134/2009-0-0

134/2009-0-0

Вовед

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 17 став 1 алинеја 7 од Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права (“Службен весник на Република Македонија”, број 67/2009).

2. Стамен Филипов од Скопје, на Уставниот суд на Република Македонија, му поднесe иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на одредбата од Законот, означен во точката 1 од ова решение.

Според наводите во иницијативата, оспорената законска одредба била нејасна и непрецизна, бидејќи со истата се пропишувал престанок на функцијата на владиниот агент, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, како правна последица од осуда за било кое кривично дело независно од тоа дали е во врска со функцијата на владиниот агент или не, што настапувала по сила на закон, а не со конкретна судска пресуда. Поради тоа, предлага поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорената одредба како спротивна на член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 51 и член 54 став 1 од Уставот на Република Македонија.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 17 став 1 алинеја 7 од Законот, функцијата владин агент престанува помеѓу другото и во случај ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

4. Согласно член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4 од Уставот на Република Македонија, основните слободи и права на човекот и граѓанинот признати во меѓународното право и утврдени со Уставот, владеењето на правото и поделбата на државната власт на законодавна, извршна и судска, претставуваат едни од темелните вредности на уставниот поредок на Република Македонија.

Според член 9 од Уставот, граѓаните на Република Македонија се еднакви во слободите и правата независно од полот, расата, бојата на кожата, националното и социјалното потекло, политичкото и верското уверување, имотната и општествената положба и граѓаните пред Уставот и законите се еднакви.

Со членот 11 став 1 од Уставот, е определно дека физичкиот и моралниот интегритет се неприкосновени.

Според членот 13 став 1 од Уставот, лицето обвинето за казниво дело ќе се смета за невино се додека неговата вина не биде утврдена со правосилна судска одлука, а согласно член 14 став 1 од Уставот никој не може да биде казнет за дело кое пред да биде сторено не било утврдено со закон или со друг пропис како казниво дело и за кое не била предвидена казна.

Според член 23 од Уставот, секој граѓанин има право да учествува во вршењето на јавни функции.

Со членот 25 од Уставот, на секој граѓанин му се гарантира почитување и заштита на приватноста на неговиот личен и семеен живот, на достоинството и угледот.

Според член 51 став 1 од Уставот, во Република Македонија законите мора да бидат во согласност со Уставот, а сите други прописи со Уставот и со закон.

Според член 54 став 1 од Уставот, слободите и правата на човекот и граѓанинот можат да се ограничат само во случаи утврдени со Уставот.

Во членот 3 од Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права е определно дека Република Македонија пред Судот ја застапува Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права. Бирото е орган на државната управа во состав на Министерството за правда кое ги врши работите што се однесуваат на застапувањето и постапувањето на Република Македонија пред Судот и врши други стручни работи од надлежност на Министерството.

Согласно членот 7 од Законот, со работата на Бирото раководи директор-Владин агент кој по предлог на министерот за правда го именува и разрешува Владата, со мандат од пет години со право на повторно именување.

Со членовите 11, 12 и 13 од Законот, се определени работите и задачите кои ги извршува Владиниот агент во насока на раководење, организирање, координирање и насочување на работите на Бирото; штитeње на интересите на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, а во координација со Министерството за надворешни работи и пред Советот на Европа; потпишување на пишаните одбрани на Република Македонија кои се доставуваат пред Судот, како и писмената и електронската кореспонденција со Судот во име на Владата и преземање на сите правни дејствија согласно со домашното законодавство, а по негово барање или по иницијатива на Собранието, претседателот на Републиката, Владата и министерот за правда, добива општи насоки за начинот на застапувањето на интересите на државата.

Во членот 17 став 1 алинеи 1, 2, 3, 4, 5 и 6 е определно дека на Владиниот агент, функцијата може да му престане во следниве случаи: со завршување на мандатот, поради смрт, по сопствено барање, ако ги исполнил условите за старосна пензија, ако се утврди дека трајно ја загубил способноста за вршење на функцијата, ако е избран или именуван на друга јавна функција, а во оспорената алинеја 7 од членот 17 став 1 и ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци.

Наводите во иницијативата дека оспорената законска одредба била нејасна и непрецизна, бидејќи со истата се пропишувал престанок на функцијата на Владиниот агент, ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, како правна последица од осуда за било кое кривично дело независно од тоа дали е во врска со функцијата на владиниот агент или не, што настапувала по сила на закон, а не со конкретна судска пресуда, Судот ги оцени како неосновани, а исто така и повикувањето во иницијативата на уставно-судска практика по предметите У.број 80/2006 и У.број 225/2007, кое е несоодветно поради поинакво уредување на содржината на оспорените одредби од овие предмети.

Тргнувајќи од специфичноста на работите и задачите кои согласно Законот ги извршува Владиниот агент, како и со оглед на сериозноста на должностите на Владиниот агент, односно на значењето на функцијата која ја врши и професионалните и лични стандарди кои треба да ги поседува, по оценка на овој суд, со предвидениот критериум во оспорената одредба за престанок на функцијата, создадени се услови да не се дозволи лице кое врши функција на Владин агент, да продолжи да ја застапува Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права кое е осудено со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци. На тој начин, Владата на Република Македонија, откако би се стекнала со сознание за правосилна пресуда и осуда на затворска казна над шест месеци, да има основ да го разреши лицето и да именува нов Владин агент, согласно условите и процедурите предвидени во Законот.

Законското решение според кое функцијата на Владин агент престанува и ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, Судот оцени дека не претставува правна последица од осуда по сила на закон, како што се наведува во иницијативата, туку за последица од казната што ја изрекол судот. Според тоа, ова законско решение е токму последица од правосилна судска пресуда со која е изречена казна затвор од најмалку шест месеци, чие извршување оневозможува истовремено вршителот на јавната функција да биде присутен и да ја врши функцијата.

Судот, ги ценеше и наводите од подносителот во иницијативата дека оспорената одредба е нејасна и непрецизна бидејќи подразбирала дека во секој случај, за било кое кривично дело, независно од тоа дали е во врска со функцијата на владиниот агент или не, на Владиниот агент ќе му престанела фунцијата ако е осуден со правосилна судска пресуда за кривично дело на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, но и овие наводи, Судот ги оцени како неосновани. Ваквото решение предвидено во Законот, е идентично и со Законот за работните односи (“Службен весник на Република Македонија”, број 62/2005, 106/2008, 161/2008, 114/2009, 130/2009 и 149/2009), каде во членот 99 е уредено дека „работодавачот може на работникот да му го откаже договорот за вработување ако на работникот со правосилна одлука му е забрането да врши определени работи од работниот однос или ако му е изречена воспитна, заштитна или безбедносна мерка, поради која не може да врши работи подолго од шест месеци или поради издржување на затворска казна ќе мора да биде отсутен од работа повеќе од шест месеци.“

Поаѓајќи од наведеното, како последица на изречена правосилна судска пресуда на безусловна казна затвор од најмалку шест месеци, произлегува дека вршителот на јавната функција директор на Бирото- владин агент, нема да биде во состојба да ја врши функцијата, бидејќи тоа лице е физички отсутно и спречено да ја врши функцијата за која е именувано, што е класичен основ за престанок на вработувањето или во конкретниот случај, на вршењето на јавната функција, поради што не може да се прифати тврдењето дека во овој случај станувало збор за правна последица од осуда по сила на закон.

Тргнувајќи од наведеното, Судот не го постави прашањето за согласноста на член 17 став 1 алинеја 7 од Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права со член 8 став 1 алинеи 1, 3 и 4, член 9, член 11 став 1, член 13 став 1, член 14 став 1, член 23, член 25, член 51 и член 54 став 1 од Уставот

5. Ова решение Судот го донесе со мнозинство гласови, во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У. Бр. 134/2009
31 март 2010 година
Скопје

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply