28/2010-0-0

28/2010-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 23 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување на правото на постојана парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009) и член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош („Службен весник на Република Македонија“ бр.146/2009).
2. Хелсиншки комитет за човекови права на Република Македонија поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на членовите од актите означени во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, со оспорените членови од правилниците се правела повреда на членовите 8, 9, 34 и 42 од Уставот на Република Македонија. Имено, овие членови од двата правилника не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и член 9 од Уставот, од причина што не го обезбедувале хуманизмот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија. Со оспорените членови од правилниците, корисниците на социјална парична помош и постојана парична помош се ставале во нееднаква положба со другите граѓани во Република Македонија кои примале родителски додаток за трето дете.

Со донесување на овие два члена од оспорените правилници, според иницијативата, се дестимулирало раѓањето на трето дете во семејствата кои се корисници на социјална парична помош.

Понатаму, во иницијативата се наведува дека со оспорените членови од правилниците се повредувал член 14 од Европската конвенција за човекови права, со кој се забранува дискриминација по било кој основ, како и Протоколот бр.12 кој предвидувал генерална забрана на дискриминацијата и претставувал дополнение на членот 14 од Европската конвенција за човекови права.
Во конкретниов случај, со донесувањето на оспорените членови од двата правилника според наводите во иницијативата, се ограничувал пристапот до веќе предвиденото право на постојна парична помош и социјалната парична помош на оние семејства кои биле корисници на родителски додаток за дете.

3. Судот на седницата утврди дека според член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот за остварување на правото на постојана парична помош, состојбата на приходите на подносителот на барањето за постојана парична помош и лицето кое е должно согласно со Законот за семејството да го издржува се утврдува врз основа на примањата остварени од родителски додаток за дете.

Според член 2 став 1 точка 11 од Правилникот за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош вкупните приходи на домаќинството се утврдуваат врз основа на примања остварени од родителски додаток за дете.

4. Согласно член 8 став 1 алинеја 8 од Уставот, хуманизмот, социјалната правда и солидарноста се утврдени како темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Согласно член 34 од Уставот, граѓаните имаат право на социјална сигурност и социјално осигурување утврдени со закон и со колективен договор.

Согласно член 42 од Уставот, Републиката посебно ги заштитува мајчинството, децата и малолетните лица (став 1). Лице помладо од 15 години живот не може да биде вработено (став 2). Малолетните лица и мајките имаат право на посебна заштита при работа (став 3). Малолетните лица не смеат да бидат вработувани на работни места што се штетни за нивното здравје и моралот (став 4).

Согласно член 95 став 3 од Уставот, организацијата и работата на органите на државната управа се уредуваат со закон што се донесува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број пратеници.

Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата на Република Македонија.

Законот за социјалната заштита („Службен весник на Република Македонија“ бр.79/2009) ги уредува системот и организацијата на социјалната заштита, финансирањето и постапката на остварување на правата од социјалната заштита (член 1).

Според член 2 став 1 од Законот, социјалната заштита е систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот, за намалување на сиромаштијата и социјалната исклученост и за јакнење на неговиот капацитет за сопствена заштита.

Согласно член 5 од истиот закон, дејноста на социјалната заштита е од јавен интерес.

Во Глава II од Законот, со наслов: „Услуги и мерки од социјална заштита“, е содржана точката 4 со поднаслов: „Право на парична помош од социјална заштита“.

Членот 44 од Законот, кој е поместен во погоре наведениот дел од Законот, предвидува дека право на парична помош од социјална заштита се: социјална парична помош; постојана парична помош; парична помош на лице кое до 18 годишна возраст имало статус на дете без родители и родителска грижа; парична помош на мајка која родила четврто дете; паричен надоместок за помош и нега од друго лице; еднократна парична помош и помош во натура; надоместок на плата за скратено работно време поради нега на дете со телесни или ментални пречки во развојот; парична помош за социјално домување и право на здравствена заштита.

Според член 45 став 1 од Законот, право на социјална парична помош има лице способно за работа и домаќинство, материјално необезбедено и кое според други прописи не може да обезбеди средства за егзистенција.

Според член 46 став 1 од Законот, за материјално необезбедено се смета лице и домаќинство кое остварува приходи по сите основи пониски од износот на социјалната парична помош, утврден со овој закон и кое не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува.

Согласно член 56 од Законот, министерот со општ акт го пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определувањето на носителот на правото и потребната документација.

Постапувајќи во рамките на овластувањата дадени во членот 56 од Законот, министерот за труд и социјална политика го донел оспорениот Правилник за начинот на остварување и користење на правото на социјална парична помош.

Членот 1 од овој Правилник утврдува дека со овој Правилник се пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права на домаќинството, определување на носителот на правото и потребната документација за остварување и користење на правото на социјална парична помош.

Оспорениот член 2 став 1 точка 11 од Правилникот, утврдува дека вкупните приходи на домаќинството се утврдуваат врз основа на примања остварени, меѓу другото, и од родителски додаток за дете.

Според член 57 од Законот за социјална заштита, право на постојана парична помош има лице неспособно за работа и материјално необзбедено, кое не може да обезбеди средства за својата егзистенција врз основа на други прописи.

Според член 59 од Законот, материјално необезбедено лице во смисла на член 57 од овој закон се смета лице кое нема приходи или чии приходи по сите основи по член на семејството се помали од 4.000,00 денари усогласени со порастот на трошоците на живот за претходната година, објавени од Државниот завод за статистика во јануари за тековната година и не поседува имот и имотни права од кои може да се издржува.

Според член 67 од Законот, министерот со општ акт го пропишува начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права и потребната документација за остварување на правото, составот и начинот на работата на стручната комисија и второстепената комисија, легитимацијата на стручните лица, начинот на водење на евиденција на издадените наоди и формата и содржината на образецот за давање на наод, оцена и мислење за неспособноста на работа.

Министерот за труд и социјална политика, во смисла на член 67 од Законот, го донел оспорениот Правилник за начинот за остварување на правото на постојана парична помош.

Оспорениот член 2 став 1 точка 11 од Правилникот, предвидува дека состојбата на приходите на подносителот на барањето за постојана парична помош и лицето кое е должно согласно со Законот за семејството да го издржува се утврдува врз основа на примањата, остварени, меѓу другото, од родителски додаток за дете.

Наводите во иницијативата дека оспорените членови од двата Правилника не биле во согласност со член 8 став 1 алинеја 8 и член 9 од Уставот бидејќи со истите не се обезбедувал хуманизмот како темелна вредност на уставниот поредок на Република Македонија и со кои корисниците на социјална парична помош и постојана парична помош се ставале во нееднаква положба со другите граѓани во Република Македонија кои примале родителски додаток за трето дете, според Судот се неосновани.

Од анализата на цитираните уставни и законски норми, а во корелација со истакнатите наводи во иницијативата, јасно произлегува дека Законот за социјалната заштита ги уредува системот и организацијата на социјалната заштита, како и правата од социјална заштита.

Социјалната заштита, како поим е дефиниран во членот 2 од овој закон, според кој, истата претставува систем на мерки, активности и политики за спречување и надминување на основните социјални ризици на кои е изложен граѓанинот во текот на животот.

Една од мерките на социјалната заштита, а кои се регулирани во II Глава од Законот се и правата од парична помош од социјална заштита, меѓу кои се социјална парична помош, постојана парична помош, парична помош на мајка која родила четврто дете и друго.

Според Судот, наведените видови на права на парична помош од социјална заштита се различни со оглед на основот врз кој се утврдува правото на парична помош од социјална заштита. Тргнувајќи од ваквата законска формулација, а во согласност со овластувањата дадени во членовите 56 и 67 од Законот за социјалната заштита, министерот за труд и социјална политика ги донел сега оспорените правилници, кои се операционализација на Законот и истите се доразработка на законските норми.

Имајќи ја во вид целта на двата правилника (која што произлегува од Законот) – начинот на утврдување на состојбата на приходите, имотот и имотните права, Судот оцени дека министерот со општ акт правилно го пропишал начинот на утврдување на состојбата на приходите кога во оспорениот член 2 став 1 точка 11 од двата правилника, која пропишувал дека родителскиот додаток за дете влегува во вкупните приходи на домаќинството, односно ја утврдува состојбата на приходите на подносителот на барањето и истиот се смета за приход во постапката за остварување на правото на социјална парична помош и постојана парична помош.

Родителскиот додаток, всушност, претставува остварен приход по друга основа и како таков е од влијание при утврдување на минималното ниво на социјална сигурност. Системот на остварување на правото на социјална парична помош и постојана парична помош е димензиониран со цел за обезбедување на потребната помош и заштита за граѓаните кои се наоѓаат во положба од социјална потреба. Имено, токму преку социјалната праведност, која се остварува преку утврдување на основата на вкупните примања, односно приходи, се остварува системот на социјалната заштита и истовремено се исполнува една од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – хуманизмот, социјалната правда и солидарноста, а со тоа се декларира и потврдува социјалниот карактер на Република Македонија, кој е утврден во член 1 од Уставот на Република Македонија.

Според Судот, тргнувајќи од фактот што правото на граѓаните на примање на родителски додаток за трето дете, е друг основ по други прописи, не може да се прифати наведеното во иницијативата дека на овој начин со оспорените членови од двата правилника граѓаните во Република Македонија се доведувале во нееднаква положба од причина што поради различните основи за прием на овие средства, лицата баратели на социјална парична помош и на постојана парична помош се наоѓале во друг правен статус. Од овие причини, оспорените членови од Правилникот не се во спротивност со член 9 од Уставот.

По однос на наводите во иницијативата дека со оспорениот член 2 став 1 точка 11 од двата Правилника, се ограничувал пристапот до веќе предвиденото право на постојана парична помош и социјална парична помош на оние семејства кои се корисници на родителски додаток за дете, се неосновани. Ова од причина што родителскиот додаток за дете е само еден од многуте наведени основи во членот 2 од двата правилника, од основите врз кои се утврдува вкупниот приход на домаќинството и истиот не значи ограничување на пристап до ова социјално право, како што се наведува во иницијативата.

Наводите во иницијативата дека оспорениот член од двата Правилника не биле во согласност со член 14 од Европската конвенција за човекови права и Протоколот 12, не се поткрепени со аргументи, истите се неприфатливи, затоа што во оспорениот член не се работи за постоење на основ за дискриминација, туку за утврдување на еден од основите за утврдување на приходите на подносителот на барањето за постојана парична помош, а тоа се примањата остварени врз основа на родителски додаток за дете.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.28/2010
23 јуни 2010 година
С к о п ј е
лк/сд

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply