256/2009-0-0

256/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 28 април 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 82 став 2 од Законот за основното образование („Службен весник на Република Македонија“ бр.103/2008 и 33/2010).

2. Митат Рустемоски од с. Норово, на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување постапка за оценување на уставноста на членот 82 став 2 од Законот означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата со оспорената одредба од Законот било предвидено дека работен однос на определено време, најмногу до три месеци, без јавен оглас можеле да засниваат наставниците, стручните соработници и воспитувачите во основните училишта, меѓутоа со ваквата законска определба се дозволувало работното место да не биде достапно за сите, туку само за одредени граѓани. Со оглед на тоа што со оспорената одредба од Законот се дозволувало вработувањето на определено време да се остварува без јавен оглас и со тоа да бидат исклучени јавноста и транспарентноста на постапката за вработување, произлегувало дека одредбата била во несогласност со членот 32 од Уставот.

3. Судот на седницата утврди дека со членот 82 став 1 од Законот е предвидено наставникот, стручниот соработник и воспитувачот да се избираат по пат на јавен оглас. Според ставот 2 од овој член од Законот, лицата од ставот 1 на овој член, можат да засноваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеци.

4. Според членот 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба. Граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Според членот 32 од Уставот, секој има право на работа, слободен избор на вработување, заштита при работењето и материјална обезбедност за време на привремена невработеност. Секому, под еднакви услови, му е достапно секое работно место. Секој вработен има право на соодветна заработувачка. Секој вработен има право на платен дневен, неделен и годишен одмор. Од овие права вработените не можат да се откажат. Остварувањето на правата на вработените и нивната положба се уредуваат со закон и со колективни договори.

Според членот 77 ставови 1 и 2 од Законот за основното образование, воспитно образовната работа во основното училиште ја остваруваат наставници, стручни соработници (педагог, психолог, социолог, социјален работник, дефектолог, библиотекар) и воспитувачи. Наставниците, стручните соработници и воспитувачите во основното училиште имаат соодветно високо образование.

Со членот 82 од Законот е регулиран начинот на вработување на воспитно образовниот кадар во основните училишта, со засновање на работен однос по правило врз основа на постапка со јавен оглас, но како исклучок и без јавен оглас во случаите кога вработувањето е на определено време. Имено, со оспорената одредба од ставот 2 на членот 82 од Законот, е предвидено наставниците, стручните соработници и воспитувачите во основните училишта да можат да засниваат работен однос и без јавен оглас, на определено време, најмногу до три месеца.

Тргнувајќи од изнесените уставни и законски одредби, а имајќи ја предвид содржината на оспорената одредба од Законот, Судот утврди дека законодавецот, прашањето за засновање на работен однос кое, согласно уставната определба е во доменот на законската регулатива, го уредил со одредбите од членот 82 од Законот за основното образование, на начин што покрај засновањето на работен однос на неопределено време кое задолжително се спроведува со јавен оглас, го предвидел и засновањето на работен однос на воспитно образовниот кадар во основните училишта и на определено време, најмногу до три месеци, без спроведување на јавен оглас. Со ваквото законско решение Судот оцени дека не се нарушува уставниот принцип определен во членот 9 од Уставот за еднаквоста на граѓаните,ниту се повредува уставната определба во членот 32 став 2 од Уставот според кој секому под еднакви услови му е достапно секое работно место, бидејќи како основно решение во одредбите од Законот е вработувањето со јавен оглас, а само по исклучок, заради неопходното обезбедување на воспитно образовниот кадар во процесот на основното образование се предвидува вработување на определен рок без постапка на јавен оглас, како времено решавање на кадровскиот дефицит за определен период. Имено, од изнесената анализа Судот утврди дека е неоснован наводот во иницијативата според кој неправилно било законското решение со кое се дозволувало вработување без јавен оглас, со оглед на тоа што објавувањето на јавен оглас за потребата од вработување на соодветниот воспитно образовен кадар во основните училишта е основно и приоритетно законско решение во Законот за основното образование, со што се обезбедува транспарентност на постапката за вработување како и достапност на работните места на сите под еднакви услови, а предвиденото вработување без јавен оглас е резервирано само по исклучок за определено време најмногу до три месеци, заради функционални причини, односно за обезбедување на неопходен кадар во определен период за непречен континуиран процес во вршењето на дејностите во доменот на основното образование и не постојат уставни пречки за законското регулирање како што е со оспорената одредба од Законот.

5. Врз основа на изнесеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

6. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.256/2009
28 април 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply