89/2009-0-0

89/2009-0-0

Вовед

Уставниот суд на Република Македонија, врз основа на член 110 од Уставот на Република Македонија и член 71 од Деловникот на Уставниот суд на Република Македонија (“Службен весник на Република Македонија” бр.70/1992) на седницата одржана на 3 март 2010 година, донесе

Р Е Ш Е Н И Е

Текст

1. НЕ СЕ ПОВЕДУВА постапка за оценување на уставноста на член 8 ставовите 1 и 2, член 9 ставовите 1 и 3, член 17, член 18, член 21, член 34 став 2, член 35 став 2, член 37 ставовите 1 и 5, член 38 ставовите 1, 2 и 3, член 39, и член 40 од Законот за ловството („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2009).

2. Ловечката федерација на Македонија на Уставниот суд на Република Македонија му поднесе иницијатива за поведување на постапка за оценување на уставноста на оспорените одредби од Законот означен во точката 1 од ова решение.

3. Судот на седницата утврди дека според оспорениот член 8 став 1 од Законот „Ловно- техничките објекти во ловиштето се основни средства на ловиштето“.

Во оспорениот став 2 на овој член, е предвидено дека: „Вредноста на оградите за одгледување и заштита на дивечот, оградите за интензивно одгледување и застрел на дивечот и објектите за сместување (ловни куќи) по истекот на периодот за користење на дивечот во ловиштето, новиот концесионер на дивечот на ловиштето, се обврзува да му ја надомести на поранешниот концесионер на дивечот во ловиштето според пазарната вредност утврдена од страна на овластен проценител”

Според наводите на подносителот на иницијативата ловиштето не било правен субјект, туку само еден законски институт како технички поим,поради што, тоа не можело да се третира како физичко или правно лице и не можело со закон да му се даваат во сопствесност основни средства, кои ги создава и користи само правен субјект.

Понатаму, според наводите на подносителот, оспорената одредба од член 8 став 2 не била во согласност со член 30 ставовите 1 и 3, од Уставот затоа што во конкретниов случај концесионерите работеле за свој интерес, а не за јавен, па оттаму не можело да му бидат одземени или ограничени сопственоста или правата од неа.

Согласно член 30 став 1 од Уставот се гарантира правото на сопственост и правото на наследување, а според став 3 на овој член никому не може да му бидат одземени или ограничени сопственоста и правата кои произлегуваат од неа, освен кога се работи за јавен интерес утврден со закон.

Со Законот за ловство („Службен весник на Република Македонија“ бр.26/2009) е утврдено дека со овој закон се уредува одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот и неговите делови.

Според членот 2 на наведениот закон, дивечот е во државна сопственост и како добро од општ интерес за Република Македонија ужива посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон.

Во членот 3 од наведениот закон е утврдено значењето на одделни поими кои се употребуваат во законот. Така во точката 7 од наведениот член е предвидено дека: „Ловно- технички објекти се објектите кои служат за одгледување, заштита и користење на дивечот, а тоа се: засолништа за дивеч, поила, калишта, хранилишта, складишта за храна, солишта, ловки, чеки, набљудувачници за дивеч,најразлични типови на огради и објекти за сместување.“

Следствно на наведеното во оспорениот член 8 став1 е предвидено дека ловно-технички објект во ловиштето се основани средства на ловиштето.

Имајќи ја предвид оспорената одредба од член 8 став 1 од Законот и наводите во иницијативата, Судот оцени дека нејзината содржина има карактер на упатувачка и појаснувачка норма во смисла на тоа дека ловно- техничките објекти по својата природа физички припаѓаат на ловиштето како територијална целина, односно ја определува физичката припадност на основните средства, а не нивната правна припадност,или поточно речено со неа не се уредуваат сопственосни права, поради што,Судот оцени дека не може да се постави прашањето за нејзината согласност со одредбата од член 30 од Уставот.

Понатаму, имајќи ја предвид содржината на оспорениот член 8 став 2 од Законот, според кој по истекот на периодот за кој ловиштето е дадено под концесија ,новиот концесионер е обврзан на поранешниот, односно претходниот концесионер да му ја надомести вредноста на ловно- техничките објекти, односно вредноста за оградите за одгледување и заштита на дивечот, оградите за интензивно одгледување и застрел на дивечот и објектите за сместување наспрема наводите во иницијативата, Судот оцени дека истите не се основани. Имено, ловно -техничките објекти се основни средства без кои не може да се оствари целта на давањето на ловиштето под концесија кое е во државната сопственост како добро од општ интерес и ужива посебна заштита, поради што нужно е овие основни средства со надомест да преминат на новиот концесионер за да може да ја врши дејноста. И покрај тоа што, тоа во суштина значи ограничување на правото на сопственост над ловно- техниките објекти на претходнит сопственик во смисла на нивно условување за нивна продажба на наредниот концесионер, Судот оцени дека тоа е уставно оправдано како начин на остварување на јавниот интерес, ловиштата да бидат заштитени и давани под концесија. По протекот на времето за кое ќе му биде дадено ловиштето под концесија на новиот концесионер, истиот ќе биде во обврска со надомест да ги отстапи ловно -техничките објекти во ловиштето на наредниот концесионер.

Имајќи го предвид наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорената одредба со член 30 од Уставот.

4. Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 9 став 1 од Законот, дивечот од членот 5 на овој закон е дивеч под заштита и дивеч без заштита. Во став 2 на член 9 од Законот таксативно се наведени животните и птиците кои се подведуваат под заштита (срна, обичен елен, елен лопатар, дивокоза, мечка, дива свиња, зајак, верверица, рис …… и други).

Во оспорениот член 9 став 3 од Законот: „Дивеч без заштита е: волк, бизамски глушец, лисица, куна златка, куна белка, мала ласица, твор, голем корморан, јастреб кокошкар, врана гачец, пепелава врана или гарга, чавка, страчка и сколовранец.“

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените одредби од член 9 ставовите 1 и 3 од Законот биле во дирекна спротивност со основниот уставен принцип од член 56 став 1 од Уставот според кој дивечот како дел од животинскиот свет и добро од општ интерес ужива посебна заштита, кој поим во принцип значело дека сиот дивеч (или попрецизно) сите диви видови како правилно ги дефинира Законот за заштита на природата како добро од општ интерес, се заштитени.

Во оспорениот член 17 од Законот е предвидено дека: „За уништен дивеч без заштита може да се додели парична награда.

Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство го утврдува видот на дивечот без заштита од член 9 став 3 на овој закон и висината на паричната награда.

Средствата за награда од ставот 1 на овој член се обезбедуваат од Буџетот на Република Македонија”

Во оспорениот член 18 од Законот е предвидено дека: „Дивечот без заштита може да се лови доколку не се загрозува неговиот траен опстанок.

За ловење на дивеч без заштита концесионерот на дивечот во ловиштето е должен да води евиденција.“

Во член 70 од Законот кој подносителот на иницијативата го гледа во корелација со оспорените членови 17 и 18 е предвидено дека: „Ако концесионерот на дивечот во ловиштето за одделен вид на дивеч без заштита пропише посебни услови за ловење со кои се ограничува ловењето, одговара за причинетата штета од тој дивеч“.

Според наводите на подносителот на иницијативата одредбите од членовите 17 и 18 од Законот кои ја доразработуваат веќе направената поделба на дивеч под заштита и дивеч без заштита биле во спротивност со член 56 став 1 од Уставот.Ова затоа што со член 17 од Законот се дозволувало за уништен дивеч без заштита да може да се додели парична награда, иако Уставот давал и барал посебна заштита. Од друга страна пак, Законот за ловство дозволувал ловење на дивеч, но не и „уништување“ на дивеч.

Според подносителот, понатаму, обврската предвидена во членот 18 од Законот, за водење на евиденција за дивеч без заштита не можела да се подведе под поимот посебна заштита, која се обезбедувала единствно само ако биле пропишани услови под кои ќе се лови секој див вид во зависност од степенот на неговата заштита како што тоа го правел Законот за заштита на природата.

Според членот 56 став 1 од Уставот на Република Македонија сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а согласно ставот 3 на овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Тргнувајќи од уставната одредба од член 56 став 1 од Уставот,според која добрата од општ интерес како што се ловиштата кои согласно член 2 од Законот за ловство се добро од општ интерес и уживаат посебна заштита на начин и под услови утврдени со овој закон и Законот за заштита на природата, Судот оцени дека не се основани наводите од иницијативата дека со членот 9 ставовите 1 и 3 и членовите 17 и 18 се повредувал член 56 од Уставот. Според Судот, со направената поделба на дивечот од член 5 од Законот на дивеч под заштита и дивеч без заштита и нивното поименично набројување, целта на законодавецот не била дивечот без заштита да го исклучи од општото правило дека дивечот ужива посебна заштита. Ваквото становиште произлегува и од одредбите на членовите 17 и 18 кои, исто така, се оспорени, а според кои дивечот без заштита може да се лови доколку не се загрозува неговиот траен опстанок, а концесионерот е должен да води евиденција за ловењето на дивеч без заштита, која евиденција е битна со цел да не дојде до уништување на самиот вид на дивечот. Дека дивечот без заштита, како што се наведува ,не значи и негово исклучување од општото правило на уживање на заштита го потврдува и фактот што концесионерот не смее за одреден вид на дивеч без заштита да пропише посебни услови за ловење со кои се ограничува ловењето, а за причинетата штета тој одговара, како што е предвидено во член 70 од Законот.

Оспорувањето на членот 17 од Законот, според кој за „уништен“ дивеч без заштита може да се додели парична награда од аспект на тоа што Законот во членот 3 став 1 точка 14 под поимот на ловење дивеч не го користи терминот “уништување” на дивеч туку “застрел” на дивеч е строго формално и според мислењето на Судот застрелувањето односно усмртувањето на дивечот без заштита во суштина значи и уништување.

5. Судот, исто така, утврди дека според оспорениот член 21 од Законот: „Концесионерот на дивечот во ловиштето е должен наизменично да забранува ловење две години едноподруго, најмалку на една четвртина од вкупната површина на ловиштето.“

Според наводите на подносителот на иницијативата наведената законска одредба била спротивна на член 55 став 2 од Уставот, со кој Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот, затоа што Владата како субјект ќе биде повластена и ќе добива надомест за користење на дивеч кој не се користи поради забраната, а концесионерот ќе плаќа концесија и за време кога не го користи ловиштето или поточно речено, со предвидената должност на концесионерот да забранува ловење две години едноподруго најмалку по една четвртина, односно 25% од вкупната површина на ловиштето, што е повеќе од една третина од ловно продуктивната површина, концесионрот бил во нееднаква положба со другиот партнер од договорот за концесија кој по дефиниција бил договор од финансиски интерес.

Согласно член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништвото, а според ставот 2 на овој член Републиката обезбедува еднаква правна положба на сите субјекти на пазарот и презема мерки против монополската полжба и монополското однесување на пазарот.

Според член 56 став 1 од Уставот на Република Македонија, сите природни богатства на Републиката, растителниот и животинскиот свет, добрата во општа употреба, како и предметите и објектите од особено културно и историско значење определени со закон се добра од општ интерес за Републиката и уживаат посебна заштита, а согласно ставот 3 на овој член, со закон се уредуваат начинот и условите под кои определени добра од општ интерес за Републиката можат да се отстапат на користење.

Според Законот за ловство, дивечот во ловиштето кое е во државна сопственост како добро од општ интерес по пат на концесија, односно одобрение што го дава Владата на Република Македонија се дава на користење за определен период од 10 или 20 години согласно Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство.

Имајќи ги предвид наведените уставни одредби, Законот за ловство и Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, наспрема наводите од иницијативата дека со оспорениот член 21 од Законот за ловство, концесионерот е ставен во нееднаква положба во однос на Владата на Република Македонија затоа што тој иако плаќал надоместок за концесија за целиот период за кој добил концесија тој е должен да забранува ловење две години едно по друго најмалку на една четвртина од вкупната површина на ловиштето, Судот смета дека се неосновани.

Според Судот, оспорената одредба има за цел заштита на животинскиот свет од масовно и целосно искористување, односно истребување на одредени видови на животни и птици и таа се однесува на сите субјекти кои по пат на концесија ќе можат да го користат дивечот во ловиштето. Оттука, повикувањето на подносителот на иницијативата дека Владата била ставена во повластена положба во однос на концесионерот, исто така, е неосновано, затоа што Владата во името на државата го дава на користење дивечот во ловиштата кој е во државна сопственост, односно Владата како давател на концесијата и концесионерот во никој случај не можат да бидат ставени во еднаква правна положба.

6. Судот, понатаму утврди дека според оспорениот член 34 став 2 од Законот: ”Странските правни лица од ставот 1 на овој член имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружница во Република Македонија, согласно со Законот за трговските друштва.”

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорената одредба не била во согласност со член 55 став 2 од Уставот затоа што странските правни лица можеле да учествуваат на јавен оглас, а сите други заинтересирани домашни субјекти да добиваат концесија по пат на јавен конкурс како што било предвидено во член 36 од истиот закон. Од друга страна, пак, Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство за добрата од општ интерес, а тоа е дивечот, предвидел и трета форма – јавен повик (член 31).

Прашањето на давањето на дивечот на користење со одобрение (концесија) е уредено во членовите од 34 до 40 во Законот за ловство.

Имено, во членот 34 став 1 од Законот е предвидено дека дивечот во ловиштето, Владата на Република Македонија со одобрение, односно концесија, може да го даде на домашно и странско правно лице кое ги исполнува условите предвидени со овој закон и Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство.

Во оспорениот став 2 на член 34 е предвидено дека странските правни лица имаат право да учествуваат на јавен оглас доколку имаат регистрирано подружница согласно Законот за трговските друштва во Република Македонија, а самото давање на дивечот под концесија се врши по пат на јавен конкурс согласно член 36.

Согласно член 5 од Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство („Службен весник на Република Македонија“ бр,7/2008 и 139/2008) на постапките за доделување на концесиите се применуваат одредбите од овој закон, доколку со посебен закон поинаку не е уредено.

Според член 3 точка 6 од наведениот закон: „посебен закон е закон со кој е уредена областа во која се доделува концесијата. “ Од анализата на наведените одредби од Законот за концесии и другите видови на јавно приватно партнерство, како и од анализата на Законот за ловство, произлегува дека давањето на дивечот во ловиштата под концесија, се врши според одребите од Законот за ловство, кој пропишува дека доделувањето на дивечот во ловиштето под концесија се врши по пат на јавен конкурс, на кој право на учество имаат домашни и странски лица, при што странските правни лица треба да имаат регистрирано подружница во Македонија.

Тргнувајќи од одредбите на членовите 55 и 56 од Уставот, одредбите од Законот за ловство и Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, Судот оцени дека со барањето странските правни лица да учествува на јавниот оглас и да мора да имаат основано подружница во Република Македонија согласно Законот за трговските друштва, не се доведува во прашање еднаквата правна положба на субјектите на пазарот. Ова од причина што јавниот оглас во суштина претставува одлука за започнување на постапката за доделување на концесија на ловиштето, која согласно Законот за концесии, треба да содржи образложение за оправданоста за доделување на концесија, нејзините цели, предметот на концесијата и основните услови за доделување на концесијата, како и видот и постапката за доделување на концесија, што во конкретниот случај според овој закон, е по пат на јавен конкурс, при што одлуката за започнување на постапката се објавува во службеното гласило на Републиката, односно општината, а може да биде објавено и во странско јавно гласило.

Тргнувајќи од наведеното, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 34 став 2 од Законот со одредбите на Уставот на кои се повикува подносителот на иницијативата.

7. Судот, понатаму, утврди дека според оспорениот став 2 на член 35 од Законот: “ Правното лице се обврзува да обезбеди банкарска гаранција во висина на предвидениот надоместок за концесија утврден во посебната ловностопанска основа за соодветното ловиште.”

Подносителот на иницијативата смета дека постои неусогласеност на оспорената одредба со член 40 од Законот во кој е предивдено дека предвидениот надоместок изнесува 20% од вредноста на планираниот годишен застрел на дивеч и дека во исто време оваа одредба била во спротивност со член 55 од Уставот, според која се гарантирала слободата на пазарот и претприемништвото, при што Републиката обезбедувала еднаква правна положба на субјектите на пазарот. Понатаму, подносителот наведува дека со оспорената одредба концесионерите биле ставени во нееднаква положба како договорна страна со Владата на Република Македонија. Ова затоа што договорот за концесија бил договор со финансиски ефект, а странките во него биле еднакви, а на овој начин Владата била поеднаква од концесионерот.

Според оспорениот член 40 од Законот: „За користење на дивечот во ловиштето концесионерот плаќа надоместок .

Надоместокот од ставот 1 на овој член се утврдува во висина од 20% од вредноста на планираниот годишен застрел на дивечот согласно со посебнaта ловностопанска основа, а се плаќа до 30 јуни за тековната година на сметка на Буџетот на Република Македонија .

Вредноста на дивечот од став 2 на овој член по видови ја утврдува Владата на Република Македонија по предлог на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.”

Според наводите на подносителот на иницијативата, оспорениот член не бил во согласност со член 55 од Уставот, затоа што утврдениот годишен надоместок бил заснован на претпоставен, а не на реален економски ефект на кој начин концесионерот бил нерамноправен со Владата како партнер.

Согласно член 55 став 1 од Уставот, се гарантира слободата на пазарот и претприемништото, а според став 2 на овој член, Републиката обезбедува еднаква правна положба на субјектите на пазарот и презема мерки против монополската положба и монополското однесување на пазарот.

Во врска со наводите од иницијативата дека оспорениот член 35 став 2 од Законот според кој концесионерот се обврзува да обезбеди банкарска гаранција во висина на предвидениот надоместок за концесија утврден во посебната ловно стопанска основа за соодветно ловиште, кој надоместок согласно член 40 се утврдува во висина од 20% од вредноста на планираниот годишен застрел, ги доведува во нееднаква правна положба концесионерот во однос на Владата и дека со тоа се доведува во прашање слободата на пазарот и претприемништвото Судот смета дека не се основани.

Во Глава VI “Ловностопански основи” од Законот за ловство е предвидено дека одгледувањето, заштитата, ловењето и користењето на дивечот се врши според општа и посебни ловностопански основи.

Општата ловностопанска основа ја донесува Собранието на Република Македонија по спроведена постапка од страна на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство и Владата на Република Македонија, при што средствата се обезбезбедуваат од Буџетот на Република Македонија.

Посебните ловностопански основи ги донесува Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство за секое ловиште посебно, а средствата за изработка и рецензија паѓаат на товар на концесионерот на дивечот во ловиштето. Посебните ловностопански основи содржат податоци за границите, структурата, намената и пристапноста на ловиштето, природните услови, бројната состојба, ловнотехничките објекти, реонирање и бонирање на ловиштето, анализа на сегашната и споредба на нормалната состојба на дивечот, временскиот период на постигнување на нормалната бројка на дивечот, одгледно – заштитни мерки, уреденост на ловиштето, приходите и расходите.

Имајќи ги предвид наведените елементи на содржината на посебните ловно стопански основи за секое ловиште, Судот оцени дека потребната банкарска гаранција која согласно членот 40 став 2 од Законот се утврдува во висина од 20% од вредноста на планираниот годишен застрел, е утврдена на видливо реални основи, притоа дали процентот од 20% од планираниот застрел на годишно ниво е висок или не, е фактичко прашање за кое не е надлежен да одлучува Уставниот суд.

Тргнувајќи од содржината на одредбите од членовите 47, 48 и 49 од Законот за ловство, концесионерот може да предложи измени и дополнување на посебната планска основа ако настанат одредени промени кои трајно или битно ги менуваат основните фактори и го попречуваат нејзиното спроведување, што во крајна линија води кон намалување на планираниот годишен застрел, што по барање на концесионерот, може да резултира и со барање за намалување на надоместокот за користење на дивечот во ловиштето.

Со оглед на навeденото, Судот оцени дека не може да се постави прашањето за согласноста на оспорениот член 35 став 2 и член 40 од Законот со член 55 од Уставот.

8. Судот, исто така, утврди дека во оспорениот член 37 став 1 од Законот: „Како почеток на концесијата се смета денот утврден со Одлуката на Владата на Република Македонија за давање на дивечот во ловиштето со концесија.“

Според оспорениот став 5 на овој член од Законот: „Надзор над спроведувањето на договорот за концесија на дивечот во ловиштето врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство. “

Според наводите во иницијативата, оспорениот член 37 став 1 од Законот не бил во согласност со член 55 од Уставот, затоа што секој договор, според одредбите на Законот за облигационите односи, произведувал правно дејство од моментот на неговото склучување, а потписничките на таквиот договор имале рамноправна положба. Со оглед на тоа што Владата на Република Македонија при склучување на договорот била само една страна која влегува во облигационо-правен однос со некој друг субјект и имала иста правна положба, таа немала право со одлука да определува датум на отпочнување на концесијата. Исто така, со членот 37 став 5 од Законот, се доведувала во прашање еднаквата правна положба на субјектите на пазарот, затоа што со давањето на правото на надзор на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство кое е дел од Владата, според подносителот, значело дека Владата има повеќе права од другата договорна страна.

Наводите од иницијативата дека оспорениот член 37 ставовите 1 и 5 од Законот, според кои како почеток на концесијата се смета денот утврден во Одлуката на Владата на Република Македонија за давање на дивечот во ловиштето под концесија, а не со неговото склучување, како и дека со давањето на законското овластување дека надзор на спроведување на договорот за концесија врши Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство, кои според подносителот на иницијативата не биле во согласност со членот 55 од Уставот, не се основани.

Според Судот, а имајќи го предвид Законот за концесии и други видови на јавно приватно партнерство, според кој договорот за концесија е договор од финансиски интерес склучен меѓу концедентот и концесионерот во кој предмет на договорот е користење на добро од општ интерес на Републиката и на овој вид на договори не може да се применуваат одредбите од Законот за облигационите односи, затоа што не станува збор за облигационен договор. Впрочем, ако станува збор за облигационен договор како што смета подносителот, тогаш во што се состои потребата законодавецот со посебен закон или повеќе закони да го уреди прашањето на давањето на добрата од општ интерес на користење.

Според Судот, со предвидувањето дека кај овие договори правата и обврските утврдени во самиот договор за двете страни започнуваат од моментот на утврдување во самата одлука, која по правило се објавува во службеното гласило на Републиката , односно општината, во зависност од тоа кој е концедент, односно давател на концесијата, при што надзорот над спроведувањето на договорот го врши надлежното министерство, е оправдано од уставно правен аспект, имајќи во предвид дека се работи за добра од општ интерес кои се даваат под концесија и за кои јавноста треба да знае кој стопанисува со овие добра.

9. Судот, воедно, утврди дека според оспорениот член 38 став 1 од Законот:„ Aко на објавениот конкурс не се јави заинтересиран субјект, дивечот во ловиштето се дава на користење по пат на понуда.“

Според оспорениот член 38 став 2 од Законот: „Ако користењето на дивечот во ловиштето не се договори по пат на понуда Владата на Република Македонија привремено ќе го даде со присилна концесија на јавно претпријатие од областа на шумарството или од областа на заштита на животната средина.“

Според оспорениот став 3 на член 38 од Законот„ „Ако дивечот во ловиштето се даде на користење со присилна концесија за начинот на обезбедување на средствата за вршење на дејноста ловство во ловиштето, лицата од ставот 2 на овој член склучуваат договор со Владата на Република Македонија.“

Според наводите на подносителот на иницијативата оспорените ставови на член 38 од Законот не биле во согласност со член 55 од Уставот, затоа што со нив еден субјект (Јавното претпријатија “Македонски шуми”) се стекнувал со монополска положба, бидејќи добивал присилна концесија (присилно одобрение) и дејноста на ловството ќе ја вршел со средства од буџетот, наместо да се повтори јавниот повик ако претходниот не бил успешен.

Судот оцени дека наводите во иницијативата дека со оспорениот член 38 од Законот, се доведувала во прашање уставната одредба од членот 55, исто така не се основани. Ова од причина што оспорените одредби од Законот со кои се уредуваат прашањата кои се однесуваат на тоа дека ако на јавниот конкурс не се јави заинтересиран субјект, дивечот во ловиштето се дава на користење по пат на понуда, а доколку и на овој начин не се договори давањето на дивечот во ловиштето под концесија, Владата привремено ќе го даде со присилна концесија на јавно претпријатие од областа на шумарството, при што за начинот на обезбедување на средствата за вршење на дејноста ловство во ловиштето се склучува договор. Имено, според Судот, а имајќи ги предвид членовите 55 и 56 од Уставот, оспорените одредби имаат заштитна улога во смисла на тоа што доброто од општ интерес, а тоа е дивечот во ловиштето, да не остане без заштита, односно без субјект кој ќе се грижи за одгледување и заштита на животинскиот свет. Според тоа, без предвидената заштита би можело да се доведе во прашање опстојувањето на одредени видови на животни и птици, од кои причини со договорот за присилна концесија се уредува и начинот на обезбедување на средства за вршење на дејноста.

Поаѓајќи од наведеното, Судот оцени дека не се основани ниту наводите во иницијативата дека со оспорените одредби ЈП „Македонски шуми“ било ставено во поповолна положба во однос на другите субјекти на пазарот, од причина што во Законот во ниедна одредба не се наведува дека присилната концесија се дава на ЈП „Македонски шуми“ туку законодавецот го користи општиот термин јавно претпријатие од областа на шумарството или од областа на животната средина.

10. Судот, исто така утврди дека според оспорениот член 39 став 1 од Законот: “Владата на Република Македонија може да го раскине договорот за концесија на дивечот во ловиштето и пред истекувањето на времето за концесија, ако концесионерот:1. не ги спроведува одредбите од Законот, 2. не ги исполнува обврските утврдени во договорот за концесија, 3. одгледува, заштитува, лови и користи дивеч спротивно на одредбите од посебната ловностопанска основа за соодветното ловиште и 4. не ја спроведува програмата за развојните можности на дивечот под заштита на ловиштето.“

Во оспорениот член 39 став 2 од Законот е предвидено дека: „Доколку се раскине договорот за концесија, Владата на Република Македонија ќе одреди субјект на кој ќе го даде дивечот на присилна концесија, до моментот на давање на коцесија на дивечот согласност со член 38 од овој закон.“

Според оспорениот член 39 став 3 од Законот: „Правата и обврските на Владата на Република Македонија и субјектот на кој дивечот ќе се даде на присилна концесија до моментот на давање на користење на дивечот согласно со членот 38 од овој закон, ќе се утврдува со договор.“

Според подносителот на иницијативата, со оспорениот член 39 од Законот, се повторувала монополската положба на Јавното претпријатие „Македонски шуми“ што било спротивно на член 55 ставовите 1 и 2 од Уставот. Ова зато што, во случај кога на јавниот повик немало да се јави заинтересиран субјект, јавниот повик требало да се повтори, а не Владата да прави монопол на еден субјект кој “присилно” ќе се грижи со државни пари за добро од општ интерес.

Тргнувајќи од одредбте на членовите 55 и 56 од Уставот, анализата на оспорениот член 39 од Законот, од кој произлегува можноста Владата да го раскине договорот за концесија на дивечот во ловиштето и пред истекот на времето за кој е склучен во точно определени случаи, да определи субјект на кого ќе го даде дивечот во ловиштето под присилна концесија до моментот на давањето на дивечот во ловиштето согласно член 36 од Законот (во Законот погрешно е наведен членот 38), како и со договор да ги утврди правата и обврските на Владата и субјектот на кој дивечот во ловиштето ќе се даде на присилна концесија, наспрема наводите од иницијативата, Судот оцени дека тие не се основани.

Судот оцени дека недвосмислено и јасно е дека целта на законодавецот не била одредени субјекти како што наведува подносителот на иницијативата да ги стави во поповолна положба, односно монополска положба, туку во случај на раскинување на договорот за концесија да го заштити општото добро до моментот на давањето на дивечот во ловиштето по пат на јавен конкурс, поради што Судот не го постави прашањето за согласност на оспорениот член од Законот со член 55 од Уставот.

11. Со оглед на наведеното, Судот одлучи како во точката 1 од ова решение.

12. Ова решение Судот го донесе во состав од претседателот на Судот д-р Трендафил Ивановски и судиите д-р Наташа Габер-Дамјановска, Исмаил Дарлишта, Лилјана Ингилизова-Ристова, Вера Маркова, Бранко Наумоски, Игор Спировски, д-р Гзиме Старова и д-р Зоран Сулејманов.

У.бр.89/2009
3 март 2010 година
С к о п ј е
лк

ПРЕТСЕДАТЕЛ
на Уставниот суд на Република Македонија
д-р Трендафил Ивановски

Leave a Reply