: организациона единица).

Членот 200-к став 3 од Законот определува дека Владата на Република Македонија, по предлог на Министерството за здравство може да донесе одлука по пат на закуп да се трансформираат, односно приватизираат и други делови од јавните здравствени установи.

Со ставот 4 од истиот член од Законот е определно дека под закуп не можат да се издадат организациони единици во јавните здравствени установи што вршат итна медицинска помош и домашно лекување, итна стоматолошка помош, превентивна здравствена заштита на предучилишни и училишни деца до 18 години, поливалентна патронажа, дел од службите на медицината на трудот, превентивна стоматолошка заштита и организациони единици на Стоматолошкиот клинички центар, според критериумите кои со општ акт ќе ги утврди министерот за здравство.

Од анализата на членот 200-к од Законот, произлегува дека трансформацијата односно приватизација на здравствената дејност се однесува не само за аптекарската и примарната стоматолошка дејност, туку и на целата стоматолошка дејност која останала во состав на јавното здравство, како и на целата примарна здравствена заштита.

Со членот 200-н став 2 од Законот кој се оспорува, е определено дека закупецот е должен да обезбеди континуирана здравствена заштита самостојно или во договор склучен со други здравствени установи.

Согласно членот 28 ставовите 1, 2, 3 и 4 од Законот за здравствено осигурување (“Службен весник на Република Македонија” број 25/2000, 96/2000, 11/2002, 31/2003, 84/2005, 37/2006, 18/2007, 36/2007, 82/2008, 98/2008, 6/2009, 67/2009 и 50/2010), здравствените услуги во примарната здравствена заштита на осигурените лица им се обезбедува кај избраниот лекар. Осигуреното лице има право и должност да избере лекар во примарната здравствена заштита. Избраниот лекар е должен на осигуреното лице да му укажува здравствени услуги од примарната здравствена заштита и да го следи неговото здравје. Секој избран лекар е должен, во случај на негово отсуство или привремена спреченост за работа, на своите пациенти да им обезбеди замена со соодветен лекар од примарната здравствена заштита.

Во случајов подносителот на иницијативата го оспорува членот 200-н став 2 од Законот, со образложение дека не била обврска на избраниот лекар да обезбедува континуирана здравствена заштита надвор од полното работно време од 8 часа, бидејќи Уставот гарантирал право на платен дневен, неделен и годишен одмор од кои вработените не можеле да се откажат и дека Законот за здравстено осигурување во членот 28 став 4 уредил дека секој избран лекар бил должен, во случај на негово отсуство или привремена спреченост за работа, на своите пациенти да им обезбеди замена со соодветен лекар од примарната здравствена заштита, а во случај на исклучително зголемување на обемот на работа, вршел и работа преку полното работно време, односно прекувремена работа согласно членовите 116 и 117 од Законот за работните односи, па со тоа вршењето на континуираната здравствена заштита не била ниту можела да биде обврска на избраниот лекар.

Ваквите наводи од подносителот на иницијативата, според Судот се неосновани, поради следното:

Законот за здравствена заштита уредил општа норма во членот 7, каде е утврдено дека здравствената заштита се заснова врз начелата на достапност, рационалност и континуираност, кои се задолжителни и за здравствените установи основани по основ на закуп како и за другите основани приватни и јавни здравствени установи во спроведувањето на здравствената заштита.

Законодавецот, начелото на континуитет во здравствената заштита го обезбедил со континуирана здравствена заштита со работа на здравствените работници во смени и со посебниот облик на континуирана здравствена заштита со воведување на дежурства. Начелото на континуираност овозможува лицата кои имаат потреба од здравствена заштита, истата да им биде овозможена во секое време од денот, за која цел и работното време во здравствените установи е организирано во дневни и ноќни смени.

Со членот 28 од Законот за здравствено осигурување произлегува обврска за избраниот лекар да обезбеди замена во работното време од својата смена поради отсуство од определени причини, додека со оспорениот член 200-н од Законот за здравствена заштита произлегува обврска за секоја здравствена установа основана врз основа на закуп да обезбеди континуирана здравствена заштита за пациентите во текот на 24 часа самостојно (доколку во неа се повеќе закупци па постои можност за организирање на 24 часа работа) или со склучување на договор (доколку е само еден закупец) со друга здравствена установа: приватна, јавна или приватна установа по основ на закуп. Со договорот, страните потписнички ќе го уредат начинот на обезбедувањето на континуираната здравствена заштита во своите здравствени установи и ќе обезбедат услови за почитување на основното начело на континуитет во спроведувањето на здравствената заштита на пациентите кои избрале да се лекуваат во нив, на кој начин ќе се обезбедат со закон загарантираните права на здравствените работници вработени во нив и тоа правото на платен дневен, неделен и годишен одмор, како уставно загарантирани права.

Судот во конкретниот случај, утврди дека овие две одредби од наведените закони уредуваат две различни ситуации и тоа едната, според која избраниот лекар е должен да обезбеди своја замена во својата работна смена во случај на отсуство или привремена спреченост за работа и втората, со која закупецот е должен да обезбеди континуирана здравствена заштита самостојно или во договор склучен со други здравствени установи.

Подносителот на иницијативата, според Судот погрешно ја толкува оспорената одредба со наводи дека вршењето на континуирана здравствена заштита не била и не можела да биде обврска за избраниот лекар. Таква обврска ниту произлегува од оспорениот член, па оттука и погрешно е толкувањето од подносителот дека избраниот лекар треба да работи 24 часа. Имено, обврската за обезбедување континуирана здравствена заштита закупецот не може да ја реши со обезбедување замена со соодветен лекар од примарната здравствена заштита согласно членот 28 став 4 од Законот за здравствено осигурување на кој се повикува подносителот на иницијативата. Законодавецот со оваа одредба уредил право и должност на осигуреното лице да избере лекар од примарната здравствена заштита и должност на избраниот лекар на осигуреното лице да му укажува здравствени услуги од примарната здравствена заштита и да го следи неговото здравје. Исто така, со оваа одредба интенцијата на законодавецот е да се обезбеди замена на избраниот лекар со соодветен лекар од примарната здравствена заштита во случај на негово отсуство или привремена спреченост. Оваа замена, во случај на остсуство или спреченост на избраниот лекар, која може и да не се случи, Судот оцени дека не значи обезбедување на континуирано вршење на здравствена дејност. Обезбедувањето на замена на матичниот лекар, според Судот, не е институција која го решава прашањето за обезбедување на целосен континуитет на здравствена заштита, туку е замена која се однесува на матичниот лекар за време на негово отсуство или привремена спреченост за работа во неговото со закон утврдено работно време. Континуитетот во спроведувањето на здравствената заштита во текот на 24 часа работно време во здравствените установи основани по основ на закуп, Судот утврди дека се обезбедува само со примената на оспорениот член 200-н став 2 од Законот за здравствена заштита и тоа самостојно (доколку во неа се повеќе закупци па постои можност за организирање на 24 часа работа) или со склучување на договор (доколку е само еден закупец) со друга здравствена установа: приватна, јавна или приватна установа по основ на закуп, со кои ќе го уредат начинот на обезбедувањето на континуираната здравствена заштита во здравствените установи потписнички на тој договор, на кој начин ќе се обезбедат со закон загарантираните права на здравствените работници вработени во нив и тоа правото на платен дневен, неделен и годишен одмор, од кои работникот не може да се откаже.

Според Судот, оспорената одредба не уредува обврска за избраните лекари да работат надвор од нивното полно работно време утврдено со закон, туку обврска за закупецот по завршувањето на работното време на избраниот лекар од една работна смена, да обезбеди континуитет во давањето на здравствените услуги од примарната здравствена заштита во наредни смени со други здравствени работници доколку во здравствената установа се повеќе закупци или со склучување на договор со друга здравствена установа доколку е само еден закупец.

5. Врз основа на изнесеното, Судот утврди дека во конкретниот случај не може основано да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба од Законот со членот 9 став 2 и членот 32 став 4 од Уставот.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 193/2009
23 јуни 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply