274/2009-0-0

274/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 9 јуни 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот за висината на надоместокот за добивање лиценци („Службен весник на Република Македонија“ бр. 143/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе две иницијативи за поведување постапка за оценување на уставноста и законитоста на актот означен во точката 1 од ова решение.

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот правилник се пропишувала висината на надоместокот за добивање на лиценца за проектирање, за ревизија на проектна документација, за управител на градба, за изведувач, за надзор над изградбата и за управител за тековно и инвестиционо одржување на објекти од прва, втора и трета категорија, па иако бил донесен врз основа на член 38 став 2 од Законот за градење, не бил во согласност со член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, според кој со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи. Поради тоа, со оспорениот правилник се повредувале темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија – владеењето на правото од член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, како и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа, поради што се предлага Уставниот суд да поведе постапка за оценување на уставноста и законитоста на Правилникот.

3. Судот на седницата утврди дека Правилникот за висината на надоместокот за добивање лиценци е донесен од министерот за транспорт и врски, врз основа на член 38 став 2 од Законот за градење.

Правилникот има 8 члена.

Според член 1 од овој правилник, со Правилникот се пропишува висината на надоместокот за добивање на лиценца за проектирање, за ревизија на проектна документација, за управител на градба, за изведувач, за надзор над изградбата и за управител за тековно и инвестиционо одржување на објекти од прва, втора и трета категорија.

Со членовите 2 – 7 од Правилникот, се определува висината на надоместокот за добивање на наведените лиценци (лиценци А, Б Ц, Д, Е), за градби од прва до петта категорија, и тоа во распон од 500 евра во денарска противвредност до 3.000 евра во денарска противвредност.

Согласно член 8 од Правилникот, овој правилник влегува во сила наредниот ден од денот на објавувањето во „Службен весник на Република Македонија“.

4. Според член 8 став 1 алинеите 3 и 4 од Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодвна, извршна и судска, се темелни вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 33 од Уставот, секој е должен да плаќа данок и други јавни давачки и да учествува во намирувањето на јавните расходи на начин утврден со закон, а според член 68 став 1 алинеја 3 од Уставот, Собранието на Република Македонија ги утврдува јавните давачки.

Во членот 51 од Уставот е утврдено дека во Република Македонија законите мораат да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон. Секој е должен да ги почитува Уставот и законите.

Според член 95 став 1 од Уставот, државната управа ја сочинуваат министерствата и други органи на управата и организации утврдени со закон. Согласно член 96 од Уставот, органите на државната управа работите од својата надлежност ги вршат самостојно врз основа и во рамките на Уставот и законите и за својата работа се одговорни на Владата.

Согласно член 55 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа (“Службен весник на Република Македонија” бр.58/2000, 44/2002 и 82/2008), министерот, меѓу другото, донесува правилници за извршување на законите кога за тоа е овластен со закон. Според член 56 став 1 од овој закон, со правилник се утврдуваат и разработуваат одделни одредби на законите и другите прописи заради нивно извршување, а според член 61 став 1 од овој закон, со актите кои ги донесува министерот не може за граѓаните и другите правни лица да се утврдуваат права и обврски, ниту да се пропишува надлежност на други органи.

Со Законот за градење се уредуваат градењето, основните барања на градбата, потребната проектна документација за добивање на одобрение за градење, правата и обврските на учесниците во изградбата, начинот на употреба и одржување на градбата, како и други прашања од значење за градењето (член 1).

Според член 14 став 1 од овој закон, при изградба на градби од членот 57 на овој закон инвеститорот може да определи управител на градба кој во негово име ги води сите организациони работи, ги следи сите фази на градење и врши финансиско и материјално следење на средствата во процесот на изградбата, се до добивање на одобрение за употреба. Согласно став 2 на истиот член, управител на градба може да биде правно лице кое има лиценца за управител на градба.

Со член 16 став 1 од овој закон е утврдено дека правното лице за проектирање на градби од прва и втора категорија од членот 57 на овој закон треба да има лиценца А за проектирање, а за градби од трета, четврта и петта категорија лиценца Б за проектирање.

Според член 23 став 1 од истиот закон, правното лице за вршење на ревизија на проекти за градби од прва и втора категорија од членот 57 на овој закон треба да има лиценца А за ревизија на проектна документација, а за градби од трета, четврта и петта категорија лиценца Б за ревизија на проектна документација.

Според член 26 став 1 на овој закон, за изведување на градби од прва категорија од членот 57 на овој закон правното лице треба да има лиценца А за изведувач, за изведување на градби од втора категорија правното лице треба да има лиценца Б за изведувач, за изведување на градби од трета категорија правното лице треба да има лиценца Ц за изведувач, за изведување на градби од четврта категорија правното лице треба да има лиценца Д за изведувач и за изведување на градби од петта категорија правното лице треба да има лиценца E за изведувач.

Согласно член 34 став 1 на истиот закон, правното лице за вршење на надзор на изградба на градби од прва категорија од членот 57 на овој закон треба да има лиценца А за надзор, за градби од втора категорија треба да има лиценца Б за надзор, за градби од трета категорија треба да има лиценца Ц за надзор и за градби од четврта и петта категорија треба да има лиценца Д за надзор.

Според член 38 од Законот, лиценците пропишани со овој закон се издаваат за период од седум години и истите не можат да се пренесуваат на друго лице. Лиценците ги дава, одзема и води регистар за издадени и одземени лиценци органот надлежен за вршење на работите од областа на уредување на просторот (став 1). За добивање на лиценците правните лица плаќаат соодветен надоместок. Висината на надоместокот во зависност од видот на лиценцата ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при што истата не може да биде пониска од 500 евра во денарска противвредност ниту повисока од 3.000 евра во денарска противвредност. Средствата остварени од надоместокот се приход на Буџетот на Република Македонија (став 2). Лиценцата може да се одземе привремено во рок од една година доколку се утврди дека правното лице не исполнува некои од условите пропишани за нивно издавање и/или се констатирани неправилности при вршење на работите за кои е дадена лиценцата. Лиценцата се одзема трајно доколку правното лице врши работи за кои му била издадена лиценца, во периодот кога лиценцата му е привремено одземена и/или лиценцата му била привремено одземена три пати (став 3). Начинот и постапката за издавање, одземање на лиценците, формата и содржината на образецот на лиценците како и формата, содржината и начинот на водењето на регистарот, ги пропишува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот (став 4). Врз основа на добиена лиценца за вршење на работи на изведување, проектирање, ревизија, надзор и одржување на градби од членот 57 на овој закон, правното лице може да ги врши овие работи и за градби од пониска категорија од категоријата на која припаѓаат градбите за кои е издадена лиценцата (став 5).

Категоризацијата на градби е утврдена во член 57 од Законот. Така, според видот, нивната специфичност, намена, сложеност на конструктивниот систем и техничко – технолошките услови, градбите се определуваат во пет категории.

Од анализата на наведените и другите одредби на Законот за градење, произлегува дека законодавецот, во рамките на своето уставно овластување да уредува одделни сфери од општествениот живот, ги уредил условите и начинот на вршењето на дејностите во сферата на градењето, при што утврдил постоење на лиценци во оваа сфера, ја утврдил нивната категоризација, како и условите и начинот на нивното добивање, ги утврдил елементите, ја утврдил рамката од која зависи висината на надоместокот кој го плаќаат правните и физичките лица, како елементи востановени во правниот режим на градењето кој подеднакво треба да важи и да се однесува на сите субјекти кои ги вршат одделните дејности регулирани во Законот за градење.

Законодавецот, во член 38 став 2 од Законот, определил дека за добивање на лиценците утврдени со овој закон, правните лица плаќаат соодветен надоместок, а висината на надоместокот, во зависност од видот на лиценцата, ја утврдува министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот, при што истата не може да биде пониска од 500 евра во денарска противвредност ниту повисока од 3.000 евра во денарска противвредност. Средствата остварени од надоместокот се приход на Буџетот на Република Македонија.

Според Судот, фактот што во Законот за градењето законодавецот направил дистинкција односно категоризација на градбите, како и категоризација на самите лиценци во зависност од видот односно категоријата на градежниот објект, притоа определувајќи ги најнискиот и највисокиот износ на надоместокот за добивање на лиценца, претставуваат доволна рамка и критериум за натамошна операционализација на оваа законска определба, и тоа со правилник за чие донесување е овластен министерот кој раководи со органот на државната управа надлежен за вршење на работите од областа на уредувањето на просторот.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека со оспорениот правилник, министерот не утврдил права и обврски за граѓаните, како што се наведува во иницијативата, туку во согласност со уставно утврдената положба на органите на државната управа, како дел од извршната власт, со закон да можат да бидат овластени да донесуваат акти за разработување и утврдување на одделни прашања во функција на извршување на законите, ја операционализирал законската рамка за определување на висината на надоместокот за добивање конкретени лиценци, утврдени со Законот, при што се движел во рамките на висината која ја определил законодавецот со член 38 став 2 од Законот за градење. Поради наведеното, пред Судот не се постави прашањето за согласноста на оспорениот правилник со член 8 став 1 алинеите 3 и 4, член 51, член 95 став 3 и член 96 од Уставот, како и член 61 став 1 од Законот за организација и работа на органите на државната управа.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот, д-р Трендафил Ивановски и судиите: д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.274/2009
9 јуни 2010 година
С к о п ј е

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply